Одењето по Јеховините патеки донесува богати награди
ДАЛИ некогаш си бил на планинарење? Ако да, тогаш веројатно си се чувствувал како да си на врвот на светот. Колку било прекрасно да го вдишуваш свежиот воздух, да гледаш во далечината, да ја впиваш природната убавина! Можеби грижите на светот под тебе изгледале помалку важни.
За повеќето луѓе таквите екскурзии се ретки, но ако си предаден христијанин, можеби веќе некое време одиш по планински терен — во духовна смисла. Како псалмистот од минатото и ти, без сомнение, си се молел: „Покажи ми ги, Господи, Твоите патишта, научи ме на Твоите патеки“ (Псалм 25:4 ). Се сеќаваш ли како си се чувствувал кога првпат си се искачил на планината на Јеховиниот дом и си почнал да чекориш по високи места? (Михеј 4:2; Хабакук 3:19 ). Несомнено, наскоро си сфатил дека одењето по овие возвишени патеки на чистото обожавање ти донело заштита и радост. Си почнал да ги делиш чувствата на псалмистот: „Блазе му на народот свикнат со светите воскликнувања, тој оди во сјајот на Твоето лице, Господи“ (Псалм 89:15).
Меѓутоа, понекогаш планинарите мораат да се борат со долги стрмни падини. Почнуваат да ги болат нозете и стануваат истоштени. И ние можеме да доживееме тешкотии во нашата служба за Бог. Можеби нашите чекори од неодамна малку отежнале. Како можеме да ги повратиме енергијата и радоста? Прв чекор е да ја признаеме супериорноста на Јеховините патишта.
Јеховините возвишени закони
Јеховините патишта се ‚над човечките патишта‘, а неговото обожавање е ‚поставено над сите гори, возвишено над сите брегови‘ (Исаија 55:9; Михеј 4:1). Јеховината мудрост е „мудроста одозгора“ (Јаков 3:17). Неговите закони се супериорни во однос на сите други. На пример, во време кога Ханаанците практикувале сурово жртвување на деца, Јехова им дал на Израелците закони што биле морално возвишени и што одразувале сочувство. Тој им рекол: „Не биди пристрасен кон бедниот, ниту попуштај пред големиот . . . Туѓинецот . . . нека ви биде како ваш сонародник; љуби го како себеси“ (Левит 19:15, 34).
Петнаесет века подоцна, Исус дал уште примери за Јеховиниот ‚возвеличан Закон‘ (Исаија 42:21). Во Проповедта на гората, тој им рекол на своите ученици: „Продолжете да ги љубите своите непријатели и да се молите за оние што ве прогонуваат; за да се покажете како синови на својот Татко кој е на небесата“ (Матеј 5:44, 45). „Според тоа, сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, истото правете им го и вие“, додал тој. „Всушност, тоа значат Законот и Пророците“ (Матеј 7:12).
Овие возвишени закони имаат влијание врз срцата на приемливите лица, поттикнувајќи ги да го имитираат Богот што го обожаваат (Ефешаните 5:1; 1. Солуњаните 2:13). Размисли за преобразбата што настапила кај Павле. Кога првпат слушаме за него, тој ‚го одобрувал убиството‘ на Стефан и го ‚пустошел собранието‘. Само неколку години подоцна, постапувал нежно со христијаните во Солун како „една мајка доилка [што] ги негува своите деца“. Божественото учење го променило Павле од прогонител во грижлив христијанин (Дела 8:1, 3; 1. Солуњаните 2:7). Тој сигурно бил благодарен што неговата личност била обликувана од Христовото учење (1. Тимотеј 1:12, 13). Како може сличното ценење да ни помогне и нам да продолжиме да одиме по Божјите возвишени патеки?
Да одиме со ценење
Планинарите се восхитуваат на спектакуларните глетки што ги нуди високиот предел. Исто така, учат да уживаат во ситните работи што ги среќаваат долж патеката, како што е некоја необична карпа, некој убав цвет или брз поглед на некое диво животно. Во духовна смисла, треба да бидеме будни во однос на наградите — големи и мали — што доаѓаат од одењето со Бог. Ваквата свесност може да му даде полет на нашиот чекор и да го претвори напорното пешачење во освежувачко одење. Ќе се сложиме со зборовите на Давид: „Соопшти ми ја наутро Твојата милост, зашто се надевам на Тебе. Покажи ми го патот по кој да тргнам“ (Псалм 143:8).
Мери, која веќе многу години оди по Јеховините патеки, вели: „Кога ќе го погледнам Јеховиното творештво, ја гледам не само сложената градба туку и Божјата личност полна со љубов. Сеедно дали е животно, птица или инсект, секој од нив е еден мал свет што фасцинира. Истото уживање доаѓа и од духовните вистини што стануваат појасни со текот на годините“.
Како можеме да го продлабочиме нашето ценење? Делумно, така што нема да го земаме здраво за готово она што Јехова го прави за нас. „Молете се непрестајно“, напишал Павле. „Благодарете во врска со сѐ“ (1. Солуњаните 5:17, 18; Псалм 119:62).
Личната студија придонесува за благодарен дух. Павле ги поттикнал христијаните во Колоси: „Одете во обединетост со [Христос Исус] . . . изобилувајќи со вера во благодарењето“ (Колошаните 2:6, 7). Читањето на Библијата и медитирањето за она што го читаме ја зајакнува нашата вера и нѐ приближува до Авторот на Библијата. На нејзините страници има богатство што може да нѐ поттикне да ‚изобилуваме во благодарење‘.
Исто така, служењето рамо до рамо со нашите браќа ни го прави патот полесен. Псалмистот за себе рекол: „Пријател сум им на сите, што се бојат од Тебе“ (Псалм 119:63). Некои од нашите најсреќни моменти ги поминуваме на собирите или во други прилики во друштво на нашите браќа. Ние признаваме дека нашето скапоцено светско христијанско семејство му го должи своето постоење на Јехова и на неговите возвишени патишта (Псалм 144:15б).
Освен ценењето, и чувството на одговорност ќе нѐ зајакне за да продолжиме да напредуваме по Јеховините возвишени патеки.
Да се оди со одговорност
Планинарите со чувство на одговорност ја признаваат потребата да одат внимателно ако сакаат да избегнат да се изгубат или премногу да им се приближат на стрмните карпи. Како лица со слободна волја, Јехова ни дозволува одредена мера слобода и иницијатива. Но, таквата слобода бара чувство на одговорност додека ги исполнуваме нашите христијански должности.
На пример, Јехова им верува на своите слуги дека одговорно ќе ги исполнат своите должности. Тој не кажува колку енергија и време треба да трошиме во христијанските активности или колку треба да придонесеме финансиски или на некои други начини. Напротив, Павловите зборови до Коринќаните се применуваат на сите нас: „Секој нека прави како што решил во своето срце“ (2. Коринќаните 9:7; Евреите 13:15, 16).
Одговорното христијанско давање вклучува и да ја споделуваме добрата вест со другите. Исто така, покажуваме дека сме одговорни така што даваме прилози за светското дело на Царството. Герхарт, еден старешина, објаснува дека тој и неговата сопруга значително ги зголемиле своите прилози откако присуствувале на еден собир во Источна Европа. „Видовме дека нашите браќа таму имаат толку малку во материјален поглед; а сепак, толку многу ја ценат нашата библиска литература“, вели тој, „па, затоа решивме да дадеме колку што можеме повеќе поддршка за нашите браќа што се во оскудица во другите земји.“
Да ја зголемиме нашата истрајност
За да се оди по високи предели потребна е кондиција. Планинарите вежбаат секогаш кога можат и многумина од нив одат на кратки прошетки за да се подготват за долгото планинарење. На сличен начин, Павле препорачал да продолжиме да бидеме зафатени во теократските активности за да ја задржиме нашата духовна кондиција. Оние што сакаат да ‚одат достојно на Јехова‘ и да бидат „зајакнати“, рекол Павле, треба ‚да донесуваат плод во секое добро дело‘ (Колошаните 1:10, 11).
Мотивацијата придонесува за издржливоста на планинарот. Како? Сосредоточувањето на јасна цел, како што е некоја далечна планина, има поттикнувачки ефект. А кога по патот наидува на препознатливи знаци, планинарот може да го измери својот напредок кон неговата крајна цел. Кога ќе погледне наназад на растојанието што веќе го изминал, се чувствува задоволен.
На сличен начин, нашата надеж за вечен живот нѐ поткрепува и нѐ поттикнува (Римјаните 12:12). Во меѓувреме, додека одиме по Јеховините патишта, наоѓаме успех во поставувањето, а потоа и во постигнувањето на христијански цели. И каква само радост чувствуваме кога ќе погледнеме наназад на годините верна служба или кога ќе ги видиме промените што сме ги направиле во нашата личност (Псалм 16:11).
За да поминат долги растојанија и да заштедат енергија, пешаците мораат да се движат со рамномерно темпо. На сличен начин, една добра рутина што вклучува редовно присуство на состаноците и во службата на теренот ќе продолжи да нѐ придвижува додека се сосредоточуваме на нашата цел. Затоа Павле ги поттикнал сохристијаните: „Да продолжиме да одиме уредно по истата оваа рутина“ (Филипјаните 3:16).
Се разбира, ние не одиме сами по Јеховините патеки. „Да обрнеме внимание како можеме да се подбудуваме еден со друг кон љубов и добри дела“, пишува Павле (Евреите 10:24, New International Version). Со доброто духовно друштво ќе ни биде полесно да го задржиме темпото додека одиме со соверниците (Пословици 13:20).
Конечно, и најважно, не смееме никогаш да ја заборавиме силата што ни ја дава Јехова. Оние чијашто сила е во Јехова ќе „минуваат од сила во сила“ (Псалм 84:5, 7). Иако понекогаш мораме да поминеме преку некој тежок терен, со Јеховина помош можеме да успееме.