Дали неутралноста ја спречува христијанската љубов?
ДА СЕ биде христијанин опфаќа повеќе отколку читање на Библијата, молење и пеење црковни песни во неделите. Тоа вклучува да се прават дела, како за Бог така и за луѓето. Библијата вели: „Да не се љубиме со збор ниту со јазик, туку со дело и вистина“ (1. Јованово 3:18). Исус искрено се грижел за другите, а христијаните сакаат да го имитираат. Апостол Павле ги поттикнал соверниците секогаш да бидат „обилно вработени во делото Господово“ (1. Коринќаните 15:58). Но, што е делото Господово? Дали тоа вклучува да се обидеме да ја смениме владината политика во корист на сиромашните и угнетените? Дали тоа е она што Исус го правел?
Иако го терале да се меша во политички работи или да зазема страни, Исус одбил да го стори тоа. Ја одбил понудата на Сатана да му даде моќ над сите царства во светот, одбил да биде вовлечен во една расправија во врска со плаќањето даноци и се повлекол кога едно популарно движење сакало да го направи цар (Матеј 4:8—10; 22:17—21; Јован 6:15). Но, неговата неутралност не го спречила да работи за доброто на другите.
Исус се концентрирал на она што ќе им донесе трајно добро на другите. Иако тоа што нахранил пет илјади луѓе и ги лекувал болните им донело привремено олеснување на неколкумина, неговото учење ги направило вечните благослови достапни за сите луѓе. Исус не станал познат како организатор на акции за хуманитарна помош, туку едноставно како „Учителот“ (Матеј 26:18; Марко 5:35; Јован 11:28). Тој рекол: „Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината“ (Јован 18:37).
Проповедање нешто подобро од политика
Вистината за која Исус поучувал не била политичка теорија. Напротив, таа се сосредоточувала на Царството чијшто Цар ќе биде самиот тој (Лука 4:43). Тоа Царство е небесна влада и ќе ги замени сите човечки влади и ќе донесе траен мир за човештвото (Исаија 9:6, 7; 11:9; Даниел 2:44). Затоа, тоа е единствената вистинска надеж за човештвото. Зарем не е поголем чин на љубов да се објавува една таква сигурна надеж за иднината отколку да се охрабруваат луѓето да веруваат дека човекот ќе обезбеди сигурна иднина? Библијата вели: „Не надевајте се на кнезовите, ниту во човечки син, од кого нема спасение! Ако излезе духот од него, тој се враќа во својата земја, и во тој ден пропаѓаат сите негови мисли. Блажен е оној, кому му е помошник: Јакововиот Бог, чија надеж е во Господа, неговиот Бог“ (Псалм 146:3—5). Затоа, наместо да ги испрати своите ученици да проповедаат за некој подобар начин на организирање на владите, Исус ги поучил да проповедаат „добра вест за царството“ (Матеј 10:6, 7; 24:14).
Значи, ова е „делото Господово“ што христијанските проповедници имаат налог да го извршуваат. Бидејќи од поданиците на Божјето Царство се бара да се сакаат еден со друг, Царството ќе успее да ја отстрани сиромаштијата така што ќе ги дели средствата на луѓето на урамнотежен начин (Псалм 72:8, 12, 13). Ова е добра вест и секако вреди да ја проповедаме.
Денес, Јеховините сведоци се организирани за ова ‚дело Господово‘ во 235 земји. Во склад со Исусовата заповед, тие ги почитуваат сите влади (Матеј 22:21). Но, исто така ги држат и овие зборови што ги упатил до своите следбеници: „Не сте дел од светот, туку јас ве избрав од светот“ (Јован 15:19).
Некои кои порано верувале во политиката се промениле откако внимателно ја проучиле Библијата. Еден италијански политичар, кој бил член на Католичката акција, организација под контрола на црквата, рекол: „Влегов во политиката сметајќи дека човек треба активно да придонесува за политичкиот и социјалниот развој на општеството“. Откако дал оставка како градоначалник со цел да го проповеда Божјето Царство како Јеховин сведок, објаснил зошто напорите на искрените луѓе во политиката не успеваат. „Светот е тоа што е не затоа што чесни луѓе не се обиделе да ги подобрат социјалните услови туку затоа што искрените напори на неколкумина се надвладеани од злобата на мнозинството“.
Тоа што не се мешаат во политика за да ја проповедаат единствената вистинска надеж за човештвото, не ги спречува вистинските христијани да им помагаат на другите на практични начини. Оние на кои тие им помагаат да станат поданици на Божјето Царство учат да ги променат штетните ставови, да почитуваат авторитет, да го подобрат својот семеен живот и да имаат урамнотежено гледиште за материјалното богатство. Што е уште поважно, Јеховините сведоци им помагаат на луѓето да имаат близок однос со Бог.
Проповедниците на Божјето Царство му се од корист на општеството во коешто живеат. Но, што е уште поважно, ги поучуваат луѓето да ја положат својата доверба во една влада што е реална и која ќе донесе траен мир за сите што го сакаат Бог. Како резултат на нивната неутралност, христијаните можат слободно да ја дадат најдолготрајната и најпрактичната помош што е достапна денес.
[Рамка/слика на страница 7]
Од политика до проповедање за Божјето Царство
Како момче, за теологијата на ослободување Атила дознал од својот парохиски свештеник во Белем (Бразил). Тој уживал да слуша за тоа дека човештвото конечно ќе биде ослободено од угнетувањето и се приклучил на една заедница на активисти, каде што научил да организира протестни маршеви и кампањи за граѓанска непослушност.
Но, Атила исто така уживал и да ги поучува децата во групата користејќи една книга што му била дадена, Listening to the Great Teacher (Да се слуша Големиот Учител).a Во неа се зборувало за добро однесување и за послушност кон властите. Ова го натерало Атила да се запраша зошто оние што ја поддржуваат теологијата на ослободување не ги следат високите морални мерила на Исус и зошто некои, кога ќе дојдат на власт, ги забораваат угнетените. Се повлекол од заедницата. Подоцна, на неговата врата тропнале Јеховините сведоци и разговарале со него за Божјето Царство. Наскоро потоа ја проучувал Библијата и учејќи за вистинскиот лек за угнетувањето на човештвото.
Отприлика во тоа време, Атила присуствувал на еден католички семинар за религија и политика. „Религијата и политиката се два различни начина да се гледа на истата ситуација“, објасниле инструкторите. Исто така, присуствувал и на еден состанок во Салата на Царството. Каква разлика! Една работа е тоа што таму немало пушење, пиење, ниту непристојни шеги. Одлучил да им се приклучи во нивното проповедничко дело и набрзо се крстил. Сега може да види зошто теологијата на ослободување не е вистинското решение за проблемите на сиромашните.
[Фуснота]
a Издадена од Јеховините сведоци.
[Слики на страница 6]
Неутралноста не ги спречува христијанските министри да им помагаат на другите