Да се најде најдобриот совет
УСПЕШЕН живот — тоа е нешто што секој го посакува. Добриот совет и спремноста да се постапи во склад со него се клуч за да се постигне таков живот во денешниов комплициран свет. Сепак, луѓето не се секогаш спремни да им обрнат внимание на корисните совети. Мнозина тврдат дека човек треба да си го живее животот како што сака. Всушност, библискиот извештај покажува дека Сатана, првиот непријател на Божјиот суверенитет, им понудил независност на првите луѓе. Во Битие 3:5 е запишано она што тој ѝ го тврдел на Ева: „Бог знае дека, во оној ден кога ќе јадете од него [дрвото за познавање на доброто и злото], ќе ви се отворат очите, и вие ќе бидете како Бога, распознавајќи го доброто и злото“.
Дали можеле Адам и Ева потоа да водат успешен живот без тешки последици, потпирајќи се само на своето мислење? Воопшто не. Тие веднаш се разочарале од последиците од тоа што си помислиле дека ќе знаат што е добро а што лошо. Бог им изрекол праведна пресуда и тие започнале со тежок живот во несовршенство, чиј краен резултат бил смрт (Битие 3:16—19, 23). Смртта влијае врз сите нас. Библијата вели: „Преку еден човек [Адам] гревот влезе во светот и преку гревот смртта, така и смртта се прошири на сите луѓе, бидејќи сите згрешија“ (Римјаните 5:12).
Иако одлуката на Адам и на Ева има страшни последици, мнозина сѐ уште не се убедени дека е мудро да се применува советот што го дава Создателот на човекот. Сепак, Библијата за себе вели дека е ‚инспирирана од Бог и корисна‘, и дека може да ни помогне да ‚бидеме потполно способни, целосно опремени за секое добро дело‘ (2. Тимотеј 3:16, 17). Сигурно ќе бидеме посреќни ако ги следиме нејзините совети. Главно поле на коешто ова важи е семејниот живот.
Верност во бракот
Според Библијата, Бог имал намера бракот да биде трајна врска (Битие 2:22—24; Матеј 19:6). Освен тоа, Писмото вели дека „брачната постела [треба да] биде неизвалкана“, што значи дека оваа заедница не смее да биде загадена со сексуални односи надвор од бракот (Евреите 13:4). Но, веројатно си свесен дека денес многу бракови не го задоволуваат ова мерило. Некои што се во брак си имаат навика да флертуваат на работното место со други лица. Други, пак, го лажат својот брачен партнер и своето семејство за да бидат со некој друг со кого имаат романтична врска. Некои дури и го оставаат својот сопружник и одат да живеат со помлад партнер, тврдејќи дека така се чувствуваат помлади и посреќни, како што било случај со Вероника, спомната во претходната статија.
Сепак, ако некој е решен по секоја цена да гледа само нему да му биде добро, нема да биде трајно среќен. Роналд може да посведочи за тоа. Убеден дека ќе му биде подобро во животот, тој ја оставил својата жена и основал ново семејство со друга жена со која бил во тајна врска шест години и со која веќе имал две деца. Но, по извесно време откако се развел, неговата љубовница го напуштила! На крајот, Роналд отишол да живее со своите родители. Тој ја опишува својата ситуација како „понижувачка“. Ова е само еден случај. Таквото однесување кое е водено од себични желби предизвикало еден невиден бран на разводи и распад на семејства, кое имало за последица страдање на безброј лица — и на возрасни и на деца.
Од друга страна, послушноста кон библиските совети донесува вистинска среќа. Ова го искусил Роберто, кој вели: „Благодарение на советите од Библијата, си останав со жена ми. Не можеме да бидеме вистински среќни ако му подлегнеме на искушението со некој друг, а не со нашиот брачен партнер, иако тоа лице можеби изгледа привлечно. Поуката од Библијата ми помогна да ја ценам мојата жена, која толку многу години е покрај мене“. Библискиот совет „не биди ѝ неверен на жената на својата младост“ одиграл важна улога во животот на Роберто (Малахија 2:15). Во кои други аспекти можеме да извлечеме корист од божествениот совет?
Како ги подигаме нашите деца
Пред неколку децении стана популарна идејата дека, додека ги подигаат децата, родителите не треба да им поставуваат премногу ограничувања. Изгледаше разумно да им се дозволи на децата самите да одлучуваат како ќе размислуваат и како ќе се однесуваат. Целта беше да се избегне да се прави нешто што ќе го задуши нивниот развој. Во некои места дури беа воведени помалку организирани образовни системи во кои, меѓу другите работи, учениците можеа да одлучуваат дали ќе одат на часови или не и можеа да изберат колку време ќе се забавуваат или ќе бидат поучувани. Девизата на едно вакво училиште беше „да им се дозволи на децата да ги изразат сите свои чувства без некој возрасен да им суди или да им се меша“. Некои советници кои се занимаваат со човековото однесување до ден-денес ги оспоруваат користите од примената на извесни дисциплински мерки, дури и во случаи кога родителите сметаат дека е неопходно да им се даде дисциплина полна со љубов.
Каков бил резултатот? Има многу луѓе што сметаат дека со попустливите методи на воспитание на децата им се дозволува преголема слобода.Тие сметаат дека ова водело до пораст на криминалот и користење на дрога“. Една анкета во Соединетите Држави откри дека скоро 70 отсто од испитаниците мислеле дека родителите не им даваат на децата и на младите толку водство колку што им е потребно. Кога се обидуваат да ги објаснат причините за пукањето во училиштата и други страшни злодела што ги извршиле тинејџери, мнозина ја префрлаат вината врз „недоволната контрола од страна на родителите“. Дури и кога последиците не се толку трагични, и родителите и децата ги собираат горчливите плодови од тоа што децата биле погрешно воспитувани.
Што има да каже Библијата во врска со ова? Советот од Писмото е дека родителскиот авторитет треба да биде спроведен со љубов, но и со цврстина. Библијата вели: „Глупоста се прилепува до срцето на детето, прачката на поуката ја отстранува од него“ (Пословици 22:15). Секако, секоја дисциплинска мерка што ја дава родителот треба да биде соодветна на околностите. Таа секогаш треба да се дава со благост, самосовладување и обѕирност. Кога се дава на таков начин, таа е знак на љубов. Ако родителите го спроведуваат својот авторитет со љубов, а не со суровост, тогаш се најголеми шансите за успех.
Можат да се видат добри резултати од примената на овие совети. Артуро, 30-годишен човек од Мексико, кој неодамна се оженил, вели: „Татко ми јасно ни стави до знаење мене и на моите браќа дека тој и мајка ми се тие што имаат авторитет во семејството. Никогаш не се мислеа дали да нѐ дисциплинираат. Сепак, секогаш наоѓаа време да разговараат со нас. Сега, како возрасен, го ценам стабилниот живот што го водам, и знам дека тој во голема мера е резултат на доброто водство што го примив“.
Извлечи корист од најдобриот можен совет
Божјата реч, Библијата, ги содржи најдобрите можни совети што му се достапни на човекот. Нејзиното водство не е ограничено само на семејниот круг. Тоа помага да се опремиме на многу начини бидејќи нѐ поучува како да постапуваме во свет каде што повеќето не се спремни да прифатат дека надмоќниот Извор на мудроста треба да управува со нивните животи за нивно сопствено добро.
Јехова Бог, Творецот на човештвото, го дава следново уверување преку псалмистот Давид: „Ќе те учам, ќе ти го покажам патот по кој треба да одиш, ќе те советувам. Моето око ќе бдее над тебе“ (Псалм 32:8). Можеш ли да си замислиш што значи окото на Творецот да бдее над нас за да нѐ штити од опасности? Но, прашањето што треба секој да си го постави е: ‚Дали понизно ќе го прифатам заштитничкото водство од Јехова?‘ Неговата Реч со љубов ни кажува: „Надевај се на Господа со сето свое срце и не се потпирај врз сопствениот разум. Мисли на Него на сите свои патишта и Тој ќе ги исправи твоите патеки“ (Пословици 3:5, 6).
Потребен е труд и посветеност за да се запознае Јехова, но возможно е човек да го направи тоа со помош на Библијата. Начинот на живот што тој ни го препорачува „има ветување за сегашниот живот и за оној кој ќе дојде“. Со оглед на користите што ги нуди, тој навистина е средство за голема добивка (1. Тимотеј 4:8; 6:6).
Ако ти се допаѓа увидот што го дава Библијата и благословите што се добиваат ако се живее во склад со него, дај им во твојот живот приоритет на читањето и на размислувањето за Божјата реч. Доколку го правиш тоа, ќе можеш успешно да се соочиш со предизвиците денес и со оние што лежат во иднина. Освен тоа, ќе дознаеш за надежта за живот во Божјиот нов свет, каде што сите ќе бидат поучени од Јехова и ќе имаат голем мир (Исаија 54:13).
[Слика на страница 5]
Библискиот совет може да ја зајакне брачната врска
[Слики на страница 6]
Библискиот совет е темел за добро водство, но остава простор и за уживање
[Слики на страница 7]
Оние што го применуваат библискиот совет можат да водат исполнет живот