Ослободен од оковите на омразата
РАСКАЖАЛ ХОЗЕ ГОМЕЗ
РОДЕН СУМ на 8 септември 1964, во Роњак, мало гратче во јужна Франција. Моите родители, како и бабите и дедовците, беа андалузиски Роми родени во Алжир и Мароко (Северна Африка). Како што е вообичаено за културата на Ромите, нашата поширока фамилија беше многу голема.
Татко ми беше насилен човек, и некои од моите најрани сеќавања се слики од тоа како ја тепа мајка ми. На крајот, мајка ми се одлучи на развод — нешто што се случува ретко кај Ромите. Брат ми, сестра ми и мене нѐ одведе во Белгија, каде што живеевме спокојно следните 8 години.
Меѓутоа, работите се променија. Како деца, сакавме да го видиме татко ни, па така мајка ми нѐ одведе во Франција и почна повторно да живее со татко ми. Тоа што повторно живеевме со него донесе предизвици за мене. Во Белгија, секаде одевме заедно со мајка ми. Но, според фамилијата од страната на татко ми, мажите требаше да се дружат само со мажи. Според нивниот „мачо“ менталитет, мажите имаат само права, а жените имаат само должности. На пример, еден ден, кога сакав да ѝ помогнам на тетка ми да ја раскрене масата по ручекот, чичко ми ме обвини дека сум хомосексуалец. Во неговата фамилија, миењето садови беше строго женска работа. Малку по малку, ова неурамнотежено размислување се пренесе и на мене.
По кратко време, мајка ми повторно стана жртва на насилничкиот нарав на татко ми. Кога неколку пати се обидовме да се вмешаме, брат ми и јас моравме да бегаме низ прозорецот за да ги избегнеме ударите на татко ми. Не беше поштедена ниту сестра ми. Затоа, останував надвор од дома колку што можев подолго. На возраст од 15 години, не знаев што да правам во животот.
По некое време станав познат по мојот насилнички нарав. Уживав да важам за силеџија. Понекогаш намерно ги предизвикував другите млади, но многу малку од нив се осмелуваа да ми се спротивстават — особено затоа што честопати со себе носев нож или синџир. Наскоро почнав да крадам автомобили и да ги продавам. Понекогаш само ќе ги запалев и уживав да гледам како пожарникарите ги гаснат пламењата. Подоцна почнав да провалувам во продавници и магацини. Бев апсен неколку пати. Секојпат го молев Бог за помош!
Да, верував во Бог. Додека бевме во Белгија, одев во верско училиште. Затоа знаев дека она што го правам е лошо. Сепак, мојата вера во Бог воопшто не влијаеше врз моето однесување. Мислев дека само треба да се помолам, и ќе ми бидат простени гревовите.
Во 1984, бев осуден на 11 месеци затвор поради кражба. Ме испратија во затворот Бомет, во Марсеј. Таму се истетовирав на различни места од телото. На едно место имав истетовирано „омраза и одмазда“. Не само што затворот не ме поправи туку дозволив тој да ја продлабочи мојата омраза кон авторитетот и кон општеството воопшто. Кога ме пуштија, откако одлежав само три месеци, бев исполнет со поголема омраза од кога и да е порано. Потоа, една трагедија го промени текот на мојот живот.
Одмаздата ми станува цел
Мојата фамилија имаше расправија со една друга ромска фамилија. Со чичковците одлучивме да се соочиме со нив за да ја решиме таа работа. Двете фамилии беа вооружени. Во караницата до која дојде, беа застрелани чичко ми Пјер и еден братучед. Толку бев избезумен што стоев на улица со пиштол в рака и викав во напад на бес. На крајот едниот чичко сосила ми го истргна пиштолот.
По загубата на чичко Пјер, кој ми беше како татко, бев скршен од болка. Го оплакував според ромскиот обичај. Со денови не се бричев и не јадев месо. Не сакав да гледам телевизија ниту да слушам музика. Се заколнав дека ќе се одмаздам за неговата смрт. Но, роднините ме спречија да набавам пиштол.
Во август 1984 бев примен во воена служба. На возраст од 20 години се пријавив во мировните сили на Обединетите нации во Либан. Го прифатив ризикот да убијам или да бидам убиен. Во тоа време многу пушев хашиш. Освен тоа што со оваа дрога се чувствував добро, таа ми даваше и чувство дека никој ништо не ми може.
Беше лесно да се набави оружје во Либан, па затоа одлучив да испратам во Франција за да си го реализирам планот да се одмаздам за чичко ми. Од мештаните купив два пиштола и муниција. Ги расклопив, ги сокрив во две радија и ги испратив дома.
Само две седмици пред да ми заврши воената служба, заедно со тројца другари излегов без дозвола. Кога се вративме во бараките, нѐ затворија. Додека бев в затвор се разбеснив и нападнав еден чувар. Не можев да си замислам да ме омаловажува еден пејо — човек што не е Ром. Следниот ден, повторно се степав, овој пат со еден офицер. За преостанатиот дел од мојата воена служба ме пратија во затворот Монтлук, во Лион.
Наоѓам слобода — в затвор
Првиот ден во затворот Монтлук срдечно ме поздрави еден пријатен млад човек. Дознав дека е Јеховин сведок и дека тој и другите од неговата вера беа в затвор само затоа што не земале оружје. Ова ме зачуди. Сакав да дознаам нешто повеќе.
Видов дека Јеховините сведоци имаат вистинска љубов кон Бог, а нивните високи морални мерила ме импресионираа. Сепак, имав многу прашања. Особено сакав да знам дали мртвите можат да комуницираат со живите преку сонови — нешто во кое веруваат многу Роми. Еден сведок по име Жан-Пол се понуди да ја проучува Библијата со мене со помош на книгата Ти можеш засекогаш да живееш во Рајот на Земјата.a
Ја „проголтав“ книгата за една ноќ и она што го прочитав ме допре до срце. Овде, во затворот, пронајдов вистинска слобода! Кога конечно ме пуштија од затвор, се вратив дома со воз, а торбата ми беше полна со библиски публикации.
За да стапам во контакт со Сведоците во мојот крај, отидов во Салата на Царството во Мартиг. Продолжив да ја проучувам Библијата, овој пат со еден млад полновремен министер по име Ерик. За неколку дена престанав да пушам и престанав да се гледам со поранешните ортаци. Бев одлучен да постапувам во склад со Пословици 27:11, каде што стои: „Биди мудар, сине мој, и зарадувај ми го срцето, за да можам да му одговорам на оној, кој ме укорува“. Во Јехова најдов Татко полн со љубов кому сакав да му угодам.
Предизвикот да се променам
Не ми беше лесно да ги спроведам на дело христијанските начела. На пример, повторно почнав да земам дрога и тоа траеше неколку седмици. Но, најтежок предизвик ми беше да се ослободам од желбата за одмазда. Ерик не знаеше дека секогаш носев пиштол и дека сѐ уште активно кроев планови да им се одмаздам на оние што го убија чичко ми. По цели ноќи се обидував да ги најдам.
Кога му кажав на Ерик за ова, тој отворено ми објасни дека нема да можам да воспоставам добар однос со Бог додека носам оружје и додека настојувам да се одмаздам. Морав да изберам. Длабоко размислував за опомената на Павле што се наоѓа во Римјаните 12:19: „Не одмаздувајте се самите, љубени, туку дајте му место на гневот“. Тој стих и горливите молитви ми помогнаа да ги контролирам своите чувства (Псалм 55:22). На крајот, се ослободив од оружјето. На 26 декември 1986, откако ја проучував Библијата една година, го симболизирав моето предание на Јехова Бог со крштавање во вода.
Мојата фамилија се оѕвива
Промените што ги направив во моето однесување ги поттикнаа моите родители да ја проучуваат Библијата. Повторно се венчаа, и мајка ми се крсти во јули 1989. Со текот на времето уште неколку мои роднини се оѕваа на библиската порака и станаа Јеховини сведоци.
Во август 1988 одлучив да станам полновремен министер. Потоа се вљубив во Катја, една млада сестра од моето собрание. Се венчавме на 10 јуни 1989. Првата година од нашиот брак не беше лесна бидејќи сѐ уште морав да правам промени во мојот став кон жените. Ми беше тешко да ги применам зборовите од 1. Петрово 3:7, кои ги охрабруваат сопрузите да им оддаваат чест на своите жени. Постојано морав да се молам за сила да ја проголтам гордоста и да си го променам размислувањето. Малку по малку, работите се подобрија.
Смртта на чичко ми сѐ уште ми задава голема болка и понекогаш не можам да ги задржам солзите кога ќе помислам на него. Се борам со силни емоции што ми се јавуваат кога ќе се сетам на неговото убиство. Со години, дури и откако се крстив, се плашев од случајна средба со членовите на семејството со кое бевме во крвна одмазда. Што ќе направам ако ме нападнат? Како ќе реагирам? Дали ќе надвладее мојата стара личност?
Еден ден одржав јавно предавање во едно соседно собрание. Таму ја видов Пепа, роднина на луѓето што го убија чичко ми. Признавам дека средбата со неа ја испита до срж мојата христијанска личност. Но, успеав да ги совладам моите чувства. Подоцна, на денот кога се крсти Пепа, ја прегрнав и ѝ честитав на нејзината одлука да му служи на Јехова. И покрај сѐ што се случи, ја прифатив како моја духовна сестра.
Секојдневно му се заблагодарувам на Јехова што ми помогна да се ослободам од оковите на омразата. Каде ќе бев денес да не беше Јеховината милост? Благодарение на него се радувам на среќен семеен живот. Исто така, имам надеж за иднината — надеж за еден нов свет без омраза и насилство. Да, имам безусловна доверба дека ќе се исполни Божјето ветување: „Секој ќе седи мирно под виновата лоза, и под својата смоква, и никој не ќе го плаши. Тоа го рече устата на Господ над Војските“ (Михеј 4:4).
[Фуснота]
a Објавена од Јеховините сведоци.
[Слика на страница 27]
Со мировните сили на ОН во Либан, 1985
[Слика на страница 28]
Со Катја и моите синови, Тимео и Пјер