Зајакни ги своите раце
ВО БИБЛИЈАТА, раката е спомната повеќе од 1.800 пати. Фрази во кои станува збор за рака се употребени на различни начини. На пример, чиста рака означува невиност (2. Самоил 22:21; Псалм 24:3, 4). Да се отвори раката значи да се покаже великодушност кон другите (Второзаконие 15:11; Псалм 145:16). Се вели дека оној што го ризикува својот живот си ја става душата в рака (1. Самоил 19:5, NW). Да му ослабнат рацете на некого значи да се обесхрабри (2. Летописи 15:7). А, да се зајакнат нечии раце значи да се биде закрепнат и овластен за акција (1. Самоил 23:16, NW).
Денес има итна потреба да си ги зајакнеме рацете. Ние живееме во ‚критични времиња со кои тешко се излегува на крај‘ (2. Тимотеј 3:1). Кога ќе се обесхрабриме, човечка тенденција е да се предадеме, да ни ослабнат рацете. Вообичаено е да се види како тинејџерите го напуштаат училиштето, како сопрузите ги оставаат своите семејства и како мајките ги напуштаат своите деца. Како христијани, треба да ги зајакнеме своите раце за да истраеме под испитите со кои се соочуваме во нашата служба на Бог (Матеј 24:13). На тој начин, го радуваме срцето на Јехова (Пословици 27:11).
Како се зајакнуваат рацете
Евреите во времето на Езра требало да ги зајакнат своите раце за да ја завршат реконструкцијата на Јеховиниот храм во Ерусалим. Како биле зајакнати нивните раце? Извештајот вели: „И го празнуваа радосно празникот Пресни Лебови седум дена: зашто Господ ги исполни со радост и Го сврте кон нив срцето на асирскиот цар, за да ги зајакне нивните раце во работата околу Домот на Бога, на Израелевиот Бог (Езра 6:22). Очигледно, преку својата активна сила Јехова го подбудил „асирскиот цар“ да му дозволи на Божјиот народ да се врати, и го поттикнал духот на луѓето, така што ја завршиле работата што ја почнале.
Подоцна, кога требало да се поправат ѕидовите на Ерусалим, Неемија ги зајакнал рацете на своите браќа за таа задача. Читаме: „И им објаснив како добрата рака на мојот Бог беше над мене, а им ги соопштив и зборовите, што царот ми ги беше рекол. ‚Да станеме — извикаа тие — и да градиме!‘ И рацете им зајакнаа за добро дело“. Со зајакнати раце, Неемија и другите Евреи можеле повторно да ги изградат ѕидовите на Ерусалим за извонредни 52 дена! (Неемија 2:18; 6:9, 15).
На сличен начин, Јехова ги зајакнува нашите раце за да ја проповедаме добрата вест за Царството (Матеј 24:14). Тој го прави тоа така што ‚нѐ опремува со секое добро дело за да ја вршиме неговата волја‘ (Евреите 13:21). Ни дал в раце алатки од највисок квалитет. Ја имаме Библијата и библиски темелените книги, списанија, брошури, трактати и аудио и видеокасети што ги користиме за да ги достигнеме луѓето по целата Земја. Всушност, нашите публикации се достапни на повеќе од 380 јазици. Освен тоа, преку собраниските состаноци, собирите и конгресите, Јехова обезбедува теократско образование и обука за тоа како да ја користиме оваа добра опрема за да ја извршиме нашата служба.
Иако Јехова ги зајакнува нашите раце на толку многу начини, тој, исто така, очекува и ние да се напрегаме. Сети се што му рекол пророкот Елисеј на цар Јоас, кој дошол кај него да бара помош во борбата против сириските напаѓачи. Елисеј му рекол на царот да земе неколку стрели и да удри на земјата со нив. Библискиот извештај вели: „Тој удри трипати и застана. Тогаш Божјиот човек се разгневи на него и рече: ‚Требаше да удриш пет или шест пати! Тогаш потполно ќе ги разбиеше Арамејците; вака ќе ги победиш само трипати‘“ (2. Цареви 13:18, 19). Затоа што пропуштил ревносно да се напрега, Јоас имал само ограничен успех во борбата против Сиријците.
Истото начело се однесува и на нас ако сакаме да го исполниме она што Јехова ни дал да го вршиме. Наместо да се грижиме за пречките што ни се испречуваат на патот или за тоа колку тешка може да биде задачата, треба да ја извршиме ревносно и со цело срце. Треба да ги зајакнеме своите раце и да бараме помош од Јехова (Исаија 35:3, 4).
Јехова ќе ги зајакне нашите раце
Јехова нема да пропушти да ни помогне и да ги зајакне нашите раце за да ја вршиме неговата волја. Се разбира, Јехова нема да направи чудо и да ја заврши сета работа за нас. Тој очекува ние да го направиме својот дел — секојдневно да ја читаме Библијата, редовно да се подготвуваме и да присуствуваме на состаноците, да учествуваме во службата колку што е можно почесто и постојано да му се молиме. Ако верно и марливо го правиме својот дел додека сѐ уште можеме, Јехова ќе ни даде сила да го направиме она што го очекува од нас (Филипјаните 4:13).
Размисли за случајот на еден христијанин што во една година ги изгубил и сопругата и мајката. Болката сѐ уште била силна кога неговата снаа го напуштила син му и христијанскиот начин на живот. „Сфатив дека не можеме да ги избираме испитите, ниту кога ќе се дојдат или колку чести ќе бидат“, рекол овој брат. Како наоѓа сила за да продолжи понатаму? „Молитвата и личната студија ми беа појас за спасување што ми ја одржуваше главата над водата. Голема утеха ми донесе и поддршката од моите духовни браќа и сестри. А, најмногу од сѐ, сфатив колку е важно да се развива добар личен однос со Јехова пред да дојдат тешките ситуации.“
Што и да те снајде во животот, биди одлучен да положиш потполна доверба во Јехова и добро да ги искористиш сите подготовки што тој ги прави за да ги зајакне твоите раце. Тогаш ќе можеш да му принесеш на Јехова служба од најдобар квалитет и на тој начин ќе му донесеш слава и чест на неговото свето име (Евреите 13:15).
[Слика на страница 31]
Затоа што пропуштил ревносно да се напрега, Јоас имал само ограничен успех во борбата против Сиријците