ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w03 1/6 стр. 17-22
  • Стој мирно и гледај го спасението од Јехова!

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Стој мирно и гледај го спасението од Јехова!
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Напад врз Божјата влада
  • Царот ја довршува својата победа
  • Кој ќе го води нападот на Гог?
  • Како ќе реагираат Божјите слуги?
  • Прашања од читателите
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2015
  • Гог од Магог наскоро ќе биде уништен
    Нашиот живот и служба како христијани — работни листови (2017)
  • „Не бидете во страв и трепет“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
w03 1/6 стр. 17-22

Стој мирно и гледај го спасението од Јехова!

„Заземете положба, стојте мирно и гледајте го спасението од Јехова“ (2. ЛЕТОПИСИ 20:17, NW).

1, 2. Зошто претстојниот напад на ‚Гог од земјата Магог‘ е од уште поголема важност од заканата што ја претставува меѓународниот тероризам?

НЕКОИ го опишале тероризмот како напад на светското општество, па дури и на самата цивилизација. Се разбира, таквата закана мора да се сфати сериозно. Од друга страна, пак, од уште поголема важност е еден друг напад, на кој светското општество му обрнува мало или никакво внимание. За каков напад станува збор?

2 Тоа е нападот на ‚Гог од земјата Магог‘, за кој зборува Библијата во Езекиел, 38. поглавје. Дали е претерување да се каже дека овој напад е од уште поголема важност од заканата што ја претставува меѓународниот тероризам? Воопшто не, затоа што нападот на Гог е нешто повеќе од напад врз човечки влади. Тој е насочен против небесната влада на Бог! Меѓутоа, за разлика од луѓето, кои можат да имаат само ограничен успех кога се справуваат со нападите на нивниот систем, Творецот е потполно способен да се справи со уште пожестокиот напад на Гог.

Напад врз Божјата влада

3. Што биле повикани да направат светските владетели од 1914, и како реагирале тие?

3 Конфликтот помеѓу Божјиот Цар што владее сега и Сатановиот злобен систем е во тек уште откако Божјето Царство било воспоставено на небото во 1914. Во тоа време, човечките владетели биле предупредени да се подложат на Владетелот избран од Бог. Но, тие одбиле да го сторат тоа, токму онака како што било претскажано: „Земските цареви стануваат и кнезовите се собираат против Господа и против Неговиот Помазаник: ‚Да ги скинеме нивните окови и да го отфрлиме нивниот јарем‘ “ (Псалм 2:1—3). Отпорот насочен против владеењето на Царството ќе достигне јасна кулминација за време на нападот на Гог од Магог.

4, 5. Како можат луѓето да се борат против Божјата невидлива, небесна влада?

4 Можеби се прашуваме како можат луѓето да се борат против една невидлива, небесна влада. Оваа влада, како што открива Библијата, е составена од ‚сто четириесет и четири илјади, кои се купени од земјата‘, заедно со ‚Јагнето‘, Христос Исус (Откровение 14:1, 3; Јован 1:29). Бидејќи е на небото, за новата влада се зборува како за „нови небеса“, а нејзините поданици на земјата, логично, се наречени „нова земја“ (Исаија 65:17; 2. Петрово 3:13). Повеќето од 144-те илјади совладетели на Христос веќе го завршиле верно својот пат на земјата. Со тоа докажале дека се достојни да ги преземат своите нови доделби на служба на небото.

5 Меѓутоа, еден мал остаток од тие 144.000 сѐ уште е на земјата. Од преку 15.000.000 лица што присуствуваа на прославата на Господовата вечера во 2002, само 8.760 ја покажаа својата надеж дека се избрани за оваа небесна доделба. Секој што ќе се осмели да ги нападне преостанатите идни членови на Царството, го напаѓа, всушност, Божјето Царство (Откровение 12:17).

Царот ја довршува својата победа

6. Како гледаат Јехова и Христос на противењето насочено против Божјиот народ?

6 Било претскажано како ќе реагира Јехова на противењето на неговото воспоставено Царство: „Оној, што живее на небесата, им се смее, Господ им се потсмевнува. Тогаш ќе им рече во Својот гнев, и со Својата јарост ќе ги збуни: ‚Јас го поставив Мојот Цар над Сион, на Мојата Света Гора‘ “ (Псалм 2:4—6). Ќе биде дојдено времето кога Христос, под водство на Јехова, ќе „ја доврши својата победа“ (Откровение 6:2). Како ќе гледа Јехова на противењето насочено против неговиот народ во текот на тоа време на конечна победа? Ќе гледа како да е насочено против него и против неговиот Цар што владее. „Кој ве допира, Ми ја допира зеницата на окото“, вели Јехова (Захарија 2:8). Исто така, Исус јасно изјавил дека она што луѓето ќе им го направат или нема да им го направат на неговите помазани браќа тој смета дека му е направено или не му е направено нему (Матеј 25:40, 45).

7. Од кои причини оние што се од ‚големото мноштво‘, опишано во Откровение 7:9, ќе го почувствуваат бесот на Гог?

7 Се разбира, и оние што активно го поддржуваат помазаниот остаток ќе го почувствуваат бесот на Гог. Овие потенцијални членови на Божјата „нова земја“ се „едно големо мноштво“ повикано „од сите нации и племиња и народи и јазици“ (Откровение 7:9). За нив се вели дека ‚стојат пред престолот и пред Јагнето, облечени во бели долги облеки‘. Според тоа, тие имаат одобрена положба пред Бог и пред Христос Исус. Носејќи ‚палмови гранки во рацете‘, тие го поздравуваат Јехова како законски Суверен на универзумот, чие владетелство е изразено преку владеењето на неговиот востоличен Цар, Исус Христос, „Божјето Јагне“ (Јован 1:29, 36).

8. Што ќе направи Христос предизвикан од нападот на Гог, и со каков резултат?

8 Нападот на Гог ќе предизвика Божјиот востоличен Цар да преземе акција и да ја води војната Армагедон (Откровение 16:14, 16). Оние што одбиле да го признаат Јеховиниот суверенитет ќе бидат уништени. А оние, пак, што претрпеле неволја поради својата лојалност на Божјето Царство, ќе доживеат трајно олеснување. Во врска со ова, апостол Павле напишал: „Ова е доказ за Божјиот праведен суд кој води до тоа да бидете сметани за достојни за Божјето царство за кое, всушност, и страдате. При тоа се зема во обѕир дека е праведно од Божја страна да им возврати со неволја на оние кои вам ви нанесуваат неволја, а вам кои трпите неволја, олеснување заедно со нас при откровението на Господ Исус од небото со своите моќни ангели во пламенен оган, кога ќе донесе одмазда над оние кои не го познаваат Бог и над оние кои не се послушни на добрата вест за нашиот Господ Исус“ (2. Солуњаните 1:5—8).

9, 10. а) Како Јехова ѝ дал победа на Јуда над еден голем непријател? б) Што мораат да продолжат да прават христијаните денес?

9 Во текот на претстојната голема неволја, која ќе достигне кулминација во Армагедон, Христос ќе војува против сето зло. Но, нема да има потреба неговите следбеници да се борат, исто како што не било потребно да се борат ни жителите на двоплеменското царство Јуда пред илјадници години. Битката била Јеховина, и тој ја дал победата. Извештајот гласи: „Господ предизвика несогласност меѓу Амонците, Моавците и оние од Сирската Гора, кои излегоа против Јудеја та беа разбиени. Зашто Амоновите синови и Моавците станаа против оние од Сирската Гора за да ги сотрат и уништат; а кога свршија со оние од Сир, почнаа да удираат еден на друг та се истребија. Кога Јудејците дојдоа до стражарницата кон пустината и се обѕрнаа на мноштвото, а тоа ете, мртви тела лежат по земјата; никој не се спаси“ (2. Летописи 20:22—24).

10 Било токму онака како што претскажал Јехова: „Не треба да се биете“ (2. Летописи 20:17). Ова е пример што треба да го следат христијаните кога Исус Христос ќе тргне ‚да ја доврши својата победа‘. Во меѓувреме, тие и понатаму се борат против злото, но не со дословно туку со духовно оружје. Така, тие ‚го надвладуваат злото со добро‘ (Римјаните 6:13; 12:17—21; 13:12; 2. Коринќаните 10:3—5).

Кој ќе го води нападот на Гог?

11. а) Кои застапници ќе ги користи Гог за да го изврши својот напад? б) Што е вклучено во тоа да се биде духовно буден?

11 Гог од Магог е идентификуван како Сатана Ѓаволот во својата понижена положба во која се наоѓа од 1914. Како духовно суштество, тој не може да го изврши својот напад директно, туку ќе користи човечки застапници за да ги извршат неговите дела. Кои ќе бидат тие човечки застапници? Библијата не ни ги кажува деталите, но сепак ни дава извесни показатели што можат да ни помогнат да препознаеме кои ќе бидат тие. Додека продолжуваат да се одвиваат светските настани што ги исполнуваат библиските пророштва, постепено ќе добиваме сѐ појасна слика. Јеховиниот народ избегнува шпекулации, но останува духовно буден, потполно свесен за развојот на настаните на политичката и религиозната сцена, кој се совпаѓа со исполнувањето на библиските пророштва.

12, 13. Како претскажал пророкот Даниел еден конечен напад врз Божјиот народ?

12 Пророкот Даниел фрла светло врз еден конечен напад против Божјиот народ, пишувајќи: „[Северниот цар] ќе тргне многу гневен за да го уништи и затре мноштвото. Ќе ги постави своите дворски шатори меѓу морето и Славната Света Гора“ (Даниел 11:44, 45).

13 Во библиско време, „морето“ било Големото море, односно Средоземното Море, а ‚Светата Гора‘ била Сион, за кого Јехова рекол: „Јас го поставив Мојот Цар над Сион, на Мојата Света Гора“ (Псалм 2:6; Исус Навин 1:4). Така, во духовна смисла, земјата ‚меѓу морето и Светата Гора‘ го претставува успешниот духовен имот на помазаните христијани. Тие не се идентификуваат повеќе со морето на човештвото отуѓено од Бог и очекуваат да владеат со Христос Исус во небесното Царство. Јасно, Божјите помазани слуги, заедно со нивните лојални придружници од големото мноштво, ќе бидат мета на северниот цар кога тој ќе го започне својот жесток напад во исполнување на пророштвото на Даниел (Исаија 57:20; Евреите 12:22; Откровение 14:1).

Како ќе реагираат Божјите слуги?

14. Кои три работи ќе ги направи Божјиот народ кога ќе биде нападнат?

14 Што ќе се очекува да направат Божјите слуги кога ќе бидат нападнати? Повторно, пример ни дава реакцијата на Божјиот народ-претслика во деновите на Јосафат. Забележи дека на неговите жители им биле заповедани три работи: 1) да заземат положба, 2) да стојат мирно и 3) да го гледаат спасението од Јехова. Како ќе постапува Божјиот народ денес во склад со овие зборови? (2. Летописи 20:17, NW).

15. Што значи тоа Јеховиниот народ да заземе положба?

15 Ќе заземат положба: Без колебање, припадниците на Божјиот народ и понатаму ќе останат на својата положба на активна поддршка на Божјето Царство. И понатаму ќе го задржат својот став на христијанска неутралност. Тие ќе бидат „цврсти, непоколебливи“ во нивната лојална служба за Јехова и ќе продолжат јавно да го фалат Јехова поради неговата оддадена љубезност (1. Коринќаните 15:58; Псалм 118:28, 29). Никаков сегашен ниту иден притисок не може да ги турне од оваа положба одобрена од Бог.

16. Во кој поглед Јеховините слуги ќе стојат мирно?

16 Ќе стојат мирно: Јеховините слуги нема да се обидуваат сами да се спасат туку ќе ја положат својата безусловна доверба во Јехова. Само тој може да ги спаси своите слуги од хаосот во светот, и тој ветил дека ќе го стори тоа (Исаија 43:10, 11; 54:15; Плач 3:26). Да се има доверба во Јехова ќе вклучува да се има доверба и во денешниот видлив канал што тој со децении јасно го користи за исполнување на своите намери. Како никогаш порано, вистинските христијани тогаш ќе треба да ја положат својата доверба во сообожавателите што Јехова и неговиот владејачки Цар ги овластиле да преземат водство. Овие верни мажи ќе го водат Божјиот народ. Игнорирањето на нивното водство би можело да биде катастрофално (Матеј 24:45—47; Евреите 13:7, 17).

17. Зошто Божјите верни слуги ќе го видат спасението од Јехова?

17 Ќе го видат спасението од Јехова: Спасението ќе биде награда за сите оние што ја задржуваат својата положба на христијански интегритет и што имаат доверба дека Јехова ќе ги избави. Сѐ до последен час — и онолку колку што можат — тие ќе го објавуваат доаѓањето на денот на Јеховиниот суд. Сето творештво мора да знае дека Јехова е вистинскиот Бог и дека тој има верни слуги на земјата. Никогаш повторно нема да има потреба за некаква долга полемика во врска со законитоста на Јеховиниот суверенитет (Езекиел 33:33; 36:23).

18, 19. а) На кој начин победничката песна во Излез, 15. поглавје, ги одразува чувствата на оние што ќе го преживеат нападот на Гог? б) Што е соодветно да прави Божјиот народ сега?

18 Со обновена сила, Божјиот народ ќе влезе во новиот свет, желно очекувајќи да запее една победничка песна, исто како што пееле древните Израелци откако биле избавени преку Црвеното Море. Засекогаш благодарни на Јехова за неговата заштита, како поединци и како група, од нивните усти ќе одѕвонуваат зборовите од старо време: „Ќе запеам во чест на Господа, зашто се прослави . . . Господ е храбар војник, Неговото име е Господ Бог . . . Твојата десница, Господи, го распарчи непријателот. Со Своето величество Ти ги оборуваш враговите; го пушташ Својот гнев и тој ги проголтува како слама . . . Со Својата милост го водеше овој народ, откупен од Тебе, со Својата сила го упати кон Твоето свето живеалиште . . . Ќе ги доведеш и ќе ги посадиш на Гората на Своето наследство, на местото што Ти, Господи, го направи Свое Живеалиште, Светилиште, о Господи, создадено со Твојата рака. Господ ќе царува секогаш и довека“ (Излез 15:1—19).

19 Сега, кога изгледот за вечен живот е посветол од кога и да е порано, колку само поволно време е Божјите слуги да ја покажат својата оддаденост на Јехова и да ја обноват својата решеност да му служат нему како нивни вечен Цар! (1. Летописи 29:11—13).

Можеш ли да објасниш?

• Зошто нападот на Гог ќе биде насочен против помазаниците и против другите овци?

• На кој начин Божјиот народ ќе заземе положба?

• Што значи тоа да се стои мирно?

• На кој начин Божјиот народ ќе го види спасението од Јехова?

[Слика на страница 18]

Јехова му дал победа на Јосафат и на неговиот народ, без да имало потреба тие да се борат

[Слика на страница 20]

Помазаниците и другите овци заедно го поддржуваат Јеховиниот суверенитет

[Слика на страница 22]

Исто како древните Израелци, Божјиот народ наскоро ќе запее една победничка песна

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели