ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w04 15/2 стр. 10-15
  • Задржи морална чистота чувајќи го своето срце

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Задржи морална чистота чувајќи го своето срце
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Чувај го своето срце
  • Бегај од блуд
  • Избегнувај ги опасностите од флертувањето
  • Што има лошо во флертувањето?
    Разбудете се! 1998
  • Дали флертувањето е само забава?
    Младите прашуваат
  • Дали заљубеноста го оправдува предбрачниот секс?
    Разбудете се! 2006
  • Чувај го своето срце
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
w04 15/2 стр. 10-15

Задржи морална чистота чувајќи го своето срце

„Над сѐ чувај го своето срце, зашто животот извира од него“ (ПОСЛОВИЦИ 4:23).

1-3. а) На кој начин луѓето честопати покажуваат дека не ја ценат својата морална чистота? Илустрирај. б) Зошто е важно да се преиспита вредноста на моралната чистота?

СЛИКАТА можеби изгледала старомодна. Можеби не се вклопувала во декорот на куќата. Како и да е, сопственикот очигледно немал потреба од неа. На крајот, сликата завршила на распродажба на стари предмети и ѝ ставиле цена од 29 долари. Но, по неколку години било утврдено дека вредела речиси милион долари! Да, испаднало дека таа слика е ретко ремек-дело. Замисли си ги само чувствата на претходниот сопственик, кој го потценил ова богатство!

2 Честопати се случува нешто слично и со моралната чистота, односно неизвалканоста на една личност. Премногу луѓе денес малку си ја ценат својата морална чистота. Некои ја сметаат за застарена работа, која не се вклопува во современиот живот. Затоа, ја отстапуваат по многу ниска цена. Некои ја разменуваат својата чистота за неколку моменти сексуално задоволство. Други ја жртвуваат надевајќи се дека ќе стекнат поголем углед во очите на своите врсници или во очите на некој од спротивниот пол (Пословици 13:20).

3 Мнозина премногу доцна сфаќаат колку, всушност, скапоцен посед била нивната морална чистота. Нивната загуба честопати е трагична. Како што вели Библијата, последиците од неморалот можат да бидат како отров, ,горчливи како пелин‘ (Пословици 5:3, 4). Со оглед на денешната расипана морална клима, како можеш да ја цениш и да ја зачуваш својата морална чистота? Ќе се сосредоточиме на три меѓусебно поврзани чекори што можеме да ги преземеме.

Чувај го своето срце

4. Што е фигуративното срце, и зошто треба да го чуваме?

4 Клучот за да ја зачуваме моралната чистота е да го чуваме срцето. Библијата вели: „Над сѐ чувај го своето срце, зашто животот извира од него“ (Пословици 4:23). Што е ,срцето‘ што се спомнува овде? Тоа не е дословниот физички орган. Ова срце е фигуративно. Тоа се однесува на личноста што си однатре, и ги вклучува твоите мисли, чувства и мотиви. Библијата вели: „Љуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа и со сета своја сила“ (Второзаконие 6:5). Исус рекол дека оваа заповед е најголема од сите (Марко 12:29, 30). Јасно, нашето срце има неизмерна вредност. Вреди да вложиме напор да го зачуваме.

5. Како може срцето да биде и корисно и опасно во исто време?

5 Меѓутоа, Библијата вели и дека ,срцето е поизмамливо од сѐ‘ (Еремија 17:9). Како може срцето да биде измамливо — дури и опасно за нас? Па, на пример, еден автомобил може да биде многу корисен, а во итни случаи може дури и да спаси животи. Но, ако возачот не го контролира автомобилот на тој начин што постојано ќе управува со воланот, истиот тој автомобил може лесно да се претвори во смртоносно оружје. Слично на ова, ако не го чуваш своето срце, ќе бидеш препуштен на милоста и немилоста на секоја твоја внатрешна желба или нагон, а твојот животен пат ќе заврши со катастрофа. Божјата реч вели: „Безумен е кој се надева на своето срце, а се спасува кој живее мудро“ (Пословици 28:26). Да, можеш да чекориш мудро и да избегнеш катастрофа ако се водиш според Божјата реч, исто како што би погледнал во автокарта пред да тргнеш на пат (Псалм 119:105).

6, 7. а) Што е светоста, и зошто е важна за Јеховините слуги? б) Од каде знаеме дека несовршените луѓе можат да ја одразуваат Јеховината светост?

6 Нашето срце нема природно да влече кон морална чистота. Ние мораме да го насочуваме во тој правец. Еден начин да го правиме ова е да размислуваме за вистинската вредност на чистотата. Оваа одлика е тесно поврзана со светоста, која означува чистота, неизвалканост, одвоеност од грешноста. Светоста е скапоцена одлика што е дел од самата природа на Јехова Бог. Стотици библиски стихови ја поврзуваат таа одлика со Јехова. Всушност, Библијата вели дека „Светоста му припаѓа на Јехова“ (Излез 28:36, NW). Но, каква врска има таа возвишена одлика со нас како несовршени луѓе?

7 Во својата Реч, Јехова ни кажува: „Бидете свети, зашто јас сум свет“ (1. Петрово 1:16). Да, ние можеме да ја имитираме светоста на Јехова; можеме да бидеме чисти во негови очи и да ја задржиме нашата морална чистота. Затоа, кога избегнуваме нечисти, валкани постапки, ние се стремиме по една возвишена, прекрасна предност — да одразуваме една прекрасна особина на Највишиот Бог! (Ефешаните 5:1). Не треба да претпоставуваме дека за нас тоа е невозможно, бидејќи Јехова е мудар и разумен Господар што никогаш не бара од нас повеќе од она што можеме да го направиме (Псалм 103:13, 14; Јаков 3:17). Точно, потребен е напор за да се остане духовно и морално чист. Но, апостол Павле забележал дека „искреноста и чесноста [т.е. моралната чистота] . . . му припаѓаат на Христос“ (2. Коринќаните 11:3). Зар не сме им должни на Христос и на неговиот Татко да вложуваме секакви напори да останеме морално чисти? На крајот на краиштата, тие покажале кон нас многу поголема љубов отколку што ние воопшто можеме да им возвратиме (Јован 3:16; 15:13). Ние имаме предност да ја изразиме нашата благодарност на тој начин што ќе живееме чист, морален живот. Ако гледаме така на нашата морална чистота, за нас таа ќе биде скапоцена и ќе го чуваме своето срце.

8. а) Како можеме да го храниме фигуративното срце? б) Што можат да откријат за нас нашите разговори?

8 Нашето срце го чуваме и со начинот на исхрана. Треба редовно да ги храниме умот и срцето со добра духовна храна, задржувајќи ја добрата вест за Божјето Царство во центарот на нашиот живот (Колошаните 3:2). Дури и од нашите разговори треба да се гледа околу што се врти нашиот живот. Ако сме познати по тоа дека зборуваме на телесни, неморални теми, ние откриваме нешто за состојбата на нашето срце (Лука 6:45). Наместо тоа, да бидеме познати како лица што разговараат за духовни и изградувачки работи (Ефешаните 5:3). За да го чуваме своето срце, мораме да избегнуваме некои сериозни опасности. Да разгледаме две од нив.

Бегај од блуд

9-11. а) Зошто оние што го игнорираат советот од 1. Коринќаните 6:18 се ставаат во положба да извршат тежок неморал? Илустрирај. б) Што ќе избегнеме ако бегаме од блуд? в) Каков позитивен пример ни дал верниот човек Јов?

9 Јехова го инспирирал апостол Павле да запише некои совети што им помогнале на многумина да го зачуваат своето срце и да задржат морална чистота. Павле рекол: „Бегајте од блуд“ (1. Коринќаните 6:18). Забележи дека тој не рекол само: „Избегнувајте блуд“. Христијаните треба да направат нешто повеќе. Тие треба да бегаат од таквите неморални постапки, исто како што би бегале од опасност во која им е загрозен животот. Ако го игнорираме овој совет, ја зголемуваме веројатноста да направиме тежок неморал и со тоа да ја изгубиме Божјата наклоност.

10 Да илустрираме: Една мајка го измила и го облекла своето синче подготвувајќи го за некој важен настан. Детето прашува дали може да си поигра надвор пред да тргнат, и таа се согласува — но под еден услов. Таа му вели: „Немој да одиш во близина на она вирче. Ако се извалкаш со кал, ќе добиеш ќотек“. Но, по само неколку минути, таа го здогледува детето како оди на прсти по самиот раб на вирчето. Тоа не е извалкано со кал — барем сѐ уште не. Сепак, ја игнорира нејзината опомена да не оди ни во близина на вирчето, и може да се каже дека сигурно ќе има проблем (Пословици 22:15). Многу млади и возрасни, кои би требало да бидат повнимателни од едно дете, прават слична грешка. Како?

11 Во ова време кога толку многу луѓе им се препуштаат на „срамни сексуални желби“, никнала една цела индустрија што се занимава со унапредување на недозволени сексуални односи (Римјаните 1:26, 27). Порнографијата се шири како чума по пат на списанија, книги, видеокасети и Интернет. Тешко може да се каже дека оние што избираат да внесуваат такви слики во својот ум бегаат од блуд. Тие си играат со него, одат на прсти по работ, игнорирајќи ја опомената од Библијата. Наместо да го чуваат своето срце, тие го трујат со живи слики што со години нема да им се избришат од сеќавањето (Пословици 6:27). Да учиме од верниот Јов, кој склучил завет — формален договор — со своите очи да не гледа нешто што само ќе го става на искушение да згреши (Јов 31:1). Тој навистина е пример што треба да се следи!

12. Како можат христијанските двојки да ,бегаат од блуд‘ додека се запознаваат?

12 Особено е важно да ,бегаме од блуд‘ додека се запознаваме со некого од спротивниот пол. Тој период треба да биде радосен и исполнет со надеж и исчекување, но некои млади двојки го расипуваат играјќи си со неморал. При тоа се лишуваат од најцврстиот темел за добар брак — врска што се темели на несебична љубов, самосовладување и послушност на Јехова Бог. Една христијанска двојка се впуштила во неморално однесување при запознавањето. Откако стапиле во брак, сопругата признала дека ја измачувала совеста, па дури и дека ѝ ја уништила радоста на денот на венчавката. Таа признала: „Многу пати го молев Јехова да ми прости, но иако оттогаш поминаа седум години, совеста и понатаму ме обвинува“. Неопходно е оние што ќе направат такви гревови да побараат помош од христијанските старешини (Јаков 5:14, 15). Меѓутоа, многу христијански двојки постапуваат мудро и ги избегнуваат овие опасности додека се запознаваат (Пословици 22:3). Тие ги ограничуваат изразите на наклоност. Гледаат секогаш да има некој со нив и внимателно избегнуваат да бидат сами на места каде што нема други луѓе.

13. Зошто христијаните не започнуваат романтична врска со некого што не му служи на Јехова?

13 Христијаните што започнуваат романтична врска со некого кој не му служи на Јехова сосема веројатно ќе се соочат со страшни предизвици. На пример, како можеш да се врзеш со некого кој не го сака Јехова Бог? Многу е важно христијаните да се впрегнат во јарем само со оние што го сакаат Јехова и што ги почитуваат неговите мерила за морална чистота. Божјата реч ни кажува: „Не впрегнувајте се во нееднаков јарем со неверници. Зашто, што имаат заедничко праведноста и беззаконието? Или какво заедништво има светлината со темнината?“ (2. Коринќаните 6:14).

14, 15. а) Кое погрешно гледиште го имаат некои во врска со значењето на поимот „блуд“? б) Какви постапки означува зборот „блуд“, и како можат христијаните да ,бегаат од блуд‘?

14 Неопходно е и спознание. Не можеме на исправен начин да бегаме од блуд ако не знаеме што точно е тоа. Некои во денешниов свет стекнале неисправна претстава за тоа што значи поимот „блуд“. Тие си мислат дека можат да ги задоволуваат своите сексуални нагони надвор од бракот, но под услов да не се впуштаат во сексуални односи. Дури и некои угледни здравствени институции што настојуваат да го намалат бројот на случаи на несакана бременост кај тинејџерките ги охрабруваат младите да се впуштат во настрано сексуално однесување што не води до бременост. За жал, таквиот совет води до заблуда. Да се задржи морална чистота не значи само да се избегнува вонбрачна бременост, а вистинската дефиниција за „блуд“ не е толку ограничена.

15 Грчкиот збор порнеиа, кој се преведува со „блуд“, има прилично широко значење. Тој се однесува на сексуални односи помеѓу лица што не се во брак и главно укажува на противприродната употреба на половите органи. Порнеиа вклучува постапки како што се орален секс, анален секс и вршење мастурбација на друга личност — постапки што обично се поврзуваат со јавни куќи. Оние што мислат дека таквите постапки не се „блуд“ се лажат и станале жртви на една од замките на Сатана (2. Тимотеј 2:26). Освен тоа, да се задржи морална чистота значи нешто повеќе отколку само некој да се воздржува од која и да е постапка што претставува блуд. За да ,бегаме од блуд‘, мораме да ги избегнуваме сите облици на сексуална нечистота и распуштено однесување, кои би можеле да водат до тешките гревови што се означени со зборот порнеиа (Ефешаните 4:19). На тој начин задржуваме морална чистота.

Избегнувај ги опасностите од флертувањето

16. Во кои околности романтичното однесување е на место, и кој библиски пример го илустрира ова?

16 Друга опасност од која треба да се чуваме за да ја задржиме нашата морална чистота е флертувањето. Некои можеби упорно тврдат дека флертувањето е невина, безопасна забава помеѓу двајца од спротивен пол. Точно, има и време и место за романтично однесување. Исак и Ревека биле видени како ,се забавуваат‘ и за оние што ги гледале било очигледно дека не се само брат и сестра (Битие 26:7—9, NW). Меѓутоа, тие биле маж и жена. Изразите на наклоност помеѓу нив биле на место. Флертувањето е нешто сосема друго.

17. Што е флертување, и како може да се контролира овој проблем?

17 Флертувањето може да се дефинира вака: Да дадеш некому знак дека имаш романтичен интерес за него иако немаш вистинска намера за брак. Луѓето се сложени суштества, па затоа нема сомневање дека има безброј начини на кои може да се флертува, а некои од нив се едвај забележливи (Пословици 30:18, 19). Затоа, не е решение само да се изнесат строги правила во врска со ова. Наместо тоа, потребно е нешто повеќе — искрено самоиспитување и совесно применување на библиските начела.

18. Зошто некои флертуваат, и зошто флертувањето е штетно?

18 Ако сме искрени со себе, повеќето од нас веројатно ќе мораме да си признаеме дека ни ласка кога ќе почувствуваме дека некој од спротивниот пол има романтичен интерес за нас. Тоа е сосема природно. Но, дали ќе флертуваме за да предизвикаме таков интерес — и тоа само за да го задоволиме своето его или да предизвикаме иста таква реакција и кај другиот? Ако е така, дали сме размислиле за тоа каква болка можеби предизвикуваме? На пример, во Пословици 13:12 стои: „Одложуваната надеж го изнемоштува срцето“. Ако намерно флертуваме со некого, веројатно не знаеме како точно влијае тоа врз таа личност. Тој или таа може да очекува да започнеме романтична врска, па дури може да помислува и на брак. Разочарувањето што ќе следи може да биде поразително (Пословици 18:14). Сурово е некој намерно да си игра со чувствата на другите.

19. Како може флертувањето да ги загрози христијанските бракови?

19 Особено е важно да се чуваат од флертување оние што се во брак. Не е исправно да се покажува романтичен интерес за некој што е во брак — ниту некој што е во брак да покажува таков интерес за некое друго лице освен за својот брачен другар. За жал, некои христијани сметаат дека е во ред да негуваат романтични чувства и кон други лица од спротивниот пол освен кон својот брачен другар, но тие не се во право. Некои му ги откриваат своите најдлабоки грижи на таквиот „пријател“, дури и му ги доверуваат своите лични размислувања што не ги споделуваат со својот сопружник. Како резултат на тоа, романтичните чувства прераснуваат во емоционална зависност што може да го поткопа, па дури и да го уништи бракот. Ќе биде добро христијаните што се во брак да се сетат на Исусовата опомена против прељубата — таа започнува во срцето (Матеј 5:28). Затоа, да го чуваме своето срце и да избегнуваме ситуации што би можеле да водат до такви катастрофални последици.

20. Како треба да бидеме решени да гледаме на нашата морална чистота?

20 Јасно, не е лесно да се остане морално чист во денешниов неморален свет. Но, не заборавај дека е многу полесно да ја задржиш моралната чистота отколку повторно да ја стекнеш откако еднаш си ја изгубил. Се разбира, Јехова може да „прости во голема мера“ и може да ги очисти оние што вистински се каат за своите гревови (Исаија 55:7, NW). Меѓутоа, Јехова не ги штити оние што прават неморал од последиците на нивните постапки. Последиците можат да траат со години, па дури и цел живот (2. Самоил 12:9—12). По секоја цена, задржи ја моралната чистота чувајќи го своето срце. Гледај на твојата чиста положба пред Јехова Бог како на скапоцено богатство — и никогаш не дозволувај да го изгубиш!

Како би одговорил?

• Што е морална чистота, и зошто е толку важна?

• Како можеме да го чуваме своето срце?

• Што е вклучено во тоа да се бега од блуд?

• Зошто треба да избегнуваме флертување?

[Слика на страница 11]

Автомобилот може да биде опасен ако не се управува исправно со него

[Слики на страница 12]

Што може да се случи ако ги игнорираме опомените?

[Слика на страница 13]

Морално чистото запознавање е радосно и му оддава чест на Бог

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели