Продолжи да го практикуваш она што си го научил
„Она што сте го научиле, а и прифатиле и чуле и виделе во врска со мене, тоа практикувајте го; и Богот на мирот ќе биде со вас“ (ФИЛИПЈАНИТЕ 4:9).
1, 2. Општо земено, дали Библијата врши влијание врз животот на луѓето што се сметаат себеси за религиозни? Објасни.
„РЕЛИГИЈАТА добива сила, моралот губи сила.“ Овој наслов во билтенот Emerging Trends ги сумирал резултатите од една државна анкета во Соединетите Држави. Изгледа дека оваа земја доживеала пораст во бројот на луѓе што одат в црква и велат дека религијата зазема важно место во нивниот живот. Меѓутоа, извештајот вели: „И покрај ваквите импресивни бројки, многу Американци јасно го доведуваат во прашање влијанието што го има верата врз животот на поединци и врз општеството во целина“.
2 Оваа ситуација не е својствена само за една земја. Во светот, многу луѓе што велат дека ја прифаќаат Библијата и дека се религиозни не дозволуваат Писмото да врши никакво вистинско влијание врз нивниот живот (2. Тимотеј 3:5). „Ние сѐ уште многу ја цениме Библијата“, навел водачот на една група за истражување, „но што се однесува до тоа вистински да одвоиме време за да ја читаме, проучуваме и применуваме — тоа е работа на минатото“.
3. а) Како влијае Библијата врз оние што стануваат вистински христијани? б) Како го применуваат Исусовите следбеници Павловиот совет запишан во Филипјаните 4:9?
3 Меѓутоа, кај вистинските христијани ситуацијата е поинаква. Применувањето на советот од Божјата реч довело до промени во нивното размислување и однесување. И, другите луѓе лесно ја забележуваат новата личност што ја покажуваат (Колошаните 3:5—10). За следбениците на Исус, Библијата не е неупотребена книга што собира прав на полицата. Напротив, апостол Павле им рекол на христијаните во Филипи: „Она што сте го научиле, а и прифатиле и чуле и виделе во врска со мене, тоа практикувајте го; и Богот на мирот ќе биде со вас“ (Филипјаните 4:9). Христијаните прават нешто повеќе отколку само да ја прифатат вистината од Божјата реч. Тие постапуваат во склад со она што го учат, постојано применувајќи го библискиот совет — во семејството, на работа, во собранието и на сите други полиња од животот.
4. Зошто е предизвик да се применат Божјите закони?
4 Не е лесно да се применат Божјите закони и начела. Живееме во свет што е под власта на Сатана Ѓаволот, кого Библијата го нарекува „богот на овој систем на работи“ (2. Коринќаните 4:4; 1. Јованово 5:19). Затоа, многу е битно да се чуваме од сѐ што би нѐ спречило да се стремиме по правец на интегритет кон Јехова Бог. Како можеме да го зачуваме интегритетот?
Држи се за „образецот на здрави зборови“
5. Што се подразбира со Исусовата изјава: „Постојано нека ме следи“?
5 Еден аспект од практикувањето на она што сме го научиле наложува лојално да го поддржуваме вистинското обожавање и покрај противењето од неверниците. За да се истрае потребен е напор. „Ако некој сака да појде по мене“, рекол Исус, „нека се одрече од себеси и нека го земе својот маченички столб и постојано нека ме следи“ (Матеј 16:24). Исус не рекол дека треба да го следиме само една седмица, еден месец или една година. Наместо тоа, тој рекол: „Постојано нека ме следи“. Неговите зборови покажуваат дека нашето учеништво не може да биде само една фаза од животот или минлива оддаденост што денес ја има а утре ја нема. Лојалното поддржување на вистинското обожавање значи верно да истраеме на патот што сме го избрале, што и да се случи. Како можеме да го сториме тоа?
6. Кој е образецот на здрави зборови што го научиле од Павле христијаните од првиот век?
6 Павле го поттикнал својот соработник Тимотеј: „Држи се и понатаму за образецот на здрави зборови што ги слушна од мене со вера и љубов кои се во поврзаност со Христос Исус“ (2. Тимотеј 1:13). Што мислел Павле со ова? Грчкиот збор што овде е преведен со „образец“ буквално се однесува на скица на некој уметник. Иако не е премногу детален, таквиот цртеж има добро дефинирани контури така што проникливиот гледач може да ја согледа целата слика. На сличен начин, образецот на вистината за кој Павле го поучил Тимотеј и другите не бил наменет да даде конкретен одговор на секое можно прашање. Сепак, ваквото севкупно поучување дава доволно водство — скица, така да се каже — така што оние што се со искрени срца можат да согледаат што бара Јехова од нив. Се разбира, за да му угодат на Бог тие ќе треба да продолжат и понатаму да се држат за тој образец на вистината практикувајќи го она што го научиле.
7. Како можат христијаните да се држат за образецот на здрави зборови?
7 Во првиот век, лицата како Именеј, Александар и Филет застапувале идеи што не се вклопувале во „образецот на здрави зборови“ (1. Тимотеј 1:18—20; 2. Тимотеј 2:16, 17). Како можеле раните христијани да избегнат да бидат одвлечени од отпадниците? Со тоа што внимателно ќе ги проучувале инспирираните списи и ќе ги применувале во својот живот. Оние што одат во склад со примерот што го имале во Павле и во другите верни лица можеле да препознаат и да отфрлат сѐ што не се совпаѓало со образецот на вистината за кој биле поучени (Филипјаните 3:17; Евреите 5:14). Наместо да бидат ‚умствено болни од потпрашувања и дебати околу зборови‘, тие продолжиле да одат напред во нивниот позитивен правец на побожна оддаденост (1. Тимотеј 6:3—6). Ние го правиме истото кога продолжуваме да ги применуваме вистините што сме ги научиле. Колку само ни се зајакнува верата кога гледаме дека милионите лица што му служат на Јехова во целиот свет цврсто се држат за образецот на библиската вистина за кој биле поучени (1. Солуњаните 1:2—5).
Отфрли ги ‚лажните прикаски‘
8. а) Како настојува Сатана да ја уништи нашата вера денес? б) Кое Павлово предупредување се наоѓа во 2. Тимотеј 4:3, 4?
8 Сатана се обидува да го скрши нашиот интегритет сеејќи сомнежи во врска со работите на кои сме биле поучени. Денес, како што било случај и во првиот век, отпадниците и други луѓе настојуваат да ја уништат верата на простодушните (Галатите 2:4; 5:7, 8). Понекогаш ги користат медиумите за да шират извртени информации, па дури и отворени лаги за методите и мотивите на Јеховиниот народ. Павле опоменал дека некои ќе бидат одвратени од вистината. „Ќе дојде период“, напишал тој, „кога нема да го поднесуваат здравото учење, туку според своите сопствени желби ќе си насоберат учители да им ги скокоткаат ушите; па ќе ги одвраќаат своите уши од вистината, а ќе се свртат кон лажни прикаски“ (2. Тимотеј 4:3, 4).
9. Што можеби имал на ум Павле кога се осврнал на „лажни прикаски?“
9 Наместо да се држат за образецот на здрави зборови, некои биле заинтересирани за „лажни прикаски“. Какви биле тие лажни прикаски? Можеби Павле мислел на измислените легенди, како оние што се наоѓаат во апокрифната книга Товит.a Лажните прикаски можеби вклучувале сензационални и шпекулативни гласини. Исто така, некои — „според своите сопствени желби“ — можеби биле интелектуално заведени од оние што прифатиле попустливо гледиште за Божјите мерила или што биле критички настроени кон оние што предводат во собранието (3. Јованово 9, 10; Јуда 4). Какви и да биле камењата на спрепнување за кои станувало збор, некои очигледно повеќе сакале лаги отколку вистините од Божјата реч. Наскоро престанале да го практикуваат она што го научиле и тоа било на нивна сопствена духовна штета (2. Петрово 3:15, 16).
10. Кои се некои денешни лажни прикаски и како Јован ја истакнал потребата од претпазливост?
10 Денес можеме да избегнеме да се свртиме кон лажни прикаски ако го испитуваме и ако сме селективни во поглед на она што го слушаме и читаме. На пример, медиумите честопати унапредуваат неморал. Многу луѓе охрабруваат на агностицизам или отворен атеизам. Вишите критичари се исмеваат на тврдењето на Библијата дека е божествено инспирирана. А денешните отпадници постојано се трудат да посеат семе на сомнеж за да ја поткопаат верата на христијаните. Во врска со една слична опасност што ја наметнале лажните пророци во првиот век, апостол Јован предупредил: „Љубени, не верувајте му на секој инспириран израз, туку испитувајте ги инспирираните изрази за да видите дали потекнуваат од Бог, зашто многу лажни пророци излегоа во светот“ (1. Јованово 4:1). Затоа треба да бидеме внимателни.
11. Кој е еден начин да се испитаме и да видиме дали сме во верата?
11 Во врска со ова, Павле напишал: „Испитувајте дали сте во верата“ (2. Коринќаните 13:5). Апостолот нѐ поттикнал постојано да се испитуваме за да утврдиме дали се држиме за севкупните христијански верувања. Ако нашите уши се наклонети кон оние што се незадоволни, треба во молитва да се анализираме себеси (Псалм 139:23, 24). Дали сме склони да му наоѓаме маани на Јеховиниот народ? Ако да, зошто? Дали сме биле повредени од нечии зборови или постапки? Ако да, дали ги гледаме работите во исправно светло? Секоја неволја со која се соочуваме во овој систем на работи е само привремена (2. Коринќаните 4:17). Дури и ако доживуваме некакво искушение во собранието, зошто да престанеме да му служиме на Бог? Ако сме вознемирени заради нешто, зарем не е многу подобро да направиме сѐ што можеме за да ја решиме работата и потоа да ја оставиме во Јеховини раце? (Псалм 4:4; Пословици 3:5, 6; Ефешаните 4:26).
12. Каков добар пример ни дале Веријците?
12 Наместо да бидеме критички настроени, да задржиме духовно здраво гледиште за информациите што ги добиваме преку личната студија и собраниските состаноци (1. Коринќаните 2:14, 15). И наместо да ја доведуваме во прашање Божјата реч, колку само е помудро да го имаме ставот на Веријците од првиот век, кои внимателно го испитувале Писмото! (Дела 17:10, 11). Затоа, да постапуваме во склад со она што го учиме, отфрлајќи ги лажните прикаски и прилепувајќи се за вистината.
13. Како би можеле ненамерно да шириме лажни приказни?
13 Има уште еден вид лажни прикаски од кои треба да се чуваме. Кружат многу сензационални извештаи, особено преку e-mail. Мудро е да бидеме претпазливи во поглед на таквите извештаи, особено ако не го знаеме оригиналниот извор на тие информации. Дури и ако некое искуство или приказна ги испратил некој угледен христијанин, тој можеби не ги знае фактите од прва рака. Затоа е важно да бидеме претпазливи во поглед на повторувањето или пренесувањето понатаму непроверени извештаи. Сигурно не би сакале да повторуваме „безбожни митови“ или „лажни приказни што го сквернават она што е свето“ (1. Тимотеј 4:7, New International Version). Бидејќи имаме обврска и да си ја зборуваме вистината еден на друг, мудро постапуваме ако избегнуваме сѐ што би предизвикало дури и ненамерно да шириме невистини (Ефешаните 4:25).
Позитивни резултати од практикувањето на вистината
14. Кои користи произлегуваат кога ги практикуваме работите што сме ги научиле од Божјата реч?
14 Практикувањето на она што го учиме преку личната библиска студија и христијанските состаноци ќе донесе многу користи. На пример, можеби ќе увидиме дека ќе се подобрат нашите односи со оние што ни се сродни по верата (Галатите 6:10). Кога ги применуваме библиските начела, нашиот карактер се менува на подобро (Псалм 19:8). Освен тоа, кога го практикуваме она што го учиме, ние ‚го украсуваме учењето на Бог‘ и веројатно ќе ги привлечеме другите кон вистинското обожавање (Тит 2:6—10).
15. а) Како една млада личност собрала храброст да сведочи на училиште? б) Што научи од ова искуство?
15 Меѓу Јеховините сведоци има многу млади што го практикуваат она што го научиле преку лично проучување на Библијата и христијанските публикации, како и со редовно присуство на собраниските состаноци. Нивното убаво однесување им е силно сведоштво на наставниците и на соучениците на училиште (1. Петрово 2:12). Размисли за Лесли, едно 13-годишно девојче од Соединетите Држави. Таа признава дека ѝ било тешко да им зборува на соучениците за својата вера, но еден ден тоа се променило. „Во одделението се зборуваше за тоа како луѓето се обидуваат да ти продадат нешто. Една девојка крена рака и ги спомна Јеховините сведоци“. Како Сведок, како реагирала Лесли? „Ја бранев мојата вера“, вели таа, „и сигурна сум дека тоа ги изненади сите бидејќи обично на училиште сум многу тивка“. Каков бил резултатот од смелоста на Лесли? „Успеав да ѝ дадам брошура и трактат на ученичката, бидејќи таа имаше и други прашања“, вели Лесли. Колку ли само мора да се радува Јехова кога младите што го практикуваат она што го научиле ќе соберат храброст да сведочат на училиште! (пословици 27:11; Евреите 6:10).
16. Како ѝ користела Теократската школа за служба на една млада девојка Сведок?
16 Друг пример е примерот на Елизабет. Од седумгодишна возраст па во текот на годините додека одела во основно училиште, ова младо девојче ги канело своите наставници во Салата на Царството секогаш кога имало задача во Теократската школа за служба. Ако некој наставник не можел да присуствува, Елизабет останувала по часовите и му го изнесувала говорот. Во последната година од средното училиште, Елизабет напишала реферат од десет страници за користите од Теократската школа за служба и направила презентација пред група од четири наставници. Исто така, била замолена да одржи модел-говор од Теократската школа за служба, за кој ја избрала темата „Зошто Бог го допушта злото?“ Елизабет извлекла корист од образовната програма што ја спроведуваат Јеховините сведоци во Теократската школа за служба. Таа е само една од многуте млади христијани што му носат фалба на Јехова практикувајќи го она што го научиле од неговата Реч.
17, 18. а) Каков совет нуди Библијата во врска со чесноста? б) Како влијаело врз еден човек чесното однесување на еден Јеховин сведок?
17 Библијата ги опоменува христијаните да се однесуваат чесно во сѐ (Евреите 13:18). Нечесноста може да го уништи нашиот однос со другите и, што е уште поважно, со Јехова лично (Пословици 12:22). Нашето доверливо однесување дава доказ дека го практикуваме она што сме го научиле и било причина многу луѓе да имаат поголема почит кон Јеховините сведоци.
18 Разгледај го искуството на Филип, воено лице. Тој заметкал еден непотполнет, потпишан чек и не го сфатил тоа сѐ додека не му бил вратен по пошта. Чекот го пронашол некој Јеховин сведок, а на писменцето што било приложено со него стоело дека религиозните верувања на пронаоѓачот го мотивирале да го врати. Филип бил зачуден. „Можеа да ми здиплат 9.000 долари!“, рекол тој. Бил разочаран кога во некоја друга прилика му ја украле шапката в црква. Изгледа дека некој познаник му ја зел шапката, додека некој непознат му вратил чек вреден неколку илјади долари! Навистина, чесните христијани му носат чест на Јехова Бог!
Продолжи да го практикуваш она што си го научил
19, 20. Каква корист ќе имаме ако постапуваме во склад со библиските работи што ги учиме?
19 Оние што го практикуваат она што го научиле од Божјата реч жнеат бројни користи. Ученикот Јаков напишал: „Оној кој се загледува во совршениот закон кој ѝ припаѓа на слободата и истрајува во него, тој човек, затоа што станал извршител на делото, а не заборавлив слушател, ќе биде среќен што го врши“ (Јаков 1:25). Да, ако постапуваме во склад со библиските работи што ги учиме, ќе бидеме вистински среќни и ќе бидеме поспособни да се справуваме со животните притисоци. Пред сѐ, ќе имаме Јеховин благослов и изглед за вечен живот! (Пословици 10:22; 1. Тимотеј 6:6).
20 Затоа, продолжи по секоја цена да се посветуваш на проучувањето на Божјата реч. Редовно оди на собирите на обожавателите на Јехова и обрнувај внимание на материјалот што е изнесен на христијанските состаноци. Применувај го она што го учиш, продолжи да го практикуваш и ‚Богот на мирот ќе биде со тебе‘ (Филипјаните 4:9).
[Фуснота]
a Товит, веројатно напишана во третиот век пр.н.е., ја вклучува и сказната за еден Евреин по име Товија, која е полна со суеверија. Се вели дека имал способност да добие сили за лекување и истерување демони користејќи го срцето, жолчката и црниот дроб на некоја монструозна риба.
Дали се сеќаваш?
• Што е „образецот на здрави зборови“ и како можеме да продолжиме да се држиме за него?
• Кои „лажни прикаски“ треба да ги отфрлиме?
• Какви се користите за оние што го практикуваат она што го учат од Божјата реч?
[Слика на страница 17]
Како можеле раните христијани да избегнат да бидат одвлечени од отпадниците?
[Слики на страница 18]
Семето на сомнеж може да биде посеано преку медиумите, преку Интернет и преку денешните отпадници
[Слика на страница 19]
Не е мудро да се шират непотврдени извештаи
[Слики на страница 20]
На работа, на училиште и на други места, Јеховините сведоци го применуваат она што го читаат во Божјата реч