Преводот на кралот Џејмс — како станал популарен
ОВАА година во Англија се одржаа многу прослави по повод 400-годишнината од излегувањето на преводот на Библијата познат како King James Version (Превод на кралот Џејмс). На телевизија и радио беа емитувани посебни документарни програми, а се одржаа и разни конференции, предавања и семинари.
Принцот Чарлс предводеше во одбележувањето на годишнината на ова национално богатство кое го носи името на англискиот крал Џејмс I. Но, како преводот King James, кој бил издаден во мај 1611 год. и кој со векови бил официјален црковен превод, ги освоил срцата на луѓето од англиско говорно подрачје?
Преведувачка треска
Во втората половина од 16 век, во Европа се чувствувала силна жед за библиските учења. Речиси два века пред тоа, околу 1380 год., Џон Виклиф ја превел Библијата од латински на англиски, по што кај мнозина се родила желба да ја читаат. Во наредните два века, неговите следбеници, Лолардите, низ целата земја делеле рачно препишани Библии.
Друг значаен превод е New Testament (Нов завет), кој библичарот Вилијам Тиндејл го превел од изворниот грчки на англиски јазик, довршувајќи го во 1525 год. Кратко потоа, во 1535 год., и Мајлс Кавердејл ја превел целата Библија на англиски. Една година пред тоа, Хенри VIII ги раскинал односите со Рим, а направил и еден стратешки потег. За да ја утврди својата положба како поглавар на Англиканската црква, Хенри VIII одобрил превод на Библијата на англиски познат како Great Bible (Голема Библија). Оваа Библија била отпечатена во 1539 год. во голем формат и со готски букви кои биле тешки за читање.
Пуританци и други протестантски изгнаници од цела Европа се населиле во Женева (Швајцарија). Во 1560 год. излегла Geneva Bible (Женевска Библија), првата англиска Библија отпечатена со лесно читливи букви во која поглавјата биле поделени на стихови. Од континенталниот дел на Европа била внесена во Англија, каде што брзо стекнала популарност. Од 1576 год., Geneva Bible почнала да се печати и во Англија. Во оваа Библија имало карти и белешки што го објаснувале текстот. Но, некои читатели биле револтирани од тие белешки затоа што во нив се зборувало против папството.
Решение за спорот
Бидејќи Great Bible не стекнала популарност во јавноста, а Geneva Bible содржела спорни белешки, била донесена одлука да се направи ревидиран превод. Како основа била избрана Great Bible. Задачата им била доверена на бискупи од Англиканската црква и, во 1568 год., бил објавен преводот Bishops’ Bible (Бискупска Библија). Овој превод бил обемен и содржел голем број слики. Но, на калвинистите, кои не признавале верски титули, не им се допаѓало што се користи зборот „бискуп“. Затоа, во глобала, Bishops’ Bible не била прифатена во Англија.
Откако се искачил на англискиот престол во 1603 год.,a кралот Џејмс I донел одлука да се направи нов превод на Библијата. На преведувачите им рекол да ги отстранат сите спорни белешки или коментари за да може секој да го прифати тој превод.
Кралот Џејмс лично се залагал за овој проект. Биле ангажирани 47 библичари организирани во шест различни групи низ земјата, кои работеле на разни делови од текстот. Користејќи ги преводите на Тиндејл и Кавердејл тие, всушност, ја ревидирале Bishops’ Bible. Меѓутоа, црпеле идеи и од Geneva Bible и од католичкиот превод на Новиот завет направен во Ремс во 1582 год.
Самиот Џејмс бил почитуван библичар, а како признание за неговата иницијатива во предговорот пишувало дека преводот е посветен на „највозвишениот и моќен принц Џејмс“. Англискиот народ го сметал потфатот на Џејмс, кој бил и поглавар на Англиканската црква, како обид да ја обедини нацијата.
Литературно ремек-дело
Свештенството било многу задоволно што од својот крал добило Библија „од која ќе се чита во црквите“. Меѓутоа, останувало да се види како народот ќе го прими новиот превод на Библијата.
Во оригиналниот, прилично долг предговор, преведувачите изразиле загриженост во врска со тоа на каков прием ќе наиде новиот превод. Меѓутоа, преводот King James поминал добро, иако биле потребни 30-ина години за да ја замени омилената Geneva Bible.
Според книгата Библијата и англосаксонските народи (The Bible and the Anglo-Saxon People), овој превод станал единствениот официјален превод што се користел во црквата, а бил прифатен и меѓу народот поради „својот извонреден квалитет“. Една друга книга вели: „Нејзиниот текст се сметал за свет, како да доаѓа директно од Бог. За повеќето христијани кои зборувале англиски било хулење некој да ги критикува или да ги менува зборовите од King James Version“ (The Cambridge History of the Bible).
До сите краеви на светот
Првите доселеници од Англија што пристигнале во Северна Америка ја донеле со себе и Geneva Bible. Но подоцна, во Америка почнал повеќе да се користи преводот King James. Како што се ширела Британската Империја низ светот така и протестантските мисионери го ширеле овој превод меѓу луѓето. Бидејќи многу од оние што ја преведувале Библијата на локалните јазици не ги знаеле хебрејскиот и грчкиот јазик на кои таа била напишана, преводот King James се користел како основа за овие локални преводи.
Денес, според Британската библиотека, „официјалниот превод King James сѐ уште е најобјавуваниот текст на англиски јазик“. Според некои проценки, низ целиот свет се отпечатени над милијарда примероци од преводот King James.
Време за промени
Низ вековите, многумина верувале дека преводот King James е единствената „вистинска“ Библија. Во 1870 год., во Англија почнал да се ревидира овој превод. Подоцна, во Америка биле направени мали промени на веќе ревидираниот текст. Овој преработен текст бил објавен како American Standard Version.b Во 1982 год., преводот King James повторно бил ревидиран. Во предговорот на таа верзија стои дека биле вложени напори „да се задржи поетската убавина на јазикот карактеристична за преводот“ од 1611 год.
Иако Библијата сѐ уште е бестселер — а преводот King James и понатаму е најпопуларен — проф. Ричард Молтон вели: „Направивме речиси сѐ што можеше да се направи со хебрејските и грчките списи... Ги преведовме [и] ги ревидиравме преводите... Но, останува уште една работа што треба да се направи во врска со Библијата: да ја читаме“.
Нема збор дека преводот King James е литературно ремек-дело чија неспоредлива убавина во изразувањето особено се цени и вреднува. Но, што да се каже за вредноста на пораката што ја содржи? Библиските вдахновени списи ни откриваат кое е трајното решение за проблемите во нашите тешки времиња. Без разлика кој превод ќе избереш да го користиш, Јеховините сведоци со задоволство ќе ти помогнат да ја проучуваш Библијата.
[Фусноти]
a Џејмс е роден во 1566 год., а во 1567 год. бил крунисан како Џејмс VI од Шкотска. Во 1603 год., бил крунисан како Џејмс I од Англија, со што станал владетел на двете земји. Потоа, од 1604 год., почнал да ја користи титулата „Крал на Велика Британија“.
b Види ја рамката „Преводот American Standard Version“.
[Рамка/слика на страница 23]
ПРЕВОДОТ AMERICAN STANDARD VERSION
Во 1901 год. беше издаден преводот American Standard Version кој се темели на текстот од преводот King James. Во предговорот стои следново: „Преводот [King James] со право ги заслужува сите фалби за убавината и живописниот стил во него и ние со ништо не сакаме да го негираме тоа“. Сепак, во American Standard Version беа направени значителни промени.
Во предговорот е дадено следново појаснување: „Откако темелно го разгледаа текстот, американските коректори едногласно дојдоа до заклучокот дека еврејското суеверие според кое Божјето име е премногу свето за да се изговара повеќе не треба да влијае врз преводот на Стариот завет на англиски или на кој и да е друг јазик, како што за среќа не влијае врз голем број преводи од денешните мисионери“.
Но, Божјето име, Јехова, не е сосема испуштено во преводот King James. Тоа, всушност, се појавува на четири места, имено во 2. Мојсеева 6:3; Псалм 83:18; Исаија 12:2 и Исаија 26:4. Меѓутоа, во преводот American Standard Version од 1901 год., името е вратено на околу 7.000 места на кои се појавува во Библијата.
[Слика]
1901
[Рамка/слика на страница 24]
ПОСЕБНО БАРАЊЕ
Во 1907 год., на барање на Watch Tower Bible and Tract Society, во Америка беше издаден преводот King James, издание за Истражувачите на Библијата. Во ова издание имаше обемен додаток со наслов „Вериска Библија — прирачник за учители“. Подоцна, Јеховините сведоци го печатеа преводот King James на сопствените печатарски машини. До 1992 год., Сведоците имаа отпечатено 1.858.368 примероци.
[Слика]
1907
[Рамка/слика на страница 24]
ЗНАЧАЕН СОВРЕМЕН ПРЕВОД
Во последниве 50 години, беа направени многу преводи на Библијата (некои од нив се отпечатени на голем број јазици). Мнозина, за особено значаен го сметаат Свето писмо — превод Нов свет. Досега се издадени повеќе од 170 милиони примероци (од целата Библија или делови од неа), на 100 јазици. Картите, индексот на зборови и додатокот што ги има во овој превод им помогнале на читателите подобро да ја разберат библиската порака за нашето време.
[Слика]
1961
[Слика на страница 22]
1611
[Извор на слика на страница 22]
Art Resource, NY