ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g04 8/12 стр. 28-29
  • Женевската Библија — заборавен превод

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Женевската Библија — заборавен превод
  • Разбудете се! 2004
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Библија со нови карактеристики
  • Настојување да се направи превод верен на оригиналот
  • Спорните белешки на маргините
  • Женевската Библија паѓа во заборав
  • Неизбришлив печат
  • Преводот на кралот Џејмс — како станал популарен
    Разбудете се! 2011
  • 500 години калвинизам — што се постигнало?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2010
  • Содржина
    Разбудете се! 2004
  • Превод Нов свет — ценет од милиони луѓе низ целиот свет
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
Повеќе
Разбудете се! 2004
g04 8/12 стр. 28-29

Женевската Библија — заборавен превод

Од дописникот на Разбудете се! во Нов Зеланд

ДАЛИ имате мала Библија која лесно можете да ја држите и која е печатена со букви што се лесни за читање? Дали е со таков формат што можете без проблем да ги најдете информациите што ги барате? Ако одговорите потврдно на овие прашања, тогаш сте ѝ голем должник на Женевската Библија од 1560.

Малкумина денес чуле за Женевската Библија. Но, овој извонреден превод своевремено бил бестселер. Поради нејзината позната точност, заедно со новитетите во поглед на графичката обработка и композицијата на текстот, таа ѝ била омилена на читателската публика. Англиските драмски писатели Шекспир и Марлоу го користеле овој превод кога цитирале од Библијата.

Но, како дошло до тоа овој популарен англиски превод на Библијата од 16 век да настане во Женева, швајцарски град во кој се зборува француски? Кои се некои од нејзините уникатни карактеристики? Што довело до тоа да падне во заборав? Како и денес извлекуваме корист од неа?

Библија со нови карактеристики

Женевската Библија е производ на група изучувачи што, по доаѓањето на власт на Мери Тјудор во 1553, побегнале од Англија поради верското прогонство и заканите со смрт. Овие изучувачи биле срдечно примени од протестантската заедница во Женева. Благодарение на развиената печатарска индустрија, како и на интересот на нејзините жители за Библијата, Женева била место каде што цветале преведувањето и печатењето на Библијата.

Женевската Библија, преведена од Вилијам Витингем и неговите помошници, излегла во 1560 година. Наскоро ја читале со голем интерес и луѓето во Англија. Женевската Библија била полесна за читање од Библиите што биле објавени пред неа. Тоа е првата Библија на англиски што била поделена на стихови кои биле означени со броеви, систем што денес се користи насекаде. Таа исто така содржела и заглавја — неколку клучни зборови на врвот на секоја страница што им помагале на читателите да пронајдат конкретни пасуси во текстот подолу. Освен тоа, наместо масните готски букви што личеле на ракописни, биле користени едноставни букви кои се слични на оние што денес вообичаено се користат во Библиите.

Поранешните Библии, наменети да се читаат од проповедалниците во црквите, биле многу големи и гломазни. Женевската Библија била практична за ракување и скоро двојно помала од тие големи изданија. Оваа помала Библија не само што била погодна за лично читање и проучување, туку била и многу поефтина.

Настојување да се направи превод верен на оригиналот

Преведувачите на Женевската Библија обрнале посебно внимание да ги задржат духот и смислата на оригиналниот хебрејски јазик. Божјето име, Јехова, се појавувало на неколку места, вклучувајќи го Излез 6:3; 17:5, и Псалм 83:18. Оние зборови што преведувачите сметале дека е неопходно да се додадат биле ставени во курзив, а текстот што бил додаден за да нема граматички нејаснотии бил ставен во аглести загради.

За кратко време Женевската Библија станала службен превод во Шкотска. Освен тоа, била нашироко користена и во Англија, а се смета и дека токму овој превод пилгримите го зеле со себе на своето познато патување до денешните Соединети Држави во 1620 година. Женевската Библија била однесена и во други британски колонии — вклучувајќи ја и најдалечната, Нов Зеланд. Таму, во 1845, еден примерок од оваа Библија станал дел од колекцијата на гувернерот Сер Џорџ Греј.

Спорните белешки на маргините

Женевската Библија останала долго време популарна кај читателите и поради опсежните белешки. Тие биле ставени бидејќи преведувачите сфатиле дека во Библијата има ‚тешки места‘, или делови што биле тешки за разбирање. Таквите белешки на маргините не биле нешто ново. Тиндејл ги користел во „Новиот завет“ од 1534 година. Освен белешките на маргините, Женевската Библија содржела и илустрации, уводни напомени и географски карти — а сите тие биле наменети за да се подобри разбирањето. Во неа се наоѓале и родословни табели, краток преглед на содржината, па дури и дел што поттикнувал Библијата да се чита секој ден.

Иако свештеничката хиерархија на англиканската црква незванично признавала дека преводот е извонреден, сепак го осудила во јавноста бидејќи сметала дека објаснувањата што биле дадени во белешките на маргините значително отстапувале од традиционалните учења на црквата. Метју Паркер, тогашен надбискуп на Кентербери, ги нарекол „разноразни штетни забелешки“. Кралот Џејмс I ги сметал за „крајно пристрасни, невистинити и со бунтовнички дух“. И не е ни чудо, зашто со некои од белешките било доведено во прашање тврдењето дека кралевите се Божји застапници и дека самиот Бог им го дал правото да владеат!

Женевската Библија паѓа во заборав

Во 1604, кралот Џејмс дал одобрение за нов превод, надевајќи се дека Англија ќе се ослободи од Женевската Библија еднаш засекогаш. Историчарот на теологија Алистер Мек Грат вели дека „најголемата пречка на која наишол преводот King James додека настојувал да стекне признание во 17 век, била несмалената популарност на Женевската Библија“. Уште долго време луѓето повеќе сакале да ја читаат Женевската Библија и таа останала службена Библија во Шкотска. Нови изданија од неа биле објавувани сѐ до 1644 година.

Британското и странско библиско друштво, забележало дека „едно испитување на Библијата King James од 1611 покажува дека нејзините преведувачи . . . биле под поголемо влијание на Женевската Библија отколку на кој и да е друг англиски превод“. Многу новитети во графичката обработка на текстот, како и преводот на некои изрази во Женевската Библија, биле задржани и во King James Version.

Неизбришлив печат

Иако со текот на времето била потисната од Authorized Version, или King James Version, Женевската Библија зазема важно место во историјата на книжевноста. Не само што со неа биле поставени нови стандарди во преведувањето и во графичката обработка, туку таа претставува и многу важна алка во синџирот на ревидирани изданија на Библијата на англиски. Освен тоа, овој превод поттикнал најразлични луѓе да ја читаат и да ја проучуваат Библијата, луѓе што инаку не би имале пристап до неа.

Благодарение на тоа што го расчистила патот на преводот King James, Женевската Библија исто така придонела некои библиски фрази да влезат во книжевноста и во англискиот јазик. Па така, иако можеби Женевската Библија главно е заборавена, таа навистина оставила свој неизбришлив печат.

[Слика на страница 28]

Излез 6:3, каде што стои Божјето име

[Слики на страница 29]

Заглавја

Илустрација

Белешки на маргините

[Извор на слика]

Сите фотографии: со љубезна дозвола на American Bible Society

[Извор на слика на страница 29]

Сите фотографии: со љубезна дозвола на American Bible Society

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели