Семејството на Исус — кои биле тие?
ВО МНОГУ делови од светот, во текот на декември, честопати можат да се видат сцени со бебето Исус за кое нежно се грижат неговата мајка, Марија, и неговиот потатко, Јосиф. Таквите семејни сцени можат да ги привлечат дури и оние што не се изјаснуваат како христијани. Бидејќи Исус е главниот лик во овие сцени, што ни кажува Библијата за неговото човечко семејство?
Исус имал многу интересна семејна заднина. Го родила девица по име Марија и на тој начин станал член на човечката фамилија. Според Библијата, неговиот живот бил пренесен од небото во матката на Марија со помош на светиот дух (Лука 1:30—35). Пред да биде објавено чудесното зачнување на Исус, Марија била свршена со еден човек по име Јосиф, кој со тоа требало да му стане потатко на Исус.
По раѓањето на Исус, Јосиф и Марија имале и други деца, полубраќа и полусестри на Исус. Ова јасно се гледа од прашањето што го поставиле жителите на Назарет подоцна во врска со Исус: „Зарем не е ова синот на дрводелецот? Зарем мајка му не се вика Марија, а неговите браќа Јаков и Јосиф и Симон и Јуда? И зарем не се сите негови сестри со нас?“ (Матеј 1:25; 13:55, 56; Марко 6:3). Од ова можеме да заклучиме дека потесното семејство на Исус го сочинувале неговите родители, четворица браќа и најмалку две сестри.
Меѓутоа, денес некои не веруваат дека браќата и сестрите на Исус биле деца на Јосиф и Марија. Зошто? „Црквата“, вели New Catholic Encyclopedia, „од своите најрани денови поучува дека Марија секогаш била девица. Затоа, со оглед на ова, не може да има никакво сомнение дека Марија немала други деца.“ Истиот прирачник тврди дека зборовите „брат“ и „сестра“ можат да се однесуваат на „некој или некои што се обединети во религиозна или некоја друга заедничка врска“ или на роднини, можеби братучеди.
Дали тоа е навистина така? Дури и некои католички теолози, кои не се согласуваат со традиционалната доктрина, го поддржуваат гледиштето дека Исус имал телесни браќа и сестри. Џон П. Маер, поранешен претседател на Католичкото библиско друштво на Америка, напишал: „Во Н[овиот] З[авет], единственото значење на зборот аделфос [брат], кога не се користи чисто фигуративно или метафорично туку за да означи некој вид физичка или законска врска, е брат или полубрат и ништо друго“.a Да, Библијата укажува дека Исус имал браќа и сестри, кои им се родиле на Јосиф и Марија.
Евангелијата спомнуваат и други роднини на Исус, но сега да се сконцентрираме на неговото потесно семејство и да видиме што можеме да научиме од нив.
[Фуснота]
a “The Brothers and Sisters of Jesus in Ecumenical Perspective” (Браќата и сестрите на Исус од екуменска гледна точка) од Џ. П. Маер, The Catholic Biblical Quarterly, јануари 1992, 21. страница.