ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w03 1/8 стр. 23-27
  • Среќен е оној чиј Бог е Јехова

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Среќен е оној чиј Бог е Јехова
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Контакт со библиската вистина
  • Ја зголемувам мојата служба за Јехова
  • Добив незаслужена љубезност од Јехова
  • Јехова прави да расте на север
  • Назад во Канада
  • „Твојата срдечна љубезност е подобра од животот“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1998
  • Уживам да учам за Јехова и да ги поучувам другите за него
    The Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2022
  • Исправни одлуки што ми донесоа трајни благослови
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2007
  • Патувачките надгледници — соработници во вистината
    Јеховините сведоци обединето ја извршуваат Божјата волја ширум светот
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
w03 1/8 стр. 23-27

Животна приказна

Среќен е оној чиј Бог е Јехова

РАСКАЖАЛ ТОМ ДИДУР

Општинската сала веќе беше изнајмена. На собирот во Поркјупајн Плеинс (Саскачивен, Канада) се очекуваше да има околу 300 присутни. Во средата почна да врне снег и до петокот веќе имаше снежна виулица, а видливоста беше сведена на нула. Температурата падна на минус 40 степени целзиусови. Имаше дваесет и осум присутни, вклучувајќи и неколку деца. Тоа беше мојот прв собир како нов покраински надгледник, а имав само 25 години и многу трема. Пред да ви кажам што се случи, дозволете ми да ви раскажам како дојде до тоа да ја имам таа посебна предност во службата.

ЈАС сум седмо од осумте деца, сите машки. Најстариот е Бил, потоа Метро, Џон, Фред, Мајк и Алекс. Јас сум роден во 1925, а Воли е најмладиот. Живеевме близу градот Јукраина (Манитоба), каде што моите родители, Мајкл и Ана Дидур, имаа мала фарма. Татко ми работеше на одржување на дел од железницата. Бидејќи една барака покрај некоја изолирана железница не беше баш најсоодветно место за да се подига големо семејство, ние останавме на фармата. Поголемиот дел од времето татко ми не беше дома, па мајка ми ја имаше задачата да нѐ воспитува. Одвреме навреме и таа одеше кај него на седмица или повеќе за да се видат, но се погрижи да научиме да готвиме, да месиме леб и да ги извршуваме домашните работи. А бидејќи бевме членови на Грчката католичка црква, како дел од нашето рано воспитување мајка ми нѐ тераше да учиме напамет молитви и да учествуваме во други ритуали.

Контакт со библиската вистина

Мојата силна желба да ја разберам Библијата се распламти уште во младоста. Еден сосед, Јеховин сведок, редовно доаѓаше кај нас за да ни чита делови од Библијата што се однесуваа на Божјето Царство, Армагедон и на благословите на новиот свет. Мајка ми воопшто не беше заинтересирана за она што тој го кажуваше, но пораката им се допадна на Мајк и на Алекс. Всушност, она што го научија ги поттикна да одбијат воена служба како лица со приговор на совеста за време на Втората светска војна. Како резултат на тоа, Мајк беше осуден на кратка затворска казна, а Алекс беше испратен во работен логор во Онтарио. Со текот на времето, и Фред и Воли ја прифатија вистината. Меѓутоа, моите тројца најстари браќа не ја прифатија. Долги години, мајка ми дури и се противеше на вистината, но подоцна нѐ изненади сите со тоа што зазеде став за Јехова. Се крсти на 83 години. Имаше 96 кога почина. И татко ми реагираше поволно на вистината пред да почине.

На 17 години отидов во Винипег да барам работа и да се поврзам со оние што би можеле да ми помогнат да ја проучувам Библијата. Во тоа време Јеховините сведоци беа под забрана, но состаноците се одржуваа редовно. Првиот состанок на кој присуствував беше во еден приватен дом. Бидејќи бев воспитан во Грчката католичка вера, она што го чув во почетокот ми звучеше чудно. Меѓутоа, малку по малку, сфатив зошто подготовката за свештеници и лаици не е библиска и зошто Бог не одобрува кога свештенството ја благословува војната (Исаија 2:4; Матеј 23:8—10; Римјаните 12:17, 18). Ми изгледаше попрактично и поразумно да се живее во Рај на земјата отколку да се оди на некое далечно место за цела вечност.

Уверен дека ова е вистината, му се предадов на Јехова и се крстив во 1942, во Винипег. Во 1943 забраната на Јеховините сведоци во Канада беше укината и проповедничкото дело зеде замав. Исто така, библиската вистина подлабоко ми се врежа во срцето. Ја имав предноста да служам како слуга (старешина) во собранието, како и да учествувам во кампањите со јавни предавања и да работам на недоделено подрачје. Тоа што присуствував на големи конгреси во Соединетите Држави многу придонесе за мојот духовен напредок.

Ја зголемувам мојата служба за Јехова

Во 1950 стапив во пионерската служба и во декември истата таа година бев поканет да служам како покраински надгледник. Ја имав предноста формалната обука да ја добијам близу Торонто од Чарли Хепворт, искусен и лојален брат. Исто така, се радував што последната седмица од мојата обука можев да ја поминам со брат ми Алекс, кој веќе служеше во покраинското дело во Винипег.

Мојот прв покраински собир, опишан во почетокот, засекогаш е врежан во моето сеќавање. Нормално, бев загрижен како ќе излезат работите на крајот. Сепак, нашиот обласен надгледник, брат Џек Натан, се погрижи да бидеме зафатени и среќни. Ја разгледавме накратко програмата на собирот со присутните. Сите раскажавме по некое искуство, вежбавме презентации од куќа до куќа, како да се прават повторни посети и покажавме како да се водат домашни библиски студии. Пеевме песни на Царството. Имаше многу храна. Пиевме кафе и јадевме пита речиси секои два часа. Некои спиеја на клупите, некои на подиумот, а други, пак, на подот. До неделата виулицата попушти малку, па така, на јавното предавање имаше 96 присутни. Искуството ме научи да се снајдам во тешка ситуација.

Мојата следна покраинска доделба ме одведе до северна Алберта, Британска Колумбија и Јукон, земјата на полноќното сонце. За да се патува по грубиот автопат Алјаска од Досон Крик (Британска Колумбија) до Вајтхорс (Јукон) — растојание од 1.477 километри — и да се сведочи по пат, требаше истрајност и претпазливост. Снежните лавини, лизгавите планински падини и слабата видливост поради веењето на снегот, беа вистински предизвик.

Бев зачуден кога видов како вистината продира во далечниот север. Во една прилика, јас и Волтер Луковиц дојдовме до една скромна, мала колиба близу Лоуер Поуст (Британска Колумбија), покрај автопатот Алјаска, близу до границата со Јукон. Знаевме дека некој живее во колибата зашто можевме да видиме слаб зрак светлина низ малото прозорче. Беше околу девет часот навечер кога тропнавме на вратата. Еден машки глас повика да влеземе, и ние влеговме. Колку се изненадивме кога видовме како еден стар човек, испружен на својот кревет на два спрата, го чита списанието Стражарска кула. Всушност, списанието што тој го читаше беше поново од она што ние го нудевме. Тој ни објасни дека добива авионска пошта. Бидејќи бевме оддалечени од собранието повеќе од осум дена, сѐ уште ги немавме најновите списанија. Човекот се претстави како Фред Берг и иако веќе неколку години бил претплатен на нашите списанија, тоа беше првпат да го посетат Јеховини сведоци. Фред нѐ натера да преспиеме таму. Можевме да споделиме многу библиски вистини со него и да договориме да го посетат Сведоци што редовно поминуваа низ тоа подрачје.

Неколку години служев во три мали покраини. Тие се протегаа од Гранд Прери (Алберта) на исток до Кодиек (Алјаска) на запад, растојание од повеќе од 3.500 километри.

На убав начин дознав дека и на оддалечените места, како и на кое и да било друго место, Јеховината незаслужена љубезност е за сите луѓе и дека Божјиот дух ги мотивира умот и срцето на оние што се исправно наклонети кон вечниот живот. Еден таков човек беше Хенри Лепајн од Досон Сити (Јукон), сега само Досон. Хенри живееше во една изолирана област. Всушност, тој немаше отидено подалеку од областа каде што се копаше злато повеќе од 60 години. Меѓутоа, Јеховиниот дух го поттикна овој 84-годишен старец да пропатува повеќе од 1.600 километри во еден правец до Енкориџ за да присуствува на еден покраински собир, иако никогаш не присуствувал на некој собраниски состанок. Беше воодушевен од програмата и пресреќен од дружењето. Откако се врати во Досон Сити, Хенри остана верен до смрт. Мнозина што го познаваа Хенри се прашуваа што го мотивираше овој постар човек да тргне на толку долго патување. Оваа љубопитност доведе до тоа и неколкумина други постари лица да ја прифатат вистината. Така, на индиректен начин, Хенри можеше да даде одлично сведоштво.

Добив незаслужена љубезност од Јехова

Бев пресреќен кога, во 1955, добив покана да присуствувам на 26-от клас на Библиската школа Гилеад на Watchtower. Оваа обука ми ја зајакна верата и ми помогна да станам поблизок со Јехова. По дипломирањето, бев доделен да продолжам со покраинското дело во Канада.

Околу една година служев во провинцијата Онтарио. Потоа, повторно бев доделен да служам на прекрасниот север. Сѐ уште можам да си ги претставам живописните патишта што се протегаат покрај бистрите, блескави езера и што се искачуваат по планинските венци чии врвови се прекриени со снег. Во лето, долините и полјаните се како килим со разнобојни цвеќиња што го одземаат здивот. Воздухот е свеж а водата чиста. Мечки, волци, лосови, ирваси и други диви животни слободно талкаат во својата природна средина.

Меѓутоа, Алјаска носи вистински предизвици — не само променливото време туку и огромните далечини. Мојата покраина се протегаше 3.200 километри од исток до запад. Во тоа време немаше подготовка покраинскиот надгледник да има автомобил. Локалните браќа доброволно се пријавуваа да ме однесат од едно собрание до следното. Меѓутоа, понекогаш морав да стопирам камионџии или туристи.

Нешто такво се случи еднаш покрај еден дел од автопатот Алјаска помеѓу делницата Ток (Алјаска) и Мајл 1202, или областа Скоти Крик. Граничните служби на овие две точки беа оддалечени околу 160 километри. Ја поминав границата на Соединетите Држави во Ток и најдов превоз за околу 50 километри. Потоа не помина ни еден автомобил и пешачев околу десет часа поминувајќи повеќе од 40 километри. Дури подоцна дознав дека, набрзо откако сум ја поминал границата, бил запрен целиот сообраќај на овој дел од автопатот зашто недалеку од граничниот премин имало снежна лавина. До полноќ температурата се спушти на минус 23 степени целзиусови, а јас имав уште 80 километри до најблиското засолниште. Очајнички морав да најдам место каде што ќе можев да се одморам.

Додека одвај се влечкав, забележав еден напуштен автомобил крај патот, делумно прекриен со снег. Мислев дека ако некако влезам внатре и отспијам на седиштата, ќе можам да ја преживеам таа ладна ноќ. Успеав да исчистам доволно снег за да ја отворам вратата, но сѐ што најдов внатре беше само гол метал. За среќа, малку понатаму најдов една празна колиба. Откако малку се измачив да влезам и да запалам оган, можев да се одморам неколку часа. Следното утро успеав да најдам превоз до следната куќичка, каде што добив малку храна што навистина ми беше потребна и се погрижив за моите испосечени прсти.

Јехова прави да расте на север

Мојата прва посета на Фербенкс беше многу охрабрувачка. Имавме добар успех во службата, и на јавното предавање таа недела имаше околу 50 присутни. Се собравме во малиот мисионерски дом каде што живееја Вернор и Лорејн Дејвис. Луѓето ги подаваа своите глави од кујната, спалната и од ходникот за да го чујат говорот. Од овој позитивен одѕив сфативме дека една Сала на Царството ќе го зацврсти проповедничкото дело во Фербенкс. Па така, со Јеховина помош, купивме еден голем објект, поранешна сала за танцување, и го преселивме на едно парче земја што одговараше за таа цел. Беше ископан бунар и беа вградени тоалети и систем за греење. За една година, во Фербенкс имаше функционална Сала на Царството. Откако беше додадена и кујна, салата се користеше за еден обласен конгрес во 1958 на кој имаше 330 присутни.

Летото 1960, тргнав со автомобил на едно долго патување до седиштето на Јеховините сведоци во Њујорк за да присуствувам на еден семинар за сите патувачки надгледници од Соединетите Држави и од Канада. Додека бев таму, брат Натан Нор и други одговорни браќа ме интервјуираа во врска со можноста да се отвори канцеларија на подружницата во Алјаска. Бевме радосни кога, неколку месеци подоцна чувме дека од 1 септември 1961 Алјаска ќе има своја канцеларија на подружницата. Брат Ендрју К. Вагнер беше доделен да се грижи за должностите на подружницата. Тој и неговата сопруга, Вера, служеле 20 години во Бруклин, а имаа искуство и во патувачкото дело. Основањето на канцеларијата на подружницата во Алјаска беше добредојдена подготовка, зашто го намали патувањето на покраинскиот надгледник и му овозможи повеќе да се сосредоточи на конкретните потреби на собранијата и изолираните подрачја.

Летото 1962 беше радосно време на север. Подружницата во Алјаска беше свечено отворена и имаше обласен конгрес во Џуно (Алјаска). Беа изградени нови Сали на Царството во Џуно и Вајтхорс (Јукон), а беа формирани и неколку изолирани групи.

Назад во Канада

Неколку години се допишував со Маргарита Петрас од Канада. Рита, како што отсекогаш ја викале, почнала со пионерската служба во 1947, дипломирала на Гилеад во 1955 и служеше како пионер во источна Канада. Ѝ понудив брак и таа се согласи. Се венчавме во Вајтхорс во февруари 1963. Есента таа година бев доделен во проповедничкото дело во западна Канада и таму служевме со радост следните 25 години.

Од здравствени причини, во 1988 бевме доделени да служиме како специјални пионери во Винипег (Манитоба). Тоа вклучуваше и пет години да се грижиме за една Собирна сала. Колку што можеме, сѐ уште учествуваме во радосното дело на правење ученици. Во покраинското дело започнавме многу библиски студии што потоа други ги водеа. Сега, поради незаслужената љубезност од Јехова, започнуваме студии и можеме да видиме како студентите напредуваат до предание и крштавање, што ни донесува дополнителна среќа.

Уверен сум дека да му се служи на Јехова е најдобриот начин на живот. Тој живот има смисла и донесува задоволство, и секојдневно ја продлабочува нашата љубов кон Јехова. Токму тоа донесува вистинска среќа. На каква и теократска задача да сме, или каде и да се наоѓаме географски, се согласуваме со псалмистот кој рекол: „Среќен е народот чиј Бог е Јехова!“ (Псалм 144:15, NW).

[Слика на страници 24 и 25]

Во покраинското дело

[Слика на страница 25]

Го посетуваме Хенри Лепајн во Досон Сити. Јас сум лево

[Слика на страница 26]

Првата Сала на Царството во Енкориџ

[Слика на страница 26]

Рита и јас во 1998

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели