ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w03 1/6 стр. 12-17
  • „Не бидете во страв и трепет“

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • „Не бидете во страв и трепет“
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Христијанската неутралност наспроти тероризмот
  • Бестрашни и покрај претстојниот напад
  • Стој мирно и гледај го спасението од Јехова!
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
  • Тероризам — наскоро ќе му дојде крајот!
    Разбудете се! 2001
  • Конечно мир на земјата!
    Разбудете се! 2006
  • Прашања од читателите
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2015
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
w03 1/6 стр. 12-17

„Не бидете во страв и трепет“

„Не бидете во страв и трепет . . . Јехова ќе биде со вас“ (2. ЛЕТОПИСИ 20:17, NW).

1. Како влијае тероризмот врз луѓето, и зошто нивниот страв е разбирлив?

ТЕРОРИЗАМ! Самиот збор влева страв во срцето, предизвикувајќи чувства на несигурност и беспомошност. Буди измешани чувства на ужас, болка и гнев. Исто така, тој збор го опишува и она што многумина се плашат дека ќе го измачува човештвото во претстојните години. Тоа што некои земји постигнале само ограничен успех во борбата што со децении ја водат против најразличните облици на тероризам му дава основа на таквиот страв.

2. Како реагираат Јеховините сведоци на проблемот со тероризмот, и до кои прашања води тоа?

2 Сепак, има една вистинска причина за надеж. Кај Јеховините сведоци, кои активно проповедаат во 234 земји и подрачја во светот, постои извонреден оптимизам. Наместо да се плашат дека тероризмот никогаш нема да биде отстранет, тие се уверени дека такво нешто ќе се случи — и тоа наскоро. Дали е реално да се дели нивниот оптимизам? Кој би можел да успее да го ослободи светот од ова зло, и како би можело да се случи тоа? Бидејќи секој од нас веројатно бил засегнат од некаков облик на насилство, би било добро да ја испитаме основата за таквиот оптимизам.

3. Кои причини за страв постојат, и што е претскажано во врска со нашево време?

3 Денес, луѓето се во страв и трепет од најразлични причини. Помисли само на многуте луѓе што повеќе не можат да се грижат за себе поради старост, на лицата што пропаѓаат од неизлечливи болести, како и на семејствата што се борат со финансиски проблеми и едвај врзуваат крај со крај. Размисли и за тоа колку е несигурен и самиот живот! Можеби изгледа дека ненадејна смрт во сообраќајна несреќа или во катастрофа демне зад секој агол, спремна да стави крај на сѐ што ни значи. Таквиот страв и тегобна загриженост, заедно со личните конфликти и разочарувања, го направиле нашево време токму онакво какво што го опишал апостол Павле: „Ова знај го дека во последните денови ќе настанат критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај. Зашто луѓето ќе бидат себељубиви . . . без природна наклоност, непристапни за каков и да е договор, клеветници, без самосовладување, свирепи, без љубов кон доброта“ (2. Тимотеј 3:1—3).

4. Кој позитивен аспект го содржи мрачната слика прикажана во 2. Тимотеј 3:1—3?

4 Иако овие стихови даваат една мрачна слика, тие сепак даваат и надеж. Забележи дека критичните времиња ќе постојат „во последните денови“ на Сатановиот сегашен злобен систем на работи. Тоа значи дека се ближи олеснување и дека злобниот светски систем наскоро ќе биде заменет со владата на совршеното Божје Царство, за кое Исус ги поучил своите следбеници да се молат (Матеј 6:9, 10). Тоа Царство е Божјата небесна влада која „никогаш нема да пропадне“, вели пророкот Даниел, туку „ќе ги разбие и ќе ги уништи сите оние [човечки] царства, а самото ќе стои довека“ (Даниел 2:44).

Христијанската неутралност наспроти тероризмот

5. Како реагираа нациите неодамна на заканата од тероризам?

5 Низ децениите, тероризмот одзел илјадници животи. Во целиот свет, свесноста за оваа опасност значително се зголеми по нападите во Њујорк Сити и Вашингтон (Д.К.), на 11 септември 2001. Со оглед на големината и глобалните размери на тероризмот, нациите во целиот свет брзо се здружија за да се борат против него. На пример, на 4 декември 2001, според извештаите во медиумите, „министри за надворешни работи од 55 земји од Европа, Северна Америка и централна Азија едногласно усвоија еден план“ наменет за да ги координираат своите напори. Еден американски претставник од највисокиот врв ја пофали оваа акција велејќи дека таа им дала „нов елан“ на напорите во борбата против тероризмот. Одеднаш, стотици милиони луѓе беа фатени во она што The New York Times Magazine го нарекол „почеток на една епска битка“. Останува да се види колку ќе бидат успешни тие напори. Меѓутоа, последиците од таквата војна против теророт побудуваат чувства на страв и вознемиреност кај многу луѓе, но не и кај оние што имаат доверба во Јехова.

6. а) Зошто на некои понекогаш им е тешко да го прифатат ставот на христијанска неутралност што го заземаат Јеховините сведоци? б) Каков пример во врска со политичката активност им дал Исус на своите следбеници?

6 Јеховините сведоци се добро познати по својата политичка неутралност. Иако повеќето луѓе можеби ќе бидат спремни да го прифатат ваквиот став во време на мир, тие стануваат понетолерантни кога ќе се појават исклучителни околности. Честопати, стравот и несигурноста што ги носи војната раѓаат силни чувства на национализам. Поради тоа, на некои може да им биде тешко да сфатат зошто некој не би сакал да им даде поддршка на популарните национални движења. Сепак, вистинските христијани знаат дека мораат да бидат послушни на Исусовата заповед ‚да не бидат дел од светот‘ (Јован 15:19; 17:14—16; 18:36; Јаков 4:4). Тоа налага тие да задржат неутралност во политички и во општествени прашања. Самиот Исус дал исправен пример. Со оглед на неговата совршена мудрост и извонредни способности, тој можел многу да придонесе да се подобрат работите во општеството во негово време. Сепак, не сакал да се вмеша во политика. Во почетокот на својата служба одлучно ја одбил понудата на Сатана да владее над сите царства во светот. Подоцна, решително избегнал да биде избран за некоја политичка функција (Матеј 4:8—10; Јован 6:14, 15).

7, 8. а) Што не значи политичката неутралност на Јеховините сведоци, и зошто? б) На кој начин Римјаните 13:1, 2 исклучува учество во насилнички активности против владите?

7 Поради неутралниот став што го заземаат Јеховините сведоци, не треба погрешно да се сфати дека тие ги поддржуваат или преминуваат преку делата на насилство. Кога би било така, тоа би значело дека го побиваат своето тврдење дека се слуги на „Богот на љубовта и на мирот“ (2. Коринќаните 13:11). Тие научиле што чувствува Јехова кон насилството. Псалмистот напишал: „Господ ги испитува: праведниот и неправедниот, од дното на душата го мрази силникот“ (Псалм 11:5). Исто така, знаат што му рекол Исус на апостол Петар: „Врати го својот меч на неговото место, зашто сите кои се фаќаат за меч, од меч и ќе погинат“ (Матеј 26:52).

8 Иако историјата јасно покажува дека лажните христијани честопати користеле „меч“, тоа не е случај и со Јеховините сведоци. Тие не учествуваат во никаква активност од тој вид. Сведоците верно ја слушаат наредбата од Римјаните 13:1, 2: „Секоја душа нека им биде подложна на вишите власти [државните владетели], зашто нема власт освен од Бог; а постојните власти се поставени од Бог на своите релативни положби. Затоа, оној кој се спротивставува на власта, зазел став против Божјето уредување; а оние кои зазеле став против него, ќе примат осуда на себеси“.

9. На кои два начина Јеховините сведоци се борат против тероризмот?

9 Меѓутоа, бидејќи тероризмот е такво зло, зарем Јеховините сведоци не треба да сторат нешто за да помогнат во борбата против него? Да, треба, и тие го прават тоа. Како прво, тие самите не учествуваат во такви активности. Второ, ги поучуваат луѓето за христијанските начела кои, кога се следат, го отстрануваат насилството во сите негови облици.a Минатата година Сведоците поминале 1.202.381.302 часа помагајќи им на луѓето да го научат тој христијански начин на живот. Тоа не било напразно потрошено време, бидејќи како резултат на оваа активност се крстиле 265.469 лица како Сведоци на Јехова, јавно покажувајќи дека категорично го отфрлаат насилството.

10. Какви се изгледите да биде збришано насилството во денешниов свет?

10 Освен тоа, Јеховините сведоци признаваат дека самите тие никогаш нема да можат да го ослободат светот од злото. Затоа ја положуваат својата безусловна доверба во оној што може да го стори тоа — Јехова Бог (Псалм 83:18, NW). И покрај искрените напори, луѓето не можат да му стават крај на насилството. Инспирираниот библиски писател однапред нѐ предупредува за нашево време, „последните денови“, и вели: „Злите луѓе и измамниците ќе напредуваат од лошо на полошо, заведувајќи и бидувајќи заведени“ (2. Тимотеј 3:1, 13). Гледано од оваа гледна точка, луѓето имаат многу слаби изгледи да ја добијат битката против злото. Од друга страна, пак, можеме да имаме доверба во Јехова дека потполно и трајно ќе го отстрани насилството (Псалм 37:1, 2, 9—11; Пословици 24:19, 20; Исаија 60:18).

Бестрашни и покрај претстојниот напад

11. Кои чекори веќе ги презел Јехова за да го отстрани насилството?

11 Бидејќи Богот на мирот го мрази насилството, можеме да сфатиме зошто презел чекори да биде уништена неговата коренска причина, Сатана Ѓаволот. Всушност, Тој веќе предизвикал Сатана да претрпи понижувачки пораз од рацете на архангел Михаел — Божјиот нововостоличен Цар, Исус Христос. Библијата го опишува ова на следниов начин: „Избувна војна на небото: Михаел и неговите ангели се бореа против змејот, и змејот се бореше заедно со своите ангели, но не надвладеа ниту, пак, за нив повеќе се најде место на небото. И беше исфрлен долу големиот змеј, празмијата, кој се вика Ѓавол и Сатана, кој ја заведува целата населена земја; беше исфрлен долу на земјата, и неговите ангели беа исфрлени со него“ (Откровение 12:7—9).

12, 13. а) Што е значајно во врска со 1914 година? б) Што претскажува пророштвото на Езекиел за оние што го поддржуваат Божјето Царство?

12 Библиската хронологија и настаните во светот се совпаѓаат прецизно укажувајќи на 1914 година како на време кога се случила таа војна на небото. Оттогаш условите во светот постојано се влошуваат. Откровение 12:12 објаснува зошто, велејќи: „Затоа веселете се небеса и вие кои престојувате на нив! Тешко на земјата и на морето, зашто Ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, знаејќи дека има кратко време“.

13 Разбирливо, гневот на Ѓаволот е насочен првенствено против Божјите помазани обожаватели и нивните придружници, ‚другите овци‘ (Јован 10:16; Откровение 12:17). Наскоро ваквото противење ќе достигне кулминација кога Ѓаволот ќе започне силен напад врз сите оние што го поддржуваат Божјето воспоставено Царство и што ја полагаат својата доверба во него. Во Езекиел 38. поглавје, овој одлучен напад со сите сили е наречен напад на ‚Гог од земјата Магог‘.

14. Какви заштитнички напори биле вложени во корист на Јеховините сведоци во минатото, и дали секогаш ќе биде така?

14 Откако Сатана бил истеран од небото, Божјиот народ понекогаш бил заштитуван од Сатановите напади благодарение на напорите на извесни политички елементи, опишани со симболичен јазик во Откровение 12:15, 16. Но, Библијата покажува дека за време на последниот напад на Сатана, ниеден човечки застапник нема да им дојде на помош на оние што ја полагаат својата доверба во Јехова. Дали ова треба да биде причина христијаните да бидат во страв и трепет? Никако!

15, 16. а) Каква причина за оптимизам им даваат на христијаните денес Јеховините утешни зборови до неговиот народ во времето на Јосафат? б) Каков пример им даваат Јосафат и народот на Божјите слуги денес?

15 Бог ќе го поддржи својот народ исто толку сигурно како што ја поддржал својата нација-претслика во времето на цар Јосафат. Читаме: „Внимавај, цела Јудо, жители на Ерусалим и ти цару Јосафате! Еве што ви рече Јехова: ‚Не бидете во страв и трепет од ова големо мноштво, бидејќи битката не е ваша туку Божја . . . Во овој случај, нема потреба вие да се борите. Заземете положба, стојте мирно и гледајте го спасението од Јехова во ваша полза. О Јудо и Ерусалиме, не бидете во страв и трепет! Утре излезете против нив и Јехова ќе биде со вас“ (2. Летописи 20:15—17, NW).

16 Народот во Јуда бил уверен дека нема да мора да се бори. Слично на тоа, кога Божјиот народ ќе биде нападнат од Гог од Магог, тој нема да земе оружје во самоодбрана. Наместо тоа, ќе ‚стои мирно и ќе го гледа спасението од Јехова‘. Се разбира, да се стои мирно не значи целосна неактивност, исто како што Божјиот народ во деновите на Јосафат не требало да биде сосема неактивен. Читаме: „Тогаш Јосафат падна ничкум на земјата, и сите Јудејци и Ерусалимци паднаа пред Господа за да Му се поклонат . . . Потоа [Јосафат] се посоветува со народот и ги постави Господовите пејачи и фалители, кои ќе ја слават неговата светост и ќе одат пред вооружените чети и ќе пеат: ‚Славете Го Господа зашто е вечна неговата љубов!‘ “ (2. Летописи 20:18—21). Да, дури и кога бил соочен со непријателски напад, народот продолжил активно да го фали Јехова. Ова е пример што Јеховините сведоци треба да го следат кога Гог ќе го започне својот напад против нив.

17, 18. а) Каков позитивен став имаат Јеховините сведоци денес во врска со нападот на Гог? б) Кое потсетување им беше дадено неодамна на христијанските млади?

17 Дотогаш — па дури и откако ќе започне нападот на Гог — Јеховините сведоци ќе продолжат да го поддржуваат Божјето Царство. И понатаму ќе наоѓаат сила и заштита во поврзаност со повеќе од 94.600 собранија во целиот свет (Исаија 26:20). Колку само поволно време е храбро да се фали Јехова! Секако, тоа што Сведоците живеат во исчекување на претстојниот напад на Гог не е причина да се повлечат од страв. Напротив, тоа ги поттикнува да ја зголемат својата жртва на фалба онолку колку што можат (Псалм 146:2).

18 Ваквиот позитивен став добро го покажуваат илјадници млади низ целиот свет што започнале со полновремена служба. За да се нагласи дека е најдобро да се избере ваков животен правец, на обласните конгреси во 2002 беше издаден трактатот Млади — што ќе правите со својот живот? Христијаните, и млади и стари, се благодарни за таквите навремени потсетувања (Псалм 119:14, 24, 99, 119, 129, 146).

19, 20. а) Зошто христијаните немаат причина да бидат во страв и трепет? б) Што ќе направи следната студиска статија?

19 И покрај условите во светот, христијаните не треба да бидат во страв и трепет. Тие знаат дека наскоро Јеховиното Царство еднаш засекогаш ќе го збрише насилството во сите негови облици. Исто така, наоѓаат утеха во сознанието дека со воскресение ќе бидат вратени во живот многу од оние што го изгубиле животот поради насилство. Додека на некои тоа за првпат ќе им даде прилика да го запознаат Јехова, на други ќе им овозможи да продолжат во својот правец на оддадена служба (Дела 24:15).

20 Како вистински христијани, сфаќаме дека е потребно да задржиме христијанска неутралност и решени сме да го правиме тоа. Сакаме да го задржиме прекрасниот изглед да можеме да ‚стоиме мирно и да го гледаме спасението од Јехова‘. Следната статија ќе ја зајакне нашата вера така што ќе нѐ направи свесни за денешните настани кои постепено даваат натамошен увид во исполнувањето на библиските пророштва.

[Фуснота]

a За примери на поединци што напуштиле живот на насилство за да станат Сведоци, види ги изданијата на Разбудете се! од 8 март 2000, 18. страница; 8 април 2003, 26. страница, и Стражарска кула од 1 јануари 1996, 5. страница; 1 август 1998, 5. страница.

Можеш ли да објасниш?

• Зошто многу луѓе денес се толку песимистични?

• Зошто Јеховините сведоци се оптимистични во поглед на иднината?

• Што направил веќе Јехова во врска со причината за сето насилство?

• Зошто нема причина да се плашиме од нападот на Гог?

[Слика на страница 13]

Исус дал исправен пример на христијанска неутралност

[Слики на страница 16]

Илјадници млади Сведоци радосно започнале со полновремена служба

[Извор на слика на страница 12]

ФОТОГРАФИЈА НА ОН 186226/M. Grafman

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели