Прашања од читателите
Кога Јован видел како ‚големото мноштво‘ врши света служба во Јеховиниот храм, во кој дел од храмот го правело тоа? (Откровение 7:9—15).
Разумно е да се рече дека големото мноштво го обожава Јехова во еден од земните дворови на неговиот голем духовен храм, конкретно оној што одговара на надворешниот двор на Соломоновиот храм.
Во минатото било кажано дека големото мноштво се наоѓа во еден духовен еквивалент, односно противслика, на Дворот на не-Евреите што постоел во времето на Исус. Меѓутоа, натамошното истражување открило најмалку пет причини зошто не е така. Прво, сите обележја на Иродовиот храм немаат противслика во Јеховиниот голем духовен храм. На пример, храмот на Ирод имал Двор на жените и Двор на Израел. И мажите и жените можеле да влезат во Дворот на жените, но во Дворот на Израел им бил дозволен влез само на мажите. Во земните дворови на Јеховиниот голем духовен храм, мажите и жените не се одвоени во нивното обожавање (Галатите 3:28, 29). Според тоа, во духовниот храм не постои еквивалент на Дворот на жените и на Дворот на Израел.
Второ, во божествено дадените архитектурни планови за Соломоновиот храм или за визионерскиот храм на Езекиел не постоел Двор на не-Евреите; ниту, пак, го имало во повторно изградениот храм од Зоровавел. Затоа нема причина да заклучиме дека во уредувањето за обожавање во врска со Јеховиниот голем духовен храм треба да игра улога некој Двор на не-Евреите, особено кога ќе се земе предвид следната точка.
Трето, Дворот на не-Евреите го изградил едомскиот цар Ирод со цел да се прослави себеси и да стекне наклоност кај Рим. Ирод почнал да го реновира храмот на Зоровавел можеби во 18 или во 17 година пр.н.е. Еден речник објаснува: „Класичните вкусови на царската моќ за Запад [Рим] . . . барале храм што бил поголем од оние во сличните источни градови“ (The Anchor Bible Dictionary). Меѓутоа, димензиите на самиот храм веќе биле утврдени. Речникот објаснува: „Иако самиот Храм ќе морал да ги има истите димензии како и неговите претходници [на Соломон и на Зоровавел], Храмското брдо не било ограничено на неговата потенцијална големина“. Затоа Ирод го проширил подрачјето на храмот така што го додал она што во наше време е наречено Двор на не-Евреите. Зошто една градба со таква заднина да има противслика во уредувањето за Јеховиниот духовен храм?
Четврто, речиси сите — слепи, куци и необрежани не-Евреи — можеле да влезат во Дворот на не-Евреите (Матеј 21:14, 15). Точно, дворот ги задоволувал потребите на многуте необрежани не-Евреи кои сакале да му даваат приноси на Бог. И, всушност, оттаму Исус понекогаш им се обраќал на мноштвата и двапати ги истерал менувачите на пари и трговците, велејќи дека тие го обесчестиле домот на неговиот Татко (Матеј 21:12, 13; Јован 2:14—16). Сепак, една енциклопедија вели: „Овој надворешен двор, во потесна смисла, не бил дел од Храмот. Неговата почва не била света, и во него можел да влезе секој“ (The Jewish Encyclopedia).
Петто, грчкиот збор (хиерон), преведен со „храм“ што е употребен во врска со Дворот на не-Евреите, „укажува на целиот комплекс, а не конкретно на самата храмска градба“, вели еден прирачник од Баркли М. Њумен и Филип К. Стајн (A Handbook on the Gospel of Matthew). За разлика од него, грчкиот збор (наос) кој во визијата на Јован за големото мноштво е преведен со „храм“ е поконкретен. Во контекст на ерусалимскиот храм, тој речиси секогаш укажува на Светињата над светињите или на храмската градба. Понекогаш се преведува со ‚светилиште‘ (Матеј 27:5, 51; Лука 1:9, 21).
Членовите на големото мноштво практикуваат вера во Исусовата откупна жртва. Тие се духовно чисти, бидејќи ги ‚испрале своите долги облеки и ги обелиле во крвта на Јагнето‘. Затоа се прогласени за праведни со изглед да станат пријатели на Бог и да ја преживеат големата неволја (Јаков 2:23, 25). На многу начини тие се како прозелитите во Израел, кои се подложиле на сојузот на Законот и обожавале заедно со Израелците.
Се разбира, тие прозелити не служеле во внатрешниот двор, каде што свештениците ги вршеле своите должности. И членовите на големото мноштво не се во внатрешниот двор на Јеховиниот голем духовен храм, чиј двор ја претставува духовно помазаната состојба на членовите на Јеховиното „свето свештенство“ додека се на Земјата (1. Петрово 2:5). Но, како што небесниот старешина му рекол на Јован, големото мноштво всушност е во храмот, не надвор од самиот храм во некој вид духовен Двор на не-Евреите. Тие се наоѓаат во чистата, праведна духовна состојба што е навестена со надворешниот двор на Соломоновиот храм. Колкава само предност е тоа! И колку само тоа ја истакнува потребата секој да задржува духовна и морална чистота во секое време!
[Графикон/слика на страница 31]
(Види во публикацијата)
Соломоновиот храм
1. Светиња над светињите
2. Внатрешен двор
3. Надворешен двор
4. Скали во храмскиот двор