Како треба да гледаме на луѓето додека се приближува Јеховиниот ден?
„Јехова не е бавен во врска со своето ветување . . . туку е стрплив со вас бидејќи не сака никој да биде уништен, туку сака сите да дојдат до покајание“ (2. ПЕТРОВО 3:9).
1, 2. а) Како гледа Јехова на луѓето денес? б) Кои прашања можеме да си ги поставиме?
ЈЕХОВИНИТЕ слуги имаат налог ‚да прават ученици од луѓето од сите нации‘ (Матеј 28:19). Додека ја исполнуваме оваа задача и го чекаме „големиот ден на Јехова“, треба да гледаме на луѓето онака како што гледа тој (Софонија 1:14, NW). А како гледа тој? Апостол Петар вели: „Јехова не е бавен во врска со своето ветување, како што некои тоа го сметаат за бавност, туку е стрплив со вас бидејќи не сака никој да биде уништен, туку сака сите да дојдат до покајание“ (2. Петрово 3:9). Бог гледа на луѓето како на поединци што можат да дојдат до покајание. Негова „волја е сите видови луѓе да се спасат и да дојдат до точно спознание на вистината“ (1. Тимотеј 2:4). Јехова дури и се радува кога ‚безбожникот се одвратува од својот лош пат и живее‘! (Езекиел 33:11).
2 Дали ние лично гледаме на луѓето онака како што гледа Јехова? Исто како него, дали ги сметаме поединците од сите раси и нации за потенцијални „овци на Неговото пасиште“? (Псалм 100:3; Дела 10:34, 35). Да разгледаме два примера што ни покажуваат колку е важно да го имаме Божјето гледиште. Во двата случаја претстоело скоро уништување, а Јеховините слуги однапред знаеле за тоа. Овие примери се особено значајни додека го чекаме големиот Јеховин ден.
Авраам го имал Јеховиното гледиште
3. Какво било Јеховиното гледиште за жителите на Содом и Гомора?
3 Во првиот пример станува збор за верниот патријарх Авраам и за злобните градови Содом и Гомора. Кога Јехова ја чул ‚викотницата против Содом и Гомора‘, не ги уништил веднаш тие градови и сите нивни жители. Прво ја испитал работата (Битие 18:20, 21). Во Содом биле испратени два ангела, кои отседнале во домот на праведниот човек Лот. Ноќта кога дошле ангелите, ‚жителите на градот . . . млади и стари, целиот народ до последниот човек, ја опкружиле куќата‘ бидејќи сакале да имаат хомосексуални односи со ангелите. Јасно, расипаноста на жителите на тој град била доказ дека заслужувал да биде уништен. Сепак, ангелите му рекле на Лот: „Кого имаш уште тука: синови и ќерки, сѐ што имаш, изведи ги од местово!“ Јехова отворил пат да се спасат некои жители на тој град, но на крајот, уништувањето го избегнале само Лот и неговите две ќерки (Битие 19:4, 5, 12, 16, 23—26).
4, 5. Зошто Авраам се молел за жителите на Содом, и дали неговото гледиште за луѓето било во склад со Јеховиното гледиште?
4 А сега, да се вратиме во времето кога Јехова ја открил својата намера да ја провери состојбата на градовите Содом и Гомора. Токму во оваа прилика Авраам молел: „Можеби има педесет праведници во градот. Зар ќе го уништиш местото и нема да го поштедиш заради педесетте невини, кои се таму? Далеку да е од Тебе [Незамисливо е, NW] тоа да го погубиш невиниот со виновниот, така што и праведниот и нечесниот да поминат исто! Зар ни Судијата на целиот свет нема да суди праведно?“ Авраам го употребил изразот „незамисливо е“. Од лично искуство, Авраам знаел дека Јехова нема да го уништи праведниот заедно со злобниот. Кога Јехова рекол дека нема да го уништи Содом ако има „педесет праведници во градот“, Авраам постепено го намалувал бројот сѐ додека не дошол до само десет (Битие 18:22—33).
5 Дали Јехова ќе ги послушал молбите на Авраам ако не биле во склад со неговото гледиште? Секако дека не. Како „пријател на Јехова“, Авраам очигледно го знаел и самиот го имал гледиштето на Јехова (Јаков 2:23). Кога Јехова го свртел вниманието кон Содом и Гомора, тој бил спремен да ги земе предвид молбите на Авраам. Зошто? Затоа што нашиот небесен Татко „не сака никој да биде уништен, туку сака сите да дојдат до покајание“.
Јона и неговото гледиште за луѓето — чиста спротивност
6. Како реагирале нинивијците на објавата на Јона?
6 Сега да го разгледаме вториот пример — примерот на Јона. Во овој случај Нинивија бил градот што бил одреден за уништување. На пророкот Јона му било речено да објави дека злобата на тој град ‚се воздигнала пред Јеховиното лице‘ (Јона 1:2). Заедно со предградијата, Нинивија бил голем град, „три дни одење“. Кога Јона конечно послушал и влегол во Нинивија, почнал да објавува: „Уште четириесет денови, и Нинивија ќе биде уништена“. На тоа, „нинивијците поверуваа во Бога; огласија пост и се облекоа во вреќишта“. Се покајал дури и царот на Нинивија (Јона 3:1—6).
7. Како гледал Јехова на покајничкиот став на нинивијците?
7 Колкава само разлика од начинот на кој реагирале луѓето во Содом! Како гледал Јехова на покајничките нинивијци? Во Јона 3:10 стои: „Господ се сожали [зажали, NW] заради несреќата со која им се беше заканил да ја направи, и не ја направи“. Јехова ‚зажалил‘ во таа смисла што го променил начинот на постапување со нинивијците затоа што тие ги промениле своите патишта. Божјите мерила не се промениле, но Јехова ја променил својата одлука кога видел дека нинивијците се каат (Малахија 3:6).
8. Зошто Јона се смрштил?
8 Кога Јона сфатил дека Нинивија нема да биде уништена, дали гледал на работите од Јеховина гледна точка? Не, затоа што ни е речено: „На Јона му беше многу криво, и се налути“. Што друго направил Јона? Извештајот вели: „Му се помоли на Господа и рече: ‚О, Господи, не го зборував ли тоа уште додека бев во својата земја? Затоа сакав да избегам во Тарсис; зашто знаев дека Ти си милостив и добар Бог, спор на гнев и богат со милосрдие, и дека се сожалуваш над несреќата‘“ (Јона 4:1, 2). Јона знаел какви особини има Јехова. Меѓутоа, во таа прилика пророкот се смрштил и не го делел Божјето гледиште за покајничките жители на Нинивија.
9, 10. а) Каква лекција му дал Јехова на Јона? б) Зошто можеме да претпоставиме дека Јона на крајот го усвоил Јеховиното гледиште за нинивијците?
9 Јона заминал од Нинивија, изградил колиба и седнал под нејзината сенка „додека не види што ќе стане со градот“. Јехова дозволил да израсне една тиква за да му држи сенка на Јона. Меѓутоа, утредента растението се исушило. Кога Јона се разлутил поради тоа, Јехова му рекол: „Тебе ти е жал за тиквата . . . А Мене да не Ми е жал за Нинивија, голем град, во кој има повеќе од сто и дваесет илјади луѓе, кои не знаат да ја разликуваат десната рака од левата, а покрај тоа и многу животни?“ (Јона 4:5—11). Каква само лекција добил Јона во врска со тоа како Јехова гледа на луѓето!
10 Не е запишано како реагирал Јона кога Бог изјавил дека му е жал за луѓето во Нинивија. Сепак, јасно е дека пророкот го променил своето гледиште за покајничките нинивијци. До тој заклучок доаѓаме врз основа на фактот што Јехова го употребил да го запише овој инспириран извештај.
Каков став имаш ти?
11. Како веројатно би гледал Авраам на луѓето што живеат денес?
11 Денес, пред нас стои уште едно уништување — уништувањето на сегашниов злобен систем на работи во текот на големиот Јеховин ден (Лука 17:26—30; Галатите 1:4; 2. Петрово 3:10). Како би гледал Авраам на луѓето што живеат во овој свет кој наскоро ќе биде уништен? Најверојатно би бил загрижен за оние што сѐ уште не ја чуле ‚добрата вест за царството‘ (Матеј 24:14). Авраам постојано го молел Бог за можните праведници во Содом. Дали ние лично сме загрижени за луѓето што би ги отфрлиле патиштата на овој свет што е под власта на Сатана кога би им се дала прилика да се покаат и да му служат на Бог? (1. Јованово 5:19; Откровение 18:2—4).
12. Зошто е лесно да стекнеме став сличен на ставот на Јона кон луѓето што ги сретнуваме во службата, и што можеме да сториме во врска со тоа?
12 Исправно е да копнееме да дојде крајот на злобата (Хабакук 1:2, 3). Сепак, лесно е да развиеме став како ставот на Јона, да бидеме незаинтересирани за доброто на луѓето што можеби ќе се покаат. Ова би можело да биде случај особено ако постојано сретнуваме луѓе што се апатични, непријателски настроени, па дури и агресивни кога одиме во нивните домови носејќи им ја пораката за Царството. Би можеле да ги изгубиме од вид оние што Јехова допрва ќе ги собере од овој злобен систем на работи (Римјаните 2:4). Ако по едно сериозно самоиспитување откриеме дека дури и само во мала мера нашиот став е сличен на ставот што во почетокот го имал Јона кон нинивијците, можеме да се молиме за помош да го усогласиме нашето гледиште со гледиштето на Јехова.
13. Зошто можеме да речеме дека Јехова е заинтересиран за луѓето денес?
13 Јехова е заинтересиран за оние што сѐ уште не му служат и ги слуша молбите на својот предаден народ (Матеј 10:11). На пример, тој ќе „предизвика да им се изврши правда“ како одговор на нивните молитви (Лука 18:7, 8). Освен тоа, Јехова ќе ги исполни сите свои ветувања и намери во свое време (Хабакук 2:3). Ова ќе вклучува отстранување на сето зло од земјата, исто како што ја уништил и Нинивија откако нејзините жители повторно западнале во зло (Наум 3:5—7).
14. Што треба да правиме додека го чекаме големиот Јеховин ден?
14 Додека не дојде времето кога овој злобен систем ќе биде отстранет во текот на големиот Јеховин ден, дали стрпливо ќе чекаме, зафатени во извршувањето на неговата волја? Не ги знаеме деталите во врска со тоа до кој обем уште треба да се изврши проповедничкото дело пред да дојде Јеховиниот ден, но знаеме дека пред да дојде крајот, добрата вест за Царството ќе се проповеда по целата населена земја сѐ додека не биде задоволен Бог. И сигурно треба да бидеме заинтересирани за „пожелните работи“ што допрва ќе бидат донесени додека Јехова продолжува да го полни својот дом со слава (Агеј 2:7, NW).
Нашето гледиште се гледа од нашите постапки
15. Како можеме повеќе да ја сфатиме потребата од проповедничкото дело?
15 Можеби живееме во место каде што проповедничкото дело не наидува на добар прием, а не сме во состојба да се преселиме онаму каде што има поголема потреба од објавители на Царството. Да речеме дека, пред да дојде крајот, на нашето подрачје можат да се најдат десет души. Дали сметаме дека вреди да ги бараме тие десет души? Исус ‚се сожалил‘ на мноштвата ‚бидејќи биле одрани и расеани како овци без пастир‘ (Матеј 9:36). Тоа што ќе ја проучуваме Библијата и внимателното ќе ги читаме статиите во Стражарска кула и Разбудете се! може да ни даде поголем увид во тешката состојба во која се наоѓа овој свет. Како резултат на тоа, ќе можеме повеќе да ја сфатиме потребата да ја проповедаме добрата вест. Освен тоа, ако со ценење го користиме библискиот материјал што ни го обезбедува „верниот и разборит роб“, можеме да станеме поубедливи на често обработувано подрачје (Матеј 24:45—47; 2. Тимотеј 3:14—17).
16. Како можеме да бидеме поделотворни во службата?
16 Нашата грижа за оние што можеби допрва ќе се оѕвијат на животодавната порака од Библијата нѐ поттикнува да размислуваме за различни временски термини и начини да им пристапуваме на станарите додека сме во служба. Дали гледаме дека многу луѓе не се дома кога одиме кај нив? Ако е така, можеби ќе можеме да ја зголемиме делотворноста на нашата служба ако ги смениме термините и местата на нашата активност на сведочење. Рибарите одат на риболов кога можат да фатат риба. Можеме ли и ние да направиме нешто слично во нашето дело на духовно рибарење? (Марко 1:16—18). Зошто не се обидеш со вечерно сведочење и сведочење по телефон, каде што тоа е дозволено со закон? Некои утврдиле дека паркиралиштата, постојките за такси, бензинските пумпи и продавниците се продуктивни ‚места за риболов‘. Покажуваме дека нашиот став кон луѓето е ист како ставот на Авраам и тогаш кога ги искористуваме приликите да сведочиме неформално.
17. На кои начини можеме да ги охрабриме мисионерите и другите што служат во странски земји?
17 Милиони сѐ уште не ја чуле пораката за Царството. Освен тоа што ќе проповедаме, можеме ли да покажеме грижа за тие луѓе дури и без да излеземе од дома? На пример, познаваме ли некои мисионери или полновремени слуги што служат во странство? Ако да, би можеле да им напишеме писма во кои ќе го изразиме нашето ценење за нивното дело. Како би можеле со тоа да покажеме грижа за луѓето воопшто? Писмата со кои ги охрабруваме и ги пофалуваме мисионерите би можеле да ги зајакнат да останат на нивната доделба и на тој начин да им помогнат на уште многу луѓе да ја запознаат вистината (Судии 11:40). Исто така, можеме да се молиме за мисионерите и за луѓето во другите земји што гладуваат за вистината (Ефешаните 6:18—20). Друг начин да покажеме грижа е да даваме парични донации за светското дело на Јеховините сведоци (2. Коринќаните 8:13, 14; 9:6, 7).
Ќе можеш ли да се преселиш?
18. Што направиле некои христијани за да ги унапредат интересите на Царството во земјата каде што живеат?
18 Оние што се преселиле во места каде што има поголема потреба од објавители на Царството биле благословени за нивните самопожртвувани напори. Меѓутоа, иако останале во својата татковина, други Сведоци на Јехова научиле друг јазик за да им дадат духовна помош на имигрантите. Таквите напори навистина биле наградени. На пример, седум Сведоци што му помагале на кинеското население во еден град во Тексас (САД), им изразиле добредојде на 114 лица на прославата на Господовата вечера во 2001. Оние што помагаат во таквите групи гледаат дека нивните полиња се спремни за жетва (Матеј 9:37, 38).
19. Што е препорачливо да направиш ако размислуваш да се преселиш во друга земја за да го унапредуваш делото на проповедање на Царството таму?
19 Можеби ти и твоето семејство сметате дека сте во состојба да се преселите во место каде што има поголема потреба од проповедници на Царството. Се разбира, мудро е најнапред ‚да седнете и да го пресметате трошокот‘ (Лука 14:28). Ова треба да се направи особено ако некој размислува да се пресели во друга земја. Секој што размислува за таквата можност би можел да си ги постави следниве прашања: ‚Ќе можам ли да го издржувам семејството? Ќе добијам ли соодветна виза? Дали веќе го зборувам јазикот на таа земја, а ако не, дали сум спремен да го научам? Дали сум размислувал за климата и за културата? Би можел ли навистина да им бидам „зајакнувачка помош“, а не товар на соверниците во таа земја?‘ (Колошаните 4:10, 11). За да дознаеш колкава е потребата во земјата каде што мислиш да се преселиш, секогаш е на место да пишеш до канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци што го надгледува проповедничкото дело во таа област.a
20. Како еден млад христијанин ја проширил својата служба во корист на соверниците и на другите луѓе во една странска земја?
20 Еден христијанин што учествувал во градбата на Сали на Царството од Јапонија дознал дека има потреба од мајстори за да се изгради место за обожавање во Парагвај. Бидејќи бил неженет и полн со младешка енергија, се преселил во таа земја и работел осум месеци како единствен полновремен работник на проектот. Додека бил таму, научил шпански и водел домашни библиски студии. Видел дека во таа земја имало потреба од објавители на Царството. Иако се вратил во Јапонија, по кратко време повторно заминал за Парагвај и помогнал да се соберат луѓе баш во истата Сала на Царството.
21. За што треба да бидеме првенствено заинтересирани и какво гледиште треба да имаме додека го чекаме големиот Јеховин ден?
21 Бог ќе се погрижи проповедничкото дело целосно да се изврши, во склад со неговата волја. Денес тој ја забрзува последната духовна жетва (Исаија 60:22). Затоа, додека го чекаме Јеховиниот ден, ревносно да учествуваме во делото на жетвата и да гледаме на луѓето онака како што гледа на нив нашиот Бог полн со љубов.
[Фуснота]
a Не е секогаш од помош да се преселиш на своја рака во земја каде што делото на проповедање е забрането или ограничено. Со тоа може дури и да им се наштети на објавителите на Царството што работат претпазливо под такви околности.
Се сеќаваш ли?
• Како треба да гледаме на луѓето додека го чекаме Јеховиниот ден?
• Како гледал Авраам на праведните што можеби живееле во Содом?
• Како гледал Јона на покајничките жители на Нинивија?
• Како можеме да покажеме дека и ние го имаме Јеховиното гледиште за луѓето што сѐ уште не ја чуле добрата вест?
[Слика на страница 16]
Авраам гледал на луѓето онака како што гледа Јехова
[Слика на страница 17]
Јона го стекнал Јеховиното гледиште за покајничките нинивијци
[Слики на страница 18]
Грижата за луѓето нѐ поттикнува да размислуваме за различни временски термини и начини да ја проповедаме добрата вест