Прашања од читателите
Дали во својата пример-молитва Исус укажал дека Божјата волја се вршела на небото иако злобните ангели сѐ уште не биле исфрлени?
Како што е запишано во Матеј 6:10, Исус рекол: „Нека биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“. Ова барање може да се сфати на два начина. Прво, како молба Божјата волја да се врши на земјата како што веќе се вршела на небото или, второ, како барање таа да се врши потполно и на небото и на земјата. Значењето на претходните зборови на Исус, „нека дојде царството твое“, укажува дека второто гледиште е повеќе во склад со Библијата. И, тоа ја одразува ситуацијата кога Исус бил на земјата и долгиот период потоа. Како?
Книгата Откровение укажува на два одделни резултата од воспоставувањето на Божјето Царство на небото. Првиот влијае врз самото небо, а вториот врз земјата. Откровение 12:7—9, 12 вели: „Избувна војна на небото: Михаел и неговите ангели се бореа против змејот, и змејот се бореше заедно со своите ангели, но не надвладеа ниту, пак, за нив повеќе се најде место на небото. И беше исфрлен долу големиот змеј, празмијата, кој се вика Ѓавол и Сатана, кој ја заведува целата населена земја; беше исфрлен долу на земјата, и неговите ангели беа исфрлени со него. Затоа веселете се небеса и вие кои престојувате на нив! Тешко на земјата и на морето, зашто Ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, знаејќи дека има кратко време“.
Со исфрлањето на Сатана и демоните од небото по 1914, тоа подрачје било исчистено од сите духовни бунтовници, што им донело голема радост на лојалните ангелски синови на Јехова, кои претставуваат значително мнозинство од неговите духовни созданија (Јов 1:6—12; 2:1—7; Откровение 12:10). На тој начин, што се однесува до небото, барањето од пример-молитвата на Исус било исполнето. Сите што останале во тоа небесно подрачје му биле лојални на Јехова и потполно подложни на неговиот суверенитет.
Мора да се истакне дека дури и пред тоа, кога злобните ангели сѐ уште имале пристап на небото, тие биле изгнаници од Божјето семејство и имале одредени ограничувања. На пример, Јуда 6 открива дека уште во првиот век н.е. биле ‚задржани со вечни окови под густа [духовна] темнина за судот на великиот ден‘. Слично на тоа, 2. Петрово 2:4 вели: „Бог не се воздржуваше да ги казни ангелите кои згрешија, туку, фрлајќи ги во Тартар [состојба на крајно понижување], ги предаде во јами на густа [духовна] темнина за да бидат сочувани за суд“.a
За разлика од статусот на изгнаници што го имале додека уште биле на небото, злобните ангели имаат голема власт над земјата. Всушност, Божјата реч го нарекува Сатана „владетелот на овој свет“, а демоните ги нарекува „светските владетели на оваа темнина“ (Јован 12:31; Ефешаните 6:11, 12; 1. Јованово 5:19). Поради својот авторитет, Ѓаволот можел да му ги понуди на Исус „сите царства на светот и нивната слава“ во замена за еден чин на обожавање (Матеј 4:8, 9). Тогаш, очигледно е дека кога Божјето Царство ќе „дојде“ на земјата, ќе донесе радикални промени.
Резултат од ‚доаѓањето‘ на Божјето Царство овде на земјата ќе биде потполно нов систем на работи. Царството ќе ги сруши сите човечки владетелства и ќе стане единствената влада над земјата. Во исто време, неговите богобојазливи човечки поданици ќе бидат „нова земја“ (2. Петрово 3:13; Даниел 2:44). Исто така, Царството ќе го отстрани гревот од послушното човештво и со текот на времето ќе ја направи Земјата глобален рај, отстранувајќи ја на тој начин секоја трага од сатанското владеење (Римјаните 8:20, 21; Откровение 19:17—21).
На крајот од милениумот, кога месијанското Царство ќе ја изврши Божјата волја во врска со него, „самиот Син ќе му се подложи на Оној кој му подложил сѐ, за Бог да биде сѐ на сите“ (1. Коринќаните 15:28). Тогаш ќе има еден последен испит, по кој Сатана, неговите демони и сите заведени човечки бунтовници засекогаш ќе бидат отстранети во „втората смрт“ (Откровение 20:7—15). Потоа, сите интелигентни суштества на небото и на Земјата засекогаш со радост ќе бидат подложни на Јеховиниот љубезен суверенитет. Во секој поглед, тоа ќе биде потполно исполнување на зборовите од пример-молитвата на Исус (1. Јованово 4:8).
[Фуснота]
a Апостол Петар ја споредил оваа состојба на духовно изгнанство со тоа да се биде во „затвор“. Меѓутоа, тој не мислел на идната ‚бездна‘ во која ќе бидат фрлени демоните на илјада години (1. Петрово 3:19, 20; Лука 8:30, 31; Откровение 20:1—3).