500 години калвинизам — што се постигнало?
ЖАН КАЛВИН е роден во 1509 год. во Нојон (Франција). Тој основал едно верско движење што одиграло значајна улога во животот на многу луѓе во различни земји од Европа, Северна и Јужна Америка, Јужноафриканската Република и на други места. Се смета за еден од најголемите реформатори на црквата во историјата на западниот свет.
Денес, 500 години по раѓањето на Калвин, калвинизмот — односно неговите идеи и учења — во еден или во друг облик сѐ уште цвета во протестантските цркви, како што се Реформистичката, Презвитеријанската, Конгрешанската, Пуританската и други. Минатиот септември, Светскиот сојуз на реформистички цркви извести дека има 75 милиони приврзаници во 107 земји.
Во судир со католицизмот
Татко му на Калвин бил адвокат и секретар на католичката црква во Нојон. Веројатно на тој начин од прва рака видел какви гревови правеле свештениците во тоа време. Не можеме со сигурност да кажеме дали ова предизвикало во него револт или непочитување кон црквата, но знаеме дека со текот на времето татко му и брат му на Калвин биле екскомуницирани, односно исклучени од црквата. Кога умрел татко му, Жан имал проблеми да му обезбеди христијански погреб. Веројатно таа случка уште повеќе му ја разнишала довербата во католицизмот.
Повеќето дела напишани за Калвин не откриваат многу за неговите млади години, освен што го опишуваат како резервиран и некомуникативен човек. Дури и како студент во Париз, Орлеан и Бурж, изгледа дека немал многу пријатели. Но, Калвин бил многу бистар и имал неверојатно памтење. Освен тоа, бил неуморен — секојдневно учел од пет часот наутро до полноќ — и затоа станал доктор по право пред да наполни 23 години. За да може да ја проучува Библијата, научил хебрејски, грчки и латински јазик. Меѓутоа, Калвин е најпознат по својата сериозна, дисциплинирана работна етика — карактеристика што мнозина ја поврзуваат со калвинизмот дури и во денешно време.
Во меѓувреме, во соседна Германија, Мартин Лутер отворено ја критикувал Католичката црква заради нејзината расипаност и небиблиски учења. Се вели дека во 1517 год., на вратата на една црква во Витенберг ги приковал своите 95 тези, во кои го изразил својот протест и барал да се спроведат реформи. Мнозина го поддржувале ставот на Лутер, и реформаторското движење брзо ја зафатило цела Европа. Се разбира, тоа предизвикало силно противење во многу места, и неговите приврзаници, наречени протестанти, трпеле големи страдања затоа што цврсто ги бранеле своите гледишта. Во 1533 год. во Париз, пријателот на Калвин, Николас Коп, одржал говор во кој го поддржал Лутер, а бидејќи Калвин му помагал да го напише говорот, обајцата морале да бегаат за да си го спасат животот. Калвин никогаш повторно не се вратил да живее во Франција.
Во 1536 год., Калвин ја издал книгата Темели на христијанството (Christianae Religionis Institutio), која претставува вистински прирачник за протестантската вера. Во неа му се обратил на кралот Франсоа I и застанал во одбрана на француските протестанти, кои подоцна биле наречени хугеноти. Калвин ги нападнал католичките учења и го бранел темелот на својата вера — Божјата севишност. Освен што извршило влијание во областа на религијата, Калвиновото дело Темели е познато и по белегот што го оставило врз францускиот јазик и литературен стил. Калвин бил прогласен за еден од најистакнатите реформатори. На крајот се преселил во Женева (Швајцарија), и од 1541 год. тој град станал центар на неговите реформи.
Реформи во Женева
Калвин извршил огромно влијание врз Женева. Воден од силно чувство за морал и праведност, тој ја претворил Женева од „град што бил на лош глас во град каде што строгите морални мерила управувале со животот на луѓето“, пишува во една енциклопедија за религиите (Encyclopedia of Religion). Се смениле многу работи и на други полиња. Д-р Сабине Вит, кустос во Германскиот историски музеј во Берлин, објаснува: „Како резултат на верските војни во Франција, за неколку години откако во Женева почнале да се слеваат илјадници протестантски бегалци, бројот на жители се удвоил“. Хугенотите, кои имале работна етика како Калвин, ја подобриле економијата на градот, претворајќи ја Женева во центар на печатарството и на производството на часовници.
Во Женева дошле бегалци и од други земји, вклучувајќи и мнозина од Англија, каде што животот на протестантите бил во опасност поради кралицата Мери I. Калвинистите главно се состоеле од протерани малцинства, па затоа го развиле она што верското списание Современ христијанин (Christ in der Gegenwart) го нарекува „теологија на прогонетите“. Во 1560 год., бегалците ја издале Женевската Библија, првата Библија на англиски јазик во која текстот бил поделен на стихови означени со броеви. Поради тоа што била мала, оваа Библија го олеснила личното проучување на Божјата Реч. Веројатно овој библиски превод го понеле пуританците со себе кога, во 1620 год., имигрирале во Северна Америка.
Меѓутоа, Женева не била безбедно засолниште за секого. Мигел Сервето, роден во Шпанија во 1511 год., студирал медицина и грчки, латински и хебрејски јазик. Можеби се запознал со Калвин во Париз додека обајцата биле студенти. Проучувајќи ја Библијата, Сервето сфатил дека тројството не е библиска наука. Преку писма се обидел да дискутира со Калвин на таа тема, но тој не гледал во Сервето пријател, туку непријател. Прогонуван од католиците во Франција, Сервето избегал во Женева, градот на Калвин. Наместо да биде срдечно пречекан, тој бил уапсен, осуден за ерес и запален на клада во 1553 год. „Погубувањето на Сервето и понатаму претставува црна дамка во животот и делото на инаку големиот реформатор [Калвин]“, вели историчарот Фридрих Ојнингер.
Калвин напишал голем број дела додека ги спроведувал реформите. Се вели дека е автор на повеќе од 100 книги и 1.000 писма, и дека одржал околу 4.000 проповеди во Женева. Во нив Калвин не само што го изнел своето гледиште за тоа какво треба да биде христијанството туку настојувал и да наметне начин на живот каков што мислел дека треба да водат христијаните, особено во Женева, која ја сметал за Божји град.a
Каков бил резултатот од неуморните обиди на Калвин да изврши реформи во Женева? Според швајцарското федерално биро за статистика, во 2000 година само 16 отсто од жителите на Женева припаѓале на Реформистичката (калвинистичка) црква, и во тој град има повеќе католици отколку калвинисти.
Се шири верски раздор
Како резултат на реформацијата, одделни градови и држави застанале на страната на католицизмот, лутеранството или калвинизмот, претворајќи ја Европа во жариште на верски раздор. Иако реформаторите сложно ја критикувале Католичката црква, тие не биле толку сложни меѓу себе. Д-р Вит, која веќе ја цитиравме, вели: „Несогласувања околу разните теолошки прашања се појавиле дури и меѓу самите протестанти“. Иако сите се согласувале дека Библијата треба да биде темелот на христијанската вера, во нивните учења имало значителни разлики. Еден од главните спорови што се воделе бил во врска со Тајната вечера и Христовата присутност. Со текот на времето, калвинизмот развил едно од своите најконтроверзни учења: предодреденоста.
Се воделе многу дебати околу тоа што е предодреденост. Една група калвинисти тврделе дека, пред да згрешат луѓето, Бог одлучил само малкумина избрани да добијат спасение преку Христос, додека сите други ѝ се препуштени на судбината. Значи, таа група луѓе верувале дека Бог одредува кој ќе биде спасен и дека сите луѓе не се еднакви. Други калвинисти сметале дека сите луѓе можат да добијат спасение, но дека секој сам одлучува дали ќе го прифати или не. Тоа значело дека спасението зависи од слободната волја на човекот. Долго време по смртта на Калвин, калвинизмот се мачел со теми како што се предодреденоста, слободната волја на човекот и еднаквоста помеѓу луѓето.
Последици од калвинизмот
Во 20 век, холандската Реформистичка црква го наведе учењето за предодреденост како основа за расната дискриминација во Јужноафриканската Република. Во врска со владината политика според која белата раса е подобра, Нелсон Мандела, првиот црн претседател на Јужноафриканската Република, рече: „Таа политика беше поддржана од холандската Реформистичка црква, која го оправда апартхејдот велејќи дека јужноафриканците со холандско потекло се Божји избран народ и дека црнците се граѓани од втор ред. Во главата на белите јужноафриканци, апартхејдот и црквата одат рака под рака“.
Во 1990-тите, холандската Реформистичка црква јавно се извини што го поддржувала апартхејдот. Во еден официјален документ наречен Декларацијата од Рустенбург, црковните водачи признаа: „Некои од нас погрешно ја користеа Библијата за да го оправдаат апартхејдот, што наведе мнозина да мислат дека Бог го одобрува“. Низ годините, ставот на црквата кон апартхејдот не само што придонесе за страдањата кои беа последица од расните предрасуди туку придонесе луѓето да сметаат дека Бог е виновен за тоа!
Жан Калвин умрел во Женева во 1564 год. Се вели дека на крајот им се заблагодарил на своите соверници „што му оддале толкава чест на оној што очигледно не ја заслужувал“ и ги молел за прошка што честопати подлегнувал на своите слабости — нестрпливоста и гневот. Дури и да ги имал тие слабости, не може да се негира фактот дека работната етика на протестантите — која се карактеризира со трудољубивост, самодисциплина и посветеност — е тесно поврзана со личноста и мерилата на Жан Калвин.
[Фуснота]
a Нешто повеќе во врска со калвинизмот можеш да прочиташ во книгата Потрагата на човештвото по Бог, страници 321-325, издадена од Јеховините сведоци.
[Истакната мисла на страница 21]
Како резултат на реформацијата, одделни градови и држави застанале на страната на католицизмот, лутеранството или калвинизмот, претворајќи ја Европа во жариште на верски раздор
[Карта на страница 18]
ШПАНИЈА
ФРАНЦИЈА
ПАРИЗ
Нојон
Орлеан
Бурж
ШВАЈЦАРИЈА
ЖЕНЕВА
[Слика на страница 19]
Калвиновото дело „Темели“ (1536) било основа за протестантската вера
[Извор на слика]
© INTERFOTO/Alamy
[Слика на страница 20]
Погубувањето на Сервето останува црна дамка во животот и делото на Калвин
[Извор на слика]
© Mary Evans Picture Library
[Слика на страница 21]
„Женевската Библија“ (1560) е првата англиска Библија во која стиховите се означени со броеви
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на American Bible Society
[Извор на слика на страница 18]
Француски град: © Mary Evans Picture Library