Какво наследство си должен да им оставиш на своите деца?
ПАВЛОС, семеен човек од јужна Европа, ретко е дома и поминува малку време со својата сопруга и со децата — две ќерки, на 13 и 11 години, и 7-годишен син. Седум дена во седмицата Павлос работи по две смени секој ден, обидувајќи се да заработи доволно пари за да го оствари својот сон. Сака да купи по еден стан за секоја ќерка и да започне некој мал бизнис за својот син. Неговата сопруга, Софија, напорно работи за да собере постелнина и трпезариски чаршави, кујнски прибор, порцелан и прибор за јадење за тие додатни домаќинства. Кога ќе ги прашаат зошто работат толку напорно, тие во еден глас одговараат: „За доброто на нашите деца!“
Како Павлос и Софија, многу родители низ целиот свет прават сѐ што можат за да им дадат на своите деца добар почеток во животот. Некои оставаат настрана пари што ќе им користат на децата во иднина. Други се грижат нивните деца да добијат соодветно образование и да научат вештини што ќе им користат подоцна во животот. Иако повеќето родители ги сметаат ваквите дарови за наследство што им го оставаат од љубов, овие подготовки честопати ги ставаат родителите под голем притисок да ги исполнат очекувањата на роднините, пријателите и на заедницата во којашто живеат. Затоа, загрижените родители со право прашуваат: ‚Колку им должиме на нашите деца?‘
Да се направат подготовки за иднината
Не само што е нормално туку и библиски е христијанските родители да прават подготовки за своите деца. Апостол Павле им рекол на христијаните во негово време: „Родителите треба да прават подготовки за своите деца, а не децата за родителите“ (2. Коринќаните 12:14, The New English Bible). Павле понатаму вели дека родителската грижа е сериозна обврска. Тој напишал: „Навистина, ако некој не се грижи за своите, а особено за своите домашни, тој се одрекол од верата и полош е од оној без вера“ (1. Тимотеј 5:8). Голем број библиски извештаи покажуваат дека наследството било важно кај Божјите слуги во библиски времиња (Рута 2:19, 20; 3:9—13; 4:1—22; Јов 42:15).
Меѓутоа, понекогаш родителите стануваат преокупирани со тоа да обезбедат големо наследство за своите деца. Зошто? Манолис, татко кој се преселил од јужна Европа во Соединетите Држави, укажува на една причина: „Родителите кои го преживеале пустошот на Втората светска војна, глад и сиромаштија, решени се нивните деца да имаат подобра судбина“. Тој додава: „Поради нивното претерано чувство на одговорност и желбата да им дадат на своите деца најдобар можен почеток во животот, родителите понекогаш самите си наштетуваат“. Навистина, некои родители си ги ускратуваат неопходните работи за живот или живеат аскетски за да насоберат материјални поседи за своите потомци. Но, дали е мудро родителите да живеат така?
„Суета и големо зло“
Цар Соломон од древниот Израел дал предупредување во врска со наследството. Тој напишал: „Замразив сѐ за што се трудев под сонцето и што сега му го оставам на мојот наследник. Кој знае дали тој ќе биде мудар или луд? Па сепак тој ќе биде господар на сета моја мака во која го вложив сето свое напрегање и мудроста под сонцето. И тоа е суета . . . Зашто човекот се труди мудро и со знаење и успешно, па сѐ тоа треба да го остави во наследство на друг, кој воопшто не се трудел околу тоа. И тоа е суета и големо зло“ (Проповедник 2:18—21).
Како што Соломон објаснува, оние што ќе добијат некое наследство можеби не ја сфаќаат потполно неговата вредност зашто самите тие не работеле напорно за него. Како резултат на тоа, наследниците можеби лекоумно ќе се однесуваат со она што нивните родители се труделе да го соберат за нив. Можеби дури и расипнички ќе ги трошат тие макотрпно стекнати работи (Лука 15:11—16). Каква само „суета и големо зло“ би било тоа!
Наследство и алчност
Има уште нешто што родителите треба да го земат предвид. Во култура во којашто луѓето се преокупирани со наследен имот и свадбени бовчалаци, децата може да станат алчни и да бараат имот, или мираз, што ги надминува можностите на родителите. „Тешко на оној татко што има две или три ќерки“, потсмешливо забележува Лукас, татко од Грција. Тој вели: „Ќерките можеби го споредуваат она што нивниот татко може да им го даде со она што другите родители ‚дарежливо‘ го собираат за нивните деца. Можеби ќе речат дека нивните изгледи за брак ќе се намалат ако не можат да донесат доволно мираз“.
Манолис, кој беше претходно спомнат, вели: „Еден млад човек може да го одолговлекува додворувањето сѐ додека таткото на идната невеста не му вети нешто за неа, обично недвижен имот или значителна сума пари. Тоа може да стане еден вид уцена“.
Библијата нѐ предупредува за сите облици на алчност. Соломон пишува: „Од почетокот набрзина придобиено наследство, на крајот не е благословено“ (Пословици 20:21). Апостол Павле нагласил: „Љубовта кон парите е корен на секакви штетни работи“ (1. Тимотеј 6:10; Ефешаните 5:5).
„Мудроста е како скапоцено наследство“
Точно, наследството си има своја вредност, но мудроста има многу поголема вредност од материјалните поседи. Цар Соломон напишал: „Мудроста е како скапоцено наследство и полезна е . . . Бидејќи како што се сребрениците заштита, така е и мудроста; но предноста на знаењето е дека мудроста дава живот на оној што ја има“ (Проповедник 7:11, 12; Пословици 2:7; 3:21). Иако парите даваат извесна мерка заштита, и му овозможуваат на оној што ги поседува да има сѐ што му треба, сепак можат да бидат изгубени. Од друга страна, пак, мудроста — способноста да се примени знаењето за да се решат проблемите или за да се оствари некоја цел — може да го заштити човек од лекоумни ризици. Кога се темели на исправен побожен страв, таа може да му помогне да добие вечен живот во Божјиот нов свет што наскоро ќе дојде — навистина скапоцено наследство! (2. Петрово 3:13).
Христијанските родители покажуваат таква мудрост со тоа што поставуваат исправни приоритети за себе и за своите деца (Филипјаните 1:10). Материјалните работи што се собираат за децата не треба да бидат пред духовните работи. Исус ги охрабрил своите следбеници: „Така, продолжете да го барате најнапред царството и Неговата праведност, а сите овие други работи ќе ви се додадат“ (Матеј 6:33). Родителите кои поставуваат духовни цели за своето христијанско семејство можат да очекуваат богати награди. Мудриот цар Соломон напишал: „Многу ќе се радува таткото на праведникот, и кој раѓа мудар син ќе има милина во него. Нека се веселат татко ти и мајка ти, и нека се радува твојата родителка“ (Пословици 23:24, 25).
Трајно наследство
За древните Израелци, наследниот имот бил многу важен (1. Цареви 21:2—6). Меѓутоа, Јехова ги опоменал: „Овие зборови што денес ти ги заповедам, нека ти се врежат во срцето. Напомнувај им ги на своите синови. Зборувај им за нив кога седиш дома во својата куќа и кога одиш патем; кога легнуваш и кога стануваш“ (Второзаконие 6:6, 7). И на христијанските родители им е речено нешто слично: „Подигајте ги [своите деца] во дисциплина и во Јеховино умствено насочување“ (Ефешаните 6:4).
Родителите што гледаат од духовна гледна точка сфаќаат дека грижата за домаќинството вклучува да се даде упатство од Библијата. Андреас, татко на три деца, коментира: „Ако децата научат да ги применуваат Божјите начела во својот живот, ќе бидат подобро опремени за иднината“. Исто така, ова наследство се концентрира на тоа да им помогне да воспостават и да негуваат личен однос со нивниот Творец (1. Тимотеј 6:19).
Си размислувал ли да направиш подготовки за духовната иднина на твоето дете? На пример, што можат да направат родителите ако нивното дете е во полновремена служба? Иако еден полновремен слуга не треба ниту да бара ниту да очекува финансиска помош, грижливите родители можат да одлучат да ‚делат со него според неговите потреби‘ за да му помогнат да остане во полновремената служба (Римјаните 12:13; 1. Самоил 2:18, 19; Филипјаните 4:14—18). Сигурно дека таквиот став на поддршка му е угоден на Јехова.
Значи, што им должат родителите на своите деца? Освен што ќе се грижат за нивните материјални потреби, христијанските родители ќе се погрижат нивните деца да добијат богато духовно наследство што ќе им користи засекогаш. На тој начин ќе се обистинат зборовите од Псалм 37:18: „Господ се грижи за животот на чесните, нивното наследство ќе трае довека“.
[Слики на страници 26 и 27]
[Каква иднина планираш за твоите деца?