ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w02 15/8 стр. 15-20
  • ‚Следете ме постојано‘

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • ‚Следете ме постојано‘
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Да градиме љубов кон вистините за кои поучуваме
  • Да покажуваме љубов кон вистините за кои поучуваме
  • Љубов кон луѓето што ги поучуваме
  • За да покажуваме љубов неопходна е понизност
  • Следи го примерот на Исус — поучувај со љубов
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
  • „Јас ви дадов пример“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
  • Бидете изградени со љубов
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
  • Зачувај ја Божјата љубов
    Што навистина учи Библијата?
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
w02 15/8 стр. 15-20

‚Следете ме постојано‘

„На тој пат бевте повикани, зашто и Христос страдаше за вас, оставајќи ви пример, за тесно да ги следите неговите стапки“ (1. ПЕТРОВО 2:21).

1, 2. Зошто Исусовиот совршен пример на учител не е премногу возвишен за да го имитираме?

ИСУС ХРИСТОС бил неспоредливо најголемиот Учител што некогаш живеел на Земјата. Освен тоа, тој бил совршен, никогаш не згрешил во текот на целиот свој животен пат како човек (1. Петрово 2:22). Но, дали тоа значи дека Исусовиот пример на учител е премногу возвишен за да го имитираме ние како несовршени луѓе? Во никој случај.

2 Како што видовме од претходната статија, темелот за Исусовото поучување бил љубовта. А љубовта е нешто што сите ние можеме да го негуваме. Божјата реч честопати нѐ поттикнува да растеме во нашата љубов кон другите и да се подобруваме во тој поглед (Филипјаните 1:9; Колошаните 3:14). Јехова никогаш не очекува од своите созданија да го прават она што не можат. Всушност, со оглед на тоа дека „Бог е љубов“ и дека нѐ направил според сопствениот лик, може да се рече дека тој нѐ дизајнирал со способност да покажуваме љубов (1. Јованово 4:8; Битие 1:27). Затоа, кога ќе ги прочитаме зборовите на апостол Петар запишани во стихот за нашата тема, можеме да се оѕвиеме со доверба. Ние можеме тесно да ги следиме Христовите стапки. Всушност, можеме да бидеме послушни на Исусовата заповед: ‚Следете ме постојано‘ (Лука 9:23). Да разгледаме како да ја имитираме љубовта што ја покажал Христос, првин кон вистините за кои поучувал, а потоа кон луѓето што ги поучувал.

Да градиме љубов кон вистините за кои поучуваме

3. Зошто на некои им е тешко да проучуваат, но каков поттик се наоѓа во Пословици 2:1—5?

3 За да ги љубиме вистините за кои ги поучуваме другите, мораме и самите да сакаме да учиме за тие вистини. Во денешниот свет, таквата љубов не доаѓа секогаш лесно. Поради фактори како што се недоволно образование и лоши навики стекнати во младоста, многумина остануваат со трајна одбојност кон проучувањето. Меѓутоа, неопходно е да учиме од Јехова. Во Пословици 2:1—5 се вели: „Сине мој, ако ги примиш моите зборови и ги запазиш моите заповеди во себе, и со своето уво ја послушаш мудроста и го обратиш своето срце кон разумот [проникливоста, NW]; да, ако го повикаш разумот и извикаш кон благоразумноста; ако го бараш како сребро и трагаш по него како по скриено сокровиште [благо, NW] — тогаш ќе го разбереш Господовиот страв и ќе го најдеш знаењето за Бога“.

4. Што значи да го ‚обратиме‘ срцето, и кое гледиште ќе ни помогне да го правиме тоа?

4 Забележи дека во стихови од 1 до 4, секогаш одново сме поттикнувани да вложиме напор не само да ‚примаме‘ и ‚запазуваме‘ туку и да ‚бараме‘ и да ‚трагаме‘. Но, што ќе нѐ мотивира да го правиме сето тоа? Па, забележи ја фразата ‚обрати го своето срце кон проникливоста‘. Еден прирачник вели дека овој поттик „не е само повик за внимание; тоа е барање да се има извесен став: желна приемливост за учењата“. А што може да нѐ направи приемливи и желни да учиме за она за кое Јехова нѐ поучува? Нашето гледиште. Треба на „знаењето за Бога“ да гледаме како на „сребро“ и на ‚скриено благо‘.

5, 6. а) Што би можело да се случи со текот на времето, и како можеме да го спречиме тоа? б) Зошто треба да го зголемуваме благото од спознание што сме го нашле во Библијата?

5 Не е тешко да стекнеме такво гледиште. На пример, „знаењето за Бога“ што си го примил веројатно ја вклучува вистината дека Јехова има намера верното човештво да живее засекогаш во Рајот на Земјата (Псалм 37:28, 29). Кога првпат си ја дознал таа вистина, несомнено на неа си гледал како на вистинско благо, сознание што ти ги исполнило умот и срцето со надеж и радост. А како е сега? Дали, со текот на времето, ценењето за твоето благо избледело или го изгубило својот сјај? Тогаш, пробај две работи. Прво, обнови го своето ценење, односно, редовно освежувај го својот ум во поглед на тоа зошто ја цениш секоја вистина за која Јехова те поучил, па дури и за оние што си ги научил пред многу години.

6 Второ, постојано зголемувај го своето благо. Впрочем, ако случајно ископаш некој скапоцен камен, дали едноставно ќе го ставиш в џеб и задоволно ќе си заминеш? Или, пак, ќе копаш и понатаму за да видиш дали има уште? Божјата реч е полна со скапоцени камења и зрнца на вистината. Сеедно колку многу си пронашол, можеш да најдеш уште (Римјаните 11:33). Кога ќе откопаш некое зрнце на вистината, прашај се: ‚Што е тоа што го прави ова зрнце да биде благо? Дали тоа ми дава уште подлабок увид во Јеховината личност или во неговите намери? Дали нуди некакво практично водство што може да ми помогне да ги следам Исусовите стапки?‘ Медитирањето за вакви прашања ќе ти помогне да ја зголемиш својата љубов кон вистините за кои те поучил Јехова.

Да покажуваме љубов кон вистините за кои поучуваме

7, 8. На кои начини можеме да им покажеме на другите дека ги љубиме вистините што сме ги научиле од Библијата? Наведи пример.

7 Како можеме, додека ги поучуваме другите, да покажеме дека ги љубиме вистините што сме ги научиле од Божјата реч? Следејќи го Исусовиот пример, ние во нашето проповедање и поучување во голема мера се потпираме на Библијата. Во последно време, Божјиот народ низ целиот свет беше охрабрен во уште поголема мера да ја користи Библијата во својата јавна служба. Додека го применуваш тој предлог, барај начини да му дадеш до знаење на станарот дека и ти лично го цениш она што го споделуваш од Библијата (Матеј 13:52).

8 На пример, по терористичкиот напад на градот Њујорк, минатата година, една христијанска сестра им го читала Псалм 46:1, 11 на луѓето што ги среќавала во служба. Најпрвин ги прашувала луѓето како излегуваат на крај со последиците од трагедијата. Внимателно го сослушувала нивниот одговор, се заблагодарувала, а потоа ќе речела: „Може ли да ви прочитам еден стих што навистина ме утеши мене во овој тежок период?“ Многу малку луѓе одбивале, и следеле многу одлични дискусии. Во разговор со млади луѓе, истата сестра честопати вели: „Веќе 50 години поучувам за Библијата, и знаете што? Никогаш не сум наишла на ниту еден проблем што оваа книга не може да помогне да се реши“. Користејќи искрен, воодушевен пристап, ние им покажуваме на луѓето дека го цениме и го љубиме она што сме го научиле од Божјата реч (Псалм 119:97, 105).

9, 10. Зошто е важно да ја користиме Библијата кога одговараме на прашањата во врска со нашите верувања?

9 Кога луѓето ни поставуваат прашања во врска со нашите верувања, имаме одлична прилика да покажеме дека ја љубиме Божјата реч. Следејќи го Исусовиот пример, ние не ги темелиме нашите одговори чисто на свои сопствени идеи (Пословици 3:5, 6). Наместо тоа, за да одговориме ја користиме Библијата. Дали се плашиш некој да не ти постави прашање на кое не би можел да одговориш? Разгледај два позитивни чекора што можеш да ги преземеш.

10 Направи сѐ што можеш за да бидеш подготвен. Апостол Петар напишал: „Светете го Христос како Господ во своите срца, секогаш спремни да дадете одбрана пред секого кој ви бара причина за надежта која е во вас, но тоа правете го со благ нарав и со длабока почит“ (1. Петрово 3:15). Дали си спремен да ги одбраниш твоите верувања? На пример, ако некој сака да знае зошто не учествуваш во некој небиблиски обичај или практика, не биди задоволен само со тоа што ќе речеш: „Тоа се коси со мојата религија“. Таквиот одговор може да укажува дека дозволуваш други да донесуваат одлуки наместо тебе и дека, според тоа, сигурно си член на некој култ. Можеби би било подобро да речеш: „Божјата реч, Библијата, го забранува тоа“, или, „Тоа ќе предизвика незадоволство кај мојот Бог“. Потоа дај разумно објаснување зошто е тоа така (Римјаните 12:1).

11. Која алатка за истражување може да ни помогне да бидеме спремни да одговориме на прашањата во врска со вистините од Божјата реч?

11 Ако мислиш дека не си подготвен, зошто не си одвоиш време за да ја проучуваш книгата Расправљање на темељу Писма?a Избери неколку теми за кои се чини дека има веројатност да стане збор, и научи напамет некои библиски мисли. Нека ти бидат при рака книгата Расправљање и Библијата. Не колебај се да ги користиш и двете, спомнувајќи дека имаш една алатка за истражување што сакаш да ја употребиш за да го најдеш библискиот одговор на прашањата.

12. Што би можеле да речеме ако не го знаеме одговорот на некое библиско прашање?

12 Обиди се да не се грижиш непотребно. Ниеден несовршен човек не знае сѐ. Затоа, кога ќе ти биде поставено некое библиско прашање на кое не знаеш да одговориш, секогаш можеш да речеш нешто во смисла: „Ви благодарам што поставивте такво интересно прашање. Да бидам искрен, не го знам одговорот, но сигурен сум дека во Библијата има нешто во врска со тоа. Многу сакам да ја истражувам Библијата, па затоа ќе го испитам Вашето прашање и ќе навратам да Ви го одговорам“. Таквиот отворен, скромен пристап најверојатно ќе го отвори патот за натамошни дискусии (Пословици 11:2).

Љубов кон луѓето што ги поучуваме

13. Зошто треба да задржиме позитивно гледиште кон оние на кои им проповедаме?

13 Исус покажал љубов кон луѓето што ги поучувал. Како можеме да го имитираме во тој поглед? Никогаш не треба да развиваме нечувствителен став кон луѓето околу нас. Секако, „војната на големиот ден на Семоќниот Бог“ сѐ повеќе се наѕира, и многумина од милијардите луѓе на човештвото ќе бидат уништени (Откровение 16:14; Еремија 25:33). Сепак, ние не знаеме кој ќе остане жив а кој ќе умре. Тој суд лежи во иднина и му припаѓа на Исус Христос, оној што е наименуван од Јехова. Сѐ додека не биде донесена пресудата, на секој поединец гледаме како на човек што има потенцијал да стане Јеховин слуга (Матеј 19:24—26; 25:31—33; Дела 17:31).

14. а) Како би можеле да се преиспитаме во однос на тоа дали имаме соживување кон луѓето? б) На кои практични начини можеме да покажеме соживување и личен интерес за другите?

14 Затоа, исто како Исус, настојуваме да се соживуваме со луѓето. Би можеле да се запрашаме: ‚Дали сочувствувам со луѓето што се измамени со вешти лаги и измами од религиозните, политичките и трговските елементи на овој свет? Ако изгледаат апатични кон пораката што им ја носиме, дали настојувам да разберам зошто се такви? Признавам ли дека јас, а и други што денес верно му служат на Јехова, некогаш сме биле слични? Дали сум го приспособил мојот пристап во склад со ова? Или, пак, ги отфрлам овие луѓе како безнадежни?‘ (Откровение 12:9). Кога луѓето чувствуваат дека имаме вистинско соживување, поголема е веројатноста да се оѕвијат на нашата порака (1. Петрово 3:8). Соживувањето, исто така, може да нѐ поттикне да покажеме уште поголем интерес за луѓето што ги среќаваме во службата. Би можеле да направиме белешки за нивните прашања и грижи. Кога навраќаме, можеме да им покажеме дека сме размислувале за она што го кажале на претходната посета. И, ако во тој момент имаат некоја итна потреба, можеби ќе бидеме во состојба да дадеме и практична помош.

15. Зошто треба да го бараме доброто кај луѓето, и како би можеле да го правиме тоа?

15 Исто како Исус, ние го бараме доброто кај луѓето. Можеби некоја самохрана мајка вложува восхитувачки напори да ги подига своите деца. Некој маж се бори за да го издржува своето семејство. Некое постаро лице покажува интерес за духовните работи. Дали ги забележуваме тие фактори кај луѓето што ги среќаваме и дали ги пофалуваме за тоа? Ако правиме така, го нагласуваме заедничкиот темел што постои меѓу нас и можеме да го отвориме патот да дадеме сведоштво за Царството (Дела 26:2, 3).

За да покажуваме љубов неопходна е понизност

16. Зошто е важно да останеме благи и да покажуваме почит кон оние на кои им проповедаме?

16 Љубовта кон луѓето што ги поучуваме ќе нѐ поттикне да внимаваме на мудрото библиско предупредување: „Спознанието дуе, но љубовта изградува“ (1. Коринќаните 8:1). Исус имал големо спознание, а сепак, никогаш не бил надуен. Затоа, додека ги споделуваш твоите верувања, избегнувај тон на расправање или надуеност. Нашата цел е да ги достигнеме срцата и да ги привлечеме луѓето кон вистините што толку многу ги љубиме (Колошаните 4:6). Запомни, кога ги советувал христијаните да бидат спремни да дадат одбрана, Петар вклучил и потсетување дека тоа треба да го правиме „со благ нарав и со длабока почит“ (1. Петрово 3:15). Ако сме благи и покажуваме почит, поголема е веројатноста да ги привлечеме луѓето кон Богот на кого му служиме.

17, 18. а) Како треба да реагираме на критизерските ставови во врска со нашите квалификации како министри? б) Зошто не е неопходно оние што ја проучуваат Библијата да ги знаат древните библиски јазици?

17 Нема потреба да ги импресионираме луѓето со нашето спознание или образование. Ако некои на твоето подрачје одбиваат да слушаат некого што нема некоја универзитетска диплома или титула, не дозволувај нивниот став да те обесхрабри. Исус не обрнувал никакво внимание на приговорот што го добил дека не е школуван на престижните рабински школи од негово време; ниту, пак, се поведувал според популарните предрасуди обидувајќи се да ги импресионира луѓето со својата огромна ученост (Јован 7:15).

18 Понизноста и љубовта се далеку поважни за христијанските министри од каков и да е степен на световно образование. Големиот Воспитувач, Јехова, е тој што нѐ оспособува за службата (2. Коринќаните 3:5, 6). И без оглед на тоа што велат некои свештеници на христијанскиот свет, ние не треба да ги учиме древните библиски јазици за да станеме учители на Божјата реч. Јехова ја инспирирал Библијата да биде напишана со толку јасни, конкретни термини што практично секој може да ги сфати нејзините скапоцени вистини. Тие вистини остануваат непроменети дури и кога се преведени на стотици и стотици јазици. Значи, познавањето на древните јазици, иако некогаш е корисно, не е неопходно. Освен тоа, гордоста поради тоа што некој поседува лингвистички способности може да наведе некого да изгуби една особина која е неопходна за вистинските христијани — поучливоста (1. Тимотеј 6:4).

19. Во која смисла нашата христијанска служба е понизно дело?

19 Нема никакво сомнение дека нашата христијанска служба е дело што бара понизен став. Ние редовно се изложуваме на противење, рамнодушност, па дури и на прогонство (Јован 15:20). Сепак, со верното извршување на нашата служба ние вршиме животоважно дело. Ако продолжиме понизно да им служиме на другите во ова дело, ја имитираме љубовта што Исус Христос ја покажал кон луѓето. Размисли: Кога би морале да им проповедаме на илјада рамнодушни или противнички настроени луѓе за да дојдеме само до еден единствен поединец сличен на овца, зарем тоа не би се исплатело? Секако! Значи, со тоа што истрајуваме во делото, без да попуштаме, ние верно им служиме на лицата слични на овци кои допрва треба да ги достигнеме. Нема сомневање дека Јехова и Исус ќе се погрижат да бидат пронајдени уште многу такви скапоцени поединци и да им се помогне пред да дојде крајот (Агеј 2:7).

20. Кои се некои начини на кои можеме да поучуваме со пример?

20 Поучувањето со пример е уште еден начин на кој ја покажуваме спремноста да им служиме на другите. На пример, сакаме да ги поучиме луѓето дека служењето на Јехова, „среќниот Бог“, е најдобриот, најисполнувачки начин на живот што постои (1. Тимотеј 1:11). Додека го набљудуваат нашето однесување и постапките со нашите соседи, соученици и колеги на работа, можат ли да видат дека сме среќни и исполнети? На сличен начин, ние ги поучуваме библиските студенти дека христијанското собрание е оаза на љубов во еден студен, суров свет. Можат ли нашите студенти лесно да увидат дека ги љубиме сите во собранието и дека напорно работиме на тоа да го сочуваме мирот еден со друг? (1. Петрово 4:8).

21, 22. а) Кои можности можеме да ги искористиме ако се преиспитаме во врска со нашата служба? б) За што ќе биде дискутирано во статиите од следното издание на Стражарска кула?

21 Спремниот став кон нашата служба може, одвреме навреме, да нѐ мотивира да се преиспитаме. Правејќи го тоа чесно, многумина увидуваат дека се во состојба да ја прошират својата служба со тоа што стапуваат во полновремената служба или се преселуваат за да служат таму каде што има поголема потреба. Други решаваат да научат странски јазик за да служат во сѐ поголемата заедница од доселеници на нивното матично подрачје. Ако ти се отворени такви можности, внимателно и во молитва размисли за нив. Животот на служење донесува голема радост, задоволство и душевен мир (Проповедник 5:11).

22 На секој можен начин, да продолжиме да го имитираме Исус Христос така што ќе ја изградуваме нашата љубов кон вистините за кои поучуваме и кон луѓето што ги поучуваме. Тоа што ќе развиваме и ќе покажуваме љубов во овие два аспекта ќе ни помогне да положиме добар темел за бидеме учители слични на Христос. Но, како можеме да градиме врз тој темел? Во следното издание на Стражарска кула, серија статии ќе дискутираат за некои конкретни методи на поучување што ги користел Исус.

[Фуснота]

a Издадена од Јеховините сведоци.

Како би одговорил?

• Каква гаранција имаме дека Исусовиот пример на учител не е премногу недостижен за да го имитираме?

• Како можеме да покажеме дека ги љубиме вистините што сме ги научиле од Библијата?

• Зошто е важно да останеме понизни додека растеме во спознанието?

• На кои начини можеме да покажеме љубов кон луѓето што настојуваме да ги поучиме?

[Слики на страница 16]

Направи сѐ што можеш за да бидеш подготвен

[Слики на страници 16 и 17]

Ако го цениш „знаењето за Бога“, можеш делотворно да ја користиш Библијата

[Слика на страница 18]

Ние покажуваме љубов кон луѓето така што ја споделуваме добрата вест со нив

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели