Мартин Лутер — човекот и неговата оставина
„СЕ ВЕЛИ дека повеќе книги се напишани за [Мартин Лутер] отколку за кој и да било друг човек во историјата, освен за неговиот господар, Исус Христос.“ Вака изјавило списанието Time. Зборовите и постапките на Лутер помогнале да се роди реформацијата — религиозно движење што се опишува како „најзначајната револуција во историјата на човештвото“. На тој начин помогнал да се промени религиозната сцена во Европа и да се стави крај на средновековието на овој континент. Лутер, исто така, го положил темелот за еден стандарден пишан германски јазик. Неговиот превод на Библијата останува далеку најпопуларниот превод на германски јазик.
Каков човек бил Мартин Лутер? Како дошло до тоа да има толку големо влијание врз збиднувањата во Европа?
Лутер станува изучувач
Мартин Лутер е роден во Ајслебен (Германија), во ноември 1483. Иако бил работник во рудник за бакар, татко му успеал да заработи доволно за да му обезбеди добро образование на Мартин. Во 1501, Мартин станал студент на универзитетот во Ерфурт. Во универзитетската библиотека за првпат ја прочитал Библијата. „Книгата неверојатно многу ми се допадна“, рекол тој, „и посакав да си поверувам дека ќе бидам толку среќен што еден ден ќе поседувам една таква книга.“
На 22 години, Лутер стапил во служба во августинскиот манастир во Ерфурт. Подоцна студирал на универзитетот во Витенберг, каде што станал доктор по теологија. Лутер сметал дека не е достоен за Божјата наклоност и понекогаш паѓал во очај поради грижа на совест. Но, проучувањето на Библијата, молитвата и медитацијата му помогнале да стекне подобро разбирање за тоа како гледа Бог на грешниците. Лутер сфатил дека Божјата наклоност не може да се заслужи. Напротив, таа е дар преку незаслужената љубезност за оние што практикуваат вера (Римјаните 1:16; 3:23, 24, 28).
Како дошол Лутер до заклучок дека неговото ново разбирање е исправно? Курт Аланд, професор по рана црковна историја и текстовни истражувања на Новиот завет, напишал: „Поминувал низ целата Библијата во својот ум за да одреди дали неговото новопронајдено спознание може да се одржи кога ќе се спореди со други библиски изјави, и открил дека има поткрепа за сѐ“. Доктрината за оправдание, или спасение, преку вера а не преку дела, или казна, останале централен столб во учењата на Лутер.
Огорчен поради индулгенциите
Разбирањето на Лутер за тоа како гледа Бог на грешниците го довело во судир со римокатоличката црква. Тогаш нашироко се верувало дека по смртта грешниците мораат да трпат казна некое време. Меѓутоа, се кажувало дека ова време можело да се скрати со помош на индулгенции дадени со овластување од папата во замена за пари. Продавачите на индулгенции како Јохан Тецел, кој дејствувал како претставник на надбискупот Алберт од Мајнц, си воделе профитабилна трговија продавајќи им индулгенции на обичните луѓе. Многумина гледале на индулгенциите како на еден вид осигурување против идни гревови.
Лутер бил огорчен поради продавањето на индулгенции. Знаел дека луѓето не можат да се ценкаат со Бог. Во есента 1517, ги напишал своите славни 95 тези, обвинувајќи ја црквата за финансиска, доктринарна и религиозна злоупотреба. Сакајќи да охрабри на реформа, а не на бунт, Лутер испратил копии од своите тези до надбискупот Алберт од Мајнц и до неколку изучувачи. Многу историчари укажуваат отприлика на 1517 како на почеток на реформацијата.
Лутер не бил единствениот што жалел поради престапите на црквата. Сто години пред него, чешкиот религиозен реформатор Јан Хус го осудил продавањето индулгенции. Дури и пред Хус, Џон Виклиф од Англија укажал дека некои традиции што ги држи црквата не се библиски. Современиците на Лутер, Еразмо од Ротердам и Тиндејл од Англија поттикнувале на реформа. Но, благодарение на Јоханес Гутенберг од Германија кој ја измислил печатарската машина со подвижни букви, гласот на Лутер се чул многу погласно и многу подалеку отколку гласот на другите реформатори.
Печатарската машина на Гутенберг работела во Мајнц, во 1455. До крајот на векот, имало печатарски машини во 60 германски градови и во 12 други европски земји. За првпат во историјата, јавноста можела брзо да биде информирана за работи што ја засегале. Деведесет и петте тези на Лутер биле отпечатени и раширени, можеби без негова согласност. Прашањето за реформа во црквата повеќе не било локално прашање. Тоа станало надалеку раширен спор, и одеднаш Мартин Лутер станал најпознатиот човек во Германија.
„Сонцето и месечината“ реагираат
Со векови, Европа била во рацете на две моќни институции: Светата Римска Империја и Римокатоличката црква. „Императорот и папата биле како сонцето и месечината“, објаснил Ханс Лилје, поранешен претседател на Лутеранската светска федерација. Меѓутоа, сепак постоела голема несигурност во врска со тоа кој бил сонцето а кој месечината. Во почетокот на 16 век, и двете институции го поминале зенитот на својата моќ. Во воздухот се чувствувал дух на промена.
Папата Лео X реагирал на 95-те тези заканувајќи му се на Лутер дека ќе го екскумуницира доколку јавно не се одрече од своето верување. Пркосен, Лутер ја запалил папската була со заканата и објавил дополнителни дела во кои ги охрабрувал кнежевствата да извршат реформа во црквата ако треба и без согласност на папата. Во 1521, папата Лео Х го екскумуницирал Лутер. Кога Лутер приговорил дека бил осуден без фер сослушување, императорот Карло V го повикал овој реформатор да се појави пред царското собрание, или заседание, во Вормс. Петнаесетдневното патување на Лутер од Витенберг до Вормс во април 1521 било како некоја победоносна поворка. Јавното мнение било на негова страна, и луѓето насекаде сакале да го видат.
Во Вормс, Лутер застанал пред императорот, кнезовите и папскиот пратеник. Јан Хус се нашол пред слично сослушување во Констанца во 1415 и бил запален на клада. Сега, со очите на црквата и империјата вперени во него, Лутер одбил да се одрече од своите верувања освен ако неговите противници не докажат од Библијата дека греши. Но, никој не му бил рамен во познавањето на Писмото. Документот, наречен едиктот од Вормс, го дал исходот на сослушувањето. Во него Лутер бил прогласен за одметник, а неговите дела биле забранети. Екскумунициран од папата и прогласен за одметник од императорот, сега тој бил во животна опасност.
Потоа следел пресврт на настаните што бил исто толку драматичен колку и неочекуван. На пат назад кон Витенберг, Лутер станал жртва на наводно киднапирање организирано од добродушниот Фредерик од Саксонија. Со ова Лутер им избегал од дофат на непријателите. Скришум бил однесен во изолираниот замок во Вартбург, каде што пуштил брада и зел нов идентитет — идентитет на витез по име Јункер Јорг.
Голема побарувачка за Септемвриската Библија
Во наредните десет месеци, Лутер живеел во замокот во Вартбруг како бегалец и од императорот и од папата. Книгата Welterbe Wartburg објаснува дека „времето поминато во Вартбург било едно од најпродуктивните и најкреативните периоди од неговиот живот“. Едно од неговите најголеми достигнувања, преводот на текстот на Еразмо на Грчките списи на германски, било завршено таму. Издадено во септември 1522, без да го именува Лутер како преведувач, ова дело било познато како Септемвриска Библија. Цената била еден и пол гулден — колку една годишна плата на една слугинка. Сепак, побарувачката за Септемвриската Библија била огромна. За 12 месеци, биле отпечатени 6.000 примероци во две изданија, со најмалку 69 изданија во наредните 12 години.
Во 1525, Мартин Лутер се оженил со Катарина фон Бора, поранешна калуѓерка. Катарина добро го водела домаќинството и можела да се носи со барањата на дарежливоста на нејзиниот сопруг. Освен сопругата и шесте деца, во домаќинството на Лутер биле вклучени и пријатели, изучувачи и бегалци. Подоцна во животот, Лутер уживал таков углед како советник што изучувачите што биле гости во неговата куќа се вооружувале со перо и хартија за да ги забележат неговите забелешки. Овие белешки биле составени во една збирка со наслов Luthers Tischreden (Разговори покрај масата на Лутер). Некое време, тиражот на таа збирка на германски јазик бил веднаш по тиражот на Библијата.
Надарен преведувач и плоден писател
До 1534, Лутер го завршил преводот на Хебрејските списи. Тој имал способност да ги урамнотежи стилот, ритамот и речникот. Резултатот бил Библија што била разбирлива за обичните луѓе. Коментирајќи за својот метод на преведување, Лутер напишал: „Треба да поразговараме со мајката во нејзиниот дом, со децата на улица и со обичниот човек на пазар, и тогаш да ја набљудуваме нивната уста и да видиме како тие зборуваат, и потоа да преведуваме во согласност со тоа“. Библијата на Лутер помогнала да се постави темелот за стандарден пишан јазик што подоцна бил прифатен во цела Германија.
Дарбата на Лутер како преведувач била комбинирана со неговата вештина како писател. Се вели дека во текот на неговиот работен век пишувал по една студија секои две седмици. Некои од нив биле толку кавгаџиски настроени колку и нивниот автор. Ако неговите рани дела имале остар стил, времето ни најмалку не го затапило врвот на неговото перо. Неговите подоцнежни есеи станувале сѐ поостри. Според еден лексикон, делата на Лутер ја откриваат „прекумерноста на неговиот гнев“ и „недостигот од понизност и љубов“ како и „силно развиеното чувство на мисија“ (Lexikon für Theologie und Kirche).
Кога избила селанската војна и кнежевствата пливале во крв, Лутер бил запрашан за неговото мислење во врска со востанието. Дали селаните имале оправдана причина да се побунат против нивните феудални господари? Лутер не се обидел да си обезбеди поддршка од јавноста со тоа што би дал одговор што би го задоволил мнозинството. Тој верувал дека Божјите слуги треба да им бидат послушни на оние што се на власт (Римјаните 13:1). Во една отворена осуда, Лутер рекол дека побуната треба да се задуши со сила. „Секој што може нека прободе, нека удри, нека убие“, рекол тој. Ханс Лилје забележал дека за овој одговор Лутер платил со „неговата дотогаш невидена популарност кај луѓето“. Освен тоа, подоцнежните есеи на Лутер во врска со Евреите што одбиле да се преобратат во христијани, особено On the Jews and Their Lies (За Евреите и нивните лаги), довеле до тоа многумина да го жигосаат како антисемит.
Оставината на Лутер
Реформацијата, поттикната од луѓе како Лутер, Калвин и Цвингли, довела до формирање на нов пристап кон религијата наречен протестантизам. Најголемата оставина на Лутер за протестантизмот е неговото централно учење за оправдание преку вера. Секое од германските кнежевства се приклучило или на протестантската или на католичката вера. Протестантизмот се раширил и стекнал поддршка од јавноста во Скандинавија, Швајцарија, Англија и Холандија. Денес тој има милиони приврзаници.
Многумина што не ги делат сите верувања на Лутер сепак многу го почитуваат. Поранешната Демократска република Германија, во чии граници се наоѓаа Ајслебен, Ерфурт, Витенберг и Вартбург, во 1983 ја прослави 500-годишнината од раѓањето на Лутер. Оваа социјалистичка држава го призна како истакната фигура во германската историја и култура. Освен тоа, еден католички теолог од 1980-те го резимираше влијанието на Лутер и забележа: „Никој после Лутер не може да се спореди со него“. Професор Аланд напишал: „Секоја година има најмалку 500 нови публикации за Мартин Лутер и за реформацијата — и тоа на речиси сите главни јазици во светот“.
Мартин Лутер имал изострен ум, извонредно памтење, мајсторска вештина со зборови и плодоносна работна етика. Исто така, бил нестрплив и презирен, и жестоко реагирал на она што го сметал за лицемерство. Кога бил на смртна постела во Ајслебан, во февруари 1546, пријателите го прашале Лутер дали останал цврст во поглед на верувањата за кои ги поучувал другите. „Да“, одговорил тој. Лутер умрел, но мнозина сѐ уште се држат за тие верувања.
[Слика на страница 27]
Лутер се спротивставил на продавањето индулгенции
[Извор на слика]
Mit freundlicher Genehmigung: Wartburg-Stiftung
[Слика на страница 28]
Лутер одбил да се откаже од своите верувања освен ако неговите противници не докажеле од Библијата дека греши
[Извор на слика]
Од книгата The Story of Liberty, 1878
[Слики на страница 29]
Собата на Лутер во замокот Вартбург каде што ја превел Библијата
[Извор на слика]
И двете слики: Mit freundlicher Genehmigung: Wartburg-Stiftung
[Извор на слика на страница 26]
Од книгата Martin Luther The Reformer, 3-то издание издадено од Toronto Willard Tract Depository, Торонто (Онтарио)
[Извор на слика на страница 30]
Од книгата The History of Protestantism (том. I)