Дали религијата е коренот на човечките проблеми?
„КОГА не поттикнува на раздор, религијата дејствува како дрога која ја отрпнува човечката совест и која го полни човечкиот ум со фантазии со кои се бега од стварноста . . . ги тера луѓето да бидат ограничени, суеверни, полни со омраза и со страв.“ Поранешниот методистички мисионер што ги напишал овие зборови, додал: „Овие обвиненија се точни. Има лоша и добра религија“ (Start Your Own Religion — Започни си своја религија).
,Оваа критика не е фер‘, можеби ќе речат некои. Сепак, кој може да ги негира историските факти? Во голема мера, религијата — која се дефинира како „служба и обожавање на Бог или на натприродното“ — има шокантна историја. Таа треба да нѐ просветли и да нѐ инспирира. Меѓутоа, многу често, она што го прави е да предизвикува раздор, нетрпеливост и омраза. Зошто?
„Ангел на светлината“ што заведува
Според Библијата, има многу едноставен одговор. Претставувајќи се како „ангел на светлината“, Сатана Ѓаволот завел милиони да ги следат неговите учења наместо учењата на Бог (2. Коринќаните 11:14). Апостол Јован покажал дека влијанието на Сатана е толку големо што „целиот свет лежи во власта на злобниот“ (1. Јованово 5:19). Јован знаел дека Сатана ја „заведува целата населена земја“ (Откровение 12:9).
Кои се последиците од ова? Сатана започнал религиозни системи што однадвор изгледаат свети. Тие имаат „фасада на ,религија‘“, но нивната вистинска состојба е разоткриена по злобните плодови што ги даваат (2. Тимотеј 3:5, J. B. Phillips; Матеј 7:15—20). Наместо да помогне да се решат човечките проблеми, религијата всушност станува дел од проблемот.
Немој веднаш да ја отфрлиш оваа идеја како претерана или неразумна. Не заборавај, самата суштина на измамата е оној што е измамен да не е свесен за тоа. Апостол Павле дал пример за ова кога напишал: „Она што нациите го жртвуваат, им го жртвуваат на демони, а не на Бог“ (1. Коринќаните 10:20). Тие луѓе веројатно би се шокирале од помислата дека обожаваат демони. Тие мислеле дека обожаваат некој вид добар бог, или богови. Сепак, во суштина биле измамени од „злите духовни сили на небесните места“, кои го поддржуваат Сатана во напорите да го заведе човештвото (Ефешаните 6:12).
На пример, да разгледаме како успеал Сатана да измами и да заведе многумина што се изјаснуваат како христијани кои избрале да го игнорираат предупредувањето на апостол Јован во врска со злобното влијание (1. Коринќаните 10:12).
Она за што поучувал Исус било од Бог
„Она што го научувам“, рекол Исус Христос, „не е мое, туку му припаѓа на оној кој ме испрати“ (Јован 7:16). Да, она за што поучувал било од Семоќниот Бог. Затоа учењата на Исус имале силно, изградувачко влијание врз оние што го слушале. Тие учења не ја ,отрпнувале човечката совест ниту го полнеле човечкиот ум со фантазии за да се избега од стварноста‘. Напротив, учењата на Исус ги ослободиле луѓето од верските заблуди и од човечките филозофии што ги создал светот кој, поради измамата на Ѓаволот, бил „умствено во темнина“ (Ефешаните 4:18; Матеј 15:14; Јован 8:31, 32).
Вистинските христијани се препознавале не само по тоа што изјавувале дека се побожни туку и по верата што се одразувала во прекрасните особини што ги создава Божјиот свет дух (Галатите 5:22, 23; Јаков 1:22; 2:26). Главна меѓу овие особини — и знакот по кој се препознаваат вистинските христијани — е возвишената особина љубов (Јован 13:34, 35).
Меѓутоа, обрни внимание на оваа пресудна мисла: Ниту Исус ниту неговите апостоли не очекувале христијанското собрание да продолжи во обликот во кој било формирано во почетокот. Тие знаеле дека ќе се појави отпад и дека вистинската религија ќе биде фрлена во сенка некое време.
Вистинската религија скриена некое време
Во една илустрација за житото и плевелот, Исус претскажал дека вистинската религија ќе биде практично скриена некое време. Прочитај го извештајот од Матеј 13:24—30, 36—43. Исус посеал едно поле со пченица, „доброто семе“, која ги претставувала неговите верни ученици што го сочинувале првото христијанско собрание. Тој предупредил дека еден „непријател“, Сатана Ѓаволот, со текот на времето на полето со пченица ќе посее „плевел“ — луѓе што тврдат дека го следат Исус Христос но кои всушност ги отфрлаат неговите учења.
Многу брзо по смртта на апостолите на Исус, се појавиле поединци што се покажале како „плевел“ со тоа што повеќе ги сакале извртените човечки учења отколку „Господовото слово“ (Еремија 8:8, 9; Дела 20:29, 30). Како последица од тоа, на светската сцена се појавило едно изопачено, лажно христијанство. Со него владеел, како што Библијата го нарекува, „беззаконикот“ — расипана свештеничка класа што и самата била потоната во „секаква неправедна измама“ (2. Солуњаните 2:6—10). Исус претскажал дека оваа ситуација ќе се промени „при завршетокот на системот на работи“. Христијаните што се како пченица ќе бидат собрани во единство, а „плевелот“ на крајот ќе биде уништен.
Токму ова лажно христијанство ја носи одговорноста за „вековите на крајна суровост“ и за духовната темнина што го обвивала христијанскиот свет низ вековите што следеле. Предвидувајќи го ова и сите други расипани и насилни дела што оттогаш биле извршени во името на религијата, апостол Петар со право претскажал дека „поради нив [оние што изјавувале дека се христијани] ќе се зборува срамно за патот на вистината“ (2. Петрово 2:1, 2).
„Теологија на гнев и омраза“
Секако, религијата не стекнала лош глас само поради христијанскиот свет. Размисли, на пример, за фундаменталистичките облици на „воинствена побожност“, за коишто поранешната калуѓерка Карен Армстронг вели дека се раѓаат во „секоја поголема верска традиција“. Според Армстронг, еден решавачки испит за секоја религија е дали таа води, како што треба да води, до „практично сочувство“. Каква е историјата на фундаменталистичките религии во овој поглед? „Фундаменталистичката вера“, пишува таа, „сеедно дали е еврејска, христијанска или муслиманска, паѓа на овој решавачки испит ако стане теологија на гнев и омраза“ (Битката за Бог — фундаментализам во јудаизмот, христијанството и исламот). Но, дали само „фундаменталистичката“ религија паднала на овој испит и станала „теологија на гнев и омраза“? Историјата покажува нешто друго.
Сатана, всушност, изградил една светска империја на лажна религија која се карактеризира со гнев, омраза и речиси бескрајно крвопролевање. Библијата ја нарекува оваа империја „Големиот Вавилон, мајката . . . на одвратните земни работи“ и е претставена како проститутка која јава на грбот на еден политички систем што наликува на ѕвер. Вредно е да се спомне дека таа е одговорна за „крвта . . . на сите кои беа убиени на земјата“ (Откровение 17:4—6; 18:24).
Не биле измамени сите
Меѓутоа, историјата покажува дека не биле измамени сите. Дури и во најмрачните времиња, забележува Мелвин Брег, „многу добри души правеле добро кога повеќето околу нив биле зли“. Вистинските христијани продолжиле да го „обожаваат [Бог] со дух и со вистина“ (Јован 4:21—24). Тие се одвоиле од светскиот религиозен систем што се проституирал и ја „поддржувал воената моќ“. Тие одбиле да бидат вовлечени во деловниот однос на црквата и државата за кој историјата открива дека бил „повеќе сојуз направен од Сатана отколку од некој Исус од Назарет“ (Two Thousand Years—The Second Millennium: From Medieval Christendom to Global Christianity [Две илјади години — вториот милениум: од средновековниот христијански свет до глобалното христијанство]).
Во поново време, Јеховините сведоци се познати по нивното добро влијание. За да останат без каква и да било дамка од лажната религија, тие ги темелат своите учења и постапки единствено на Божјата инспирирана реч, Библијата (2. Тимотеј 3:16, 17). Како христијаните од првиот век, и тие ја следат заповедта на Исус да ,не се дел од светот‘ (Јован 15:17—19; 17:14—16). На пример, во нацистичка Германија одбиле да ги компромитираат христијанските начела и затоа не биле прифатливи за нацистичката идеологија. Поради тоа Хитлер ги мразел. Еден школски учебник вели: „Јеховините сведоци . . . го следеле учењето од Библијата да не земаат оружје од која и да било причина. Затоа одбиле да служат во армијата или да имаат нешто со нацистите. Како одмазда, Есесовците ставиле во затвор цели семејства Јеховини сведоци. Околу една третина од сите Јеховини сведоци [во Германија] биле убиени во концентрациони логори“ (Germany—1918-45 [Германија — 1918—1945]).
Се разбира, и други храбри поединци од различни религии пострадале поради своите верувања. Но, Јеховините сведоци страдале како обединето религиозно тело. Најголемиот дел од нив цврсто се држеле за основното библиско начело ,повеќе да го слушаат Бог како владетел отколку луѓето‘ (Дела 5:29; Марко 12:17).
Коренот на проблемот
Значи, само делумно е вистина дека религијата е коренот на сите човечки проблеми. Лажната религија е коренот. Сепак, Бог има намера многу скоро да ѝ стави крај на сета лажна религија (Откровение 17:16, 17; 18:21). Неговата заповед до секој што ги сака правдата и праведноста е: „Излезете од неа, народе мој, ако не сакате да учествувате со неа во нејзините гревови и ако не сакате да примите дел од нејзините неволји. Зашто нејзините гревови се натрупаа сѐ до небото, и Бог си спомна за нејзините дела на неправда“ (Откровение 18:4, 5). Да, Бог лично е длабоко навреден од религијата што ,поттикнува на раздор, ја отрпнува човечката совест, го полни човечкиот ум со фантазии со кои се бега од стварноста и ги тера луѓето да бидат ограничени, суеверни, полни со омраза и со страв‘!
Во меѓувреме, Бог ги собира во чистата религија оние што ја сакаат вистината. Тоа е религијата која се придржува за начелата и учењата на еден љубезен, преведен и сочувствителен Творец (Михеј 4:1, 2; Софонија 3:8, 9; Матеј 13:30). И ти можеш да бидеш дел од таа религија. Ако сакаш повеќе информации за тоа како да се препознае чистата религија, слободно пиши до издавачите на ова списание, или замоли кој и да било Јеховин сведок да ти помогне.
[Слика на страница 7]
Луѓе од секакво потекло наоѓаат радост во чистата религија