Треба ли свештенството да се меша во политика?
„ВМЕШАНОСТА во политиката може да им помогне на сиромашните, им рекол еден канадски надбискуп на поклониците . . . Дури и ако се чини дека политичкиот систем не е во склад со Божјата волја, ‚треба да се вмешаме за да им донесеме правда на сиромашните‘“ (Catholic News).
Не се невообичаени извештаите за религиозни водачи на повисоки положби кои отворено зборуваат во полза на вмешаноста во политиката; ниту, пак, се ретки религиозните водачи кои се на политичка функција. Некои се обиделе да ги поправат работите во политиката. Други се ценети и запаметени по нивните кампањи во врска со прашања како што се расната еднаквост и укинувањето на ропството.
Сепак, на многу лаици им е непријатно кога нивните проповедници заземаат страни во политички прашања. „Токму редовните посетители на протестантските цркви биле оние што понекогаш ги доведувале во прашање јавните залагања на нивното свештенство во политички цели“, било кажано во една статија за политичката теологија во Christian Century. Голем број религиозни луѓе сметаат дека црквата е премногу света за да се меша во политиката.
Ова покренува некои интересни прашања што се од интерес за сите кои сакаат да видат еден подобар свет. Можат ли проповедниците на христијанството да ги поправат работите во политиката?a Дали вмешаноста во политика е начинот на кој Бог би постигнал подобра влада и подобар свет? Дали христијанството започнало како еден нов начин на практикување политика?
Како започнала политиката во името на Христос
Во The Early Church (Раната црква), историчарот Хенри Чедвик вели дека раното христијанско собрание било познато по тоа што „не било заинтересирано да поседува моќ во овој свет“. Тоа било „аполитична, мирна и мирољубива заедница“. Книгата A History of Christianity (Историја на христијанството) вели: „Меѓу христијаните постоело едно раширено убедување дека никој од нив не треба да биде на некаква функција во државата . . . Во почетокот на третиот век Хиполит рекол дека еден значаен христијански обичај налагал еден државен службеник да ја напушти службата како услов за да може да ѝ се приклучи на Црквата“. Меѓутоа, мажи желни за моќ постепено почнале да го преземаат водството во многу собранија, давајќи си високозвучни титули (Дела 20:29, 30). Некои сакале да бидат и религиозни водачи и политичари. Една ненадејна промена во Римската влада им ја дала на таквите свештеници можноста што ја посакувале.
Во 312 н.е. паганскиот Римски император Константин почнал поволно да гледа на номиналното христијанство. Чудно, црковните бискупи биле спремни да направат компромис со паганскиот император во замена за привилегиите што им ги дал. „Црквата станувала сѐ повеќе вплеткана во сериозни политички одлуки“, напишал Хенри Чедвик. Како влијаела вмешаноста во политиката врз свештениците?
Како влијаела политиката врз проповедниците
Идејата дека Бог би користел свештеници како политичари особено ја поддржувал Августин, влијателен католички теолог од петтиот век. Тој мислел дека владеењето на црквата над нациите ќе му донесе мир на човештвото. Но, историчарот Х. Г. Велс напишал: „Историјата на Европа од петтиот па сѐ до петнаесетиот век главно е историја на неуспехот оваа величествена идеја за божествена светска влада да се оствари во пракса“. Христијанскиот свет не донел мир во Европа, а камоли во светот. Она што било сметано за христијанство го изгубило угледот во очите на мнозина. Што тргнало наопаку?
Мнозина што тврделе дека проповедаат христијанство биле вовлечени во политиката со добри намери, но на крај се нашле вплеткани во зло. Мартин Лутер, проповедник и преведувач на Библијата, е познат по неговите напори да ја реформира католичката црква. Меѓутоа, со својот смел став против црковните доктрини стекнал популарност кај оние што имале политички мотиви за бунт. Лутер ја изгубил почитта на мнозина кога и тој почнал отворено да зборува за политички прашања. Во почетокот имал наклоност кон селаните кои се бунтувале против благородниците што ги угнетувале. Потоа, кога бунтот се вжештил, ги охрабрил благородниците да го задушат бунтот, што тие и го направиле, касапејќи илјадници луѓе. Не е чудно што селаните го сметале за предавник. Лутер, исто така, ги охрабрил благородниците во нивниот бунт против католичкиот цар. Всушност, протестантите, како што станале познати следбениците на Лутер, уште во почетокот основале политичко движење. Како влијаела моќта врз Лутер? Го расипала. На пример, иако во почетокот се противел на примената на сила против религиозните отпадници, подоцна ги охрабрувал своите политички пријатели да ги погубуваат со спалување оние што биле против крштавањето на бебиња.
Жан Калвин бил познат свештеник од Женева, но исто така се здобил и со огромно политичко влијание. Кога Мигел Сервето објаснил дека во Писмото не постои темел за тројството, Калвин го искористил своето политичко влијание за да го поддржи погубувањето на Сервето, кој бил запален на клада. Какво само страшно отстапување од учењата на Исус!
Можеби овие мажи заборавиле што вели Библијата во 1. Јованово 5:19: „Целиот свет лежи во власта на злобниот“. Дали тие имале искрена желба да ги поправат работите во политиката или, пак, она што ги привлекло бил изгледот за моќ и пријатели на високи места? Како и да е, требало да се сетат на инспирираните зборови на Исусовиот ученик Јаков: „Зарем не знаете дека пријателството со светот е непријателство со Бог? Затоа, кој сака да биде пријател со светот, од себе прави непријател на Бог“ (Јаков 4:4). Јаков знаел дека Исус за своите следбеници рекол: „Не се дел од светот, како што јас не сум дел од светот“ (Јован 17:14).
Сепак, иако признаваат дека христијаните не треба да бидат дел од злобата во светот, мнозина се против тоа да бидат политички неутрални, вистински да „не се дел од светот“. Тие тврдат дека таквата неутралност ги спречува христијаните активно да покажуваат љубов кон другите. Сметаат дека црковните водачи треба отворено да зборуваат и да имаат улога во борбата против корупцијата и неправдата. Но, дали неутралноста за која Исус поучувал навистина е неспоива со активната грижа за другите? Може ли еден христијанин да се држи настрана од разорните политички прашања и во исто време да им даде практична помош на другите? Наредната статија ги разгледува овие прашања.
[Фуснота]
a Политиката се дефинира како „активностите поврзани со управувањето на некоја земја или област, особено дебатата и конфликтот помеѓу поединци или партии што имаат или се надеваат да стекнат моќ“ (The New Oxford Dictionary of English).
[Слика на страница 4]
За да добијат политичка моќ, црковните водачи правеле компромиси со владетели како императорот Константин
[Извор на слика]
Musée du Louvre, Paris
[Слики на страница 5]
Зошто познати религиозни водачи биле вовлечени во политика?
Августин
Лутер
Калвин
[Извори на слики]
Августин: ICCD Photo; Калвин: Портрет од Холбајн, од книгата The History of Protestantism (Историја на протестантизмот, том II)