‚Боже, зошто го дозволи ова?‘
РИКАРДО сѐ уште се сеќава кога седел со својата сопруга Марија во чекалницата кај докторот.a Ниеден од нив немал храброст да ги прочита резултатите од последните испитувања на Марија. Потоа, Рикардо го отворил пликот и тие набрзина прелетале преку медицинските термини во извештајот. Го виделе зборот „рак“ и почнале и двајцата да плачат, зашто го сфаќале целосното значење на тој збор.
„Докторот беше многу љубезен“, си спомнува Рикардо, „но, очигледно беше свесен колку е сериозна ситуацијата зашто постојано ни велеше дека мораме да имаме доверба во Бог.“
Пред да почне терапијата со зрачење, докторот на Марија забележал неконтролирани движења на нејзиното десно стапало. Натамошните испитувања откриле дека ракот се проширил до мозокот. По само една недела лекување, зрачењето било прекинато. Марија паднала во кома и умрела по два месеца. „Ми беше мило што ѝ се скратија маките“, објаснува Рикардо, „но, толку многу ми недостигаше што се фатив себеси како посакувам и јас да умрам. Честопати ќе повикав кон Бог: ‚Зошто дозволи да се случи ова?‘“
Куп прашања кога ќе се случат несреќи
Како и Рикардо, безброј луѓе низ светот се принудени да се соочат со реалноста на страдањето. Многупати, страдаат оние што се недолжни. Размисли само за тагата што го кине срцето, а е предизвикана од непопустливите оружени судири што го измачуваат човештвото. Или, размисли за болката што ја чувствуваат бројните жртви на силување, злоупотреба на деца, домашно насилство и други зла што ги прават луѓето. Изгледа дека низ историјата нема граници на неправдата и болката што мажите и жените биле спремни да си ја нанесат едни на други (Проповедник 4:1—3). Потоа, тука се и страдањата на жртвите на природните катастрофи или на емоционалните, менталните и физичките болести. Не е ни чудо што мнозина прашуваат: „Зошто Бог допушта толкаво страдање?“
Дури и на оние што се со религиозни убедувања никогаш не им е лесно да се соочат со страдање. Можеби и ти се прашуваш каква причина би можел да има еден семоќен Бог полн со љубов да дозволи луѓето да страдаат. За нашиот душевен мир и за нашиот однос со Бог, важно е да најдеме задоволувачки и вистински одговор на ова збунувачко прашање. Таков одговор дава Библијата. Те молиме, разгледај што има таа да каже во врска со ова, за што зборува наредната статија.
[Фуснота]
a Имињата се променети.
[Слики на страница 3]
Докторот постојано ни велеше да имаме доверба во Бог