Домашно школување — дали е тоа за вас?
„ЕКСЦЕНТРИЧНОСТ која станала национално движење.“ На тој начин списанието Time неодамна го опиша домашното школување во Соединетите Држави — растечки тренд кој го поддржуваат родителите кои веруваат дека најдоброто образование кое детето може да го добие е она во неговата или нејзината дневна соба, а не во традиционалната училница.
На домашното школување сѐ уште се гледа како на ексцентрично, па дури и револуционерно, но секоја година тоа добива сѐ повеќе приврзаници. Истражувачите велат дека редовите на домашното школување пораснале од 15.000 во 1970 до 500.000 во 1990. Приврзаниците на домашното школување тврдат дека преку еден милион семејства во Соединетите Држави своите деца сега ги школуваат дома.
Организации кои го поддржуваат домашното школување никнале и во Австралија, Англија, Германија, Јапонија, Канада и Нов Зеланд, што е доказ дека интересот за домашното школување се шири по целата Земјина топка.
Зошто толку многу родители донесуваат одлука нивните деца да се школуваат дома? Колку е делотворно домашното школување? Дали тоа вреди да го разгледате во вашето семејство?
Во својата основна концепција, домашното школување не е толку радикално колку што можеби изгледа. „Домот, а не училиштето, бил првобитниот образовен систем“, наведуваат Рејмонд и Дороти Мур во нивната книга Home-Spun Schools. „Сѐ до минатиот век, повеќето деца кои оделе на училиште, почнале дури на дванаесет години или подоцна.“
Познати личности како што се Џорџ Вашингтон, Абрахам Линколн, Томас Џеферсон, Томас Едисон и Алберт Ајнштајн, биле школувани дома. Всушност закони за задолжително посетување на училиште во Соединетите Држави не биле воведени сѐ до доцниот 19. век. Затоа, според авторката и домашна учителка Кери Бенет Вилијамсон, домашното школување не е само нова мода, туку „стар образовен стандард“. Навистина, домашното школување било стандардно за повеќето луѓе во библиски времиња.
Зошто некои се одлучуваат за него
Занимливо е што списанието National Catholic Reporter проценува дека од 50 до 90 отсто од родителите во САД кои практицираат домашно школување, го прават тоа од религиозни причини. Тие родители се воглавно заинтересирани да ги заштитат своите деца од она што тие го сметаат за атеистичко влијание во училиштата. „’Рбетот на движењето за домашно школување е заедницата Христијански фундаменталист, која верува дека во училницата религијата или се злоупотребува или се игнорира“, стоело во списанието Time.
Други родители ги повлекле своите деца од јавните училишта за на рана возраст да ги заштитат од изложеноста на штетните неморални влијанија. „Ситуацијата бегаше од контрола поради неморалноста во училиштата“, рече еден христијанин кој пред повеќе години со неговата жена решиле своите деца да ги школуваат дома. „Бевме загрижени за нашите деца и за лошата состојба во училиштето.“
Понекогаш, родителите го избираат домашното школување повеќе од образовни отколку од идеолошки причини. Доста им е од преполнети училници, ниско образовно ниво и насилство кои преовладуваат во многу јавни училишта. Разочарани од често нејасните резултати од наставата во овие училишта, тие мислат дека можат на своите деца да им го посветат целосното внимание кое го овозможува домашното школување.
Книгата Home Schools: An Alternative, која објаснува зошто на некои повеќе им се допаѓа домашното школување, наведува: „Родителите [кои подучуваат дома] се во 100%-тен контакт со своите деца . . . Тие можат да му го посветат сето свое внимание на воспитувањето на сопственото дете“.
Дали е успешно?
Оние кои го застапуваат домашното школување велат дека децата поефективно учат дома поради тоа што лекциите се проткаени во сите аспекти од секојдневните семејни активности. „Многу семејства започнуваат со математички учебници, но потоа откриваат дека лекциите можат да се научат преку секојдневните искуства“, пишува Џејн А. Авнер во School Library Journal. „На пример, пазарењето и проверувањето на тековната сметка можат на учениците да им помогнат да го сфатат ракувањето со парите, додека домашните поправки се одлична замена за основен учебник по математика.“
Колку се покажало делотворно домашното школување? Некои студии откриле дека оние кои се школуваат дома обично добиваат оценки исти или над националниот просек на стандардизирани тестови за проверка на знаењето. Но таквите резултати не докажуваат неминовно дека дома образованите се наоѓаат во подобра состојба од децата кои се школуваат конвенционално.
„Сегашните докази се неуверливи“, наведува книгата The Home School Manual. „Основниот проблем во сите тие проучувања е тоа што пробните оценки на значителен дел од оние кои се образовани дома не им се достапни на истражувачите.“
„Практично, никаков емпириски доказ не стои на располагање“ за со уверливост да се докаже дека од академска гледна точка домашното школување е супериорен образовен метод, објаснува The Home School Manual. „Иако дома образованите обично се успешни, правилната програма на истражување би требало да покаже дека секоја разлика во образованието не се должи на други фактори.“
Мнозина сѐ уште се скептични
Домашното школување не е без свои критичари. Многу школски службеници изразиле загриженост поради недоследниот квалитет на образованието што се нуди преку напорите на домашното школување. Списанието Time го изрази тоа на следниов начин: „Добрите намери не се претвораат автоматски во солидно образование“.
Од таа причина, некои училишта понекогаш не соработуваат, па дури се непријателски настроени кога родителите ќе им ги соопштат своите планови да ги поучуваат сопствените деца. Додека некои училишта во поново време се трудат потесно да соработуваат со оние кои практикуваат домашно школување, други образовни власти остануваат скептични. И Американското национално здружение на директорите на основните училишта како и Американското национално здружение за образование (NEA) зазеле став против домашното школување, стравувајќи дека некои родители можеби нема да бидат во состојба да пружат соодветно домашно образование. Според официјалната изјава за ставот на NEA, „програмите за домашно школување не можат на ученикот да му дадат сестрано образовно искуство“.
Приврзаниците на домашното школување велат дека на родителите не им треба факултетска диплома за да бидат добри учители. „Не е потребно родителите да ги знаат сите одговори, зашто така ги охрабруваат своите деца сами да ги бараат одговорите на нивните прашања“, наведува книгата Home Schooling—Answering Questions. Децата можат да бидат упатени на соодветни извори на материјал. Родителите и децата можат заедно да учат. И таму каде што се бара више образование или стручно познавање, можат да се изнајмат приватни тутори кои ќе поучуваат со скратено работно време.
Критичарите исто така тврдат дека децата кои се школуваат дома се премногу изолирани и лишени од нормалните меѓусебни односи со другите деца на нивна возраст. Застапниците и ова енергично го одбиваат. „Тие деца не се изолирани од друштво“, рекол Брајан Реј, директор на Националниот институт за истражување на домашното образование. „Дома образованите обично како дел од наставата посетуваат зоолошка градина или ликовен музеј. Играат во соседството исто како и другите деца. Претпоставката дека се затворени од осум наутро до десет навечер едноставно не е точна.“
Дали е за вас?
Домашното школување бара „не само храброст туку и издржливост, инвентивност и јаки нерви“, наведува списанието Christianity Today. Затоа, ако размислувате за домашно школување, реално размислете за обврската што е вклучена. Ќе бидат потребни марливи напори и добра организација за покрај давањето на дневна поука на децата да се извршат и работите околу куќата и другите семејни одговорности. „Може да работите толку напорно што ќе посакате да се откажете“, рекол Реј. „Тоа бара многу од вас.“
Како следно, информирај се за законите на домашно школување во вашето подрачје. На пример, во Соединетите Држави домашното школување е озаконето во сите 50 држави, но прописите значително се разликуваат. Во некои места, за да го поучувате детето дома, едноставно го известувате управникот на месното училиште и пополнувате само еден формулар. Во други држави, родителот мора да биде квалификуван наставник за да ги исполни условите за домашно школување. Утврдете каква е месната пракса за да ги исполните сите законски услови.
Потоа, размислете и за трошоците. Купувањето на наставни материјали претставува еден од најголемите предизвици во домашното школување — особено ако се ограничени материјалните средства. „Станувате лесна мета за луѓето кои продаваат наставни помагала“, предупредува книгата A Survivor’s Guide to Home Schooling.
Иако некои набавувачи наплаќаат поскромни хонорари, други програми за домашно школување чинат стотици долари. Во некои држави, стандардизираните тестови кои ги полагаат домашните ученици годишно, можат да чинат до 50 долари од примерок. Од година в година се потребни нови учебници, работни тетратки и други материјали, затоа е неопходно внимателно да се испланира буџетот за домашно школување.
Се разбира, сите родители не се спремни или не се во можност да го трошат времето, трудот и парите кои се потребни за домашното школување да биде успешно, како што велат стручњаците. „Домашното школување не е за секого“, рекло едно 14-годишно девојче кое почнало да се школува дома на 7 години. Потребни се прави услови, прави ставови и прави родители.“ На листата може да се додаде и самодисциплината — и кај родителот и кај детото. Претходно цитираниот човек рекол дека за да успее домашното школување, „потребна е јака предаденост“. Тој продолжил: „Вистинскиот предизвик се состои во тоа да најдете време за тоа и да истраете до крај“.
Дури и ревносните застапници на домашното образование признаваат дека домашното школување понекогаш се врши на еден неделотворен или дури и неодговорен начин. Навистина, секоја година домашното школување има неуспешни обиди, оставајќи ги децата неподготвени за да се соочат со идните образовни предизвици.
Понатаму, родителите не би требало да се лажат себеси и да мислат дека само домашното школување ќе ги заштити нивните деца од неморалните влијанија кои владеат во јавните училишта. Не постои никаков начин некој да биде потполно заштитен од контакт со светот. Размислувањето на детото го обликуваат многу фактори кои се надвор од формалното школување, како на пример родителите, друштвото, забавата, како и личната и семејна студија на Библијата. Без марливото поучување на сите овие полиња, ниту еден образовен систем нема да се покаже успешен во воспитувањето на христијанските деца.
Вистина, некои родители мислат дека домашното школување придонело за духовниот напредок на нивните деца. Но не треба да се заборави дека многу христијански младинци кои посетуваат јавни училишта исто така добро напредуваат духовно. Во многу случаи, родителите постигнале добри резултати кога тесно соработувале со месните училишта за да се погрижат нивните деца да добијат квалитетно образование.
Најпосле, родителите ја сносат одговорноста за правилното образование и поучување на своите деца, и затоа треба сами да одлучат за видот на школување за кое мислат дека најмногу ќе му користи на нивното семејство. Затоа, внимателно одмерете ги сите фактори пред да одлучите дали сте спремни да се соочите со предизвикот да ги школувате вашите деца дома.
[Истакната мисла на страница 12]
„Децата треба да имаат временски распоред исто како кога би биле во училиште“
Ч. Ф. Л., родител кој својата ќерка ја поучувал дома
[Слики на страница 10]
Само вие можете да одлучите што е најдобро за вашето дете — посетување на јавно училиште или домашно школување