Додајте ѝ побожна оддаденост на вашата истрајност
„Дополнете ја својата вера . . . со истрајност, својата истрајност со побожна оддаденост“ (2. ПЕТРОВО 1:5, 6).
1, 2. а) Каков раст се очекува од детето? б) Колку е важен духовниот раст?
РАСТЕЊЕТО е важно за детето, но пожелно е нешто повеќе отколку само физички раст. Од него исто така се очекува да расте и умствено и емоционално. Со текот на времето, детето ќе ги отфрли своите незрели патишта и ќе се развие во потполно возрасен маж или жена. Апостол Павле укажал на тоа кога напишал: „Кога бев бебе, зборував како бебе, размислував како бебе, резонирав како бебе; а сега кога станав маж, ги отфрлив обележјата на бебе“ (1. Коринќаните 13:11).
2 Зборовите на Павле истакнуваат една важна точка во врска со духовниот раст. Христијаните треба да напредуваат од духовни бебиња до „потполно возрасни во способностите на разбирање“ (1. Коринќаните 14:20). Треба да посегнуваат и да настојуваат да ја достигнат „мерата на растот која ѝ припаѓа на Христовата полнота“. Тогаш веќе нема да бидат „бебиња, фрлани наоколу како од бранови и носени ваму-таму од секој ветар на учењето“ (Ефешаните 4:13, 14).
3, 4. а) Што мораме да правиме за да станеме потполно возрасни во духовен поглед? б) Кои побожни особини треба да ги покажуваме, и колку се важни тие?
3 Како можеме да станеме потполно возрасни во духовен поглед? Додека под нормални околности физичкото растење се одвива речиси автоматски, за духовниот раст се потребни свесни напори. Тој започнува со тоа што стекнуваме точно спознание за Божјата реч и постапуваме во согласност со она што го учиме (Евреите 5:14; 2. Петрово 1:3). Ова, пак, од своја страна, ни овозможува да покажуваме побожни особини. Исто како што е случај со физичкиот раст и аспектите поврзани со него, растот во однос на различните побожни особини обично се одвива истовремено. Апостол Петар напишал: „Вложувајќи го сиот свој сесрден труд како одѕив на тоа, дополнете ја својата вера со доблест, својата доблест со спознание, своето спознание со самосовладување, своето самосовладување со истрајност, својата истрајност со побожна оддаденост, својата побожна оддаденост со братска наклоност, својата братска наклоност со љубов“ (2. Петрово 1:5—7).
4 Секоја особина што Петар ја набројува е животоважна, и ниедна од нив не може да се испушти. Тој додава: „Ако овие работи постојат во вас и изобилуваат, ќе ве спречат да бидете било неактивни било бесплодни во поглед на точното спознание за нашиот Господ Исус Христос“ (2. Петрово 1:8). Да се сосредоточиме на потребата да ѝ додадеме побожна оддаденост на нашата истрајност.
Потребата од истрајност
5. Зошто ни е потребна истрајноста?
5 И Петар и Павле ја поврзуваат побожната оддаденост со истрајноста (1. Тимотеј 6:11). Да се има истрајност значи повеќе отколку само да се трпи под тешкотии и да се остане решен. Тоа вклучува стрпливост, храброст и цврстина, без да ја изгубиме надежта кога се соочуваме со испити, препреки, искушенија или прогонство. Како лица што живеат со „побожна оддаденост во поврзаност со Христос Исус“, ние очекуваме да бидеме прогонувани (2. Тимотеј 3:12). Мораме да истраеме за да ја докажеме нашата љубов кон Јехова и да ги развиеме особините потребни за спасение (Римјаните 5:3—5; 2. Тимотеј 4:7, 8; Јаков 1:3, 4, 12). Без истрајност, нема да добиеме вечен живот (Римјаните 2:6, 7; Евреите 10:36).
6. Што значи да се истрае до крај?
6 Без оглед на тоа колку добро сме почнале, она што на крајот вреди е да бидеме истрајни. Исус рекол: „Кој ќе истрае до крај, тој ќе биде спасен“ (Матеј 24:13). Да, ние мораме да истраеме до крај, сеедно дали е тоа крајот на нашиот сегашен живот или крајот на овој зол систем на работи. И во двата случаи, мораме да го зачуваме нашиот интегритет кон Бог. Меѓутоа, ако на нашата истрајност не ѝ додадеме побожна оддаденост, нема да можеме да му угодиме на Јехова и нема да добиеме вечен живот. Но, што е побожна оддаденост?
Што значи побожна оддаденост
7. Што е побожна оддаденост, и на што нѐ тера таа?
7 Побожна оддаденост е длабока лична почит, обожавање и служба за Јехова Бог од лојалност кон неговиот универзален суверенитет. За да практикуваме побожна оддаденост кон Јехова, потребно ни е точно спознание за него и за неговите патишта. Треба да сакаме да го запознаеме Бог лично, присно. Ова ќе нѐ поттикне да развиеме искрена приврзаност кон него, приврзаност што ќе ја покажеме со нашите постапки и со нашиот начин на живот. Треба да сакаме да бидеме колку што е можно послични на Јехова — да ги имитираме неговите патишта и да ги одразуваме неговите особини и неговата личност (Ефешаните 5:1). Навистина, побожната оддаденост нѐ мотивира да сакаме да му угодиме на Бог во сѐ што правиме (1. Коринќаните 10:31).
8. На кој начин побожната оддаденост и исклучителната оддаденост одат рака под рака?
8 За да практикуваме вистинска побожна оддаденост, мораме да го обожаваме исклучително Јехова, не дозволувајќи ништо друго да го заземе неговото место во нашите срца. Како наш Создател, тој има право на нашата исклучителна оддаденост (Второзаконие 4:24; Исаија 42:8). Сепак, Јехова не нѐ присилува да го обожаваме. Тој ја сака нашата спремна оддаденост. Нашата љубов кон Бог, темелена на точното спознание за него, е тоа што нѐ поттикнува да ги исчистиме нашите животи и безусловно да му се предадеме, а потоа да живееме во согласност со преданието.
Гради однос со Бог
9, 10. Како можеме да изградиме и да задржиме близок однос со Бог?
9 Откако сме го симболизирале нашето предание на Бог со крштавање, и понатаму треба да градиме еден уште поблизок личен однос со него. Нашата желба да го правиме тоа и верно да му служиме на Јехова нѐ поттикнува да продолжиме да ја проучуваме неговата Реч и да медитираме за неа. Додека дозволуваме Божјиот дух да дејствува во нашите умови и срца, нашата љубов кон Јехова се продлабочува. Нашиот однос со него и понатаму ни останува најважното нешто во животот. Гледаме на Јехова како на наш најдобар пријател и сакаме да му угодуваме во секое време (1. Јованово 5:3). Радоста од нашиот пријатен однос со Бог расте, и благодарни сме што тој со љубов нѐ поучува и нѐ исправа таму каде што е потребно (Второзаконие 8:5).
10 Ако постојано не преземаме чекори да го зајакнуваме, нашиот скапоцен однос со Јехова може да ослабне. Доколку се случи тоа, нема да биде грешка на Бог, зашто „тој не е далеку од никого од нас“ (Дела 17:27). Колку сме само среќни што Јехова не го отежнува нашиот пристап кон него! (1. Јованово 5:14, 15). Се разбира, мораме да работиме на тоа да задржиме близок личен однос со Јехова. Меѓутоа, тој ни помага да му се приближиме така што ги обезбедува сите подготовки што ни се потребни за да развиеме и да задржиме побожна оддаденост (Јаков 4:8). Како можеме во целост да ги искористиме сите овие љубезни подготовки?
Остани духовно јак
11. Кои се некои показатели на нашата побожна оддаденост?
11 Нашата длабоко вкоренета љубов кон Бог ќе нѐ мотивира да ја покажеме длабочината на нашата побожна оддаденост, во склад со советот на Павле: „Дај сѐ од себе да се покажеш како одобрен пред Бог, како работник кој нема од што да се срами, кој исправно ракува со речта на вистината“ (2. Тимотеј 2:15). Ова бара да задржиме добра рутина на редовно проучување на Библијата, присуство на состаноците и учество во службата на теренот. Исто така, можеме да останеме блиски со Јехова ако ‚се молиме непрестајно‘ (1. Солуњаните 5:17). Ова се значајни показатели на нашата побожна оддаденост. Занемарувањето на кој и да е од нив може да предизвика духовна болест и да нѐ направи ранливи на Сатановите сплетки (1. Петрово 5:8).
12. Како можеме успешно да излеземе на крај со испитите?
12 Ако останеме духовно јаки и активни ќе можеме да се соочиме со многуте испити што нѐ снаоѓаат. Искушенијата може да дојдат од извори што можат многу да нѐ испитаат. Може да биде потешко да се истрае низ рамнодушноста, противењето и прогонството ако тие потекнуваат од членови на потесното семејство, роднини или соседи. На нашето работно место или на училиште може да се јават подмолни притисоци за да ги компромитираме нашите христијански начела. Обесхрабрувањето, болеста и депресијата можат да нѐ ослабнат физички и да ни отежнат да излеземе на крај со испитите на верата. Но, можеме успешно да излеземе на крај со сите испити ако истраеме „во делата на свето однесување и на побожна оддаденост, очекувајќи и цврсто држејќи ја во мислите присутноста на Јеховиниот ден“ (2. Петрово 3:11, 12). Притоа, можеме да ја задржиме нашата радост, уверени во Божјиот благослов (Пословици 10:22).
13. Што мораме да правиме за да продолжиме да практикуваме побожна оддаденост?
13 Иако мета на Сатана се оние што практикуваат побожна оддаденост, не треба да се плашиме. Зошто? Затоа што „знае Јехова како да ги избави од искушение луѓето со побожна оддаденост“ (2. Петрово 2:9). За да истраеме во испитите и да доживееме такво избавување, мораме „да се одречеме од безбожноста и од световните желби и да живееме со здрави мисли и со праведност и со побожна оддаденост среде овој сегашен систем на работи“ (Тит 2:12). Како христијани, мораме да внимаваме на тоа која и да било слабост, која ги вклучува телесните желби и активности, да не навлезе во нашата побожна оддаденост и да ја уништи. Сега, да разгледаме некои од овие закани.
Пази се од заканите за побожната оддаденост
14. Што треба да запомниме ако сме примамени од замката на материјализмот?
14 Материјализмот е замка за многумина. Можеме да се измамиме дури и себеси, ‚мислејќи дека побожната оддаденост е средство за [материјална] добивка‘. На тој начин можеме да бидеме поттикнати непригодно да ја искористиме довербата што ни ја покажуваат соверниците (1. Тимотеј 6:5). Дури и би можеле погрешно да заклучиме дека е сосема во ред да вршиме притисок врз некој побогат христијанин да ни даде заем за кој не постои веројатност дека сме во состојба да го вратиме (Псалм 37:21). Но, побожната оддаденост, а не стекнувањето материјални работи, е тоа што „има ветување за сегашниот живот и за оној кој ќе дојде“ (1. Тимотеј 4:8). Со оглед на тоа што „ништо не сме донеле на светов, па не можеме ништо ни да однесеме“, уште порешително да се стремиме кон ‚побожна оддаденост заедно со тоа да бидеме задоволни со она што го имаме‘ и да бидеме ‚задоволни со храна и покрив‘ (1. Тимотеј 6:6—11).
15. Што можеме да правиме ако стремењето кон задоволство се заканува да ја истисне нашата побожна оддаденост?
15 Стремењето кон задоволство може да ја истисне побожната оддаденост. Дали можеби има потреба веднаш да направиме некои преиначувања во овој поглед? Секако, од телесното обучување и од рекреацијата имаме некои користи. Сепак, таквите награди се мали во споредба со вечниот живот (1. Јованово 2:25). Денес, многумина се „љубители на уживања наместо љубители на Бог, кои имаат облик на побожна оддаденост, но се покажале лажни во поглед на нејзината сила“, и треба да ги избегнуваме таквите поединци (2. Тимотеј 3:4, 5). Оние што акцентот го ставаат врз побожната оддаденост ‚сигурно си собираат извонреден темел за иднината, за цврсто да го зграпчат вистинскиот живот‘ (1. Тимотеј 6:19).
16. Кои грешни желби спречуваат некои да живеат според Божјите праведни барања, и како можеме да ги совладаме овие желби?
16 Алкохолот и злоупотребата на дрога, неморалот и грешните желби можат да ја уништат нашата побожна оддаденост. Ако им подлегнуваме на овие работи можеме да бидеме спречени да живееме според Божјите праведни барања (1. Коринќаните 6:9, 10; 2. Коринќаните 7:1). Дури и Павле морал да поднесува постојан конфликт со грешното тело (Римјаните 7:21—25). Потребно е да преземеме цврсти мерки за да ги отстраниме грешните желби. Како прво, мораме да бидеме решени да останеме морално чисти. Павле ни кажува: „Умртвете ги своите телесни членови што се на земјата во поглед на блуд, нечистота, сексуална страст, штетна желба и лакомост, што е идолопоклонство“ (Колошаните 3:5). За да ги умртвиме нашите телесни членови во однос на тие грешни работи, потребна е решеност да ги отфрлиме, да ги отстраниме. Горливата молитва за Божја помош ќе ни овозможи да ги отфрлиме погрешните желби и да се стремиме кон праведност и побожна оддаденост среде овој зол систем на работи.
17. Како треба да гледаме на дисциплината?
17 Обесхрабрувањето може да ја ослабне нашата истрајност и штетно да влијае врз нашата побожна оддаденост. Многу Јеховини слуги доживеале обесхрабрување (Броеви 11:11—15; Езра 4:4, NW; Јона 4:3). Обесхрабрувањето може да има разорен ефект врз нас ако е проследено со огорченост затоа што се чувствуваме навредени или сме биле строго укорени или дисциплинирани. Меѓутоа, укорот и дисциплината се доказ за божествен интерес и љубезна грижа (Евреите 12:5—7, 10, 11). Дисциплината не треба да ја сметаме само како казна туку и како средство да бидеме обучени на патот на праведноста. Ако сме понизни, ќе го цениме и ќе го прифатиме советот, свесни дека „опомените на изобличувањата [дисциплината, NW] се пат кон животот“ (Пословици 6:23). Ова може да ни помогне духовно добро да напредуваме додека се стремиме кон побожна оддаденост.
18. Каква одговорност имаме кога станува збор за личните навреди?
18 Недоразбирањата и личните навреди можат да претставуваат предизвик за нашата побожна оддаденост. Тие може да предизвикаат тегобна загриженост или да наведат некои да направат немудар чекор да се изолираат од своите духовни браќа и сестри (Пословици 18:1, NW). Но, добро е да запомниме дека држењето некого на заб или негувањето непријателство кон другите може штетно да влијае врз нашиот однос со Јехова (Левит 19:18). Всушност, „кој не го љуби својот брат кого го видел, не може да го љуби Бог кого не го видел“ (1. Јованово 4:20). Во својата Проповед на гората Исус ја нагласил потребата веднаш да се преземат чекори за да се решат личните проблеми. На своите слушатели им рекол: „Ако, значи, го носиш својот дар на олтарот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, остави го својот дар таму пред олтарот и оди си; прво помири се со брат ти, а потоа, кога ќе се вратиш, принеси го својот дар“ (Матеј 5:23, 24). Извинувањето може да помогне да се залечи некоја рана предизвикана од нељубезни зборови или постапки. Можеме да залечиме некој нарушен однос и да ги обновиме мирољубивите односи ако побараме простување и признаеме дека сме постапиле неисправно. Исус дал и други совети во врска со решавањето на проблемите (Матеј 18:15—17). Колку сме само среќни кога напорите да ги решиме проблемите наидуваат на успех! (Римјаните 12:18; Ефешаните 4:26, 27).
Следи го Исусовиот пример
19. Зошто е толку важно да го имитираме Исусовиот пример?
19 Испити сигурно ќе нѐ снаоѓаат, но тие не мора да нѐ застранат од трката за вечен живот. Сети се дека Јехова може да нѐ избави од испит. Додека ‚го симнуваме секој товар‘ и ‚со истрајност трчаме во трката што стои пред нас‘, да ‚гледаме внимателно на Главниот Застапник и Усовршител на нашата вера, Исус‘ (Евреите 12:1—3). Ако внимателно го испитуваме Исусовиот пример и настојуваме да го имитираме на збор и на дело, тоа ќе ни помогне да негуваме побожна оддаденост и да ја покажуваме во уште поголема мера.
20. Кои награди произлегуваат од стремењето кон истрајност и побожна оддаденост?
20 Истрајноста и побожната оддаденост дејствуваат заедно за да ни помогнат да го засигураме нашето спасение. Покажувајќи ги овие скапоцени особини, можеме верно да ја извршуваме нашата света служба кон Бог. Дури и кога се наоѓаме под испит, ќе бидеме среќни додека ја доживуваме Јеховината нежна наклоност и благослов затоа што истрајуваме и практикуваме побожна оддаденост (Јаков 5:11). Освен тоа, самиот Исус нѐ уверува: „Преку својата истрајност ќе ги добиете своите души“ (Лука 21:19).
Како би одговорил?
• Зошто е важна истрајноста?
• Што е побожната оддаденост, и како се покажува?
• Како можеме да изградиме и да задржиме близок однос со Бог?
• Кои се некои закани за нашата побожна оддаденост, и како можеме да ги избегнеме?
[Слики на страници 12 и 13]
Побожната оддаденост се покажува на многу начини
[Слики на страница 14]
Пази се од заканите за твојата побожна оддаденост