Тие го барале тесниот пат
ПРЕД речиси 550 години, една мала група христијани што живееле во Прага, Хелчице, Вилемов, Клатови и други градови во денешна Република Чешка, ги напуштиле своите домови. Се населиле близу до селото Кунвалд, во една долина во североисточна Бохемија, каде што си изградиле мали куќички, ја обработувале земјата, ја читале Библијата и се нарекле Обединети браќа, или унитас фратрум на латински.
Меѓу доселениците имало луѓе со различно потекло. Тие биле селани, благородници, универзитетски студенти, богати и сиромашни, мажи и жени, вдовици и сираци, и сите имале една заедничка желба. „Му се обративме на Бог во молитва“, напишале тие, „и го преколнувавме да ни ја открие Неговата величествена волја во сите работи. Сакавме да одиме по Неговите патишта.“ Навистина, овие Обединети браќа, или Чешки браќа, како што оваа заедница на верници почнала да се вика, го барале ‚тесниот пат што води во живот‘ (Матеј 7:13, 14). Кои библиски вистини ги открила нивната потрага? На кој начин се разликувале нивните верувања од верувањата што биле прифатени во тоа време, и што можеме да научиме од нив?
Без насилство — без компромис
Неколку религиозни движења придонеле во средината на 15 век да се формира заедницата на Обединетите браќа. Едно од тие движења биле валдензите, движење што датира од 12 век. Во почетокот, валдензите се повлекле од римокатолицизмот, кој бил државна религија во централна Европа. Меѓутоа, подоцна делумно се вратиле на католичките учења. Друга влијателна група биле хуситите, следбеници на Јан Хус. Тие ја претставувале религијата на мнозинството од чешкото население, но во никој случај не биле обединети. Една фракција се борела околу социјални прашања, додека друга ја користела религијата за да ги унапредува своите политички цели. Врз Браќата исто така влијаеле и хилијастичките групи како и локалните и странските изучувачи на Библијата.
Петер Хелчички (о.1390—о.1460), чешки изучувач на Библијата и реформатор, бил запознат со учењата на валдензите и на хуситите. Ги отфрлил хуситите затоа што нивното движење почнало да користи насилнички средства, а валдензите затоа што почнале да прават компромиси. Ја осудил војната како нехристијанска. Сметал дека „законот на Христос“ треба да ги води христијаните, без разлика на последиците од тоа (Галатите 6:2; Матеј 22:37—39). Во 1440 Хелчички ги запишал своите учења во книгата Net of the Faith (Мрежа на верата).
Врз Грегориј од Прага, еден помлад современик на изучувачот Хелчички, толку силно влијаеле учењата на Хелчички што го напуштил движењето на хуситите. Во 1458 Грегориј убедил мали групи од поранешни хусити да ги напуштат своите домови во различни делови на Чешка. Тие биле меѓу оние што го следеле до селото Кунвалд, каде што основале нова религиозна заедница. Подоцна таму им се придружиле и групи од чешки и германски валдензи.
Прозорец кон минатото
Од 1464 до 1467, оваа нова но сѐ поголема група одржала неколку синоди во регионот на Кунвалд и усвоила неколку резолуции што го дефинирале нивното ново религиозно движење. Сите резолуции биле внимателно запишани во низа книги што сега се познати како Acta Unitatis Fratrum (Одлуки на Обединетите браќа) и кои сѐ уште постојат. Овие книги служат како прозорец кон минатото и даваат жива слика за тоа во што верувале Браќата. Книгите содржат писма, преписи на говори, па дури и детали за нивните расправии.
Во врска со верувањата на Браќата, во Acta се вели: „Решени сме да воспоставиме своја управа единствено читајќи ја Библијата и според примерот на нашиот Господ и на светите апостоли со медитација, понизност и долготрпеливост, сакајќи ги нашите непријатели, правејќи им и посакувајќи им добро и молејќи се за нив“. Записите исто така покажуваат дека Браќата во почетокот учествувале во проповедање. Патувале во парови, а жените локално се покажале како успешни мисионери. Браќата не учествувале во политички служби, не давале заклетви, не се мешале во воени активности и не носеле оружје.
Од единство до раздор
Меѓутоа, по неколку децении, Обединетите браќа пропуштиле да живеат според своето име. Расправиите околу тоа колку дословно треба да се практикуваат нивните верувања довеле до поделби. Во 1494 Браќата се поделиле во две групи — Големата и Малата група. Додека Големата група ги разводнила своите првобитни верувања, Малата група проповедала дека Браќата треба да останат цврсто на својот став против политиката и светот. (Види ја рамката „Што се случило со Големата група?“)
На пример, еден член на Малата група напишал: „Луѓето што одат по два пата имаат мала гаранција дека ќе останат со Бог, зашто само ретко и во мали работи се спремни да се даваат и да му се подложат, додека во големите работи си одат по свој пат . . . Оние што се со непоколеблив ум и чиста совест — што секој ден со својот крст го следат Господ Христос на тесниот пат — меѓу нив копнееме да бидеме вброени“.
Членовите на Малата група го сметале светиот дух како активна сила на Бог, негов „прст“. Нивното сфаќање за откупнината на Исус било дека совршениот човек Исус платил со својот човечки живот за она што грешникот Адам го изгубил. Тие не ја обожавале Марија, мајката на Исус. Ја обновиле доктрината дека сите верници се свештеници без завет за целибат. Поттикнувале на тоа сите членови на собранието јавно да проповедаат и ги исклучувале непокајничките грешници. Стриктно се држеле настрана од воени и од политички активности. (Види ја рамката „Во што верувале Браќата од Малата група“.) Бидејќи се држела за резолуциите од Acta, Малата група се сметала за вистински наследник на првобитните Обединети браќа.
Отворени и прогонувани
Малата група отворено ги критикувала другите религии, вклучувајќи ја и Големата група. „Поучувате да се крштаваат мали деца кои немаат своја вера“, напишале за таквите религии, „и со тоа го следите она што го основал бискупот по име Дионисиј, кој подбуцнат од некои немудри луѓе ставил нагласок на крштавањето бебиња . . . Истото го прават речиси сите учители и доктори, Лутер, Меланхтон, Буцерус, Корвин, Јилеш, Булингер . . . Големата група, сите тежнеат по исто.“
Не изненадува тоа што Малата група била прогонувана. Во 1524, еден од нејзините водачи, Јан Каленец, бил камшикуван и запален. Подоцна тројца членови на Малата група биле спалени на клада. Изгледа дека Малата група исчезнала околу 1550, по смртта на нејзиниот последен водач.
Сепак, верниците од Малата група оставиле печат врз религиозната клима во средновековна Европа. Точно, бидејќи „вистинското спознание“ сѐ уште не било обилно во времето на Малата група, не успеале да ја растераат долговековната духовна темнина (Даниел 12:4, NW). Сепак, нивната силна желба да го бараат тесниот пат и да го следат и покрај противењето е нешто на што христијаните денес треба да обрнат внимание.
[Истакната мисла на страница 13]
Се вели дека 50 од 60-те бохемиски (чешки) книги отпечатени помеѓу 1500 и 1510 се напишани од членови на Обединетите браќа
[Рамка на страница 11]
Што се случило со Големата група?
Што се случило со Големата група? Откако Малата група исчезнала од сцената, Големата група продолжила како религиозно движење, сѐ уште познато како Обединети браќа. Со текот на времето, оваа група ги преиначила своите првобитни верувања. На крајот на 16 век, Обединетите браќа формирале конфедерација со Чешките утракистиa‚ кои во основа биле лутерани. Меѓутоа, Браќата останале активни во преведувањето и издавањето на Библии како и на други религиозни книги. Интересно е тоа што на насловните страници на нивните рани публикации бил прикажан тетраграматонот, како што се познати четирите хебрејски букви од личното име на Бог.
Во 1620 Чешкото царство било насила вратено под контрола на римокатоличката црква. Како резултат на тоа, многу Браќа од Големата група ја напуштиле земјата и продолжиле со своите активности во странство. Таму групата подоцна станала позната како Моравска црква (Моравија е дел од Чешка), која сѐ уште постои.
[Фуснота]
a Од латинскиот збор утраке што значи „секое од двете“. За разлика од римокатоличките свештеници, кои не им давале вино на лаиците во текот на света причесна, утракистите (различни групи хусити) делеле леб и вино.
[Рамка на страница 12]
Во што верувале Браќата од Малата група
Следниве цитати од Acta Unitatis Fratrum од 15 и 16 век покажуваат некои од верувањата на Малата група. Изјавите, напишани од водачите на Малата група, првенствено се упатени до Големата група.
Тројство: „Ако погледнете низ целата Библија, никаде нема да најдете дека Бог е поделен во некој вид тројство, три личности со име, како што луѓето си измислиле во својата фантазија.“
Свет дух: „Светиот дух е Божјиот прст и дар од Бог, или утешител, или Божја сила, која Таткото им ја дава на верниците на темел на заслугите на Христос. Во Светото писмо никаде не наоѓаме дека светиот дух треба да биде наречен Бог или Личност; ниту, пак, учењата на апостолите укажуваат на тоа.“
Свештенство: „Погрешно ви ја даваат титулата „свештеник“; без бриченото теме и лековитата маст, не сте ништо повеќе од најобичниот човек. Свети Петар бара од сите христијани да бидат свештеници, велејќи: ‚Вие сте свето свештенство што принесува духовни жртви‘“ (1. Петрово 2).
Крштавање: „Господ Христос им рекол на своите апостоли: Одете по целиот свет, проповедајте го евангелието на сето создание, на оние што ќе поверуваат (Марко, 16. поглавје). И дури откако ќе ги исполнат овие зборови: и со тоа што ќе бидат крстени, ќе биде спасени. А вие поучувате да се крштаваат мали деца кои немаат своја вера.“
Неутралност: „Она што вашите поранешни браќа го сметаа за лошо и нечисто, да одат во војска и да убиваат или да одат по патиштата со оружје, вие сето тоа го сметате за добро . . . Затоа мислиме дека вие, заедно со други учители, гледате само со своето лево око на пророчките зборови кои истакнуваат: Ги искрши лаковите, штитовите, мечевите, и оружјето бојно (Псалм 75 [Псалм 76 во преводот на Д-р/Д-р Душан Х. Константинов]). И уште вели: Не ќе се прави зло, не ќе се опустува на сета Моја света гора; земјата ќе се исполни со знаење за Господа, и така натаму (Исаија, 11. поглавје).“
Проповедање: „Добро знаеме дека во почетокот жените довеле повеќе луѓе до покајание отколку сите свештеници заедно со бискупот. А сега свештениците се сместиле на своите места и во своите доделени парохии. Колку погрешно! Одете по целиот свет. Проповедајте . . . на сето создание.“
[Карти на страница 10]
(Види во публикацијата)
ГЕРМАНИЈА
ПОЛСКА
ЧЕШКА
БОХЕМИЈА
Елба
ПРАГА
Влтава
Клатови
Хелчице
Кунвалд
Вилемов
МОРАВИЈА
Дунав
[Слики на страници 10 и 11]
Лево: Петер Хелчички; долу: страница од „Мрежа на верата“
[Слика на страница 11]
Грегориј од Прага
[Извор на слика на страница 13]
Сите слики: S laskavým svolením knihovny Národního muzea v Praze, C̆esko