Мигел Сервето — сам во потрага по вистината
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ШПАНИЈА
На 27 октомври 1553 година, Мигел Сервето бил запален на клада во Женева (Швајцарија). Гијом Фарел, кој го извршил погубувањето и кој му бил заменик на Жан Калвин, ги предупредил оние што гледале: „[Сервето] е мудар човек кој несомнено мислеше дека поучува за вистината, но падна во рацете на Ѓаволот... Внимавајте да не ви се случи истото и вам!“ Што направил овој несреќен човек за да заслужи таков трагичен крај?
МИГЕЛ СЕРВЕТО е роден во 1511 година во селото Вилануева де Сихена (Шпанија). Уште од мал бил многу надарен за учење. Според еден биограф, „на 14 години веќе зборувал грчки, латински и хебрејски, а имал и големи познавања од филозофија, математика и теологија“.
Кога Сервето бил уште младо момче, Хуан де Квинтана, личниот исповедник на шпанскиот крал Карло V, го зел да му служи како паж. На службените патувања, Сервето можел да забележи дека Шпанија е верски поделена земја од која Евреите и муслиманите биле протерувани или, пак, насила биле преобраќани во католици.a
Кога имал 16 години, Сервето отишол да студира право на Универзитетот во Тулуз (Франција). Таму за првпат видел цела Библија. Иако било строго забрането да се чита Библијата, Сервето ја читал скришно. Откако ја прочитал еднаш, се заколнал дека ќе ја прочита уште „илјада пати“. Најверојатно Библијата што Сервето ја читал во Тулуз бил преводот Complutensian Polyglot. Овој превод му овозможил да го чита Светото писмо на изворните јазици (хебрејски и грчки), заедно со преводот на латински.b Затоа што ја проучувал Библијата и видел колку морално расипано е свештенството во Шпанија, почнал да се сомнева во католичката религија.
Сомнежите на Сервето уште повеќе се продлабочиле кога присуствувал на крунисувањето на Карло V. Папата Клемент VII го крунисал шпанскиот крал за цар на Светото Римско Царство. Папата, седнат на својот пренослив трон, го примил кралот, кој ми ги бакнал нозете. Подоцна Сервето напишал: „Со свои очи видов како принцовите го носеа папата на рамења со сета помпа, а луѓето на улиците го обожаваа“. Сервето никако не можел да ги спои таа помпа и раскош со едноставноста на евангелијата.
Сервето ја бара религиозната вистина
Сервето дискретно ја напуштил службата кај Квинтана и сам тргнал во потрага по вистината. Тој верувал дека пораката на Христос не била упатена ниту до теолозите ниту до филозофите туку до обичните луѓе, кои ќе ја сфатат и ќе ја применат во пракса. Затоа решил да ја испита Библијата на изворните јазици и да ги отфрли сите учења што не се во склад со она што го вели таа. Интересно, во неговите дела, зборот „вистина“ и зборовите што се изведени од него, се појавуваат почесто од кој и да е друг збор.
Со проучување на Библијата и на историјата, Сервето дошол до заклучок дека христијанството се расипало во првите три века од нашата ера. Открил дека Константин и неговите наследници рашириле погрешни учења кои со текот на времето довеле до тоа тројството да биде прифатено како официјална доктрина. На 20 години, Сервето ја објавил својата книга За грешките на тројството (De Trinitatis Erroribus). Со оваа книга станал главна мета на инквизицијата.
Сервето многу добро ги сфаќал работите. Тој напишал: „Никаде во Библијата не се спомнува тројството... Бог нема да го запознаеме преку нашите горделиви филозофски идеи, туку преку Христос“.c Исто така, сфатил дека светиот дух не е личност, туку силата со која Бог дејствува.
Сервето сепак наишол на некои поволни реакции. Протестантскиот реформатор Себастијан Франк напишал: „Во својот памфлет, Шпанецот Сервето тврди дека Бог е само една личност. Римокатоличката црква, пак, смета дека има три личности во едно битие. Јас повеќе се согласувам со тврдењето на Шпанецот“. Но, ни римокатоличката црква ни протестантските цркви никогаш не му простиле на Сервето што ја оспорил нивната главна доктрина.
Проучувањето на Библијата го навело Сервето да отфрли и други црковни доктрини, а сметал и дека користењето икони и кипови не е во склад со Библијата. Затоа, година и пол по објавувањето на делото За грешките на тројството, во врска со католиците и протестантите, тој рекол: „Не сум ниту за ниту против сето она што го вели едната или другата страна. Ми се чини дека и едните и другите имаат нешто точно и нешто погрешно, но секој ја посочува грешката на другиот, а никој не си ја гледа својата“. Тој бил сам во потрагата по вистината.d
Меѓутоа, иако бил искрен, Сервето сепак дошол до некои погрешни заклучоци. На пример, пресметал дека Армагедон и илјадагодишното владеење на Христос ќе дојдат во негово време.
Во потрага по научна вистина
Принуден да бега од прогонителите, Сервето си го сменил името во Вилнев и отишол да живее во Париз, каде што станал магистер по уметност и доктор по медицина. Бидејќи бил заинтересиран за наука, вршел сецирања за да сфати како функционира човечкото тело. Како резултат на тоа, Сервето најверојатно е првиот Европеец што ја опишал белодробната циркулација на крвта. Ова откритие го вклучил во својот труд Обнова на христијанството (Christianismi Restitutio). Сервето го открил ова 75 години пред Вилијам Харви да даде детален опис на крвотокот.
Сервето напишал и ново издание на делото Географија од Птоломеј. Ова издание било толку успешно што некои го нарекле Сервето татко на компаративната географија и етнографија. Подоцна, на судењето во Женева, Сервето бил осуден за тоа што ја опишал Палестина како слабо обработена, јалова земја. Сервето се бранел тврдејќи дека ја опишал Палестина каква што била во негово време, а не во времето на Мојсеј, кога најверојатно била земја во која течеле мед и млеко.
Сервето ја напишал и книгата Универзална расправа за сирупите (Syruporum universa ratio ad Galeni censuram diligenter expolita) во која било изнесено едно ново, урамнотежено гледиште за медицината. Богатството од информации за медицината кое го содржи таа книга го направило Сервето пионер на полето на фармакологијата и употребата на витамините. Со оглед на тоа што Сервето бил стручњак на толку многу полиња, еден историчар го опишал како „еден од најголемите умови во човечката историја кој дал голем придонес за човечкото знаење“.
Страшен противник
Оние што ја бараат вистината секогаш имаат многу противници (Лука 21:15). Меѓу многуте непријатели на Сервето бил и Жан Калвин, кој ја основал диктаторската протестантска држава во Женева. Според историчарот Вил Дјурант, „неговата диктатура не се засновала на законот и силата, туку на волјата и карактерот“, а Калвин, „како и папата, апсолутно го отфрлал индивидуализмот во верата“.
Сервето и Калвин веројатно се сретнале во Париз кога и двајцата биле млади. Уште од почетокот кај нив дошло до судир на карактери, и Калвин му станал најжесток непријател на Сервето. Иако Калвин бил водач на реформацијата, на крајот го пријавил Сервето кај католичката инквизиција. Сервето одвај успеал да побегне од Франција, каде што била запалена кукла со неговиот лик. Но, бил препознаен и фрлен в затвор во Женева, во близина на француската граница, каде што зборот на Калвин бил закон.
Калвин наредил во затворот сурово да се постапува со Сервето. Сепак, додека во текот на судењето дебатирал со Калвин, Сервето рекол дека ќе ги смени своите гледишта доколку неговиот противник му изнесе уверливи аргументи од Библијата. Калвин не можел да го направи тоа. По судењето, Сервето бил осуден да биде запален на клада. Тој е единствениот верски одметник кој бил запален и од католиците и од протестантите — католиците запалиле кукла со неговиот лик, а протестантите го запалиле жив.
Предвесник на верската слобода
Калвин го отстранил својот личен соперник, но го изгубил својот морален авторитет. Неоснованото погубување на Сервето го разгорело гневот на мудрите луѓе низ Европа и им дало цврсти докази на либертинците (поборници за граѓански права), кои тврделе дека ниеден човек не треба да биде убиен поради своите верувања. Повеќе од кога и да е порано, биле решени да продолжат со борбата за верска слобода.
Италијанскиот поет Камило Ренато протестирал: „Ниту Бог ниту Божјиот дух не го навеле [Калвин] да му го направи тоа [на Сервето]. Христос не постапувал така со оние што го отфрлале“. А францускиот хуманист Себастијан Кастелио напишал: „Со убиството на еден човек не може да се заштити некоја доктрина — тоа, едноставно, е смрт за еден човек“. Самиот Сервето рекол: „Сметам дека е многу сериозна работа да се убиваат луѓе затоа што згрешиле во врска со некое толкување на Библијата, кога знаеме дека дури и избраните можат да застранат и да згрешат“.
Во врска со трајниот ефект што го оставило погубувањето на Сервето, во книгата Мигел Сервето — интелектуален џин, хуманист и маченик (Michael Servetus —Intellectual Giant, Humanist, and Martyr) се вели: „Смртта на Сервето била пресвртница во идеологијата и ставовите што преовладувале уште од четвртиот век“. Потоа книгата продолжува: „Од историска гледна точка, Сервето умрел за да може слободата на совеста да стане граѓанско право на секој поединец во современото општество“.
Во 1908 година, во францускиот град Анмас, на околу 5 километри од местото каде што умрел, бил подигнат споменик на Сервето. На натписот стои: „Мигел Сервето... географ, лекар, физиолог, придонесе за доброто на човештвото со своите научни откритија, со својата посветеност на болните и сиромашните и со неуништливата решеност неговиот гениј и неговата совест да не бидат контролирани од други... Неговите убедувања беа непоколебливи. Го жртвуваше својот живот за вистината“.
[Фусноти]
a Шпанските власти протерале 120.000 Евреи кои одбиле да го прифатат католицизмот, а неколку илјади Маври биле запалени на клада.
b Види ја статијата „Complutensian Polyglot — алатка за преведување од историско значење“ во Стражарска кула од 15 април 2004 година.
c Во својата книга Изјава во врска со Исус Христос (Declarationis Iesu Christi Filii Dei), Сервето ја опишал доктрината за тројството како замрсена и нејасна, и напишал дека Библијата „со ниту една буква“ не дава поткрепа за неа.
d Додека бил в затвор, Сервето го потпишал своето последно писмо со следниве зборови: „Мигел Сервето, сам, но уверен дека Христос сигурно нѐ штити“.
[Рамка/слики на страница 21]
Сервето и името Јехова
Во својата потрага по вистината, Сервето го користел името Јехова. Неколку месеци откако Вилијам Тиндејл го ставил ова име во својот превод на Пентатеухот, Сервето ја издал книгата За грешките на тројството, во која секаде го користел името Јехова. Во оваа книга тој објаснил: „Другото име, најсветото од сите имиња, יהוה... може да значи... ‚Тој предизвикува да биде‘, ‚тој што остварува‘, ‚причина за постоење‘. Понатаму рекол: „Името Јехова со право може да се користи само за Таткото“.
Во 1542 година, Сервето го издал и познатиот превод на Библијата на латински од Сантес Пагнинус (прикажана долу). Во исцрпните белешки што ги запишувал на маргините, Сервето повторно го вклучил Божјето име. Го користел името Јехова во маргиналиите за некои клучни стихови како што се Псалм 83:18 во кој во главниот текст стои зборот „Господ“.
Во своето последно дело, Обнова на христијанството, во врска со Божјето име, Јехова, Сервето рекол: „Јасно е... дека во древно време мнозина го користеле ова име“.
[Слика]
Споменикот во Анмас (Франција)
[Слика на страница 18]
Гравура од 15 век на која е прикажано принудното крштавање на муслиманите во Шпанија
[Извор на слика]
Capilla Real, Гранада
[Слика на страница 19]
Првата страница од книгата „За грешките на тројството“
[Извор на слика]
Од книгата De Trinitatis Erroribus, на Мигел Сервето, 1531 година
[Слика на страница 20]
Сервето ја открил белодробната циркулација на крвта
[Извор на слика]
Anatomie descriptive et physiologique, Paris, 1866-7, L. Guérin, Editor
[Слика на страница 20]
Во книгата „Универзална расправа за сирупите“ Сервето за првпат изнесел некои нови идеи на полето на фармакологијата
[Слика на страница 21]
Жан Калвин му станал крвен непријател на Сервето
[Извор на слика]
Biblioteca Nacional, Madrid
[Извор на слика на страница 18]
Biblioteca Nacional, Мадрид