Треба ли моето дете да оди на училиште?
МОЖЕШ ЛИ да си замислиш да не знаеш да ги прочиташ зборовите на оваа страница? Што ако не го знаеш официјалниот јазик на твојата земја? Претпостави си да не можеш да ја покажеш својата татковина на картата на светот. Безброј деца ќе пораснат токму во ваква состојба. Како е со твоето дете?
Треба ли твоето дете да оди на училиште? Во многу земји, основното и средното образование се задолжителни и, честопати, бесплатни. Конвенцијата за правата на децата го смета формалното образование за основно право. Исто е и со Универзалната декларација за човекови права. Меѓутоа, во некои земји, школувањето можеби не е бесплатно и можеби претставува финансиски товар за родителите. Да ја разгледаме оваа работа од гледна точка на христијанските родители кои сакаат нивните деца да бидат писмени, било преку формално школување било на некој друг начин.
Библиски примери за писменост
Повеќето од Божјите слуги спомнати во Библијата знаеле да читаат и да пишуваат. Исусовите апостоли Петар и Јован биле еврејски рибари, но напишале библиски книги на грчки, а не на својот галилејски дијалект.a Изгледа дека нивните родители се погрижиле нивните деца да добијат општо образование. Некои други библиски писатели што биле во слична ситуација биле пастирот Давид, земјоделецот Амос и Исусовиот полубрат Јуда, кој веројатно бил столар.
Јов знаел да чита и да пишува, а библиската книга што го носи неговото име укажува дека имал некакви познавања и од наука. Можеби имал и дарба за пишување, зашто неговите изјави цитирани во книгата Јов се во поетска форма. А, знаеме и дека раните христијани биле писмени зашто на некои парчиња од искршена грнчарија се најдени записи што можеби биле нивни белешки од Писмото.
Образованието е важно за христијаните
Сите христијани треба да напредуваат во библиското спознание ако сакаат да му угодат на Бог (Филипјаните 1:9—11; 1. Солуњаните 4:1). Марливото користење на Писмото и на библиски темелените помагала за проучување можат да го поттикнат духовниот напредок. Бидејќи им ја дал својата пишана Реч, Бог очекува неговите обожаватели да бидат колку што е можно пописмени. Кога ја читаме Библијата со разбирање полесно ни е да го примениме нејзиниот совет. Се разбира, можеби некои делови ќе треба да ги прочитаме повеќе од еднаш за да ги сфатиме мислите и за да можеме да медитираме за нив (Псалм 119:104; 143:5; Пословици 4:7).
Секоја година, Јеховиниот народ добива стотици страници корисен пишан материјал подготвен под водството на „верниот и разборит роб“ (Матеј 24:45—47). Оваа литература дискутира за семејниот живот, за обичаи, религии, наука и многу други теми. Најважно од сѐ, содржи библиски совет за духовни теми. Ако твоите деца не знаат да читаат, ќе бидат лишени од многу важни информации.
Тоа што учиме за историјата на човештвото е важно затоа што ни помага да сфатиме зошто ни е потребно Божјето Царство. Пожелно е и општо познавање на географијата. Библијата зборува за многу места, како Израел, Египет и Грција. Може ли твоето дете да ги најде на картата на светот? Може ли да ја најде својата земја? Тоа што не знае да ја чита картата може дури да ја ограничи способноста на некого да ја изврши својата служба на некое доделено подрачје (2. Тимотеј 4:5).
Предности во собранието
Христијанските старешини и слугите помошници имаат многу обврски во кои е вклучено читање. На пример, има точки што треба да ги подготват за собраниските состаноци. Треба да се водат извештаи за набавката на литература и за донациите. Без општо образование, тешко ќе може ефикасно да се справи со овие одговорности.
Во бетелските домови ширум светот служат доброволци. За да можат овие доброволци добро да комуницираат и да ги извршуваат своите должности, како што се преведување на литература и поправање на машините, мораат да знаат да читаат и да пишуваат на официјалниот јазик на земјата во којашто живеат. Ако сакаш твоите деца некогаш да уживаат вакви предности, обично, потребно е општо образование. Кои се некои други практични причини зошто твоето дете да оди на училиште?
Сиромаштија и суеверие
Во извесни околности, луѓето што живеат во сиромаштија можат да бидат речиси беспомошни. Меѓутоа, во други случаи, разумната мера образование може да ни помогне нам и на нашите деца да избегнеме непотребно страдање. Многу малку неписмени луѓе успеваат да имаат повеќе отколку само една несигурна егзистенција. Понекогаш деца, па дури и родители умираат зашто поради скудните примања не можат да добијат медицинска помош. Неисхранетоста и лошите станбени услови честопати се судбина на луѓето што имале мало или никакво школување. Образованието, или барем способноста за читање и пишување, може колку толку да помогне во овој поглед.
Писменоста, исто така, ја намалува склоноста да се биде суеверен. Се разбира, суеверието го има и кај образованите и кај необразованите луѓе. Но, оние што немаат образование можеби полесно можат да бидат измамени и искористени од другите, зашто не можат да го прочитаат материјалот што ги разоткрива таквите измами. Затоа, тие се склони да бидат посуеверни и да веруваат дека некој спиритистички исцелител може да изведува чудесни лечења (Второзаконие 18:10—12; Откровение 21:8).
Образованието не е само за вработување
Мнозина сметаат дека главната цел на образованието е да се заработат пари. Сепак, некои образовани луѓе се невработени или, пак, не заработуваат доволно за да ги задоволат основните потреби. Затоа некои родители можеби мислат дека нема никаква корист ако го пратат детето на училиште. Но, школувањето прави повеќе отколку само да го подготви некого да печали пари; тоа ги опремува децата за животот општо (Проповедник 7:12). Ако некој може да зборува, чита и пишува на официјалниот јазик на земјата во којашто живее, наместо да му биде страв ќе му биде полесно, дури и рутина, да комуницира со медицински персонал, со цивилните власти или со банкарските службеници.
Во некои места, необразованите деца можат да бидат доверени да чиракуваат кај ѕидар, рибар, шивач или некој друг занаетчија. Да се научи занает е добра работа, но ако овие деца никогаш не одат на училиште, веројатно нема да научат правилно да читаат и да пишуваат. Без сомнение, поверојатно ќе избегнат експлоатација и ќе имаат задоволителен живот ако најнапред добијат општо образование а потоа научат занает.
Исус од Назарет бил дрводелец и изгледа поминал некакво чиракување кај неговиот потатко, Јосиф (Матеј 13:55; Марко 6:3). Исус исто така бил писмен, зашто на 12-годишна возраст можел да води смисловни дискусии со образованите мажи во храмот (Лука 2:46, 47). Во случајот на Исус, тоа што учел занает не ги попречувало другите видови образование.
Да се школуваат и ќерките?
Родителите понекогаш ги праќаат своите синови на училиште, но не и ќерките. Можеби некои родители мислат дека е премногу скапо да ги школуваат своите ќерки и сметаат дека девојчињата повеќе ќе им користат на своите мајки ако се дома по цел ден. Но, неписменоста ќе биде хендикеп за ќерката. Една публикација на Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) вели: „Многуте студии покажаа дека обезбедувањето образование за девојчињата е една од најдобрите стратегии за да се прекине стисокот на сиромаштијата“ (Poverty and Children: Lessons of the 90s for Least Developed Countries — Сиромаштијата и децата: лекции од 1990-те за најмалку развиените земји). Образованите девојки се подобро опремени за животот и донесуваат помудри одлуки, и на тој начин се од корист за сите во семејството.
Една студија во врска со смртноста на новороденчињата во Бенин (Западна Африка) покажа дека кај неписмените мајки како група смртноста на децата помали од пет години е во однос 167 на 1.000, додека кај жените со средно образование е 38 на 1.000. УНИЦЕФ заклучува: „Според тоа, степенот на образование е решавачки фактор за смртноста на новороденчињата во Бенин, како и во целиот свет“. Значи, тоа што ќе ги школувате своите ќерки може да има различни користи.
Дали се доволни часовите за описменување?
Таму каде што е потребно, Јеховините сведоци држат часови за описменување за членовите на собранието што не знаат да читаат.b Оваа корисна подготовка им помага на луѓето да научат да читаат, обично на нивниот локален јазик. Дали е ова соодветна замена за формалното образование? Треба ли да се очекува од собранието да обезбеди образование за твоите деца, дури и ако има редовни училишта на располагање?
Иако часовите за описменување се љубезна подготовка од собранијата на Јеховините сведоци, тие се наменети за сиромашните возрасни лица што како деца не оделе на училиште. Можеби нивните родители не биле свесни за важноста на писменоста или, пак, немало училишта. На таквите поединци може да им се помогне ако ги посетуваат часовите за описменување што се одржуваат во собранијата. Но, овие часови не се замена за редовното школување и не се наменети да обезбедат основно образование. На овие часови за описменување не се поучува за предмети како наука, математика и историја. Меѓутоа, тие предмети можеби се опфатени во редовната наставна програма.
Во Африка, часовите за описменување главно се одржуваат на племенските јазици, а поретко на официјалниот јазик на земјата. Меѓутоа, формалното школување обично се одржува на официјалниот јазик. Ова им дава дополнителни користи на децата зашто повеќе книги и различен друг материјал за читање се достапни на официјалниот јазик. Иако собраниските часови за описменување може да го надополнат формалното образование на детето, тие не можат да го заменат. Според тоа, ако е воопшто практично, зарем не треба на децата да им се пружи формално образование?
Родителска одговорност
Мажите што преземаат водство да служат за духовните потреби на собранието треба да бидат примерни христијани. Тие треба „добро“ да го предводат своето домаќинство и децата (1. Тимотеј 3:4, 12). Да се предводи „добро“ би вклучувало да се направи сѐ што е можно што ќе им помогне на нашите деца да избегнат хендикеп во иднина.
Бог им дал голема одговорност на христијанските родители. Тие треба да ги воспитуваат своите деца во согласност со неговата Реч и да им помогнат да станат ‚љубители на знаењето‘ (Пословици 12:1; 22:6; Ефешаните 6:4). Апостол Павле напишал: „Навистина, ако некој не се грижи за своите, а особено за своите домашни, тој се одрекол од верата и полош е од оној без вера“ (1. Тимотеј 5:8). За нашите деца треба, исто така, да се обезбеди соодветно образование.
Понекогаш се покажува дека на училишниот систем му недостига образовна стручност поради пренатрупаност, недоволно средства или можеби поради незадоволен, недоволно платен наставен кадар. Затоа, важно е родителите да бидат активно заинтересирани за она што нивните деца го учат на училиште. Мудро е да се запознаат со наставниците, особено во почетокот на полугодието, барајќи дури и совет од нив за тоа како можат децата да станат подобри ученици. На тој начин, наставниците можеби ќе се чувствуваат ценети и можеби ќе бидат мотивирани да вложат поголем напор за да ги задоволат образовните потреби на децата.
Образованието е многу важен дел од развојот на детето. „Мудрите го чуваат знаењето“, вели Пословици 10:14 (ПСП). Ова особено е вистина за библиското знаење. Јеховиниот народ — и млади и стари — мораат да бидат колку што е можно подобро информирани за да им помогнат духовно на другите и ‚за да се покажат како одобрени пред Бог, како работници што немаат од што да се срамат, што исправно ракуваат со речта на вистината‘ (2. Тимотеј 2:15; 1. Тимотеј 4:15). Па, треба ли твоите деца да одат на училиште? Без сомнение ќе заклучиш дека треба, иако многу ќе зависи од тоа што е практично во твојата земја. Но, христијанските родители треба да одговорат на ова уште поважно прашање: ‚Треба ли моите деца да бидат образовани?‘ Каде и да живееш, зарем не се согласуваш дека одговорот треба да биде едно гласно ‚да‘?
[Фусноти]
a Нивниот мајчин јазик бил или галилејски дијалект на арамејскиот или некој облик на дијалект на хебрејскиот. Види том 1, страници 144—146 од Insight on the Scriptures (Увид во писмото), издаден од Јеховините сведоци.
b Види го српското издание на Разбудете се! од 22 декември 2000, страници 8 и 9.
[Рамка/слика на страници 12 и 13]
АКО НЕ Е ВОЗМОЖНО ДА СЕ ОДИ НА УЧИЛИШТЕ
Во некои ситуации не е возможно да се оди на училиште. На пример, списанието Refugees извести дека само 1 од 5 деца што ги исполнуваат условите можат да одат на училиште во камповите за бегалци. Во некои случаи, поради штрајкови, локалните училишта се затворени на подолг период. Можеби училиштата се премногу далеку или, пак, можеби воопшто ги нема во некој регион. Исто така, поради прогонството на христијаните децата можат да бидат исфрлени од училиште.
Како можеш да им помогнеш на своите деца во вакви околности? Што може да се направи ако имаш повеќе деца и живееш во подрачје каде што поради трошоците не е можно сите деца да одат во формално училиште? Па, можеш ли да си дозволиш да пратиш едно или две деца на училиште без да ги доведеш во духовна опасност? Ако да, можеби тие ќе можат да ги поучуваат другите деца за она што го учат на училиште.
Во некои земји има таканаречено домашно школување.c Со оваа подготовка, обично еден од родителите поминува неколку часа секој ден поучувајќи го детето. Во патријархално време, родителите биле доста успешни во поучувањето на своите деца. Изгледа дека поради добрата родителска поука Јакововиот син Јосиф уште како млад бил способен да ги надгледува другите.
На места како што се камповите за бегалци можеби е тешко да се добие формалниот наставен план, или програма, но родителите можеби ќе можат да ја користат како темел за поука литературата што ја издаваат Јеховините сведоци. На пример, Моја книга со библиски приказни може да биде од помош во поучувањето на мали деца. Списанието Разбудете се! содржи статии за најразлични теми. Книгата Животот — како настанал? Со еволуција или со создавање? може да се користи кога се поучува за научни теми. Во Годишникот на Јеховините сведоци има мала карта на светот и во него се зборува за животот и активностите на проповедање во различни земји.
Може многу да се постигне ако поуката е добро подготвена и направена да одговара на нивото на сфаќање на децата. Ако продолжат да читаат и да учат, ќе можат лесно да се приспособат на редовното школување ако некогаш стане достапно. Со иницијатива и труд, можеш да им помогнеш на своите деца да бидат добро образовани, а какви само награди може да донесе тоа!
[Фуснота]
c Види ја статијата „Домашно школување — дали е тоа за вас?“ во Разбудете се! од 8 јули 1993, страници 9—12.
[Слика]
Што може да се направи ако живееш во место каде што твоите деца не можат да одат во формално училиште?