Сигурно наследство
„АКО примите известување преку пошта од лице што тврди дека сте добиле наследство и Вие треба само да го подигнете, бидете внимателни. Можеби сте мета на некој препреден измамник.“
Ова предупредување било ставено на веб-страницата на Службата за поштенска инспекција на Соединетите Држави. Зошто? Затоа што илјадници луѓе примиле известување преку пошта во кое стоело: ‚Еден Ваш роднина почина и Ви остави наследство‘. Како резултат на тоа писмо од измамникот, мнозина му ја испратиле бараната сума од 25 или повеќе евра за да добијат ‚извештај за наследството‘, во кој наводно ќе им биде објаснето каде се наоѓа тоа и како ќе можат да го подигнат. Тие биле бедно разочарани. На сите што одговориле им бил испратен еден ист извештај — па така немало никакви шанси кој и да било од нив да наследи нешто.
Луѓето наседнуваат на ваквите сплетки затоа што имаат природна желба да добијат наследство. Сепак, Библијата зборува поволно за оние што оставаат наследство, кога вели: „Добриот човек го остава наследството на своите внуци“ (Пословици 13:22). Всушност, во Проповедта на гората, самиот Исус Христос ја дал следнава позната и омилена изјава: „Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата!“ (Матеј 5:5, ДХК).
Зборовите на Исус нѐ потсетуваат на она што со векови пред тоа бил инспириран да го напише цар Давид од древниот Израел: „Кротките ќе ја наследат земјата, тие ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:11).
„Ќе ја наследат земјата“ — каков само возбудлив изглед! Но, можеме ли да бидеме сигурни дека и ова не е само уште некоја лукава сплетка што била смислена за да им се земе нешто на луѓето? Да, можеме. Бидејќи земјата е една од неговите чудесни творби, Јехова, како нејзин Создател и Сопственик, има законско право да му ја даде во наследство кому што сака. Преку цар Давид, Јехова му го дал ова пророчко ветување на својот сакан Син, Исус Христос: „Побарај од Мене, и ќе ти ги дадам народите во наследство и земските краишта во сопственост“ (Псалм 2:8). Од таа причина, апостол Павле рекол дека Исус е оној „кого [Бог] го постави за наследник на сѐ“ (Евреите 1:2). Затоа, можеме да имаме потполна доверба дека, кога Исус рекол дека кротките „ќе ја наследат земјата“, тоа го направил со најдобра намера, а тој го има и потребниот авторитет да го исполни своето ветување (Матеј 28:18).
Тогаш, клучното прашање е: Како ќе се исполни ова ветување? Каде и да се свртиме денес, се чини дека агресивните и горделивите се тие што имаат најголем успех и си земаат сѐ што ќе посакаат. Што ќе им остане на кротките? Освен тоа, земјата ја измачуваат тешки проблеми од загадувањето, а алчните и кратковидите ги експлоатираат нејзините природни богатства. Дали воопшто ќе остане земја што ќе вреди да се наследи? За да ги дознаеш одговорите на овие и на други важни прашања, те молиме, прочитај ја следната статија.
[Слика на страница 3]
Дали ќе добиеш вистинско наследство?