Верни христијанки — скапоцени обожавателки на Бог
„Миловидноста е лажлива, убавината е суетна: жена со страв од Господа, заслужува пофалба“ (ПОСЛОВИЦИ 31:30).
1. Каква разлика постои помеѓу Јеховиното гледиште за убавината и гледиштето на светот?
СВЕТОТ става голем акцент на надворешниот изглед, особено кога се во прашање жените. Меѓутоа, Јехова е првенствено заинтересиран за внатрешната личност, која може да стане уште поубава со годините (Пословици 16:31). Затоа, Библијата ги советува жените: „Вашето украсување нека не биде во надворешното плетење на косата и во ставањето златни украси ниту во носењето горни облеки, туку нека биде тајната личност на срцето во нераспадливото руво на тивкиот и благ дух кој е од голема вредност во очите на Бог“ (1. Петрово 3:3, 4).
2, 3. На кој начин жените го дале својот дел во ширењето на добрата вест во првиот век, и како било претскажано тоа?
2 Таков дух достоен за пофалба покажале многу жени спомнати во Библијата. Во првиот век, некои од нив имале предност да им служат на Исус и на неговите апостоли (Лука 8:1—3). Подоцна, христијанките станале ревносни евангелизаторки; други им дале скапоцена поддршка на христијанските мажи што предводеле, вклучувајќи го и апостол Павле; а трети покажале исклучителна гостољубивост, ставајќи го на располагање дури и својот дом за собраниски состаноци.
3 Во Писмото било претскажано дека Јехова ќе ги користи жените на еден моќен начин во исполнувањето на својата намера. На пример, во Јоил 3:1, 2 е претскажано дека и мажи и жени, и млади и стари, ќе го примат светиот дух и ќе учествуваат во ширењето на добрата вест за Царството. Тоа пророштво почнало да се исполнува на Пентекост 33 н.е. (Дела 2:1—4, 16—18). На некои жени помазани со дух им биле дадени чудесни дарови, како што е дарот на пророкување (Дела 21:8, 9). Со својата ревност во службата, оваа голема, духовна војска од верни сестри го дала својот дел во брзото ширење на христијанството во првиот век. Всушност, некаде околу 60 н.е., апостол Павле напишал дека добрата вест му била „проповедана на сето создание што е под небото“ (Колошаните 1:23).
Пофалени за нивната храброст, ревност и гостољубивост
4. Зошто Павле имал добра причина да пофали повеќе жени од христијанското собрание во првиот век?
4 На пример, апостол Павле ја ценел службата што ја извршувале особено некои жени — исто како што христијанските надгледници денес ја ценат службата што ја извршуваат ревносните жени. Некои од жените што ги спомнал Павле по име биле „Трифена и Трифоса, жени кои напорно работат во Господ“, и „Персида, нашата љубена, зашто вложи многу труд во Господ“ (Римјаните 16:12). Павле напишал дека Еводија и Синтихија ‚рамо до рамо со него се бореле во добрата вест‘ (Филипјаните 4:2, 3). Прискила, заедно со својот сопруг, Акила, исто така служела покрај Павле. Таа и Акила дури и ‚ги ризикувале своите глави‘ за Павле, и тоа го поттикнало да напише: „Им благодарам не само јас туку и сите собранија на нациите“ (Римјаните 16:3, 4; Дела 18:2).
5, 6. На кој начин Прискила дала добар пример за сестрите денес?
5 Што придонело за ревноста и храброста на Прискила? Можеме да видиме што било тоа во Дела 18:24—26, каде што читаме дека таа го поддржувала својот сопруг кога му помагале на Аполо, надарен говорник, да биде во чекор со откриената вистина. Значи, очигледно Прискила добро ја проучувала Божјата реч и учењето на апостолите. Како резултат на тоа, таа стекнала извонредни особини што придонеле да биде скапоцена за Бог и за нејзиниот сопруг и што ја направиле скапоцен член на раното собрание. Подеднакво скапоцени се и многуте трудољубиви христијански сестри денес што марливо ја проучуваат Библијата и се хранат со духовната храна што ја обезбедува Јехова преку „верниот настојник“ (Лука 12:42).
6 Акила и Прискила биле необично гостољубиви. Павле престојувал во нивниот дом, работејќи заедно со нив додека правеле шатори во Коринт (Дела 18:1—3). Кога тие се преселиле во Ефес и подоцна во Рим, продолжиле да покажуваат христијанска гостољубивост, ставајќи го својот дом на располагање дури и за собраниските состаноци (Дела 18:18, 19; 1. Коринќаните 16:8, 19). Нимфа и Марија, мајката на Јован Марко, исто така ги ставиле на располагање своите домови за собраниски состаноци (Дела 12:12; Колошаните 4:15).
Скапоцен посед денес
7, 8. Каков пофален запис на добри дела во светата служба имаат многу денешни христијанки, и во што можат да бидат уверени тие?
7 Како и во првиот век, и денес верните христијанки играат клучна улога во исполнувањето на Божјата намера, особено во делото на евангелизирање. И каков само запис на добри дела имаат тие сестри! Размисли за примерот на Гвен, која верно му служела на Јехова повеќе од 50 години, сѐ до својата смрт во 2002. „Ревноста на Гвен како евангелизатор беше речиси легендарна во нашиот град“, вели нејзиниот сопруг. „Таа во секој човек гледаше потенцијална личност што може да ја добие Јеховината љубов и неговите ветувања. Нејзината лојалност кон Бог, неговата организација и семејството — а да не зборувам за нејзиното охрабрување полно со љубов кога бевме потиштени — беше голема поддршка за мене и за децата во текот на целиот наш исполнет и наградувачки заеднички живот. Многу ни недостасува.“ Гвен и нејзиниот сопруг биле во брак 61 година.
8 Десетици илјади христијанки, и немажени и мажени, служат како пионерки и мисионерки, задоволни со најосновните работи за живот додека ја шират пораката за Царството на различни подрачја — од бучни градови до изолирани предели (Дела 1:8). Многу од нив се откажале од тоа да имаат свој дом или свои деца за да му служат на Јехова поцелосно. Има и такви што лојално ги поддржуваат сопрузите кои служат како патувачки надгледници, додека илјадници сестри служат во бетелските домови низ целиот свет. Без сомнение, овие самопожртвувани жени спаѓаат меѓу „богатството на сите народи“ што ќе го исполни со слава Јеховиниот дом (Агеј 2:7).
9, 10. На кој начин некои од семејството изразиле ценење за добриот пример што го дале христијанските сопруги и мајки?
9 Се разбира, многу христијанки имаат семејни одговорности за кои треба да се грижат; сепак, тие ги задржуваат интересите на Царството на прво место (Матеј 6:33). Една немажена сестра што служи како пионерка напишала: „Мајка ми, благодарение на нејзината непоколеблива вера и добар пример, одигра клучна улога во тоа што станав општ пионер. Всушност, таа беше една од моите најдобри партнерки во пионерската служба“. Еден сопруг вака вели за својата сопруга, мајка на пет ќерки што се веќе пораснати: „Нашиот дом секогаш беше уреден и чист. Бони го одржуваше едноставен и ненатрупан за да може нашето семејство да се сосредоточи на духовни активности. Нејзиниот придонес за внимателното раководење со нашите финансии ми овозможи 32 години да работам со скратено работно време, а тоа ми овозможи да им посветам повеќе време на семејството и на духовните работи. Исто така, мојата сопруга ги научи и децата колку вреди напорната работа. За неа имам само пофалба“. Денес и Бони и маж ѝ служат во светското седиште на Јеховините сведоци.
10 Еден сопруг пишува за својата сопруга, мајка на возрасни деца: „Особините поради кои најмногу ѝ се восхитувам на Сузан се нејзината силна љубов кон Бог и кон луѓето, како и нејзиното разбирање, сочувство и искреност. Таа отсекогаш сметаше дека Јехова го заслужува најдоброто што можеме да му го дадеме — начело што го применува на себе и како Божји слуга и како мајка“. Со поддршка од својата жена, овој маж можел да прифати некои духовни предности, вклучувајќи и тоа да служи како старешина, пионер, заменик на покраинскиот надгледник и член на Одборот за контактирање со болниците. Колку само се скапоцени таквите жени за своите сопрузи, за своите сохристијани и, над сѐ, за Јехова! (Пословици 31:28, 30).
Скапоцени жени кои немаат сопруг
11. а) Како Јехова открил дека се грижи за верните жени, особено за вдовиците? б) Во што можат да бидат уверени христијанските вдовици и другите верни сестри што немаат сопруг?
11 Јехова честопати покажувал дека е загрижен за доброто на вдовиците (Второзаконие 27:19; Псалм 68:5; Исаија 10:1, 2). Тој не се променил. И понатаму е длабоко заинтересиран не само за вдовиците туку и за самохраните мајки, како и за жените што се немажени затоа што така одлучиле или затоа што не нашле соодветен христијански сопруг (Малахија 3:6; Јаков 1:27). Ако и ти си меѓу оние што верно му служат на Јехова без поддршка на христијански сопруг, можеш да бидеш уверена дека си скапоцена во Божји очи.
12. а) Како некои христијански сестри ја покажуваат својата лојалност кон Јехова? б) Со какви чувства се справуваат некои наши сестри?
12 На пример, размисли за нашите христијански сестри што не се омажиле затоа што лојално му се послушни на Јеховиниот совет да се мажат „само во Господ“ (1. Коринќаните 7:39; Пословици 3:1). Божјата реч ги уверува дека ‚со некој лојален Јехова постапува лојално‘ (2. Самоил 22:26, NW). Сепак, за многу од нив е предизвик да останат немажени. Една сестра вели: „Одлучив да се омажам само во Господ, но пролеав многу солзи додека гледав како моите пријателки се мажат за прекрасни христијани додека јас и понатаму сум сама“. Една сестра забележува: „Му служам на Јехова веќе 25 години. Решена сум да му останам лојална, но честопати сум тажна поради чувствата на осаменост“. Таа додава: „Сестрите како мене копнеат по охрабрување“. Како можеме да им помогнеме на таквите лојални лица?
13. а) Што учиме од примерот на оние што ја посетувале ќерката на Јефтај? б) На кои други начини можеме да ја покажеме нашата заинтересираност за немажените сестри во нашето собрание?
13 Еден начин како да го сториме тоа може да се види од еден древен пример. Кога ќерката на Јефтај се откажала од приликата да се омажи, луѓето сфатиле дека со тоа прави жртва. Што направиле за да ја охрабрат? „Стана обичај во Израел секоја година Израелевите ќерки да одат и да ја оплакуваат [да ѝ даваат пофалба на, NW] ќерката на Галадецот Јефтај, четири дена во годината“ (Судии 11:30—40). И ние треба од сѐ срце да ги пофалуваме немажените сестри што лојално се послушни на Божјиот закон.a На кој друг начин можеме да ја покажеме нашата заинтересираност? Во нашите молитви треба да го молиме Јехова да ги поддржи таквите драги, верни сестри да продолжат лојално со нивната служба. Тие заслужуваат да бидат уверени дека ја имаат срдечната љубов и длабокото ценење од Јехова и од целото христијанско собрание (Псалм 37:28).
Како успеваат самохраните мајки
14, 15. а) Зошто христијанките што се самохрани мајки треба да го повикуваат Јехова за помош? б) Како можат самохраните мајки да постапуваат во склад со своите молитви?
14 И христијанките што се самохрани мајки се соочуваат со бројни предизвици. Меѓутоа, можат да му се обратат на Јехова за помош во подигањето на своите деца во склад со библиските начела. Точно, ако си самохран родител, не можеш да бидеш и мајка и татко во секој поглед. Сепак, Јехова ќе ти помогне да се грижиш за многуте одговорности што ги имаш ако му се обратиш со вера. Да илустрираме: Замисли си дека носиш тешка торба со продукти, а треба да се качуваш повеќе спратови до твојот стан во една повеќекатница. Дали ќе се мачиш да одиш по скалите ако има лифт? Се разбира дека нема! На сличен начин, не обидувај се да носиш тешки емоционални товари сам кога можеш да го замолиш Јехова да ти помогне. Всушност, тој те повикува да му се обратиш. Во Псалм 68:19 (NW) стои: „Нека е благословен Јехова, кој секојдневно го носи товарот за нас“. Слично на тоа, 1. Петрово 5:7 те повикува да ги фрлиш сите свои тегобни грижи на Јехова, „зашто тој се грижи за вас“. Затоа, кога ќе ти натежнат проблеми и тегобни грижи, фрли го товарот на својот небесен Татко и прави го тоа „непрестајно“ (1. Солуњаните 5:17; Псалм 18:6; 55:22).
15 На пример, ако си мајка, несомнено си загрижена за влијанието што врз твоите деца можеби го имаат врсниците на училиште или за испитите на интегритет со кои можеби ќе се соочат тие (1. Коринќаните 15:33). Ваквата загриженост е оправдана. Но, за ова треба и да се молиш. Всушност, зошто не се молиш за тие работи заедно со твоите деца пред да заминат на училиште, можеби откако заедно ќе го разгледате дневниот стих? Срдечните, конкретни молитви можат да остават силен впечаток врз младите умови. Над сѐ, ќе добиеш благослов од Јехова ако стрпливо настојуваш да ја всадиш неговата Реч во срцето на твоите деца (Второзаконие 6:6, 7; Пословици 22:6). Сети се, „очите на Јехова се насочени кон праведниците, а неговите уши кон нивното преколнување“ (1. Петрово 3:12; Филипјаните 4:6, 7).
16, 17. а) Што рекол еден син во врска со љубовта што ја покажала неговата мајка? б) Како влијаело врз децата духовното гледиште на мајката?
16 Да размислиме за примерот на Оливија, мајка на шест деца. Нејзиниот сопруг, кој не бил верник, го напуштил семејството кратко по раѓањето на последното дете, но таа спремно ја презела одговорноста да ги воспитува своите деца во склад со Божјите патишта. Синот на Оливија, Дарен, кој сега има 31 година и служи како христијански старешина и пионер, во тоа време имал околу 5 години. Неволјите на Оливија се зголемиле кога кај Дарен се јавил сериозен здравствен проблем што сѐ уште го измачува. Размислувајќи за своето детство, Дарен пишува: „Сѐ уште се сеќавам како седев на креветот во болницата желно чекајќи ја мајка ми. Таа ќе седнеше крај мене и секој ден ми читаше од Библијата. Потоа ќе ја испееше песната на Царството ‚Фала ти, Јехова‘.b Сѐ до денес таа е мојата најомилена мелодија на Царството“.
17 Љубовта кон Јехова и довербата што ја имала Оливија во Него придонеле да биде успешна како самохрана мајка (Пословици 3:5, 6). Нејзиниот добар став се гледал во целите што им ги поставила на своите деца. „Мајка ми секогаш нѐ охрабруваше да си ја поставиме за цел полновремената служба“, вели Дарен. „Како резултат на тоа, четири од моите пет сестри и јас стапивме во полновремена служба. Сепак, мајка ми никогаш не се фалеше пред другите со тоа. Многу се трудам да ги имитирам нејзините прекрасни особини.“ Точно, нема сите деца да му служат на Бог кога ќе пораснат, како што било случај со децата на Оливија. Но, кога една мајка дава сѐ од себе за да живее според библиските начела, може да биде уверена во Јеховиното водство и поддршка полна со љубов (Псалм 32:8).
18. Како можеме да покажеме дека го цениме тоа што Јехова го обезбедил христијанското собрание?
18 Бог во голема мера дава поддршка преку христијанското собрание, преку редовната програма на духовна исхрана, преку христијанското братство и преку духовно зрелите „дарови во облик на луѓе“ (Ефешаните 4:8). Верните старешини напорно работат на тоа да ги изградуваат сите во собранието, обрнувајќи им посебно внимание на потребите на ‚сираците и вдовиците во нивната неволја‘ (Јаков 1:27). Затоа, остани близу до Божјиот народ и никогаш немој да се изолираш (Пословици 18:1, NW; Римјаните 14:7).
Убавината на подложноста
19. Зошто подложноста на сопругата не значи дека таа вреди помалку, и кој библиски пример го поткрепува ова?
19 Јехова ја создал жената како дополнување на мажот (Битие 2:18). Според тоа, подложноста на жената на нејзиниот сопруг воопшто не значи дека таа вреди помалку. Наместо тоа, подложноста ѝ дава на жената достоинство и ѝ овозможува да ги користи многуте свои дарови и таленти во склад со Божјата волја. Во Пословици 31. поглавје се опишуваат најразличните активности на една способна жена во древниот Израел. Таа им помагала на сиромашните, садела лозје и купувала земја. Да, „мажовото срце се надева во неа, и не ќе му недостига печалба“ (стихови 11, 16, 20).
20. а) Како треба да гледа една христијанка на способностите, односно даровите што ѝ ги дал Бог? б) Кои убави особини ги покажувала Естира, и како можел да ја употреби Јехова поради тоа?
20 Скромната, богобојазлива жена не се воздигнува амбициозно ниту, пак, се натпреварува со својот сопруг (Пословици 16:18). Таа не тежнее по лично задоволство првенствено стремејќи се по световни работи туку ги користи даровите што ѝ ги дал Бог главно за да им служи на другите — на нејзиното семејство, сохристијаните, соседите и, над сѐ, на Јехова (Галатите 6:10; Тит 2:3—5). Размисли за библискиот пример на царицата Естира. Иако била физички убава, таа била скромна и подложна (Естира 2:13, 15). Кога се омажила, Естира покажала длабока почит кон својот сопруг, царот Ахасвер, за разлика од неговата претходна жена, Астина (Естира 1:10—12; 2:16, 17). Исто така, таа со почит му се покорила на Мардохеј, нејзиниот постар братучед, во работи каде што тоа било на место — дури и откако станала царица. Но, таа во никој случај не била со слаб карактер! Смело го разобличила Аман, еден моќен и безмилосен човек што сковал завера да ги уништи Евреите. Јехова во голема мера ја употребил Естира за да го зачува својот народ (Естира 3:8—4:17; 7:1—10; 9:13).
21. Како може една христијанка да стане уште поскапоцена за Јехова?
21 Јасно, и во минатото и денес, побожните жени ја покажале својата исклучителна оддаденост на Јехова и неговото обожавање. Затоа, богобојазливите жени се скапоцени во Јеховини очи. Христијански сестри, дозволете му на Јехова преку својот дух постепено да ве обликува во уште попожелен „сад“, кој е „подготвен за секое добро дело“ (2. Тимотеј 2:21; Римјаните 12:2). За таквите скапоцени обожавателки, Божјата реч вели: „Дајте ѝ од плодот на нејзините раце, и нека нејзините дела ја прославуваат на Вратите“ (Пословици 31:31). Тоа нека важи за секоја од вас.
[Фусноти]
a Во Стражарска кула од 15 март 2002, страници 26—28, види како може да се даде таква пофалба.
b Песна 212 во Пејте му фалби на Јехова, објавена од Јеховините сведоци.
Се сеќаваш ли?
• На кој начин некои христијанки од првиот век се покажале скапоцени во Јеховини очи?
• На кој начин многу сестри во денешно време станале скапоцени за Бог?
• На кој начин Јехова ги поддржува самохраните мајки и другите сестри што немаат сопруг?
• Како може една жена да покаже ценење од срце за подготовката за поглаварство?
[Рамка на страница 17]
ПРИМЕРИ ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ
Дали би сакал да разгледаш некои дополнителни примери на верни жени спомнати во Библијата? Ако да, те молиме прочитај ги стиховите што се наведени подолу. Додека медитираш за личностите што се наведени, обиди се да ги согледаш начелата што можеш да ги примениш во својот живот во поголема мера (Римјаните 15:4).
◆ Сара: Битие 12:1, 5; 13:18а; 21:9—12; 1. Петрово 3:5, 6.
◆ Дарежливите Израелки: Излез 35:5, 22, 25, 26; 36:3—7; Лука 21:1—4.
◆ Девора: Судии 4:1—5:31.
◆ Рута: Рута 1:4, 5, 16, 17; 2:2, 3, 11—13; 4:15.
◆ Сунамката: 2. Цареви 4:8—37.
◆ Феничанката: Матеј 15:22—28.
◆ Марта и Марија: Марко 14:3—9; Лука 10:38—42; Јован 11:17—29; 12:1—8.
◆ Тавита: Дела 9:36—41.
◆ Четирите ќерки на Филип: Дела 21:9.
◆ Фива: Римјаните 16:1, 2.
[Слика на страница 15]
Дали ги пофалуваш немажените сестри што лојално се послушни на Божјиот закон?
[Слика на страница 16]
Кои конкретни барања можат да се спомнат во молитва пред децата да заминат на училиште?