ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • sh погл. 13 стр. 306-328
  • Реформација — потрагата тргнува во нов правец

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Реформација — потрагата тргнува во нов правец
  • Потрагата на човештвото по Бог
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Црквата паѓа на ниски гранки
  • Почетни напори за реформа
  • Протести во сопствените редови
  • Поделена куќа
  • Лутер и неговите тези
  • Реформа или побуна?
  • Реформата на Цвингли во Швајцарија
  • Анабаптисти, менонити и хутерити
  • Појавата на калвинизмот
  • Реформација во Англија
  • Какви биле ефектите?
  • Мартин Лутер — човекот и неговата оставина
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
  • Весел Гансфорт — „реформатор пред реформацијата“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2007
  • 500 години калвинизам — што се постигнало?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2010
  • Треба ли свештенството да се меша во политика?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
Повеќе
Потрагата на човештвото по Бог
sh погл. 13 стр. 306-328

Поглавје 13

Реформација — потрагата тргнува во нов правец

1, 2. а) Како е опишана средновековната Римокатоличка црква во една книга за реформацијата? б) Какви прашања се појавуваат во врска со состојбата на Римската црква?

„ВИСТИНСКАТА трагедија на средновековната црква е тоа што не успеала да оди во чекор со времето . . . Далеку од тоа да биде напредна, далеку од тоа да дава духовно водство, таа била назадна и декадентна, и корумпирана во сите свои делови.“ Така вели книгата The Story of the Reformation (Историја на реформацијата) за моќната Римокатоличка црква, која доминирала во поголемиот дел на Европа од 5 до 15 век н.е.

2 Како се случило Римската црква да падне од својата семоќна положба и да стане ‚декадентна и корумпирана‘? Како му се случило на папството, кое тврдело дека има апостолско наследство, да пропушти да обезбеди „духовно водство“? И каков бил исходот од овој пропуст? За да ги најдеме одговорите, треба накратко да разгледаме каков вид црква станала таа и каква улога играла во потрагата на човештвото по вистинскиот Бог.

Црквата паѓа на ниски гранки

3. а) Каква била материјалната состојба на Римската црква кон крајот на 15 век? б) Како се обидувала Црквата да ја одржи својата величественост?

3 До крајот на 15 век, Римската црква со своите епархии, како и со машките и женските манастири по целото свое подрачје, станала најголемиот земјопоседник во цела Европа. Се известува дека таа поседувала половина од земјиштето во Франција и во Германија, и две петини или повеќе во Шведска и во Англија. Со каков резултат? „Раскошот на Рим неизмерно растел кон крајот на 1400-те и почетокот на 1500-те години, а привремено растела и неговата политичка важност“, вели книгата A History of Civilization (Историја на цивилизацијата). Меѓутоа, сета таа величественост си имала и своја цена, и за да се одржи, папството морало да изнајде нови извори на приходи. Опишувајќи ги различните методи кои биле применувани за таа цел, историчарот Вил Дјурант напишал:

„Од секој наименуван во црквата се барало на папската курија — административни канцеларии на папството — да ѝ отстапи половина од доходот од својата служба за првата година („анат“), а потоа од него да дава годишно по една десетина, односно десеток. Еден нов надбискуп требало да му плати на папата прилично висока сума за палиумот — лента од бела волна која служела како потврда и инсигнија на неговата власт. Кога ќе умрел некој кардинал, надбискуп, бискуп или опат, сѐ што тој лично поседувал било префрлено на папството . . . За секој донесен суд или укажана наклоност, куријата очекувала подарок во знак на признание, и тој подарок понекогаш го диктирал донесениот суд“.

4. Како влијаеле врз папството богатствата што се слевале во црквата?

4 Огромните парични суми кои од година в година се слевале во папските ризници на крајот довеле до голема злоупотреба и корупција. Се велело дека ‚ни папата не може да допре катран без да си ги извалка прстите‘, а црковната историја од овој период го доживеала она што еден историчар го нарекол „низа од сосема световно настроени папи“. Меѓу нив биле Сикст IV (папа од 1471 до 1484), кој потрошил огромни суми за да ја изгради Сикстинската капела, која го носи неговото име, и за да ги збогати своите многубројни внуци и внуки; Александар VI (папа од 1492 до 1503), злогласниот Родриго Борџија, кој отворено ги признал и ги унапредувал своите вонбрачни деца; и Јулиј II (папа од 1503 до 1513), внук на Сикст IV, кој бил повеќе оддаден на војна, политика и уметност отколку на своите црковни должности. Во 1518, холандскиот католички научник Еразмо со право можел да напише: „Бесрамноста на Римската курија ја достигна својата кулминација“.

5. Што покажуваат записите од тоа време во врска со моралноста на клерот?

5 Корупцијата и неморалот не биле ограничени само на папството. Една вообичаена изрека од тоа време гласела: „Ако сакаш да го упропастиш син ти, направи го свештеник“. Ова е поддржано со записите од тоа време. Според Дјурант, во Англија, меѓу „обвиненијата за [сексуално] невоздржување поднесени во 1499 . . . околу 23 отсто од вкупниот број обвинети биле свештеници, иако клерот веројатно претставувал помалку од 2 отсто од населението. Некои исповедници изнудувале сексуални услуги од покајничките. Илјадници свештеници имале конкубини, во Германија скоро сите“. (За разлика од тоа, види 1. Коринќаните 6:9—11; Ефешаните 5:5.) Морални пропусти се појавиле и на други подрачја. Се вели дека еден Шпанец од тоа време се жалел: „Гледам дека ретко можеме да добиеме нешто од Христовите слуги освен за пари; на крштевка пари . . . на венчавка пари, за исповедување пари — не, дури ни последното миросување [последниот обред] не е без пари! Тие нема ниту да ги бијат камбаните без пари, нема погреб во црквата без пари; па така изгледа дека Рајот е затворен за оние кои немаат пари“. (За разлика од тоа, види 1. Тимотеј 6:10.)

6. Како ја опишал Макијавели Римската црква? (Римјаните 2:21—24)

6 За да ја резимираме состојбата на Римската црква на почетокот од 16 век, ги цитираме зборовите на Макијавели, познат италијански филозоф од тој период:

„Да била зачувана религијата на христијанството според одредбите на Основачот, државата и народот во христијанскиот свет би биле далеку пообединети и посреќни отколку што се. Ниту, пак, може да има поголем доказ за нејзината декаденција од фактот дека луѓето, колку се поблиски на Римската црква, предводникот на нивната религија, толку се и понерелигиозни“.

Почетни напори за реформа

7. Какви слаби напори вложила црквата за да се зафати со некои од злоупотребите?

7 Кризата во црквата ја забележале не само луѓе како Еразмо и Макијавели туку и самата црква. Биле свикани црковни концили за да разгледаат некои од жалбите и злоупотребите, но без трајни резултати. Папите, кои уживале во својата лична моќ и слава, го одвраќале секој вистински напор за реформа.

8. Кој бил резултатот од постојаната немарност на црквата?

8 Ако црквата посериозно ја одржувала својата куќа чиста, веројатно не би дошло до реформација. Но, како што и се случило, повиците за реформа почнале да се слушаат и внатре и надвор од црквата. Во 11. поглавје веќе ги споменавме валдензите и албижаните. Иако биле осудени како еретици и немилосрдно уништени, тие кај народот разбудиле чувство на незадоволство од злоупотребите од страна на католичкиот клер и му ја разгореле желбата да ѝ се врати на Библијата. Таквите чувства нашле свој израз кај голем број рани реформатори.

Протести во сопствените редови

9. Кој бил Џон Виклиф, и против што проповедал тој?

9 Честопати спомнуван како „Ѕвезда Деница на реформацијата“, Џон Виклиф (1330?—1384) бил католички свештеник и професор по теологија на Оксфорд, Англија. Сосема свесен за злоупотребите во црквата, тој пишувал и проповедал против такви работи како корупција во монашките редови, папско оданочување, доктрина за трансупстанцијација (тврдење дека лебот и виното што се користат во мисата дословно се претвораат во телото и во крвта на Исус Христос), исповедување и вклученост на црквата во световни работи.

10. Како ја покажал Виклиф својата оддаденост на Библијата?

10 Виклиф бил особено отворен кога станувало збор за занемарувањето на црквата да поучува за Библијата. Еднаш тој изјавил: „Бог сака секоја епархиска црква во оваа земја да има добра Библија и добри толкувања на евангелијата, а свештениците внимателно да ги проучуваат и навистина да го поучуваат народот за евангелијата и за Божјите заповеди!“ За таа цел, Виклиф, во последните денови од својот живот, се зафатил со задачата да ја преведе на англиски латинската Библија Вулгата. Со помош на своите придружници, особено на Никола од Хирфорд, ја направил првата комплетна Библија на англиски јазик. Несомнено, тоа бил Виклифовиот најголем прилог кон потрагата на човештвото по Бог.

11. а) Што успеале да постигнат Виклифовите следбеници? б) Што се случило со лолардите?

11 Виклифовите записи и делови од Библијата биле дистрибуирани низ Англија преку едно тело на проповедници, честопати наречени „Сиромашни свештеници“, бидејќи оделе во едноставна облека, боси и без материјални поседи. Исто така, презриво биле наречени лоларди, од средновековниот холандски збор лолерд, односно „оној кој мрмори молитви или химни“ (Brewer’s Dictionary of Phrase and Fable — Бруеров речник на фрази и бајки). „За неколку години нивниот број станал прилично голем“, вели книгата The Lollards (Лолардите). „Се сметало дека најмалку една четвртина од нацијата била вистински или пак номинално наклонета кон овие мислења.“ Сето ова, се разбира, не поминало незабележено од страна на црквата. Поради својот углед меѓу владејачките и научните класи, на Виклиф му било допуштено да умре во мир на последниот ден од 1384 година. Неговите следбеници ја немале таа среќа. За време на владеењето на Хенри IV во Англија, биле жигосани како еретици и многумина од нив биле затворени, мачени или живи изгорени.

12. Кој бил Јан Хус, и против што проповедал тој?

12 Под силно влијание на Џон Виклиф бил Бохемецот (Чехот) Јан Хус (1369?—1415), исто така католички свештеник и ректор на Универзитетот во Прага. Како и Виклиф, Хус проповедал против корупцијата на Римската црква и нагласувал колку е важно да се чита Библијата. Со ова брзо си го навлекол гневот на хиерархијата. Во 1403, властите му наредиле да престане со проповедањето на антипапските идеи на Виклиф, чиишто книги исто така биле јавно запалени. Меѓутоа, Хус почнал и самиот да пишува некои од најострите обвиненија против практиките на црквата, вклучувајќи ја и продажбата на индулгенции.a Тој бил осуден и екскомунициран во 1410.

13. а) Што било, според Хус, вистинска црква? б) Каков бил исходот на Хусовата непоколебливост?

13 Хус бескомпромисно ја поддржувал Библијата. „Да се бунтуваш против еден папа што прави грев значи да го слушаш Христос“, напишал тој. Исто така поучувал дека вистинската црква ни оддалеку не ја сочинува само папата и Римската установа, туку таа „го претставува бројот на целото избрано и мистично тело на Христос, чијашто глава е Христос; и невестата на Христос која поради големата љубов ја откупил со својата сопствена крв“. (Спореди Ефешаните 1:22, 23; 5:25—27.) Заради сето ова бил изведен пред Концилот во Констанца и бил осуден како еретик. Изјавувајќи дека ‚е подобро да умре здрав отколку да живее болен‘, тој одбил да се откаже и бил изгорен на клада во 1415. Истиот концил исто така одредил да се откопаат коските на Виклиф и да се изгорат, и покрај тоа што тој бил мртов и закопан пред повеќе од 30 години!

14. а) Кој бил Џироламо Савонарола? б) Што се обидел Савонарола да направи, и со каков исход?

14 Еден друг ран реформатор бил доминиканскиот калуѓер Џироламо Савонарола (1452—1498) од манастирот Св. Марко во Фиренца, Италија. Понесен од духот на италијанската ренесанса, Савонарола зборувал против корупцијата и во црквата и во државата. Повикувајќи се на Писмото, како и на визиите и откровенијата кои наводно ги добил, тој сакал да воспостави една христијанска држава, односно теократско општество. Во 1497 година, папата го екскомуницирал. Следната година бил уапсен, мачен и обесен. Неговите последни зборови биле: „Мојот Господ умре за моите гревови; зарем нема радо да го дадам овој беден живот за него?“ Телото му било изгорено, а пепелта фрлена во реката Арно. Савонарола соодветно се нарекувал себеси „претходник и жртва“. Само неколку години подоцна, реформацијата избувнала со сета сила низ цела Европа.

Поделена куќа

15. Како христијанскиот свет во Западна Европа бил поделен од реформаторското движење?

15 Кога бурата на реформацијата конечно започнала, ја разнишала религиозната куќа на христијанскиот свет во Западна Европа. Бидејќи била скоро потполно под доминација на Римокатоличката црква, таа сега станала поделена куќа. Јужна Европа — Италија, Шпанија, Австрија и делови од Франција — останала претежно католичка. Остатокот главно бил поделен на три дела: лутерански во Германија и Скандинавија; калвинистички (или реформиран) во Швајцарија, Холандија, Шкотска и делови од Франција; и англикански во Англија. Меѓу нив биле распрснати помали, но порадикални групи, најпрво анабаптистите, а подоцна менонитите, хутеритите и пуританците, кои со текот на времето ги пренеле своите верувања во Северна Америка.

16. На крајот, што се случило со куќата на христијанскиот свет? (Марко 3:25)

16 Како што минувале годините, овие главни струи понатаму се разделиле во стотиците деноминации кои постојат денес — презвитери, епископалци, методисти, баптисти, конгрегационалисти, и ова се само некои од нив. Христијанскиот свет навистина станал поделена куќа. Како дошло до овие поделби?

Лутер и неговите тези

17. Што може да се наведе како официјална појдовна точка на протестантската реформација?

17 Ако треба да се наведе една пресудна појдовна точка на протестантската реформација, тоа би било 31 октомври 1517, кога августинскиот калуѓер Мартин Лутер (1483—1546) ги приковал своите 95 тези на портата од црквата во тврдината Витенберг, во германската држава Саксонија. Меѓутоа, што го предизвикало овој драматичен настан? Кој бил Мартин Лутер? И поради што протестирал тој?

18. а) Кој бил Мартин Лутер? б) Што го навело Лутер да ги објави своите тези?

18 Слично на Виклиф и Хус пред него, Мартин Лутер бил калуѓер и изучувач. Тој бил и доктор по теологија и професор по библиски студии на Универзитетот во Витенберг. Лутер си стекнал доста добро име поради својот увид во Библијата. Иако имал цврсти ставови на тема спасение, односно оправдување, дека тоа се постигнува со вера наместо со дела или со испосништво, тој не ни помислувал да ги прекине врските со Римската црква. Всушност, објавувањето на овие тези било негова реакција на еден специфичен настан, а не планиран револт. Тој протестирал против продажбата на индулгенции.

19. Како биле искористувани индулгенциите во времето на Лутер?

19 Во времето на Лутер, папските индулгенции биле јавно продавани не само за живите туку и за мртвите. „Штом во ковчежето парата ќе ѕвекне, од чистилиштето душата ќе скокне“, гласела една вообичаена изрека. За обичниот народ, една индулгенција станала скоро како полиса за осигурување против казнување за кој и да е грев, а покајанието било тргнато настрана. „Насекаде“, напишал Еразмо, „ослободувањето од маката во чистилиштето се продава; и не само што се продава, туку и на сила им се наметнува на оние кои го одбиваат.“

20. а) Зошто Јохан Тецел отишол во Јитабог? б) Каква била реакцијата на Лутер на Тецеловата продажба на индулгенции?

20 Во 1517, Јохан Тецел, еден доминикански фратар, отишол во Јитабог, близу Витенберг, за да продава индулгенции. Парите што на тој начин ги добил биле делумно наменети за финансирање на повторната изградба на базиликата Св. Петар во Рим. Исто така, биле наменети да му помогнат на Алберт од Бранденбург да ги врати парите што ги позајмил за да ѝ плати на Римската курија за положбата на надбискуп на Мајнц. Тецел ги применил сите свои трговски вештини и народот се собирал кај него. Лутер бил огорчен, па на најбрз можен начин јавно го изразил своето мислење за целата таа циркуска работа — приковувајќи на црковната порта 95 точки за дебата.

21. Кои аргументи ги употребил Лутер против продажбата на индулгенции?

21 Своите 95 тези Лутер ги нарекол Расправа заради појаснување на моќта на индулгенциите. Неговата намера не била да се спротивстави на авторитетот на Црквата, туку да укаже дека се претерува со продажбата на папски индулгенции и дека таа се злоупотребува. Ова може да се види од следниве тези:

„5. Папата ниту има волја ниту има моќ да ослободи од која и да е казна, освен од оние кои се наметнати по негов сопствен авторитет . . .

20. Затоа папата, кога зборува за потполно ослободување од сите казни, не мисли на сите воопшто, туку само на оние кои се наметнати од него самиот . . .

36. Секој христијанин кој чувствува вистинска грижа на совеста го има правото на потполно ослободување од казна и вина дури и без писма на простување“.

22. а) Што настанало додека се ширела Лутеровата порака? б) Што се случило во 1520, а го вклучувало Лутер, и каков бил исходот?

22 Со помош на скоро пронајдената печатарска преса, не требало долго време за овие експлозивни идеи да стигнат во други делови на Германија — и во Рим. Она што започнало како академска дебата за продажбата на индулгенции наскоро преминало во контроверзија на тема вера и папски авторитет. Отпрвин, Римската црква го вклучила Лутер во дебата и му наредила да се откаже. Кога Лутер одбил, бил ставен под притисокот и на политичките и на црковните власти. Во 1520, папата издал була, односно указ, со кој му забранил на Лутер да проповеда и наредил неговите книги да бидат запалени. Во знак на протест, Лутер ја изгорел папската була пред очите на јавноста. Папата го екскомуницирал во 1521.

23. а) Што бил Соборот во Вормс? б) Како го изразил Лутер во Вормс својот став, и со каков резултат?

23 Подоцна таа година, Лутер бил повикан пред Собор, односно собрание, во Вормс. Му судел императорот на Светата Римска Империја, Карло V, закоравен католик, како и шест електори на германски држави а и други водачи и достоинственици, религиозни и световни. Кога бил повторно притиснат да се откаже, Лутер ја кажал својата позната изјава: „Доколку не сум прогласен за виновен од страна на Писмото и на чистиот разум . . . не можам и нема да се откажам од што и да било, зашто да се оди против совеста не е ниту исправно ниту безбедно. Бог нека ми помогне. Амин“. Како последица на тоа, императорот го прогласил за одметник. Меѓутоа, владетелот на неговата сопствена германска држава, електорот Фридрих од Саксонија, му дошол на помош и му понудил засолниште во Вартбуршката тврдина.

24. Што постигнал Лутер додека бил во Вартбуршката тврдина?

24 Меѓутоа, овие мерки не успеале да го зауздат ширењето на Лутеровите идеи. Во текот на десетте месеци во безбедноста на Вартбург, Лутер се посветил на пишување и преведување на Библијата. Ги превел Грчките списи на германски од Еразмовиот грчки текст. Хебрејските списи следеле подоцна. Испаднало дека Лутеровата Библија е токму она што му било потребно на обичниот народ. Се известува дека „пет илјади примероци се продадени за два месеца, двесте илјади за дванаесет години“. Нејзиното влијание врз германскиот јазик и култура честопати е споредено со она на King James Version врз англискиот.

25. а) Како настанало името „протестант“? б) Што била Аугсбуршката конфесија?

25 Во годините што следеле после Соборот во Вормс, реформаторското движење добило толку голема поддршка од народот што во 1526 на секоја германска држава императорот ѝ го одобрил правото да избере свој сопствен облик на религија, лутерански или римокатолички. Меѓутоа, во 1529, кога императорот ја поништил одлуката, некои германски принцови протестирале; оттаму реформаторското движење било наречено протестантско. Следната година, 1530, на Соборот во Аугсбург, императорот вложил напор да ги израмни разликите помеѓу двете страни. Лутеранците ги претставиле своите верувања во облик на еден документ, Аугсбуршка конфесија, кој бил составен од страна на Филип Меланхтон, но се темелел на Лутеровите учења. Иако документот имал помирителен тон, Римската црква го одбила, а јазот помеѓу протестантизмот и католицизмот станал непремостлив. Голем број германски држави застанале на страна на Лутер, а скандинавските држави брзо го следеле нивниот пример.

Реформа или побуна?

26. Според Лутер, кои биле основните точки што го делеле протестантизмот од католицизмот?

26 Кои биле основните точки што ги раздвоиле протестантите од римокатолиците? Според Лутер, постоеле три. Прво, Лутер верувал дека спасението произлегува од „оправдување исклучително преку вера“ (латински: sola fide)b‚ а не од свештеничко разрешување на гревови или од испоснички дела. Второ, поучувал дека простувањето се дава само поради Божјата милост (sola gratia), а не преку авторитетот на свештениците или папите. На крајот, Лутер тврдел дека сите доктринални работи треба да бидат потврдени само со Писмото (sola scriptura), а не од страна на папите или на црковните концили.

27. а) Кои небиблиски католички учења и практики ги задржале протестантите? б) Какви промени барале протестантите?

27 И покрај ова, The Catholic Encyclopedia вели дека Лутер „задржал толку древни верувања и литургии колку што можеле да се вклопат во неговите посебни гледишта за гревот и оправдувањето“. Аугсбуршката конфесија во врска со лутеранската вера вели дека „нема ништо што не е усогласено со Писмото, или со Католичката црква, па дури и со Римската црква, сѐ додека за таа Црква се знае од писателите“. Всушност, лутеранската вера, како што е опишана во Аугсбуршката конфесија, вклучувала такви небиблиски доктрини како што е тројство, бесмртност на душата и вечно мачење, а и такви практики како што е крштавање бебиња и црковни празници и прослави. Од друга страна, лутеранците барале извесни промени, како на пример, на луѓето да им биде дозволено на причесна да земаат и од виното и од лебот, а целибатот, монашките завети и принудното исповедување да бидат укинати.c

28. Во што успеала реформацијата, а во што промашила?

28 Гледано во целина, реформацијата, онака како што ја застапувале Лутер и неговите следбеници, успеала да се ослободи од папскиот јарем. Сепак, како што рекол Исус во Јован 4:24, „Бог е Дух, и оние кои го обожаваат, мораат да го обожаваат со дух и со вистина“. Може да се рече дека со Мартин Лутер, потрагата на човештвото по вистинскиот Бог само тргнала во друг правец; тесниот пат на вистината бил сѐ уште далеку (Матеј 7:13, 14; Јован 8:31, 32).

Реформата на Цвингли во Швајцарија

29. а) Кој бил Улрих Цвингли, и против што проповедал тој? б) По што се разликувала реформата на Цвингли од онаа на Лутер?

29 Додека Лутер бил зафатен во борбата против папските емисари и цивилни власти во Германија, католичкиот свештеник Улрих Цвингли (1484—1531) започнал со своето реформаторско движење во Цирих, Швајцарија. Бидејќи на тоа подрачје се зборувало германски, народот веќе бил под влијание на плимата од реформи што надоаѓала од север. Околу 1519, Цвингли почнал да проповеда против индулгенциите, обожавањето на Марија, свештеничкиот целибат и други доктрини на католичката црква. Иако Цвингли тврдел дека е независен од Лутер, тие се согласувале на многу полиња и тој ги дистрибуирал низ земјата Лутеровите трактати. Меѓутоа Цвингли, за разлика од поконзервативниот Лутер, се залагал за отстранување на сите остатоци од Римската црква — ликови, распетија, свештенички одежди, па дури и литургиска музика.

30. Кој бил клучниот спор што ги разделил Цвингли и Лутер?

30 Но, еден посериозен спор помеѓу двајцата реформатори се појавил околу прашањето за евхаристијата, односно мисата (причесна). Лутер, инсистирајќи на дословно толкување на Исусовите зборови: ‚Ова е моето тело‘, верувал дека телото и крвта на Христос биле преку чудо присутни во лебот и во виното што се служело на причесна. Од друга страна, пак, Цвингли, во својата расправа On the Lord’s Supper (На Господовата вечера), образложил дека Исусовата изјава „мора да се сфати фигуративно или метафорично; ‚Ова е моето тело‘ значи ‚Лебот го претставува моето тело‘ или ‚е слика на моето тело‘“. Поради оваа разлика, патиштата на двајцата реформатори се разишле.

31. Кој бил исходот на работата на Цвингли во Швајцарија?

31 Цвингли продолжил да ги проповеда своите реформаторски доктрини во Цирих и таму предизвикал многу промени. Неговото водство наскоро го следеле и други градови, но повеќето луѓе во селските подрачја, бидејќи биле поконзервативни, се приклониле кон католицизмот. Судирот помеѓу двете фракции станал толку голем што помеѓу швајцарските протестанти и римокатолици избила граѓанска војна. Цвингли, кој служел во армијата како капелан, бил убиен во една битка кај Капел, близу езерото Цуг, во 1531. Кога конечно настапил мир, на секоја област ѝ било дадено правото да го одреди својот облик на религија, протестантски или католички.

Анабаптисти, менонити и хутерити

32. Кои биле анабаптистите, и како го добиле тоа име?

32 Некои протестанти, меѓутоа, сметале дека реформаторите не отишле доволно далеку што се однесува до откажувањето од недостатоците на Католичката папска црква. Тие верувале дека Христијанската црква треба да се состои само од активни верници кои се крстени, наместо од сите луѓе во заедницата или во нацијата. Затоа, одбиле да крштаваат бебиња и инсистирале Црквата да се одвои од државата. Во тајност, повторно ги крштавале своите верници и така го добиле името анабаптисти (на грчки, ана значи „повторно“). Со оглед на тоа што одбивале да носат оружје, да даваат заклетви или да прифатат јавна служба, католиците, како и протестантите, ги сметале за опасност за општеството и ги прогонувале.

33. а) Што предизвикало насилна акција против анабаптистите? б) Како се проширило анабаптистичкото влијание?

33 Отпрвин анабаптистите живееле во мали групи распрснати низ делови од Швајцарија, Германија и Холандија. Како што ги проповедале своите верувања насекаде каде што оделе така и нивниот број брзо растел. Една дружина од анабаптисти, понесени од својот религиозен жар, го напуштиле својот пацифизам и, во 1534, го освоиле градот Минстер и се обиделе да го востановат како Нов Ерусалим кој би бил една полигамна комуна. Движењето брзо било задушено со големо насилство. Со тоа анабаптистите дошле на лош глас, и практично биле затрени. Всушност, повеќето анабаптисти биле едноставни религиозни луѓе кои се обидувале да живеат еден одвоен и мирен живот. Меѓу поорганизираните наследници на анабаптистите биле менонитите, следбеници на холандскиот реформатор Менон Симонс, и хутеритите, под Тиролецот Јакоб Хутер. За да избегнат прогонство, некои од нив мигрирале во Источна Европа — Полска, Унгарија, па дури и во Русија — други во Северна Америка, каде што на крајот се појавиле како заедници на хутерити и амиши.

Појавата на калвинизмот

34. а) Кој бил Џон Калвин? б) Која важна книга ја напишал?

34 Делото на реформа во Швајцарија продолжило под водството на Французинот по име Жан Ковен, или Џон Калвин (1509—1564), кој со протестантските учења дошол во контакт за време на студентските денови во Франција. Во 1534, Калвин го напуштил Париз поради религиозно прогонство и се населил во Базел, Швајцарија. Во одбрана на протестантите, тој го издал делото Institutes of the Christian Religion (Начела на христијанската религија), во која ги сумира идеите на раните црковни отци и на средновековните теолози, како и оние на Лутер и на Цвингли. Делото почнало да се смета како доктринален темел за сите реформирани цркви воспоставени подоцна во Европа и во Америка.

35. а) Како ја објаснил Калвин својата доктрина за предодреденост? б) Како се одразила суровоста на оваа доктрина врз другите аспекти на Калвиновото учење?

35 Во Начелата тој ја изнел својата теологија. За Калвин, Бог е апсолутниот суверен, чија волја одредува и владее над сѐ. За разлика од тоа, паднатиот човек е грешен и потполно недостоен. Затоа, спасението не зависи од човековите добри дела туку од Бог. Оттаму настанала Калвиновата доктрина за предодреденост, за која напишал:

„Ние тврдиме дека, преку една вечна и непроменлива помисла, Бог еднаш засекогаш има одлучено кому ќе му припише спасение, а кого ќе го осуди на уништување. Ние ве уверуваме дека оваа помисла, што се однесува до изборот, се темели на Неговата незаслужена милост, и дека е потполно независна од заслугата на човекот; но дека на оние кои Тој ги предава на осуда, вратата на животот им е затворена преку еден праведен и непроменлив, иако несфатлив суд“.

Суровоста на таквото учење се одразила и на други подрачја. Калвин упорно тврдел дека христијаните мораат да водат свет и доблесен живот, воздржувајќи се не само од грев туку и од задоволства и лекомисленост. Освен тоа, образлагал дека црквата, која е составена од избраници, мора да биде ослободена од сите цивилни ограничувања и дека само преку црквата може да биде воспоставено едно вистински божествено општество.

36. а) Што се обиделе Калвин и Фарел да направат во Женева? б) Какви строги одредби биле воспоставени? в) Кој бил еден од злогласните резултати на Калвиновите екстремни мерки, и како ги оправдувал тој своите постапки?

36 Кратко после издавањето на Начелата, Вилијам Фарел, друг реформатор од Франција, го убедил Калвин да се пресели во Женева. Заедно работеле за да го применат калвинизмот во пракса. Имале за цел да ја претворат Женева во Божји град, една теократија во која ќе владее Бог и во која ќе бидат комбинирани функциите на Црквата и на државата. Вовеле строги одредби со санкции, кои опфаќале сѐ: од религиозни поуки и црковни служби до јавен морал, па дури и такви работи како што се санитарни и противпожарни мерки. Еден историски текст известува дека „еден фризер, на пример, поради тоа што ѝ ја направил косата на една невеста на начин што се сметал за недоличен, бил затворен два дена; и мајката со две пријателки кои помагале во постапката ја претрпеле истата казна. Танцувањето и играњето карти исто така биле казнувани од страна на магистратите“. Со оние кои не се слагале со Калвиновата теологија се постапувало грубо, а најзлогласниот таков случај бил Шпанецот Мигел Сервето, или Михаел Сервет, кого го изгореле. (Види рамка, страница 322.)

37. Како влијанието на Калвин надалеку се проширило надвор од границите на Швајцарија?

37 Калвин продолжил да го применува во Женева својот жиг на реформа сѐ до својата смрт во 1564, и реформираната црква цврсто се утврдила. Протестантските реформатори, бегајќи од прогонство во други земји, се собирале во Женева, ги прифатиле калвинистичките идеи и станале иницијатори на реформаторски движења во своите татковини. Калвинизмот наскоро се проширил во Франција, каде што хугенотите (како што биле наречени француските калвинистички протестанти) претрпеле сурово прогонство од рацете на католиците. Во Холандија, калвинистите помогнале да се воспостави Холандската реформирана црква. Во Шкотска, под ревното водство на поранешниот католички свештеник Џон Нокс, била основана Презвитерската шкотска црква која била втемелена на калвинистичките идеи. Калвинизмот исто така играл улога во реформацијата во Англија, а оттаму тој заминал со пуританците за Северна Америка. Во таа смисла, иако Лутер бил тој кој ја започнал протестантската реформација, Калвин имал далеку поголемо влијание врз нејзиниот развој.

Реформација во Англија

38. Како бил предизвикан протестантскиот дух во Англија со делото на Џон Виклиф?

38 Сосема независно од реформаторските движења во Германија и Швајцарија, англиската реформација ги влече своите корени уште од деновите на Џон Виклиф, чие антиклерикално проповедање и нагласување на Библијата го предизвикало протестантскиот дух во Англија. Неговите напори да ја преведе Библијата на англиски ги следеле и други. Вилијам Тиндејл, кој морал да побегне од Англија, го превел Новиот завет во 1526. Подоцна бил предаден во Антверпен и задавен на еден столб, а телото му било изгорено. Мајлс Кавердејл го довршил делото на преведување на Тиндејл, и целата Библија се појавила во 1535. Издавањето на Библијата на народен јазик несомнено било најмоќниот фактор кој придонел за реформацијата во Англија.

39. Каква улога одиграл Хенри VIII во англиската реформација?

39 Формалното раскинување со римокатолицизмот настапило во 1534 кога Хенри VIII (1491—1547), кого папата го нарекол Бранител на верата, го објавил Актот на супермација, поставувајќи се себеси за поглавар на Англиската црква. Хенри, исто така, ги затворил манастирите и нивниот имот им го резделил на благородниците. Освен тоа, наредил во секоја црква да биде ставен по еден примерок од Библијата на англиски. Меѓутоа, постапката на Хенри била повеќе политичка отколку религиозна. Она што го сакал било независност од папскиот авторитет, особено над неговите брачни работи.d Религиозно останал католик во секој поглед, освен по име.

40. а) Какви промени настанале во Црквата на Англија за време на владеењето на Елизабета I? б) Какви дисидентски групи се развиле на крајот во Англија, Холандија и Северна Америка?

40 Црквата на Англија станала протестантска во пракса за време на долгото владеење (1558—1603) на Елизабета I, иако по структура главно останала католичка. Таа ја укинала приврзаноста кон папата, свештеничкиот целибат, исповедта и други католички практики, но сепак задржала епископален облик на црковна структура со нејзината хиерархија од надбискупи и бискупи, како и редови на калуѓери и калуѓерки.e Овој конзерватизам предизвикал прилично големо незадоволство, па се појавиле различни дисидентски групи. Пуританците барале потемелна реформа за да се исчисти црквата од сите римокатолички практики; сепаратистите и независните инсистирале црковните работи да ги водат локални старешини (презвитери). Многумина од дисидентите побегнале во Холандија или во Северна Америка, каде што понатаму развиле свои конгрегационални и баптистички цркви. Во Англија се појавило Друштвото на пријатели (квекери) под водство на Џорџ Фокс (1624—1691) и методистите под водство на Џон Везли (1703—1791). (Види ја табелата подолу.)

Какви биле ефектите?

41. а) Според мислењето на некои научници, каков ефект имала реформацијата врз човечката историја? б) Кои прашања се од сериозен интерес?

41 Откако ги разгледавме трите главни струи на реформацијата — лутеранската, калвинистичката и англиканската — мора да застанеме за да утврдиме што постигнала реформацијата. Неоспорно е дека таа го променила текот на историјата во западниот свет. „Ефектот на реформацијата бил да ги воздигне луѓето до жед за слобода и за повисоко и почисто граѓанство. Каде и да се ширел протестантскиот идеал, тој ги правел масите посвесни за своите права“, напишал Џон Ф. Херст во својата книга Short History of the Reformation (Кратка историја на реформацијата). Многу научници веруваат дека западната цивилизација, каква што ја познаваме денес, би била невозможна без реформацијата. Како и да е, мора да прашаме: Што постигнала реформацијата во религиозен поглед? Што сторила таа во корист на потрагата на човештвото по вистинскиот Бог?

42. а) Што е, без сомнение, најголемото добро што го постигнала реформацијата? б) Кое прашање мора да се постави во врска со вистинските достигнувања на реформацијата?

42 Без сомнение, најголемото добро што го постигнала реформацијата е тоа што на обичните луѓе им ја направила Библијата достапна на нивниот сопствен јазик. За првпат луѓето ја имале пред себе целата Божја реч за да ја читаат, па така можеле духовно да се хранат. Но, се разбира, потребно е повеќе отколку само да се чита Библијата. Дали реформацијата ги ослободила луѓето не само од папскиот авторитет туку и од погрешните доктрини и догми на кои биле подложени со векови? (Јован 8:32).

43. а) Со кои кредоа се слагаат повеќето денешни протестантски цркви, и какви верувања исповедуваат? б) Што сториле слободниот дух и различноста, кои произлегле од реформацијата, за потрагата на човештвото по вистинскиот Бог?

43 Скоро сите протестантски цркви се согласуваат со истите кредоа — никејското, атаназиското и апостолското кредо — а овие исповедуваат некои од доктрините кои самиот католицизам ги поучувал со векови, како што е тројството, бесмртноста на душата и пеколниот оган. Таквите небиблиски учења на луѓето им дале искривена слика за Бог и за неговата намера. Наместо да им помогнат во нивната потрага по вистинскиот Бог, бројните секти и деноминации кои се појавиле како резултат на слободниот дух на протестантската реформација, само ги насочиле луѓето во голем број различни насоки. Всушност, различноста и збрканоста навеле многумина да го доведат во прашање самото постоење на Бог! Со какви последици? Во 19 век се појавува голема плима од атеизам и агностицизам. Тоа ќе биде тема на нашето следно поглавје.

[Фусноти]

a Писма со кои се простувале гревови, а кои ги издавал папата.

b Лутер бил толку упорен во врска со концептот за „оправдување само преку вера“ што во својот превод на Библијата во Римјаните 3:28 го додал зборот „само“. Исто така, тој се сомневал во книгата Јаков поради нејзината изјава дека „верата без дела е мртва“ (Јаков 2:17, 26). Тој не успеал да увиди дека во Римјаните Павле зборувал за делата на еврејскиот Закон (Римјаните 3:19, 20, 28).

c Мартин Лутер се оженил во 1525 за Катарина фон Бора, бивша калуѓерка која побегнала од цистерцијскиот женски манастир. Имале шест деца. Тој рекол дека се оженил од три причини: да му угоди на татка си, да им пркоси на папата и на Ѓаволот, и да го запечати своето сведоштво пред да стане маченик.

d Хенри VIII имал шест жени. Наспроти желбите на папата, неговиот прв брак бил поништен, а друг завршил со развод. На две свои жени им ги отсекол главите, а две умреле од природна смрт.

e Грчкиот збор епископ во англиските Библии како што е King James Version е преведен со „бискуп“.

[Рамка/слики на страница 322]

„Грешки во тројството“

На возраст од 20 години, Мигел Сервето (1511—1553), еден Шпанец образован на полето на правото и медицината, го објавил делото De Trinitatis erroribus (Грешки во тројството), каде што навел дека тој ‚нема да го користи зборот тројство, којшто не се среќава во Писмото, а само изгледа дека овековечува една филозофска грешка‘. Тој го нападнал тројството како доктрина „која не може да се разбере, која е невозможна во природата на работите, и која може дури да се смета за богохулна!“

За својот отворен став, Сервето бил осуден од страна на Католичката црква. Меѓутоа, калвинистите биле тие што го уапсиле, го суделе и го погубиле на тој начин што бавно го гореле. Калвин ги оправдал своите постапки со следниве зборови: „Кога папистите се толку груби и насилни во одбраната на своите суеверија, што сурово беснеат за да пролеат невина крв, зар не треба христијанските магистрати да се срамат ако се покажат помалку ревносни во одбраната на утврдената вистина?“ Калвиновиот религиозен фанатизам и личната омраза го заслепиле неговото просудување и ги задушиле христијанските начела. (Спореди Матеј 5:44.)

[Слики]

Џон Калвин, лево, го осудил Мигел Сервето, десно, да биде жив изгорен како еретик

[Табела на страница 327]

(Види во публикацијата)

Поедноставен преглед на главните религии на христијанскиот свет

Почеток на отпадништвото — 2 век

Римокатоличка црква

4 век (Константин)

5 век коптска

јакобитска

1054 н.е. Источна православна

руска

грчка

романска и други

16 век реформација

лутеранска

германска

шведска

американска и други

англиканска

епископална

методистичка

Армија на спасот

баптистичка

пентекостална

конгрегационална

калвинистичка

презвитерска

реформирани цркви

[Слики на страница 307]

Овие дрворези од 16 век го прикажуваат контрастот меѓу Христовото отфрлање на менувачите на пари и продавањето индулгенции од страна на папата

[Слики на страница 311]

Јан Хус на клада

Англискиот реформатор и преведувач на Библијата Џон Виклиф

[Слики на страница 314]

Мартин Лутер, десно, протестирал против продажбата на индулгенции од страна на фратарот Јохан Тецел

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели