Барајте го Јехова, оној што ги испитува срцата
„Барајте Ме Мене и ќе живеете“ (АМОС 5:4).
1, 2. На што се мисли кога Библијата вели дека Јехова „гледа што е во срцето“?
ЈЕХОВА БОГ му рекол на пророкот Самоил: „Човекот гледа на лице, а Господ гледа што е во срцето“ (1. Самоил 16:7). Како Јехова „гледа што е во срцето“?
2 Во Библијата, срцето честопати се користи фигуративно за да покаже каков е некој човек однатре — неговите желби, неговите мисли, неговите чувства и склоности. Според тоа, кога Библијата вели дека Бог гледа во срцето, тоа значи дека тој гледа зад надворешниот изглед и се сосредоточува на тоа каков е навистина човекот.
Бог го испитува Израел
3, 4. Според Амос 6:4—6, какви биле условите во десетплеменското царство Израел?
3 Кога Оној што ги испитува срцата погледнал на десетплеменското царство Израел во времето на Амос, што видел? Амос 6:4—6 зборува за луѓе што ‚лежеле врз легла од слонова коска, навалени на постелите‘. ‚Јаделе јагниња од стадото и телиња од стајата.‘ Таквите луѓе ‚измислувале свирки‘ и ‚пиеле вино од врчви‘.
4 На прв поглед, ова може да изгледа како пријатна сцена. Во удобноста на своите луксузни домови, богатите уживале во најубава храна и пијалак и се забавувале со најдобрите музички инструменти. Имале и „легла од слонова коска“. Во Самарија, главниот град на царството Израел, археолозите имаат најдено прекрасно изрезбани предмети од слонова коска (1. Цареви 10:22). Веројатно, многу од нив биле вградени во мебелот и вметнати во ѕидните облоги.
5. Зошто Бог не бил задоволен од Израелците во времето на Амос?
5 Дали Јехова бил незадоволен од тоа што Израелците живееле удобно, што се насладувале со вкусни јадења, што пиеле убаво вино и што слушале прекрасна музика? Се разбира дека не! На крајот на краиштата, тој изобилно дава такви работи за да може човекот да ужива (1. Тимотеј 6:17). Она од што Јехова бил незадоволен биле погрешните желби на луѓето, нивната злобна состојба на срцето, тоа што немале почит кон вистинскиот Бог и немале љубов кон другите Израелци.
6. Каква била духовната состојба во Израел во времето на Амос?
6 Оние што биле ‚навалени на постелите, што јаделе јагниња од стадото, што пиеле вино од врчви и измислувале свирки‘ ги чекало изненадување. Ним им било речено: „Мислите: далеку е кобниот ден“. Тие требало да бидат многу вознемирени од условите во Израел, но ‚не се грижеле за Јосифовото паѓање‘ (Амос 6:3—6). И покрај економскиот напредок на нацијата, Бог видел дека Јосиф — односно Израел — бил во катастрофална духовна состојба. Сепак, луѓето си ги терале своите секојдневни работи без да се секираат. Многу луѓе денес имаат сличен став. Можеби признаваат дека живееме во тешки времиња, но сѐ додека тие лично не се засегнати, не им е многу гајле за маката на другите и воопшто не се заинтересирани за духовни работи.
Израел — нација што пропаѓа
7. Што ќе се случи со Израелците ако не ги послушаат Божјите предупредувања?
7 Книгата на Амос ни прикажува слика на нација што пропаѓа, и покрај тоа што остава надворешен впечаток дека е доста напредна. Затоа што пропуштаат да ги послушаат Божјите предупредувања и да ги исправат своите гледишта, Јехова ќе им ги остави Израелците на непријателите. Асирците ќе ги одведат од нивните убави легла од слонова коска и ќе ги одвлечкаат во ропство. Нема повеќе удобност за нив!
8. Како дошол Израел во толку лоша духовна состојба?
8 Како западнале Израелците во таква состојба? Ситуацијата почнала да се влошува во 997 пр.н.е., кога, по цар Соломон, на престолот дошол син му Ровоам и кога десетплеменското царство Израел се отцепило од племињата Јуда и Венијамин. Првиот цар на десетплеменското царство Израел бил Јеровоам I, ‚син на Нават‘ (1. Цареви 11:26). Јеровоам го убедил народот што бил под негова власт дека е премногу тешко да се патува до Ерусалим за таму да се обожава Јехова. Меѓутоа, тој не бил вистински загрижен за доброто на народот. Напротив, се трудел да си ги заштити своите интереси (1. Цареви 12:26). Јеровоам се плашел дека ако Израелците продолжат да одат во храмот во Ерусалим на годишните празници во чест на Јехова, на крајот ќе му станат лојални на царството Јуда. Сакајќи да го спречи ова, Јеровоам поставил две златни телиња, едно во Дан и едно во Ветил. Така, обожавањето на теле станало државна религија во царството Израел (2. Летописи 11:13—15).
9, 10. а) Какви верски празници организирал царот Јеровоам I? б) Како гледал Бог на празниците што се одржувале во Израел во времето на царот Еровоам II?
9 Јеровоам се обидел да направи новата религија да личи на вистинската. Организирал празници што донекаде биле слични на оние што се одржувале во Ерусалим. Во 1. Цареви 12:32 читаме: „Јеровоам воведе празник во осмиот месец, во петнаесеттиот ден на тој месец, како што е празникот што се слави во Јудеја, и принесе жртва на жртвеникот. Така направи во Ветил“.
10 Јехова никогаш не одобрувал такви неисправни верски празници. Повеќе од еден век подоцна, за време на владеењето на Еровоам II, кој станал цар на десетплеменското царство Израел во околу 844 пр.н.е., Јехова јасно го ставил тоа на знаење преку Амос (Амос 1:1). Според Амос 5:21—24, Бог рекол: „Ги мразам и ги презирам вашите празници и веќе не ми се мили вашите свечености. Кога ми принесувате паленици, вашите лебни приноси не Ми се мили, на жртвата благодарница од вашите згоени телиња и не погледнувам. Отстранете го од Мене шумот на своите песни, не сакам да ги слушам звуците на вашите псалтири. Правдата нека потече како вода, и справедливоста како силна буица“.
Сличности со денес
11, 12. Какви сличности има помеѓу обожавањето во древниот Израел и обожавањето во христијанскиот свет?
11 Очигледно, Јехова ги испитал срцата на оние што учествувале во празниците во Израел и ги отфрлил нивните слави и приноси. Слично и денес, Бог ги отфрла паганските празници на христијанскиот свет, како што се Божиќ и Велигден. За обожавателите на Јехова, нема ништо заедничко помеѓу праведноста и беззаконието, никакво заедништво помеѓу светлината и темнината (2. Коринќаните 6:14—16).
12 Можат да се забележат и други сличности помеѓу обожавањето што го вршеле Израелците што обожавале теле и обожавањето во христијанскиот свет. Иако некои што се изјаснуваат како христијани ја прифаќаат вистината од Божјата реч, обожавањето на христијанскиот свет само по себе не е мотивирано од искрена љубов кон Бог. Кога би било, христијанскиот свет би инсистирал на тоа Јехова да се обожава „со дух и со вистина“, зашто токму овој начин на обожавање му е угоден нему (Јован 4:24). Освен тоа, христијанскиот свет не дозволува ‚правдата да потече како вода, и справедливоста како силна буица‘. Наместо тоа, постојано ги разводнува Божјите морални барања. Преминува преку блуд и други тешки гревови, па дури оди и дотаму што одобрува брак помеѓу хомосексуалци!
„Љубете го доброто“
13. Зошто треба да се придржуваме за зборовите од Амос 5:15?
13 На сите оние што копнеат да го обожаваат Јехова на прифатлив начин, тој им вели: „Мразете го злото, љубете го доброто“ (Амос 5:15). Љубовта и омразата се силни чувства што извираат од фигуративното срце. Бидејќи срцето е измамливо, мораме да правиме сѐ што можеме за да го заштитиме (Пословици 4:23; Еремија 17:9). Ако му дозволиме на срцето да негува погрешни желби, може да почнеме да го сакаме она што е зло и да го мразиме она што е добро. А ако си ги задоволиме таквите желби и направиме грев, нема да ја добиеме Божјата милост дури и да сме најревносни на светот. Затоа, да го молиме Бог да ни помогне ‚да го мразиме злото, а да го љубиме доброто‘.
14, 15. а) Во Израел, кој спаѓал меѓу оние што правле добро, но како се постапувало со некои од нив? б) Како можеме да ги охрабриме оние што се во полновремена служба денес?
14 Не го правеле сите Израелци она што е зло во Јеховини очи. На пример, Осија и Амос ‚го љубеле доброто‘ и верно му служеле на Бог како пророци. Други, пак, дале завет за назирејство. Додека траело нивното назирејство, не консумирале ништо што се правело од винова лоза, особено не вино (Броеви 6:1—4). Како гледале другите Израелци на самопжртвуваниот живот на овие луѓе што правеле добро? Шокантниот одговор на ова прашање открива до кој степен паднала духовно нацијата. Амос 2:12 вели: „Вие ги натеравте назирејците да пијат вино, а на пророците им заповадавте: ‚Не пророкувајте‘ “.
15 Кога го гледале верниот пример на назирејците и на пророците, тие Израелци требало да се засрамат и да бидат поттикнати да го променат својот начин на живот. Наместо тоа, тие без љубов гледале да ги одвратат лојалните од тоа да му оддаваат слава на Бог. Никогаш да не ги тераме сохристијаните што се пионери, мисионери, патувачки надгледници или членови на бетелската фамилија да ја прекинат својата полновремена служба само за да се вратат на некој таканаречен нормален живот. Наместо тоа, да ги охрабруваме само така да продолжат!
16. Зошто на Израелците им било подобро во времето на Мојсеј отколку во времето на Амос?
16 Иако многу Израелци во времето на Амос имале задоволувачки живот во материјален поглед, ‚не биле богати пред Бог‘ (Лука 12:13—21). Нивните прататковци 40 години јаделе само мана во пустелијата. Не се гоштевале со згоени волови ниту се истегнувале мрзливо на легла од слонова коска. Меѓутоа, Мојсеј со право им рекол: „Господ, твојот Бог, те благослови во сите дела на твоите раце . . . овие четириесет години Господ, твојот Бог, беше со тебе и ништо не ти недостасуваше“ (Второзаконие 2:7). Да, Израелците во пустелијата секогаш го имале она што навистина им било потребно. Што е најважно, ја имале Божјата љубов, неговата заштита и благослов!
17. Зошто Јехова ги водел раните Израелци во Ветената земја?
17 Јехова ги потсетил современиците на Амос дека Тој ги вовел нивните предци во Ветената земја и дека им помогнал да ги отстранат сите нивни непријатели (Амос 2:9, 10). Но, зошто Бог ги водел тие рани Израелци од Египет во земјата што им ја ветил? Дали за да можат безделнички да живеат во луксуз и да го отфрлат својот Творец? Не! Напротив, го направил тоа за да им овозможи да го обожаваат како слободен и духовно чист народ. Но, жителите на десетплеменското царство Израел не го мразеле злото и не го љубеле доброто. Наместо тоа, им оддавале слава на режани ликови а не на Јехова Бог. Каков срам!
Јехова ќе побара сметка
18. Зошто Јехова нѐ ослободил во духовен поглед?
18 Бог немало да го игнорира бесрамното однесување на Израелците. Тој јасно го кажал својот став кога рекол: „Ќе побарам сметка од вас за сите ваши престапи“ (Амос 3:2, NW). Овие зборови треба да нѐ наведат да размислуваме за нашето избавување од ропството во денешниот Египет, сегашниов злобен систем на работи. Јехова не нѐ ослободил во духовен поглед за да можеме да си се стремиме по себични цели. Напротив, нѐ ослободил за да можеме од сѐ срце да го фалиме како слободен народ што го обожава на чист начин. Исто така, сите ние ќе положиме сметка за тоа како ја користиме слободата што Бог ни ја дава (Римјаните 14:12).
19. Според Амос 4:4, 5, што почнале да сакаат повеќето Израелци?
19 За жал, повеќето жители на Израел воопшто не обрнале внимание на силната порака што ја објавил Амос. Пророкот ја разоткрил нивната духовно болна состојба на срцето со овие зборови што се запишани во Амос 4:4, 5: „Отидете само во Ветил и грешете, во Галгал и множете ги своите гревови . . . зашто тоа го сакате, Израелеви синови“. Израелците не негувале исправни желби. Не си ги чувале срцата. Како последица од тоа, повеќето од нив почнале да го сакаат она што било лошо и да го мразат она што било добро. Тие тврдоглави обожаватели на телиња не се смениле. Јехова ќе побара сметка и тие ќе мораат да умрат поради своите гревови!
20. Како може некој да оди по пат што е во склад со Амос 5:4?
20 Сигурно за никој во тоа време во Израел не било лесно да му остане верен на Јехова. Денешните христијани, и млади и стари, добро знаат дека не е лесно да се плива спротивно на течението на реката, така да се каже. Сепак, љубовта кон Бог и желбата да му угодат поттикнала некои Израелци да го обожаваат на исправен начин. До нив Јехова ја упатил срдечната покана што е запишана во Амос 5:4: „Барајте Ме Мене и ќе живеете“. Денес, Бог на сличен начин им укажува милост на оние што се каат и што го бараат така што стекнуваат точно спознание од неговата Реч и потоа ја вршат неговата волја. Не е лесно да се оди по тој пат, но тој води во вечен живот (Јован 17:3).
Благосостојба наспроти духовен глад
21. Каков глад ги снаоѓа оние што не обожаваат на исправен начин?
21 Што ги чекало оние што не го поддржувале вистинското обожавање? Глад од најлош вид — духовен глад! „Доаѓаат денови“, рекол Суверениот Господар Јехова, „кога ќе испратам глад на земјата, не глад за леб ни жед за вода, туку за слушање на зборовите на Господа“ (Амос 8:11). Христијанскиот свет се мачи токму со таков духовен глад. Но, лицата од христијанскиот свет што имаат искрени срца можат да ја видат духовната благосостојба на Божјиот народ и се слеваат во Јеховината организација. Разликата помеѓу состојбата на христијанскиот свет и состојбата на вистинските христијани погодно е изразена во зборовите на Јехова: „Еве, Моите слуги ќе јадат, а вие ќе гладувате. Еве, Моите слуги ќе пијат, а вие ќе жеднеете. Еве, Моите слуги ќе се веселат, а вие ќе се срамите“ (Исаија 65:13).
22. Зошто имаме причина да се радуваме?
22 Дали ние лично, како Јеховини слуги, го цениме она што го имаме во поглед на духовните подготовки и благослови? Кога ги проучуваме Библијата и христијанските публикации и кога присуствуваме на нашите состаноци, собири и конгреси, ни доаѓа да се расплачеме од радост бидејќи срцето ни е во добра состојба. Се радуваме затоа што јасно ја разбираме Божјата реч, вклучувајќи го и инспирираното пророштво на Амос.
23. Што имаат оние што го слават Бог?
23 За сите луѓе што го сакаат Бог и што сакаат да му оддаваат слава, пророштвото на Амос содржи порака на надеж. Без оглед на тоа каква е нашата моментална економска состојба или сеедно со какви испити мораме да се соочиме во овој немирен свет, ние, кои го сакаме Бог, добиваме благослови од Бог и најдобра духовна храна (Пословици 10:22; Матеј 24:45—47). Според тоа, сета слава му припаѓа на Бог, кој ни дава сѐ богато за наше добро. Затоа да бидеме решени од сѐ срце да го славиме засекогаш. Ќе ја имаме таа прекрасна привилегија ако го бараме Јехова, Оној што ги испитува срцата.
Како ќе одговориш?
• Какви биле условите во Израел во времето на Амос?
• Какви сличности има денес со ситуацијата во десетплеменското царство Израел?
• Каков претскажан глад има сега, но кој не е погоден од него?
[Слики на страница 21]
Многу Израелци живееле во луксуз, но не и во духовна благосостојба
[Слика на страница 23]
Охрабри ги полновремените слуги да продолжат со својата служба
[Слики на страници 24 и 25]
Кај Јеховинот среќен народ нема духовен глад