Особини што мора да ги стекнуваме
„Стреми се кон праведност, оддаденост на Бог, вера, љубов, истрајност [и] благост!“ (1. ТИМ. 6:11).
1. Кон какви цели се стремат луѓето во животот?
КОН какви цели обично се стремат луѓето во денешниов свет? Како што покажува Библијата, мнозина го трошат своето време на залудни цели. Некои ‚трчаат по безвредни работи‘, уверени дека материјалните нешта ќе им донесат среќа (Изр. 28:19). Други ‚трчаат по срамотни дела‘, ставајќи ги задоволството и забавата на прво место во животот (Пс. 119:150). Иако можеби вложуваат многу труд да ги постигнат таквите цели, тие, всушност, ‚трчаат по ветар‘ (Проп. 1:14).
2. а) Кон каква награда повикува Бог да се стремат некои од христијаните? б) Која можност им ја нуди Јехова на повеќето христијани денес?
2 За разлика од нив, апостол Павле укажал на една вредна цел кон која можат да се стремат христијаните. Тој напишал: „[Јас] итам кон целта, кон наградата на небесниот позив Божји преку Христос Исус“ (Фил. 3:14). Библијата покажува дека вкупно 144.000 помазани христијани, меѓу кои е и Павле, ќе бидат наградени со живот на небото. Тие ќе царуваат над Земјата заедно со Исус Христос илјада години. Бог навистина ги повикува да се стремат кон една извонредна цел! Но, повеќето вистински христијани денес имаат поинаква надеж, односно цел. Јехова со љубов им го нуди она што го изгубиле Адам и Ева — можноста да живеат вечно, совршено здрави, во рајот на Земјата (Отк. 7:4, 9; 21:1-4).
3. Како може да покажеме дека сме благодарни за Божјата незаслужена доброта?
3 Сеедно колку многу се трудат да постапуваат исправно, грешните луѓе секогаш промашуваат во нешто, и затоа не можат да заслужат вечен живот (Иса. 64:6). Вечниот живот можат да го добијат само ако имаат вера во сето она што Бог со љубов го направил за да ги спаси преку Исус Христос. Како можеме да покажеме дека сме благодарни за таа незаслужена Божја доброта? Меѓу другото, така што ќе ја послушаме следнава заповед: „Стреми се кон праведност, оддаденост на Бог, вера, љубов, истрајност [и] благост!“ (1. Тим. 6:11). Разгледувањето на овие особини може да ни помогне да бидеме решени „уште повеќе“ да се стремиме кон нив (1. Сол. 4:1).
„Стреми се кон праведност“
4. Зошто сме сигурни дека е важно да се стремиме кон праведност, и кои чекори мора да се преземат најпрво?
4 Во двете свои писма до Тимотеј, апостол Павле навел особини кон кои човек треба да се стреми и, секојпат, прво ја спомнал праведноста (1. Тим. 6:11; 2. Тим. 2:22). Освен тоа, во Библијата има и други стихови кои секогаш одново нѐ поттикнуваат да се стремиме кон праведност (Изр. 15:9; 21:21; Иса. 51:1). Ќе можеме да го правиме тоа ако најпрво ‚добро го запознаеме единствениот вистински Бог и оној кого Тој го испратил, Исус Христос‘ (Јован 17:3). Ако еден човек се стреми кон праведност, тоа ќе го поттикне да преземе нешто — да се покае за гревовите што ги правел во минатото и ‚да се обрати‘ за да ја врши Божјата волја (Дела 3:19).
5. Што мора да правиме за да станеме и да останеме праведни пред Јехова?
5 Мнозина што од срце се стремат кон праведност му го ветиле својот живот на Јехова и го симболизирале тоа со крштавање во вода. Ако веќе си крстен христијанин, дали си свесен дека од твојот живот треба да се види — а најверојатно и се гледа — дека продолжуваш да се стремиш кон праведност? Еден начин на кој покажуваш дека се стремиш кон праведност е ако ја користиш Библијата за да процениш што е „добро и зло“ кога донесуваш важни одлуки. (Прочитај Евреите 5:14.) На пример, ако си неженет христијанин кој е доволно возрасен да стапи во брак, дали си цврсто решен да не се вљубиш во некој што не е крстен Јеховин сведок? Сигурно си решен доколку навистина се стремиш кон праведност (1. Кор. 7:39).
6. Што значи навистина да се стремиме кон праведност?
6 Не е исто да се биде праведен и да се биде преправеден (Проп. 7:16). Исус предупредил да не се истакнуваме со нашата наводна праведност само за да изгледаме подобри од другите (Мат. 6:1). Оној што навистина се стреми кон праведност го прави тоа во срцето, односно ги исправа погрешните мисли, ставови, мотиви и желби. Ако продолжиме да работиме на ова, веројатно нема да направиме тешки гревови. (Прочитај Изреки 4:23; спореди Јаков 1:14, 15.) А Јехова ќе нѐ благослови и ќе ни помогне да се стремиме и кон други важни христијански особини.
„Стреми се кон... оддаденост на Бог“
7. Што значи изразот „оддаденост на Бог“?
7 Да се биде оддаден значи да се биде верен и посветен со сета душа. Во еден библиски речник стои дека грчкиот збор преведен со „оддаденост на Бог“ го означува „добриот став на едно лице кое многу внимава кај него да не се намали стравот од Бог“. Израелците честопати пропуштиле да покажат таква оддаденост, како што може да се види од непослушноста што ја покажале дури и откако Бог ги избавил од Египет.
8. а) Кое прашање било покренато со гревот на Адам? б) Како била откриена оваа ,света тајна‘?
8 Неколку илјади години по гревот на совршениот Адам, сѐ уште не било одговорено на следново прашање: „Може ли човек да му биде совршено оддаден на Бог?“ Низ вековите, ниту еден грешен човек не успеал да му остане совршено оддаден на Бог. Но, во свое одредено време, Јехова ја открил оваа ‚света тајна‘. Тој го пренел животот на својот единороден небесен Син во матката на Марија за да се роди како совршен човек. Откако се родил како човек на Земјата, па сѐ до својата понижувачката смрт, Исус покажал што значи некој со цела душа да му биде оддаден на Бог и да му остане совршено верен. Неговите молитви откриле дека тој длабоко го почитува својот добар небесен Татко (Мат. 11:25; Јован 12:27, 28). Затоа Јехова го поттикнал Павле преку својот дух да зборува токму за „оддаденоста на Бог“ кога го опишал примерниот живот што го водел Исус. (Прочитај 1. Тимотеј 3:16.)
9. Како можеме да се стремиме кон оддаденост на Бог?
9 Бидејќи сме несовршени, не можеме совршено да му бидеме оддадени на Бог. Сепак, можеме да се стремиме кон оваа особина. Ова од нас бара што е можно поблиску да го следиме примерот на Христос (1. Пет. 2:21). На тој начин, нема да бидеме како лицемерите кои ‚на изглед се богобојазливи, но не живеат богобојазливо‘ (2. Тим. 3:5). Ова сепак не значи дека вистинската оддаденост на Бог не може да се види однадвор. Се разбира дека се гледа. На пример, сеедно дали избираме венчален фустан или одлучуваме што да облечеме за низ град, нашиот изглед треба секогаш да биде во склад со нашето тврдење дека ‚го почитуваме Бог‘ (1. Тим. 2:9, 10). Според тоа, ако се стремиме кон оддаденост на Бог, секојдневно ќе размислуваме и ќе се држиме за Божјите праведни мерила.
„Стреми се кон... вера“
10. Што мора да правиме за нашата вера да остане цврста?
10 Прочитај Римјаните 10:17. За да стекне и да задржи цврста вера, христијанинот мора постојано да размислува за скапоцените вистини од Божјата реч. „Верниот и разборит роб“ ни обезбедил многу убави публикации. Три извонредни книги се Најголемиот човек кој некогаш живеел, Учи од Големиот Учител и „Појди по мене!“, кои ни помагаат подобро да го запознаеме Христос за да можеме да се угледаме на него (Мат. 24:45-47). Верниот роб организира и состаноци, собири и конгреси на кои честопати главно „се зборува за Христос“. Додека обрнуваш „посебно внимание“ на она што ни го обезбедува Бог, можеш ли да сториш нешто за да извлечеш уште поголема корист од овие работи? (Евр. 2:1).
11. Каква врска имаат молитвата и послушноста со нашето стремење кон верата?
11 И молитвата многу помага да изградиме цврста вера. Во една прилика, учениците го молеле Исус: „Дај ни уште вера!“ И ние понизно можеме да го молиме Бог да ни даде вера (Лука 17:5). За таа цел, треба да се молиме за помошта од Божјиот свет дух бидејќи верата е еден од „плодовите на духот“ (Гал. 5:22). Освен тоа, ако сме послушни на Божјите заповеди, ќе се зацврсти нашата вера. На пример, би можеле да учествуваме уште повеќе во проповедањето. Тоа веројатно кај нас ќе роди силно чувство на среќа. И, нашата вера ќе расте кога размислуваме за благословите што ги имаме затоа што ‚ги бараме најнапред Царството и Божјата праведност‘ (Мат. 6:33).
„Стреми се кон... љубов“
12, 13. а) Која е новата заповед што ја дал Исус? б) На кои важни начини можеме да покажуваме љубов како што покажувал Христос?
12 Прочитај 1. Тимотеј 5:1, 2. Павле дал практичен совет за тоа како можат христијаните да покажуваат љубов еден кон друг. Ако сме оддадени на Бог, тогаш ќе ѝ бидеме послушни на Исусовата нова заповед ‚да се сакаме еден со друг‘ како што нѐ сакал тој (Јован 13:34). Апостол Јован кажал: „Кој има добра од овој свет и гледа дека брат му е во немаштија, а сепак не се смилува кон него, како тогаш љубовта кон Бог останува во него?“ (1. Јов. 3:17). Можеш ли да се сетиш на ситуации кога си покажал љубов на дело?
13 Се стремиме кон љубов и така што сме спремни да простиме и не им замеруваме на нашите браќа. (Прочитај 1. Јованово 4:20.) Наместо тоа, сакаме да го послушаме следниов совет вдахновен од Бог: „Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг, ако некој има жалба против некого. Како што Јехова спремно ви прости вам, така правете и вие“ (Кол. 3:13). Има ли некој во собранието на кој можеш да го примениш овој совет? Ќе му простиш ли?
„Стреми се кон... истрајност“
14. Што учиме од собранието во Филаделфија?
14 Едно е да се стремиме кон некоја краткорочна цел, но сосема друга работа е кога целта тешко се достигнува или, пак, е подалеку отколку што сме очекувале. Јасно е дека ни е потребна истрајност додека се стремиме кон вечен живот. „Затоа што ти се држеше за она што го зборував во својата истрајност, и јас ќе те зачувам тебе во часот на искушувањето“, му рекол Господарот Исус на собранието во Филаделфија (Отк. 3:10). Всушност, Исус поучувал дека треба да бидеме истрајни бидејќи тоа е особина што ќе ни помогне да не кренеме раце кога ќе се соочиме со испити и искушенија. Браќата во собранието во Филаделфија во првиот век сигурно покажале извонредна истрајност низ многуте испити на верата. Затоа Исус ги уверил дека ќе продолжи да им помага во поголемите испити што требало да ги снајдат (Лука 16:10).
15. Што кажал Исус во врска со истрајноста?
15 Со оглед на тоа што знаел дека неговите следбеници ќе наидат на омраза од страна на неверните роднини и на светот воопшто, Исус најмалку двапати ги охрабрил со следниве зборови: „Кој ќе истрае до крајот, тој ќе биде спасен“ (Мат. 10:22; 24:13). Но, исто така покажал како во тоа време неговите ученици ќе можат да ја добијат потребната сила за да истрајат. Во една прилика, тој ги споредил со каменито место оние кои ‚радосно ја прифаќаат Божјата реч‘, но отпаѓаат кога ќе се соочат со испит на верата. Меѓутоа, во истата споредба, добрата земја ги претставувала неговите верни следбеници затоа што „ја задржуваат“ Божјата реч и „истрајно донесуваат плод“ (Лука 8:13, 15).
16. Што им помага на милиони Божји слуги да истраат?
16 Забележа ли кој е клучот за да се истрае? Мора да ‚ја задржиме‘ Божјата реч, односно таа мора да биде жива во нашето срце и во нашиот ум. Во ова многу ни помага Светото писмо — превод Нов свет. Тоа е еден точен и лесно разбирлив превод, кој сега е достапен на сѐ повеќе јазици. Ако секојдневно размислуваме за дел од Божјата реч, ќе ја добиеме потребната сила за и понатаму ‚истрајно да донесуваме плод‘ (Пс. 1:1, 2).
„Стреми се кон... благост“ и мир
17. а) Зошто благоста е многу важна особина? б) Како Исус покажал дека е благ?
17 Никој не сака да го обвинуваат за нешто што не го рекол или не го направил. Обично секој човек гневно реагира на некое неправедно обвинение и тврди дека тоа не е точно. Колку подобро би било во таква ситуација да покажеме благост! (Прочитај Изреки 15:1.) Потребна е голема сила за да бидеме благи кога некој неправедно нѐ критикува за нешто. Но, Исус Христос ни дал совршен пример. Библијата вели: „Кога го навредуваа, не враќаше со навреди. Кога страдаше, не се закануваше, туку му се препушти на оној што праведно суди“ (1. Пет. 2:23). Не можеме да очекуваме да бидеме исто толку благи како Исус, но можеме ли барем да се трудиме да покажуваме благост во уште поголема мера?
18. а) Какво добро може да постигнеме ако сме благи? б) Кон која друга особина сме поттикнати да се стремиме?
18 Слично на Исус, да бидеме и ние „секогаш... спремни за одбрана“ на нашите верувања, ‚правејќи го тоа благо и со длабока почит‘ (1. Пет. 3:15). Ако сме благи, нема да дозволиме разликите во мислењето да доведат до вжештени расправии ниту со луѓето на кои им проповедаме ниту со нашите соверници (2. Тим. 2:24, 25). Благоста ни помага да имаме мир. Можеби затоа Павле, во своето второ писмо до Тимотеј, го внел и мирот на списокот со работи кон кои треба да се стремиме (2. Тим. 2:22; спореди 1. Тимотеј 6:11). Да, мирот е уште една особина кон која Библијата нѐ поттикнува да се стремиме (Пс. 34:14; Евр. 12:14).
19. Откако ги разгледавме овие седум христијански особини, кон што си решен да се стремиш, и зошто?
19 Разгледавме само накратко седум христијански особини кон кои сме поттикнати да се стремиме — праведност, оддаденост на Бог, вера, љубов, истрајност, благост и мир. Колку е убаво кога во секое собрание браќата и сестрите се напрегаат да ги покажуваат овие скапоцени особини во уште поголема мера! Ова му носи чест на Јехова, и така Му дозволуваме да нѐ обликува на Негова слава.
За размислување
• Што е вклучено во тоа да се стремиме кон праведност и оддаденост на Бог?
• Што ќе ни помогне да се стремиме кон вера и истрајност?
• Како треба да влијае љубовта врз нашето однесување со другите?
• Зошто треба да се стремиме кон благост и мир?
[Слика на страница 12]
Исус предупредил да не се истакнуваме со нашата наводна праведност само за да им оставиме впечаток на другите
[Слика на страница 13]
Можеме да се стремиме кон вера ако размислуваме за вистините од Божјата реч
[Слика на страница 15]
Можеме да се стремиме кон љубов и благост