Таму каде што се судриле вистинското обожавање и паганството
УРНАТИНИТЕ на древниот Ефес, на западниот брег на Турција, повеќе од еден век се локација на големи археолошки истражувања. Неколку зданија беа реконструирани, а научниците проучија и протолкуваа голем број откритија. Како резултат на тоа, Ефес е една од најпопуларните туристички атракции во Турција.
Што е откриено за Ефес? Каква слика имаме денес за таа фасцинантна древна метропола? Една посета на урнатините во Ефес и на Ефескиот музеј во Виена (Австрија) ќе ни помогне да сфатиме како се судриле вистинското обожавање и паганството во Ефес. Прво, да видиме некои историски податоци.
Посакувано место
Единаесеттиот век пр.н.е. во Евроазија бил обележан со немири и миграции. Токму во тоа време јонските Грци почнале да го колонизираат западниот брег на Мала Азија. Тие рани доселеници наишле на луѓе што биле познати по тоа што обожавале мајка-божица, божество што подоцна станало познато како Ефеска Артемида.
Во средината на седмиот век пр.н.е., Кимеријците, кои биле номади, дошле од бреговите на Црното Море на север за да ја пљачкосуваат Мала Азија. Подоцна, околу 550 пр.н.е., се издигнал царот Крез од Лидија, моќен владетел познат по неговото огромно богатство. Како што се ширело Персиското царство, царот Кир ги потчинил јонските градови, вклучувајќи го и Ефес.
Во 334 пр.н.е., Александар Македонски го започнал походот против Персија со што станал нов владетел на Ефес. По прераната смрт на Александар во 323 пр.н.е., Ефес се нашол среде борбата за превласт меѓу генералите на Александар. Во 133 пр.н.е., Аталај III, царот на Пергам кој немал деца, им го оставил Ефес во наследство на Римјаните, со што тој станал дел од Римската провинција Азија.
Вистинското обожавање се судрува со паганството
Кога кон крајот на своето второ мисионерско патување во првиот век дошол во Ефес, апостол Павле се нашол во еден град со околу 300.000 жители (Дела 18:19—21). За време на неговото трето мисионерско патување, Павле се вратил во Ефес и, со обновена смелост, во синагогата зборувал за Божјето Царство. Меѓутоа, по три месеци, противењето на Евреите се засилило и Павле решил да ги одржува своите секојдневни говори во слушалната на школата на Тиран (Дела 19:1, 8, 9). Неговата проповедничка активност траела две години и била проследена со извонредни моќни дела, како, на пример, чудесни лекувања и истерување на демони (Дела 19:10—17). Не е ни чудо што мнозина станале верници! Да, Јеховината реч преовладувала, така што голем број од оние што порано се занимавале со магија спремно ги изгореле своите скапоцени книги (Дела 19:19, 20).
Успешното проповедање на Павле не само што поттикнало мнозина да го остават обожавањето на божицата Артемида туку и предизвикало гнев кај оние што го застапувале таквото паганско обожавање. Изработката на сребрени светилишта на Артемида била профитабилен бизнис. Бидејќи трговијата им била загрозена, извесен Димитриј ги подбуцнал сребрарите на бунт (Дела 19:23—32).
Судирот достигнал кулминација кога толпата два часа хистерично извикувала: „Велика е Артемида на ефешаните!“ (Дела 19:34). Откако викотниците стивнале, Павле уште еднаш ги охрабрил сохристијаните и си заминал (Дела 20:1). Меѓутоа, тоа што заминал за Македонија не спречило култот на Артемида, кој бил осуден на пропаст, да почне да слабее.
Храмот на Артемида се разнишува
Култот на Артемида бил длабоко вкоренет во Ефес. Пред времето на царот Крез, мајката-божица Сибила била централен лик во верскиот живот во тој крај. Со тоа што тврдел дека според една митска генеалогија Сибила е поврзана со хеленистичкиот пантеон, Крез се надевал дека ќе создаде еден верски лик што ќе биде прифатлив и за Грците и за оние што не се Грци. Со поддршка од него, во средината на шестиот век пр.н.е. почнал да се гради храмот на Артемида, наследничката на Сибила.
Храмот бил пресвртница во грчката архитектура. Никогаш пред тоа не биле користени толку големи мермерни блокови за да се изгради здание од таков вид и со толкава големина. Тој храм бил уништен во пожар во 356 пр.н.е. Реконструираниот храм, кој бил исто толку величествен, бил важен извор на вработување и главна атракција за аџиите. Издигнат на платформа што била широка околу 73 метри и долга 127 метри, овој реконструиран храм бил широк отприлика 50 метри и долг 105 метри. Се сметал за едно од седумте чуда на светот. Меѓутоа, не биле сите задоволни со него. Филозофот Хераклит од Ефес ја споредил темната патека до олтарот со темнината на злото и сметал дека во храмот има полош морал отколку кај животните. Но, на повеќето им изгледало дека светилиштето на Артемида во Ефес никогаш нема да пропадне. Историјата покажала нешто друго. Книгата Ephesos—Der neue Führer (Ефес — нов водич) вели: „До вториот век, обожавањето на Артемида и на други установени божества од пантеонот нагло опаднало“.
Во третиот век н.е., Ефес бил разнишан од силен земјотрес. Згора на тоа, готските поморци од Црното Море го опљачкале импресивното богатство од храмот на Артемида и потоа го запалиле храмот. Книгата што беше спомната пред малку вели: „Поразена и неспособна да си го заштити сопственото живеалиште, како можела Артемида и понатаму да биде сметана за заштитничка на градот?“ (Псалм 135:15—18).
Конечно, при крајот на четвртиот век н.е., император Теодосиј I го утврдил „хрисијанството“ како државна религија. Набрзо, камените парчиња од некогаш угледниот храм на Артемида станале само каменолом за градежни материјали. Обожавањето на Артемида сосема ја изгубило својата важност. Еден неименуван набљудувач, во врска со еден епиграм во кој се слави храмот како чудо на древниот свет, забележал: „Сега, тој е најзапустеното и најбедното место“.
Од Артемида до „богородица“
Павле ги предупредил старешините од собранието во Ефес дека, по неговото заминување, ќе се појават „угнетувачки волци“ и дека од нивните редови ќе станат луѓе што „ќе зборуваат искривени работи“ (Дела 20:17, 29, 30). Токму тоа и се случило. Настаните откриваат дека лажното обожавање преовладувало во Ефес во облик на отпадничко христијанство.
Во 431 н.е. во Ефес се одржал третиот екуменски концил, на којшто било дискутирано прашањето за природата на Христос. Ефес — нов водич објаснува: „Победата на Александријците, кои сметале дека Христос имал само една природа, имено божествена . . . била комплетна“. Последиците биле далекосежни. „Одлуката што била донесена во Ефес, со која Марија била издигната од статус на мајка Исусова во мајка Божја, не само што го поставила темелот за култот на Марија туку и довела до првиот голем раскол во црквата . . . Дебатата трае до ден-денес.“
На тој начин, обожавањето на Сибила и Артемида било заменето со обожавањето на Марија, „мајка Божја“, или „богородица“. Како што вели книгата, „култот на Марија во Ефес . . . останува до ден-денес жива традиција, која не може да се објасни без да се поврзе со култот на Артемида“.
Фрлен во заборав
Откако ослабнало обожавањето на Артемида, пропаднал и Ефес. Поради земјотресите, маларијата и постепеното таложење на кал во пристаништето, животот во градот станал уште потежок.
Во седмиот век н.е. исламот ја започнал својата голема експанзија. Исламот не се ограничил само на тоа да ги обедини арапските племиња под своето знаме. Арапските флоти го пљачкосувале Ефес во текот на седмиот и осмиот век н.е. Судбината на Ефес била запечатена еднаш засекогаш кога пристаништето сосем било затрупано со кал, и градот станал куп урнатини. Од таа некогаш величествена метропола, останала само една мала населба што се викала Аја Солук (сега Селчук).
Прошетка низ урнатините на Ефес
Ако сакаш да ја почувствуваш старата слава на Ефес, можеш да ги посетиш неговите урнатини. Ако ја започнеш обиколката од горниот влез, веднаш ќе бидеш почестен со величествена глетка на Улицата на Куретите сѐ до Библиотеката на Целз. Од десната страна на улицата, вниманието ќе ти го привлече Одеон — мал театар изграден во вториот век н.е. Со 1.500 места за седење, овој театар веројано не се користел само за состаноците на градскиот совет туку и за забава на јавноста. Од двете страни на Улицата на Куретите има градби како што се државната агора каде што се дискутирало за државни работи, храмот на Адријан, некои јавни фонтани и низа куќи — домови на угледни ефешани.
Изградена во вториот век н.е., елегантната Библиотека на Целз ќе те импресионира со својата убавина. Бројните свитоци во неа се чувале во вдлабнатини во ѕидот во големата читална. Четирите статуи на величествената фасада ги прикажувале карактеристичните особини што се очекувале од еден висок Римски државен чиновник каков што бил Целз, имено: софија (мудрост), арете (доблест), еноија (оддаденост) и епистеме (знаење или разбирање). Оригиналните статуи можат да се видат во Ефескиот музеј во Виена. Веднаш до надворешниот двор на библиотеката има една величествена врата што води до агората, или плоштадот, Тетрагон. На овој огромен плоштад, околу кој имало покриени шеталишта, луѓето си ги извршувале своите секојдневни деловни работи.
Потоа доаѓаш до Мермерниот Пат, кој води до големиот театар. Со последните проширувања што биле направени во времето на империјален Рим, во овој театар имало место за 25.000 гледачи. Фасадата била раскошно украсена со столбови, релјефи и статуи. Можеш да си претставиш жива слика на големиот метеж што го предизвикал сребрарот Димитриј меѓу толпата што била собрана овде.
Улицата што се протега од големиот театар до градското пристаниште е величествена. Долга е околу 500 метри и широка 11 метри, а од двете страни на улицата има низа од столбови. Покрај овој пат биле изградени и фискултурните сали во театарот и на пристаништето, кои биле наменети за физичко вежбање. Импресивната капија на крајот од улицата била еден вид влез во светот, и нашата кратка обиколка на едни од најфасцинантните урнатини во светот завршува овде. Во Ефескиот музеј во Виена има еден дрвен модел на оваа историска метропола, како и голем број споменици.
Кога ќе прошета низ овој музеј и ќе ја види статуата на Ефеска Артемида, човек не може а да не си помисли на истрајноста на раните христијани во Ефес. Тие морале да живеат во град што бил потонат во спиритизам и заслепен од верски предрасуди. Пораката за Царството наишла на силно противење од страна на обожавателите на Артемида (Дела 19:19; Ефешаните 6:12; Откровение 2:1—3). Во таква непријателска средина, вистинското обожавање пуштило корен. Ова обожавање на вистинскиот Бог исто така ќе опстои кога на лажната религија од нашево време ќе ѝ дојде крајот, како што било и со древното обожавање на Артемида (Откровение 18:4—8).
[Карта/слика на страница 26]
(Види во публикацијата)
МАКЕДОНИЈА
Црно Море
МАЛА АЗИЈА
Ефес
Средоземно Море
ЕГИПЕТ
[Слика на страница 27]
Остатоци од храмот на Артемида
[Слики на страници 28 и 29]
1. Библиотеката на Целз
2. Арете одблизу
3. Мермерниот пат што водел до големиот театар