Ти можеш да го радуваш Бог
МОЖЕМЕ ли навистина да влијаеме врз чувствата на Бог? Може ли Бог да се радува? Една дефиниција за „Бог“ во речник е „врховна или крајна реалност“. Што ако таа реалност која влева страхопочит е само сила? Би можеле ли да очекуваме една безлична сила да се радува? Тешко. Меѓутоа, разгледај што вели Библијата за Бог.
„Бог е Дух“, рекол Исус Христос (Јован 4:24). Дух е облик на живот што се разликува од човечкиот. Иако е невидлив за човечкото око, духот има тело — „духовно“ (1. Коринќаните 15:44; Јован 1:18). Користејќи стилски фигури, Библијата дури вели и дека Бог има очи, уши, раце и така натаму.a Бог, исто така, има и име — Јехова (Излез 34:5, 6). Значи, Богот од Библијата е духовна личност (Евреите 9:24). „Тој е жив Бог и вечен Цар“ (Еремија 10:10).
Како реална, вистинска личност, Јехова може да размислува и да дејствува. Тој покажува особини и чувства, покажува што му се допаѓа а што не. Всушност, во Библијата, има безброј изрази што откриваат кои работи му се угодни а кои не. Спротивно на боговите и идолите создадени од човек, кои само ги одразуваат одликите или особините на луѓето што ги измислиле, семоќниот Бог, Јехова, е самиот Зачетник на чувствата што ги всадил во луѓето (Битие 1:27; Исаија 44:7—11).
Јехова, без сомнение, е „среќниот Бог“ (1. Тимотеј 1:11). Тој не само што се радува на своите творечки дела туку наоѓа задоволство и во исполнувањето на неговата намера. Преку пророкот Исаија, Јехова изјавува: „Ќе извршам сѐ што Ми е по волја . . . Реков — ќе исполнам, наумив — ќе извршам“ (Исаија 46:9—11). Псалмистот пеел: „Се радува Господ во Своите дела“ (Псалм 104:31). Но, има уште еден извор на радост за Бог. Тој вели: „Биди мудар, сине мој, и зарадувај ми го срцето“ (Пословици 27:11). Помисли само што значи тоа — ние можеме да го радуваме Бог!
Како можеме да го радуваме срцето на Бог
Разгледај како семејниот поглавар Ное го радувал срцето на Јехова. Ное ‚нашол благодат во Господовите очи‘ зашто ‚бил непорочен човек во свое време‘. Во остра спротивност на злобните луѓе од тоа време, верата и послушноста на Ное толку му биле угодни на Бог што можело да се рече дека ‚Ное одел со Бога‘ (Битие 6:6, 8, 9, 22). ‚Со вера Ное . . . покажал побожен страв и изградил арка за спасение на своето домаќинство‘ (Евреите 11:7). Јехова бил задоволен со Ное и го благословил него и неговото семејство така што преживеале низ тој бурен период на човечката историја.
И патријархот Авраам бил длабоко свесен за чувствата на Јехова. Било потполно очигледно дека детално го познава начинот на кој Бог размислува кога Јехова го известил дека Содом и Гомор ќе бидат уништени поради нивната изопаченост. Авраам доволно добро го познавал Јехова за да заклучи дека е незамисливо Бог да го погуби праведниот заедно со злобниот (Битие 18:17—33). Со години подоцна, од послушност кон Божјето водство, Авраам ‚така да се каже, го принел Исак‘, зашто ‚сметал дека Бог може и од мртвите да го подигне‘ (Евреите 11:17—19; Битие 22:1—18). Авраам толку добро ги познавал чувствата на Бог и покажал толку силна вера и послушност што ‚бил наречен „пријател на Јехова“‘ (Јаков 2:23).
Друг човек што се трудел да го радува срцето на Бог бил цар Давид од древниот Израел. За него, Јехова рекол: „Го најдов Давид, Јесеевиот син, човек по моето срце, кој ќе направи сѐ што сакам“ (Дела 13:22). Пред да се соочи со џинот Голијат, Давид ја положил својата безрезервна доверба во Бог и му рекол на израелскиот цар Саул: „Господ Кој ме избави од лавовите канџи и од мечкините шепи, ќе ме избави и од рацете на тој Филистеец“. Јехова ја благословил довербата што Давид ја имал во Него со тоа што му овозможил да го убие Голијат (1. Самоил 17:37, 45—54). Давид не сакал само неговите постапки туку и ‚зборовите на неговата уста и размислувањата на неговото срце да му бидат угодни на Господа‘ (Псалм 19:14).
Како е со нас? Како можеме ние да му угодиме на Јехова? Колку подобро ги познаваме чувствата на Бог толку посвесни ќе бидеме за она што можеме да го правиме за да го радуваме неговото срце. Затоа, додека ја читаме Библијата, неопходно е да вложуваме напор да учиме за чувствата на Бог за ‚да бидеме исполнети со точното спознание за неговата волја во сета мудрост и духовно сфаќање за да одиме достојно на Јехова, за потполно да му угодиме‘ (Колошаните 1:9, 10). Спознанието, пак, од своја страна, ни помага да изградиме вера. Ова е многу важно зашто „без вера е невозможно да му се угоди [на Бог]“ (Евреите 11:6). Да, со тоа што ќе вложуваме напори да изградиме цврста вера и со тоа што ќе го доведеме својот живот во склад со Јеховината волја, можеме да го радуваме неговото срце. Во исто време, мораме да внимаваме да не го прободеме во срцето.
Немој да го повредиш Бог
Пример за тоа како можат да бидат повредени чувствата на Јехова се наоѓа во извештајот за деновите на Ное. Во тоа време ‚земјата се наполнила со насилства. И Бог погледнал на земјата и гледај, била расипана зашто секое тело го имало расипано својот пат на земјата‘. Како се чувствувал Бог кога ги гледал изопаченоста и насилството? ‚Јехова зажалил што го направил човекот на земјата‘, вели Библијата, ‚и го доболело во срцето‘ (Битие 6:5, 6, 11, 12, NW). Бог зажалил затоа што однесувањето на луѓето станало толку злобно што го променил својот став во врска со расипаната претпотопна генерација. Затоа што бил лут поради нивната злоба, Бог го променил својот став од став на Творец на луѓето во став на нивен уништувач.
На Јехова, исто така, му било мака кога неговиот сопствен народ, древната нација Израел, упорно ги игнорирал неговите чувства и неговите упатства дадени со љубов. Псалмистот се жалел: „Колку Го огорчуваа во пустината, и Го жалостеа во безводен крај! Сѐ наново Го искушуваа Бога и Го ограничија [му нанесуваа болка, NW] на Израелевиот Светец“. Сепак, „Тој милостиво им го проштаваше гревот и не ги погубуваше; често го воздржуваше Својот гнев, за да не пламне со сета жестина“ (Псалм 78:38—41). Иако бунтовните Израелци со право ги сноселе последиците од својата грешност, Библијата ни кажува дека „во сите нивни тешкотии Тој [Бог] ги сожалуваше“ (Исаија 63:9).
И покрај изобилството докази за нежните чувства на Бог кон нив, луѓето во Израел ‚им се потсмевале на Божјите гласници, презирајќи ги Неговите зборови и подигрувајќи се со Неговите пророци, додека не се подигнала Господовата јарост против Неговиот народ, та веќе им немало лек‘ (2. Летописи 36:16). На крајот, нивната навика тврдоглаво да се бунтуваат ‚го разжалостила Неговиот Свет Дух‘ до тој степен што ја изгубиле Јеховината наклоност (Исаија 63:10). Со каков резултат? Бог со право ја повлекол својата заштита, и нив ги снашла несреќа кога Вавилонците ја освоиле Јуда и го уништиле Ерусалим (2. Летописи 36:17—21). Колку е жално кога луѓето избираат да следат грешен начин на живот кој го навредува и му причинува мака на нивниот Творец!
Библијата јасно ни кажува дека неправедното однесување му нанесува длабока болка на Бог (Псалм 78:41, NW). Меѓу работите што се навредливи — па дури и одвратни — за Бог спаѓаат гордоста, лажењето, убиството, практикувањето магија, претскажувањето, обожавањето на предци, слабиот морал, хомосексуалноста, неверноста во бракот, инцестот и угнетувањето на сиромашните (Левит 18:9—29; 19:29; Второзаконие 18:9—12; Пословици 6:16—19; Еремија 7:5—7; Малахија 2:14—16).
Што мисли Јехова за идолопоклонството? Излез 20:4, 5 вели: „Не ќе си правиш врезан лик, ниту некаква слика на она што е горе во небото, или долу на земјата, или во водата под земја. Не ќе им се поклонуваш ниту ќе им служиш“. Зошто? Зашто идолот ‚му е гнасен на Господа‘ (Второзаконие 7:25, 26). Апостол Јован предупредил: „Дечиња, чувајте се од идоли“ (1. Јованово 5:21). А апостол Павле напишал: „Љубени мои, бегајте од идолопоклонство“ (1. Коринќаните 10:14).
Барај одобрување од Бог
Бог е „близок со праведните“. „Непорочните во патот му се благоугодни“ (Пословици 3:32; 11:20). Спротивно на тоа, оние што продолжуваат да го навредуваат Бог со тоа што тврдоглаво ги игнорираат или им пркосат на неговите праведни чувства наскоро ќе станат предмет на неговото неодобрување (2. Солуњаните 1:6—10). Навистина, наскоро тој ќе ѝ стави крај на сета злоба што е толку распространета денес (Псалм 37:9—11; Софонија 2:2, 3).
Меѓутоа, Библијата јасно кажува дека Јехова „не сака никој да биде уништен, туку сака сите да дојдат до покајание“ (2. Петрово 3:9). Тој повеќе сака да ја покаже својата наклоност кон праведните кои го сакаат отколку да го покаже своето незадоволство кон оние кои избираат да бидат непоправливи. Јехова не наоѓа задоволство ‚во смртта на безбожникот‘ туку сака ‚тој да се одврати од својот лош пат и да живее‘ (Езекиел 33:11).
Значи, никој не мора да стане предмет на Јеховиниот гнев. „Јехова е многу нежен во наклоноста и милосрден“ (Јаков 5:11). Со целосна доверба во чувствата на Бог, можеш ‚сета своја тегобна грижа да ја фрлиш на него, зашто тој се грижи за тебе‘ (1. Петрово 5:7). Биди уверен дека оние што го радуваат срцето на Бог имаат прекрасен изглед да добијат одобрување од него и да бидат негови пријатели. Затоа, сега е поитно од кога и да било порано да ‚се уверуваме што е прифатливо за Господ‘ (Ефешаните 5:10).
Колку е само прекрасно што Бог во својата незаслужена љубезност ги открил своите величествени особини и чувства! И ти можеш да го радуваш неговото срце. Ако сакаш да го сториш тоа, те поттикнуваме да стапиш во контакт со Јеховините сведоци во твојата околина. Ним ќе им биде мило да ти покажат што било за нив практично и достижно во нивните напори да му угодат на Бог.
[Фуснота]
a Види ја рамката со наслов „Зошто Библијата го опишува Бог користејќи човечки изрази?“
[Рамка на страница 7]
Зошто Библијата го опишува Бог со човечки изрази?
Бидејќи „Бог е Дух“, ние не можеме да го видиме со нашите дословни очи (Јован 4:24). Затоа Библијата користи стилски фигури, како што се компарација, метафора и персонификација, за да ни помогне да ги разбереме моќта, величественоста и делата на Бог. Персонификација е припишување човечки особини на нечовечки работи. Според тоа, иако не знаеме како изгледа духовното тело на Бог, Библијата зборува дека Бог има очи, уши, дланки, раце, прсти, стапала и срце (Битие 8:21; Излез 3:20; 31:18; Јов 40:9; Псалм 18:9; 34:15).
Ваквиот описен јазик не значи дека духовното тело на Бог има исти делови како човечкото тело. Персонификацијата не треба да се сфати буквално. Таа само им помага на луѓето подобро да го разберат Бог. Без такви стилски фигури, би било тешко, ако не и невозможно, луѓето да сфатат каков и да било опис на Бог. Меѓутоа, тоа не значи дека личноста на Јехова Бог е измислена од луѓето. Библијата јасно објаснува дека човекот е создаден според Божјиот лик — а не Бог според човечкиот лик (Битие 1:27). Бидејќи библиските писатели биле ‚инспирирани од Бог‘, нивниот опис на личноста на Бог е всушност негов опис на неговите особини — истите особини што тој во различен степен ги всадил во своите човечки творби (2. Тимотеј 3:16, 17). Значи, наместо да бидат човечките особини во Бог, всушност Божјите особини се во човекот.
[Слика на страница 4]
Ное нашол милост во очите на Бог
[Слика на страница 5]
Авраам добро ги познавал чувствата на Бог
[Слика на страница 6]
Давид положил целосна доверба во Јехова
[Слика на страница 7]
Додека ја читаш Библијата, можеш да научиш како да го радуваш Бог
[Извор на слика на страница 4]
Со љубезна дозвола на Англо-австралиската опсерваторија, фотографија на Дејвид Малин