Колку долго можат да живеат луѓето?
НА 3 март 1513, шпанскиот истражувач Хуан Понсе де Леон тргнал на една значајна експедиција. Испловил од Порторико со надеж дека ќе стигне на островот Бимини. Легендата вели дека тој барал еден чудотворен извор — Изворот на младоста. Но, завршил во државата што денес се вика Флорида (САД). Се разбира, тој никогаш не го пронашол изворот — бидејќи тој и не постоел.
Денес, луѓето обично не живеат подолго од 70 или 80 години. Иако во Библијата се спомнати луѓе што доживеале многу подлабока старост, Гинисовата книга на светски рекорди за 2002 вели дека најдолгиот животен век на некој човек досега изнесувал 122 години и 164 дена (Битие 5:3—32). Меѓутоа, биоетичарот Џон Харис изјавил: „Новите истражувања денес ни дозволуваат да ѕирнеме во еден свет во кој стареењето — па дури и смртта — можеби веќе нема да бидат неизбежни“. Голем број истражувачи во 21 век зборуваат за „вистинска бесмртност“, дека „до 2099, луѓето ќе имаат безграничен животен век“, дека „клетките ќе имаат способност за бесмртно размножување“, и слично.
Во својата книга The Dream of Eternal Life (Сонот за вечен живот), Марк Бенеке забележува: „Скоро целото тело се обновува неколкупати во текот на животот . . . По отприлика седум години, ние сме нови луѓе во вистинската смисла на зборот“. Сепак, ова не продолжува бесконечно бидејќи клетките престануваат да се размножуваат по еден однапред определен број на делби. Но, Бенеке вели дека доколку ова не би било случај, „човечкото тело би можело да се регенерира многу долго време — дури и вечно“.
Да го земеме, на пример, и зачудувачкиот капацитет на човечкиот мозок. Тој капацитет е далеку поголем од оној што можеме да го искористиме во текот на нашиот прилично краток живот. Според Encyclopædia Britannica, човечкиот мозок „е надарен со многу поголем потенцијал од оној што може да го искористи едно лице во текот на својот животен век“ (издание од 1976, том 12, 998. страница). Книгата How the Brain Learns (Како учи мозокот) од Дејвид А. Соуса, вели: „Всушност, капацитетот на мозокот да складира информации е неограничен“ (78. страница, второ издание, со авторски права од 2001).
Зошто истражувачите не можат да откријат ниедна физиолошка причина зошто мораме да умираме? И зошто човечкиот мозок има таков огромен капацитет? Дали е можно да сме конструирани да стекнуваме знаење засекогаш? Од каде ни е воопшто идејата дека е можен вечен живот?
Библијата вели: „Дури и вечноста [Бог] им ја ставил на луѓето во срцето, да не можат да ги сфатат делата кои вистинскиот Бог ги направил од почетокот до крајот“ (Проповедник 3:11, NW). Овие зборови покажуваат дека Бог ја всадил во нас мислата да живееме вечно. Затоа секогаш ќе има што да учиме за Бог и за неговите дела. И да живееме неброени милијарди години — да, вечно — секогаш ќе можеме да учиме уште повеќе за Божјите чудесни созданија.
Зборовите на Исус Христос исто така покажуваат дека е можно луѓето да живеат вечно. Тој рекол: „Ова значи вечен живот, да примаат спознание за тебе, единствениот вистински Бог, и за оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). А како е со тебе? Сакаш ли ти да живееш вечно?
[Слики на страница 3]
Хуан Понсе де Леон го барал изворот на младоста
[Извор на слика]
Ponce de León: Harper’s Encyclopædia of United States History