Постарите — скапоцени членови на нашето христијанско братство
„Засадените во Господовиот Дом цветаат . . . Тие и во старост донесуваат плодови“ (ПСАЛМ 92:13, 14).
1. Како гледаат многумина на постарите лица?
ЈЕХОВА ги сака сите свои верни слуги, вклучувајќи ги и оние што се во поодминати години. Меѓутоа, според една државна проценка, секоја година речиси половина милион стари луѓе во Соединетите Држави се малтретирани или запоставувани. Слични извештаи од целиот свет покажуваат дека малтретирањето на постарите е глобален проблем. Според една организација, во коренот на овој проблем лежи еден „став што е раширен меѓу многу луѓе . . . дека од старите луѓе веќе нема никаков ќар, дека не се продуктивни и дека премногу зависат од другите“.
2. а) Како гледа Јехова на своите верни слуги што остареле? б) Каков охрабрувачки опис наоѓаме во Псалм 92:12—15?
2 Јехова Бог многу ги цени своите лојални слуги што остареле. Тој се сосредоточува на ‚човекот којшто сме однатре‘ — на нашата духовна состојба — а не на нашите физички ограничувања (2. Коринќаните 4:16). Во неговата Реч, Библијата, го наоѓаме следново охрабрувачко уверување: „Праведникот цвета како палма, и расте како ливански кедар. Засадените во Господовиот Дом цветаат во дворовите на нашиот Бог. Тие и во старост донесуваат плодови: сочни и свежи: за да навестат дека Господ е праведен“ (Псалм 92:12—15). Ако ги разгледаме овие стихови, ќе откриеме каков скапоцен придонес можете да дадете вие постарите во христијанското братство.
„И во старост донесуваат плодови“
3. а) Зошто праведниците се споредени со палми? б) Како може ‚и во старост да се донесуваат плодови‘?
3 Псалмистот ги споредува праведниците со палми ‚засадени во дворовите на нашиот Бог‘. Тие „и во старост донесуваат плодови“. Зарем ова не е многу охрабрувачка мисла? Во библиски времиња, елегантните, исправени палми биле вообичаена глетка во дворовите на Ориентот. Освен тоа што служеле како украс, палмите биле ценети и затоа што давале плодови во изобилство, при што некои од нив давале род и во текот на повеќе од сто години.a Ако останеш цврсто вкоренет во вистинското обожавање, и ти ќе можеш ‚и понатаму да донесуваш плод во секое добро дело‘ (Колошаните 1:10).
4, 5. а) Какви важни плодови треба да даваат христијаните? б) Наведи библиски примери на остарени лица што давале „плод на усните“.
4 Јехова очекува од христијаните да даваат „плод на усните“ — зборови на фалба за него и за неговите намери (Евреите 13:15). Дали тоа важи и за тебе како постара личност? Секако дека важи.
5 Библијата содржи примери на остарени лица што бестрашно сведочеле за Јеховиното име и намери. Мојсеј веќе имал над „седумдесет години“ кога Јехова го поставил за свој пророк и застапник (Псалм 90:10; Излез 4:10—17). Староста не го спречила пророкот Даниел да даде бестрашно сведоштво за Јеховиниот суверенитет. Даниел веројатно бил во своите 90-ти години кога Валтазар го повикал да му го протолкува таинствениот ракопис на ѕидот (Даниел, 5. поглавје). А што е со остарениот апостол Јован? Кон крајот на својата долга кариера, тој бил затворен на островот Патмос ‚затоа што зборувал за Бог и сведочел за Исус‘ (Откровение 1:9). Веројатно можеш да се сетиш и на многу други библиски личности што давале „плод на усните“ во своите поодминати години (1. Самоил 8:1, 10; 12:2; 1. Цареви 14:4, 5; Лука 1:7, 67—79; 2:22—32).
6. На кој начин Јехова ги користел ‚старите‘ за да пророкуваат во овие последни денови?
6 Цитирајќи го хебрејскиот пророк Јоил, апостол Павле објавил: „,Во последните денови‘, вели Бог, ‚ќе излијам од својот дух на секој вид тело [вклучувајќи ги и „старите“] . . . и тие ќе пророкуваат‘“ (Дела 2:17, 18; Јоил 3:1). Во склад со тоа, во овие последни денови Јехова ги користел остарените членови од помазаната класа и од ‚другите овци‘ за да ги објави своите намери (Јован 10:16). Некои од нив веќе со децении верно даваат плодови на Царството.
7. Илустрирај како постарите продолжуваат да даваат плодови за Царството и покрај нивните физички ограничувања.
7 Да ја земеме, на пример, Соња, која станала полновремен објавител на Царството во 1941 година. И покрај тоа што водела долга борба со хронична болест, таа редовно водела библиски студии во својот дом. „Проповедањето на добрата вест е дел од мојот живот“, објаснила Соња. „Всушност, тоа е мојот живот. Не сакам да се пензионирам.“ Не многу одамна, Соња и нејзината сестра Олив ѝ ја пренеле библиската порака на надеж на Џенет, која имала неизлечлива болест, а која тие ја запознале во чекалницата во една болница. Мајка ѝ на Џенет, која била искрен католик, била толку импресионирана од ваквиот интерес што со љубов ѝ бил покажан на ќерка ѝ што ја прифатила понудата за домашна библиска студија и сега одлично напредува. Можеш ли и ти да ги искористиш сличните прилики да даваш плодови за Царството?
8. На кој начин остарениот Халев ја покажал својата доверба во Јехова, и како можат постарите христијани да го имитираат неговиот пример?
8 Со тоа што храбро ќе се напрегаат во делото на проповедање на Царството и покрај ограничувањата што ги наметнуваат поодминатите години, постарите христијани ги следат стапките на верниот Израелец Халев, кој четири децении одел заедно со Мојсеј низ пустелијата. Халев имал 79 години кога ја преминал реката Јордан и влегол во Ветената земја. Откако шест години се борел во редовите на израелската победничка војска, можел да се потпре на своите стари заслуги и да не прави ништо повеќе. Но, далеку од тоа, тој храбро побарал една тешка задача — да ги заземе ‚големите и цврсти градови‘ во планинскиот предел на Јуда, подрачје населено со Енакијците, кои биле необично големи луѓе. Со Јеховина помош, Халев ‚ги изгонил, како што го ветил тоа Господ‘ (Исус Навин 14:9—14; 15:13, 14). Биди уверен дека Јехова е со тебе, како што бил и со Халев, додека продолжуваш да даваш плодови на Царството и во староста. Освен тоа, ако останеш верен, тој ќе ти даде место во новиот свет што го ветил (Исаија 40:29—31; 2. Петрово 3:13).
Ќе бидат „сочни и свежи“
9, 10. На кој начин постарите христијани остануваат здрави во верата и како ја задржуваат својата духовна енергија? (Види ја рамката на 13. страница.)
9 Свртувајќи внимание на тоа дека Јеховини слуги што остареле се продуктивни, псалмистот во песна рекол: „Праведникот цвета како палма, и расте како ливански кедар. Тие и во старост донесуваат плодови: сочни и свежи“ (Псалм 92:12, 14).
10 Како можеш да ја задржиш духовната енергија и покрај поодминатите години? Тајната на вечната убавина на палмите лежи во непресушниот извор на свежа вода. Слично на тоа, и ти можеш да црпиш сила од водите на библиската вистина со тоа што ќе ја проучуваш Божјата реч и со тоа што ќе останеш поврзан со неговата организација (Псалм 1:1—3; Еремија 17:7, 8). Поради твојата духовна виталност ќе бидеш скапоцен за соверниците. Да разгледаме како ова се покажало точно во случајот на остарениот првосвештеник Јодај.
11, 12. а) Која пресудна улога ја одиграл Јодај во историјата на царството Јуда? б) На кој начин Јодај го користел своето влијание за да го поддржи вистинското обожавање?
11 Веројатно Јодај имал над сто години кога амбициозната царица Готолија ја презела власта над Јуда со тоа што ги убила сопствените внуци. Што можел да направи остарениот Јодај? Шест години тој и неговата сопруга го криеле во храмот единствениот преживеан царски наследник, Јоас. Потоа, со еден драматичен потег, Јодај го прогласил седумгодишниот Јоас за цар и наредил да се погуби Готолија (2. Летописи 22:10—12; 23:1—3, 15, 21).
12 Како заштитник на царот, Јодај го користел своето влијание за да го поддржи вистинското обожавање. Тој „склучи завет со целиот народ и со царот, за да бидат народ Господов“ (ББД). На заповед на Јодај, народот го урнал домот на лажниот бог Ваал и ги отстранил неговите жртвеници, идоли и неговиот свештеник. Исто така, токму под водство на Јодај, Јоас повторно ги вовел службите во храмот и ги извршил поправките во него, кои биле многу потребни. „Јоас правеше што е право во очите на Господа во текот на сиот свој век, зашто го поучуваше свештеникот Јодај“ (2. Летописи 23:11, 16—19; 24:11—14; 2. Цареви 12:2). Кога умрел, на возраст од 130 години, на Јодај му била оддадена исклучителна чест со тоа што бил погребан кај царевите затоа што ‚правел добро во Израел и кон Бога и кон Неговиот Дом‘ (2. Летописи 24:15, 16).
13. Како можат постарите христијани ‚да прават добро кон Бога и кон неговиот дом‘?
13 Можеби слабото здравје или други околности го ограничуваат она што можеш да го направиш за да го поддржиш вистинското обожавање. Дури и да е така, ти сепак можеш ‚да правиш добро кон Бога и кон неговиот дом‘. Можеш да покажеш ревност за Јеховиниот духовен дом со тоа што ќе присуствуваш и ќе учествуваш на собраниските состаноци и ќе имаш удел во службата на теренот секогаш кога можеш. Тоа што спремно ќе го прифатиш библискиот совет и лојално ќе го поддржуваш „верниот и разборит роб“ и собранието, ќе има зајакнувачко влијание врз христијанското братство (Матеј 24:45—47). Исто така, можеш да ги поттикнуваш сообожавателите „кон љубов и кон извонредни дела“ (Евреите 10:24, 25; Филимон 8, 9). Освен тоа, ќе бидеш благослов за другите ако постапуваш во склад со советот на апостол Павле: „Старите мажи нека бидат умерени во навиките, сериозни, со здрави мисли, здрави [„енергични“, An American Translation] во верата, во љубовта, во истрајноста. Така и старите жени нека бидат полни со почит во однесувањето, да не клеветат, ниту да робуваат на многу вино, нека бидат учителки за она што е добро“ (Тит 2:2—4).
14. Што можат да направат долгогодишните христијански надгледници за да го поддржат вистинското обожавање?
14 Дали веќе многу години служиш како собраниски старешина? „Несебично користи ја мудроста што доаѓа со поодминатите години“, советува еден долгогодишен собраниски старешина. „Доделувај им одговорности и на другите и пренесувај им го своето искуство на оние што имаат спремен дух . . . Гледај го потенцијалот кај другите. Развивај го и негувај го. Постави темел за иднината“ (Второзаконие 3:27, 28). Твојот искрен интерес за сѐ поголемото дело на Царството ќе води до многу благослови за другите во нашето христијанско братство.
Кажувај „дека Господ е праведен“
15. На кој начин постарите христијани кажуваат „дека Господ е праведен“?
15 Постарите Божји слуги радосно ја исполнуваат својата одговорност да кажуваат „дека Господ е праведен“. Ако си постар христијанин, твоите зборови и дела можат да им покажат на другите дека ‚Јехова е твоја Тврдина — и нема неправда во Него‘ (Псалм 92:15). Палмата немо сведочи за ненадминливите особини на својот Творец. Но, тебе Јехова ти дал предност да им сведочиш за него на оние што сега го прифаќаат вистинското обожавање (Второзаконие 32:7; Псалм 71:17, 18; Јоил 1:2, 3). Зошто е важно ова?
16. Кој библиски пример илустрира колку е важно да се кажува „дека Господ е праведен“?
16 Кога израелскиот водач Исус Навин ‚остарел и навлегол во години‘, тој ‚ги повикал сите Израелци, старешините, главатарите, судиите и управителите нивни‘ и ги потсетил за Божјите праведни постапки. Тој рекол: „Не остана неисполнето ниту едно ветување од сите добри ветувања што ви ги даде Јехова, вашиот Бог. Сѐ ви се исполни“ (Исус Навин 23:1, 2, 14, NW). Некое време овие зборови ја зајакнале решеноста на народот да остане верен. Меѓутоа, по смртта на Исус Навин, тоа поколение ‚го наследило друго поколение, што не Го познавало Господа ни делата што ги направил за Израел. Тогаш Израелевите синови почнале да прават што не Му е по волја на Господа, и им служеле на Ваалите‘ (Судии 2:8—11).
17. Како постапувал Јехова со својот народ во поново време?
17 Интегритетот на денешното христијанско собрание не зависи од гласното сведоштво на постарите слуги на Бог. Сепак, нашата вера во Јехова и неговите ветувања се зајакнува кога слушаме извештаи од прва рака во врска со ‚големите дела‘ што Тој ги направил за својот народ во овие последни денови (Судии 2:7; 2. Петрово 1:16—19). Ако многу години си поврзан со Јеховината организација, можеби се сеќаваш на времето кога имало многу малку објавители на Царството во твоето место или во твојата земја или кога проповедничкото дело наидувало на жестоко противење. Како што минувало времето, си видел како Јехова отстранува извесни препреки и како ‚го забрзува‘ растот на Царството (Исаија 54:17; 60:22, NW). Си го забележал разјаснувањето на библиските вистини и си бил сведок на постепените подобрувања на видливиот дел од Божјата организација (Пословици 4:18; Исаија 60:17). Дали настојуваш да ги изградиш другите со тоа што им го пренесуваш своето искуство во врска со Јеховините праведни постапки? Колку само позитивно и зајакнувачко влијание може да има тоа врз христијанското братство!
18. а) Илустрирај каков долготраен ефект има кога им кажуваме на другите дека „Господ е праведен“? б) На кој начин ти лично си ја искусил Јеховината праведност?
18 А што е со оние прилики во животот кога лично си почувствувал како Јехова со љубов се грижи и те води? (Псалм 37:25; Матеј 6:33; 1. Петрово 5:7). Една постара сестра по име Марта имала обичај да ги охрабрува другите со зборовите: „Што и да се случи, никогаш немој да го напуштиш Јехова. Тој ќе те поддржи“. Овој совет длабоко влијаел врз Толмина, со која Марта ја проучувала Библијата и која се крстила во почетокот на 1960-тите. „Кога почина мојот сопруг“, си спомнува Толмина, „бев многу обесхрабрена, но тие зборови ми помогнаа да бидам решена да не пропуштам ниту еден состанок. Јехова навистина ме зајакна за да можам да продолжам.“ Низ годините, Толмина им го дала истиот совет и на мнозина од оние со кои таа ја проучувала Библијата. Всушност, со тоа што ќе ги охрабруваш другите и ќе раскажуваш за Јеховините праведни постапки, можеш многу да помогнеш за да се изгради верата на соверниците.
Јехова ги цени верните постари лица
19, 20. а) Како гледа Јехова на она што го прават неговите постари слуги? б) Што ќе разгледаме во следната статија?
19 Денешниов свет, кој се карактеризира со неблагодарност, нема многу време за постарите (2. Тимотеј 3:1, 2). Кога ќе се спомнат, тоа честопати е поради она што го постигнале во минатото — она што биле некогаш, а не тоа што се сега. Спротивно на тоа, Библијата вели: „Бог не е неправеден да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име, со тоа што им служевте на светите и понатаму им служите“ (Евреите 6:10). Се разбира, Јехова Бог се сеќава на твоето минато, кога си постапувал верно. Но, тој те цени и поради она што продолжуваш да го правиш во неговата служба. Да, тој ги смета постарите верни лица за продуктивни, духовно здрави и енергични христијани — лица кои се жив доказ за неговата моќ (Филипјаните 4:13).
20 Дали гледаш на постарите членови на нашето христијанско братство онака како што гледа Јехова? Ако да, ќе бидеш поттикнат да ја покажеш својата љубов кон нив (1. Јованово 3:18). Во следната статија ќе разгледаме на кои практични начини можеме да покажеме таква љубов додека се грижиме за нивните потреби.
[Фуснота]
a Секој грозд урми може да има дури и илјада плодови и да тежи над 8 килограми. Еден писател проценува дека „секоја родна [палма] во текот на својот животен век ќе ги награди своите сопственици со род од два или три тони урми“.
Како ќе одговориш?
• На кој начин постарите ‚донесуваат плодови‘?
• Зошто духовната виталност на постарите христијани е скапоцена?
• Како можат постарите да кажуваат дека „Господ е праведен“?
• Зошто Јехова многу ги цени своите долгогодишни слуги?
[Рамка на страница 13]
Како останале здрави во верата
Што им помогнало на некои долгогодишни христијани да останат здрави во верата и да ја задржат својата духовна енергија? Еве што изјавиле некои од нив:
„Многу е важно да се читаат библиски стихови што се сосредоточуваат на нашиот однос со Јехова. Честопати ноќе си ги кажувам Псалмите 23 и 91“ (Олив, крстена во 1930).
„Си поставив за цел да бидам присутен на секое предавање за крштавање и внимателно да слушам, како јас да треба да се крстам. Тоа што постојано мислам на моето предание е важен чекор што ми помага да останам верен“ (Хари, крстен во 1946).
„Неопходно е секојдневно да се молиме — секогаш да бараме помош, заштита и благослов од Јехова, ‚да мислиме на него на сите наши патишта‘“ (Пословици 3:5, 6; Антонио, крстен во 1951).
„Кога ги слушам искуствата на оние што и по толку многу години сѐ уште верно му служат на Јехова, се обновува мојата решеност да му останам лојална и верна“ (Џоан, крстена во 1954).
„Важно е да немаш превисоко мислење за себе. Она што го имаме се должи на Божјата незаслужена љубезност. Таквото гледиште за работите ќе ни помогне да ја бараме на исправно место духовната храна што ни е потребна за да истраеме до крајот“ (Арлин, крстена во 1954).
[Слика на страница 11]
Постарите даваат скапоцени плодови за Царството
[Слика на страница 14]
Духовната виталност на постарите е скапоцен посед