Изразувај наклоност во семејниот круг
„ИЗГОРИ ја ако можеш! Изгори ја!“ ја предизвикувал Тору својата сопруга Јоко.a „Ќе ја изгорам“, возвратила таа и запалила кибритче за да ја изгори сликата од нив двајцата. Потоа извикала: „Ќе ја запалам куќата!“ Тору реагирал така што ја плеснал сопругата, ставајќи ѝ крај на расправијата со насилство.
Три години пред тоа, Тору и Јоко го започнале својот заеднички живот како среќно венчана двојка. Тогаш, што тргнало наопаку? Иако Тору изгледал како пријатен човек, неговата сопруга сметала дека не покажувал наклоност кон неа и дека ретко ги земал во обѕир нејзините чувства. Се чинело дека е неспособен да одговори на нејзината наклоност. Не можејќи да го поднесе тоа, Јоко станувала сѐ поогорчена и полута. Кај неа се развиле проблеми како што се несоница, вознемиреност, слаб апетит, раздразливост и депресија, дури доживувала и напади на паника. Сепак, изгледало како Тору да не е загрижен за напнатата атмосфера што владеела дома. Едноставно, тоа му изгледало природно.
„Критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“
Таквите проблеми се вообичаени денес. Апостол Павле претскажал дека нашето време ќе се карактеризира со луѓе што се „без природна наклоност“ (2. Тимотеј 3:1—5). Оригиналниот грчки збор што овде е преведен со „без природна наклоност“ тесно е поврзан со зборот што ја опишува природната наклоност помеѓу членовите на семејството. Во нашево време сигурно гледаме недостиг на таква наклоност. Дури и ако има наклоност, членовите на семејството можеби ретко ја изразуваат еден кон друг.
Многу родители денес не знаат како да изразат љубов и наклоност кон сопствените деца. Некои израснале во семејна средина во која недостигала наклоност и можеби не сфаќаат дека животот може да биде посреќен и попријатен само кога би почувствувале и би изразувале наклоност. Изгледа тоа било случај и со Тору. Додека бил дете, татко му секогаш бил зафатен на работа и доаѓал дома доцна навечер. Ретко разговарал со Тору, па дури и кога разговарал, го навредувал. Мајка му на Тору, исто така, работела полновремено и не поминувала многу време со него. Телевизорот бил неговиот бебиситер. Во семејството немало ниту пофалба ниту комуникација.
И културата може да биде еден фактор. Во некои делови на Латинска Америка, еден маж, за да изрази наклоност кон својата сопруга, мора да оди против културата што преовладува. Во многу источни и африкански земји, не е во склад со традицијата ако некој изрази наклоност со збор или со дело. На сопрузите можеби им е незгодно да им речат „те сакам“ на своите сопруги или на своите деца. Сепак, можеме да научиме лекција од најистакнатиот семеен однос, кој го издржал испитот на времето.
Семеен однос за пример
Најдобриот пример на семејство се наоѓа во блискиот однос помеѓу Јехова Бог и неговиот единороден Син. Тие изразуваат љубов еден кон друг на совршен начин. Во текот на безброј илјадници години, духовното суштество што подоцна станало Исус Христос уживало среќен однос со својот Татко. Тој ја опишал врската вака: „Станав оној кон кого тој имаше особена наклоност од ден на ден, радувајќи се пред него секогаш“ (Пословици 8:30, NW). Синот бил толку сигурен во љубовта на неговиот Татко што можел да изјави пред другите дека Јехова имал особена наклоност кон него од ден на ден. Секогаш се чувствувал среќен со својот Татко.
Дури и кога Исус бил на Земјата како човек, нему како на Божји Син му било дадено уверување за длабоката љубов на неговиот Татко. Откако се крстил, Исус го слушнал гласот на својот Татко: „Ова е мојот Син, љубениот, кого го одобрив“ (Матеј 3:17). Каков само охрабрувачки израз на љубов во почетокот на Исусовата мисија на земјата! Сигурно неговото срце било трогнато кога го чул одобрувањето на својот Татко и кога му се вратило сето сеќавање за неговиот живот на небото.
На тој начин, Јехова го дава најдобриот пример во изразувањето љубов кон неговото универзално семејство во најпотполна мера. Ако го прифатиме Исус Христос, и ние можеме да ја уживаме наклоноста на Јехова (Јован 16:27). Иако нема да чуеме зборови од небото, ќе ја видиме Јеховината љубов покажана во природата, во подготовката на Исусовата откупна жртва и на други начини (1. Јованово 4:9, 10). Јехова дури и ги слуша нашите молитви и одговара на нив на начин што е најдобар за нас (Псалм 145:18; Исаија 48:17). Додека негуваме близок однос со Јехова, ја продлабочуваме нашата благодарност за неговата грижа полна со љубов.
Исус научил од својот Татко како да покажува соживување, обѕир, љубезност и длабок интерес за другите. Тој објаснил: „Што и да прави [Таткото], тоа го прави и Синот на ист начин. Зашто Таткото има наклоност кон Синот и му покажува сѐ што самиот прави“ (Јован 5:19, 20). Од своја страна, ние можеме да ја научиме уметноста на изразување наклоност со тоа што ќе го проучуваме примерот што Исус го оставил додека бил на земјата (Филипјаните 1:8).
Наклоност во семејството — како?
Бидејќи „Бог е љубов“ и ние сме создадени „според неговиот лик“, имаме потенцијал и да чувствуваме и да изразуваме љубов (1. Јованово 4:8; Битие 1:26, 27, NW). Сепак, потенцијалот автоматски не донесува плод. За да изразиме наклоност, мораме прво да чувствуваме наклоност кон својот брачен партнер и кон своите деца. Набљудувај и забележи ги допадливите особини кај нив, колку и да се безначајни, и размислувај за нив. Можеби ќе речеш: ‚Нема ништо привлечно кај мојот сопруг [сопруга или деца]‘. Оние што се во однапред договорен брак можеби не чувствувале многу наклоност кон својот брачен партнер. Некои можеби не сакале деца. Сепак, размисли за тоа што чувствувал Јехова за својата симболична сопруга, нацијата Израел, во десетти век пр.н.е. Иако пророкот Илија заклучил дека немало други обожаватели на Јехова меѓу десетплеменската нација Израел, Јехова внимателно ги прегледал и нашол значителен број луѓе — 7.000 сѐ на сѐ — што имале привлечни особини во неговите очи. Можеш ли да го имитираш Јехова со тоа што ќе го бараш доброто во членовите на твоето семејство? (1. Цареви 19:13—18).
Меѓутоа, за да им дадеш прилика на другите членови на твоето семејство да ја почувствуваат твојата наклоност, мораш да направиш свесен напор за да ја изразиш. Секогаш кога ќе забележиш нешто вредно за пофалба, покажи го твоето ценење со зборови. Кога опишува една способна сопруга, Божјата реч забележува една интересна карактеристика на нејзиното семејство: „Нејзините синови се подигаат и ја наречуваат среќна, и нејзиниот маж ја фали“ (Пословици 31:28). Забележи колку слободно членовите на семејството го изразувале своето ценење еден за друг. Со тоа што со збор ја пофалува својата сопруга, таткото остава добар пример за синот, охрабрувајќи го да биде дарежлив во пофалбите на својата брачна партнерка кога самиот ќе се ожени.
Исто така, родителите треба да ги пофалуваат и своите деца. Тоа може да помогне да се всади самопочит во срцата на децата. На крајот на краиштата, како може некој да ‚го љуби својот ближен како себеси‘ ако самиот не се почитува? (Матеј 22:39). Од друга страна, ако родителите секогаш ги критикуваат своите деца, без воопшто да ги пофалат, децата можат лесно да ја изгубат самопочитта и можат да имаат проблем да покажуваат наклоност кон другите (Ефешаните 4:31, 32).
Можеш да најдеш помош
Што ако си подигнат во семејство во кое немало љубов? Сепак можеш да научиш да изразуваш наклоност. Првиот чекор е да го препознаеш проблемот и да ја признаеш потребата од подобрување. Божјата реч, Библијата, е од голема помош во овој поглед. Таа може да се спореди со огледало. Кога се испитуваме себеси со помош на учењата од Библијата што е како огледало, се откриваат нашите недостатоци, или маани, во размислувањето (Јаков 1:23). Во склад со библиските учења, можеме да ги исправиме сите несоодветни склоности (Ефешаните 4:20—24; Филипјаните 4:8, 9). Тоа треба да го правиме редовно, никогаш ‚не откажувајќи се да го правиме она што е добро‘ (Галатите 6:9).
На некои им е тешко да покажуваат наклоност поради нивното воспитание или култура. Меѓутоа, неодамнешните испитувања укажуваат дека таквите пречки можат да се надминат. Д-р Даниел Голман, специјалист по ментално здравје, објаснува дека ‚дури и најдлабоко вкоренетите навики на срцето научени во детството можат да се променат‘. Пред повеќе од 19 века, Библијата укажала дека со помош на Божјиот дух, дури и најутврдените склоности на срцето можат да бидат преобратени. Таа нѐ советува: „Соблечете ја старата личност со нејзините постапки и облечете ја новата личност“ (Колошаните 3:9, 10).
Штом проблемот ќе се препознае, семејството може да ја проучува Библијата имајќи ги на ум своите потреби. На пример, зошто не испиташ што вели Библијата за „наклоноста“? Можеби ќе наидеш на стих како овој: „Сте чуле за истрајноста на Јов и сте го виделе исходот кој Јехова го даде, дека Јехова е многу нежен во наклоноста и милосрден“ (Јаков 5:11). Потоа разгледај го библискиот извештај за Јов, сосредоточувајќи се на тоа како Јехова бил нежен во наклоноста и милосрден кон Јов. Без сомнение ќе сакаш да го имитираш Јехова во тоа да бидеш многу нежен во наклоноста и милосрден кон твоето семејство.
Меѓутоа, несовршени какви што сме, „сите ние се спрепнуваме многу пати“ кога го користиме јазикот (Јаков 3:2). Во семејниот круг, можеби пропуштаме да го користиме јазикот на охрабрувачки начин. Тука на помош доаѓа молитвата и довербата во Јехова. Не се предавај. ‚Моли се непрестајно‘ (1. Солуњаните 5:17). Јехова ќе им помогне на оние што копнеат по наклоност во семејниот круг како и на оние што сакаат да ја покажуваат но нешто ги кочи.
Освен тоа, Јехова љубезно обезбедил помош во христијанското собрание. Јаков напишал: „Болен ли е [духовно] некој меѓу вас? Нека ги повика кај себе старешините од собранието и нека се молат над него, помазувајќи го со масло во името на Јехова“ (Јаков 5:14). Да, старешините во собранијата на Јеховините сведоци можат да им бидат од голема помош на семејствата чии членови имаат проблем во покажувањето наклоност еден кон друг. Иако не се психолози, старешините можат стрпливо да им помогнат на своите соверници, не со тоа што ќе им кажат што да прават туку така што ќе ги потсетат за Јеховиното гледиште и ќе се молат со и за нив (Псалм 119:105; Галатите 6:1).
Во случајот на Тору и Јоко, христијанските старешини секогаш ги сослушувале нивните проблеми и ги тешеле (1. Петрово 5:2, 3). Во некои прилики, еден старешина и неговата сопруга ги посетиле со цел Јоко да извлече корист од друштвото на една искусна христијанка што можела да ја ‚вразуми да го љуби својот сопруг‘ (Тит 2:3, 4). Со тоа што покажуваат разбирање и сочувство за страдањата и болките на сохристијаните, старешините стануваат „заветрина, прибежиште од невреме“ (Исаија 32:1, 2).
Со помошта на љубезните старешини, Тору сфатил дека имал проблем да ги изрази своите чувства и дека во „последните денови“ Сатана го напаѓа семејното уредување (2. Тимотеј 3:1). Тору одлучил да се соочи со својот проблем. Почнал да увидува дека пропустот да изрази љубов доаѓал од тоа што ни самиот не искусил љубов додека растел. Со помош на сериозна библиска студија и молитва, Тору постепено станал поспремен да одговори на емоционалните потреби на Јоко.
Иако му била лута на Тору, кога разбрала за неговата семејна заднина и кога ги согледала сопствените маани, Јоко вложила сериозен напор да го види доброто кај својот сопруг (Матеј 7:1—3; Римјаните 5:12; Колошаните 3:12—14). Горливо го преколнувала Јехова да ѝ даде сила да продолжи да го љуби својот сопруг (Филипјаните 4:6, 7). Со текот на времето, на радост на неговата сопруга, Тору почнал да ја изразува својата наклоност.
Да, дури и ако ти е тешко да чувствуваш и да изразуваш наклоност во семејството, сигурно можеш да го надминеш тој проблем. Божјата реч ни дава здраво водство (Псалм 19:7). Со тоа што ќе признаеш колку е сериозна работата, ќе се обидеш да го видиш доброто кај членовите на твоето семејство, ќе ја проучуваш и ќе ја применуваш Божјата реч, ќе се потпреш на Јехова преку искрена молитва и ќе побараш помош од зрелите христијански старешини, можеш да го надминеш она што можеби изгледа како непремостлива пречка помеѓу тебе и твоето семејство (1. Петрово 5:7). И ти можеш да се радуваш, како што се радувал еден сопруг од Соединетите Држави. Тој бил поттикнат да ја изрази својата наклоност кон сопругата. Кога конечно собрал храброст да каже „те сакам“, бил изненаден од нејзиниот одговор. Со солзи радосници во очите, рекла: „И јас те сакам, но за овие 25 години првпат го кажа ова вака“. Не чекај толку долго за да ја изразиш својата наклоност кон брачниот другар и кон децата!
[Фуснота]
a Некои имиња се сменети.
[Слика на страница 28]
Јехова дава помош во својата Реч, Библијата