Како пример нека ви послужат пророците — Амос
1. Како може да нѐ охрабри примерот на Амос?
1 Дали понекогаш си мислиш дека не си доволно способен да проповедаш затоа што имаш скромно потекло? Ако да, може да те охрабри примерот на Амос. Иако бил само обичен пастир и сезонски работник, Јехова му дал задача да пренесе една важна порака (Амос 1:1; 7:14, 15). Јехова и денес ги користи оние што можеби се безначајни во очите на другите (1. Кор. 1:27-29). Кои други поуки од примерот на Амос можат да ни користат во службата?
2. Што ќе ни помогне да останеме цврсти и покрај противењето на кое наидуваме во службата?
2 Остани цврст кога ќе се соочиш со противење: Амазија, свештеник кој вршел обожавање на теле во северното десетплеменско царство Израел, остро реагирал кога ги слушнал зборовите на пророкот Амос. Неговите зборови би можеле да се сведат на: ‚Оди си! Остави нѐ на мира! Ние си имаме своја вера!‘ (Амос 7:12, 13). Кога барал од царот Јеровоам да му забрани на Амос да пророкува, Амазија ги извртел зборовите на пророкот (Амос 7:7-11). Но, Амос не се уплашил. Во обид да ги спречат активностите на Јеховиниот народ, и денес некои свештеници бараат поддршка од политичарите. Сепак, Јехова нѐ уверува дека никакво оружје направено против нас нема да ни нанесе трајна штета (Иса. 54:17).
3. Кои два аспекта ги вклучува пораката што ја пренесуваме денес?
3 Објавувај ги Божјите пораки на осуда и идните благослови: Иако Амос објавувал пораки на осуда против десетплеменското царство Израел, на крајот на библиската книга што го носи неговото име тој пишува за Јеховиното ветување за обнова и за големи благослови (Амос 9:13-15). И ние зборуваме за Божјиот ‚ден на суд‘ што доаѓа, но тоа не е единствениот аспект на ‚добрата вест за Царството‘ која мораме да ја објавуваме (2. Пет. 3:7; Мат. 24:14). Со тоа што ќе ги уништи злобните во Армагедон, Јехова ќе овозможи Земјата да биде претворена во рај (Пс. 37:34).
4. Што нѐ уверува дека можеме да ја извршиме Јеховината волја?
4 Проповедањето на пораката за Царството во свет во кој имаме многу противници ја става на испит нашата решеност да живееме во склад со заветот што сме му го дале на Јехова и да ја вршиме неговата волја (Јован 15:19). И покрај тоа, уверени сме дека Јехова и понатаму ќе ни го даде сето она што ни е потребно за да ја извршиме неговата волја, исто како што му го дал и на Амос (2. Кор. 3:5).