Мијте ги и сушете ги рацете!
КАКО настинуваме и добиваме други инфекции? Според Американското здружение на професионалци од областа на контролата на инфекциите и епидемиологијата, барем 80 проценти од таквите заболувања се пренесуваат преку рацете, а не преку воздухот. Всушност, миењето раце обично се смета за единствениот најважен начин за да се спречи ширењето на болести. Сепак, многумина не се мијат секогаш откако ќе го користат тоалетот, ќе го исекнат носот или пред да фатат храна. Се разбира, многу други секогаш си ги мијат рацете во тие прилики. Но, можноста за инфекција не исчезнува после механичкото, површно миење раце.
Правилното сушење на рацете може да биде подеднакво важно. Истражувачите на универзитетот Вестминстер во Англија откриле дека многу луѓе не ги сушат целосно рацете откако ќе се измијат, особено кога користат сушални со топол воздух. Многумина го довршуваат сушењето бришејќи ги рацете од облеката. Ова може да ги рашири опасните микроорганизми кои останале на рацете. Според истражувачите, најдобро е целосно да се исушат рацете, по можност со користење хартиени крпи за една употреба или чист, неупотребуван пешкир.
Центрите за контрола и превенција на болести во САД ги нудат следниве совети за миење раце:
• Секогаш користете топла истечна вода и благ сапун. Ако морате да користите леген наместо истечна вода, исчистете го и дезинфицирајте го секогаш кога ќе го користите. Влажните пешкири не ги чистат рацете ефективно.
• Енергично тријте ги рацете сѐ додека не се појави сапуница и продолжете да ги триете барем 15 секунди. Истријте ги и дланките на рацете, како и пределот меѓу прстите и под ноктите.
• Исплакнете ги рацете под топла истечна вода.
• Исушете ги со чист пешкир за една употреба или неупотребуван, и избегнувајте да ја допирате славината или држачот за пешкири со чисти раце.
• Затворете ја славината користејќи пешкир за да не ја допрете дршката.
• Децата треба да се мијат стоејќи на висина при која рацете можат слободно да им висат под истечната вода. Помогнете му на детето да ги направи сите горенаведени чекори и потоа измијте си ги своите раце.