Многу прашања — малку задоволувачки одговори
УТРОТО на празникот Сите свети, на 1 ноември 1755, силен земјотрес го погодил градот Лисабон додека повеќето граѓани биле в црква. Илјадници згради се срушиле, а десетици илјади луѓе загинале.
Набрзо по таа трагедија, францускиот писател Волтер ја објавил својата поема Poème sur le désastre de Lisbonne (Поема за несреќата во Лисабон) во која го отфрлил тврдењето дека таа катастрофа била божествена казна за гревовите на луѓето. Тврдејќи дека човек не може да ги сфати или објасни несреќните настани, Волтер напишал:
Природата е нема, џабе ја прашуваме;
Нам ни треба Бог кој зборува со луѓето.
Се разбира, Волтер не бил првиот што поставил прашања во врска со Бог. Низ човечката историја, трагедиите и несреќите покренале прашања во умот на луѓето. Пред илјадници години, патријархот Јов, кој штотуку ги изгубил сите негови деца и кој бил во силни болки поради страшна болест, во врска со Бог прашал: ‚Зошто [Бог] да му подари видело на несреќникот и живот на луѓето со загорчена душа?‘ (Јов 3:20). Денес мнозина се прашуваат како може еден добар Бог полн со љубов да остане навидум пасивен и покрај толку многу страдање и неправда.
Соочени со реалноста на гладот, војната, болеста и смртта, мнозина потполно ја отфрлаат идејата за Творец кој се грижи за човештвото. Еден атеистички филозоф забележал: „Ништо не може да го оправда Бог што допушта да страда едно дете . . . освен, се разбира, ако тој не постои“. Големите трагедии, како што беше холокаустот за време на Втората светска војна, водат до слични заклучоци. Забележи го овој коментар на еден еврејски писател за еден билтен: „Наједноставно објаснување за Аушвиц е дека не постои Бог што би интервенирал во работите на луѓето“. Според една анкета од 1997 водена во Франција, која е главно католичка земја, околу 40 проценти од луѓето се сомневаат во постоењето на Бог поради геноцидите, како што беше оној во Руанда во 1994.
Пречка за да се верува?
Зошто Бог не преземе нешто за да спречи да се случуваат лоши работи? Еден католички хроничар тврди дека ова прашање за многумина претставува „сериозна пречка за да веруваат“. Тој прашува: „И навистина, дали е можно да се верува во Бог, кој беспомошно си стои настрана додека милиони невини луѓе умираат и цели народи во светот се масакрирани, и не прави ништо за до го спречи тоа?“
Во еден уреднички осврт во католичкиот весник La Croix, на сличен начин се коментира: „Сеедно дали се трагедии од минатото, настани поврзани со технолошкиот напредок, природни катастрофи, организиран криминал или смрт на некој сакан, во секој случај, кон небото погледнуваат очи исполнети со ужас. Каде е Бог? Тие бараат одговор. Зарем тој не е Величествениот Рамнодушен, Величествениот Незагрижен?“
Папата Јован-Павле II се зафатил со ова прашање во своето папско писмо Salvifici Doloris. Тој напишал: „Иако постоењето на светот ги отвора, така да се каже, очите на човечката душа кон постоењето на Бог, неговата мудрост, моќ и величественост, изгледа дека злото и страдањето ја замаглуваат оваа слика, понекогаш на драстичен начин, особено кога секој ден има толку многу случаи на незаслужено страдање и толку многу грешки без исправна казна“.
Дали постоењето на еден љубезен и семоќен Бог, како што е претставен во Библијата, е во склад со распространетоста на човечкото страдање? Дали тој презема нешто за да спречи трагедии на поединци или на цели групи? Дали прави нешто за нас денес? Дали има, како што рекол Волтер, „Бог кој зборува со луѓето“ за да одговори на овие прашања? За да го добиеш одговорот, те молиме, прочитај ја следната статија.
[Слики на страница 3]
Уништувањето на Лисабон во 1755 го поттикнало Волтер да тврди дека човек не може да ги сфати таквите настани
[Извори на слики]
Волтер: од книгата Great Men and Famous Women; Lisbon: J.P. Le Bas, Praça da Patriarcal depois do terramoto de 1755. Фотографија: Museu da Cidade/Lisboa
[Слика на страница 4]
Многумина се сомневаат во постоењето на Бог поради трагичните последици од геноциди како што беше оној во Руанда
[Извор на слика]
AFP PHOTO
[Извор на слика на страница 2]
НАСЛОВНА СТРАНИЦА, деца: USHMM, со љубезна дозвола на Главната комисија за кривично гонење на криминалот против полскиот народ