Прашања од читателите
Што означувала чудесната светлина, која понекогаш се нарекувала Шекина, а се појавувала во Светињата над светињите во шаторот и храмот во древниот Израел?
Јехова, Таткото полн со љубов и Заштитникот на својот народ, јасно го покажувал своето присуство во Израел. Еден начин на кој го постигнувал тоа било преку блескавиот облак, кој бил тесно поврзан со неговото место на обожавање.
Впечатливата светлина го претставувала невидливото присуство на Јехова. Се појавувала во Светињата над светињите во шаторот и во храмот што го изградил Соломон. Таа чудесна светлина не значела дека Јехова бил физички присутен таму. Присуството на Бог не може да биде ограничено само на некоја градба направена од луѓето (2. Летописи 6:18; Дела 17:24). Овој натприроден блесок во Божјето светилиште го уверувал првосвештеникот, а преку него и сите Израелци, дека Јехова е присутен, ги штити и се грижи за нив и за нивните потреби.
На постбиблиски арамејски јазик, оваа светлина била наречена Шекина, а тоа значело „она што престојува“ или „престојување“. Овој израз не се појавува во Библијата, но се наоѓа во арамејските преводи на Хебрејските списи, кои се познати и како Таргуми.
Кога давал упатства како да се направи шаторот, Јехова му рекол на Мојсеј: „Очистилиштето стави го на Ковчегот, а во Ковчегот положи ги плочите на Сведоштвото што ќе ти ги дадам. Тука ќе се состанувам јас со тебе и одозгора, од над Очистилиштето — меѓу оние два херувима што се на Ковчегот на плочите на Сведоштвото – ќе ти ги соопштувам сите заповеди наменети на Израелците“ (Излез 25:21, 22). Ковчегот кој е овде спомнат бил сандак обложен со злато што се наоѓал во Светињата над светињите. На капакот на ковчегот имало два златни херувима.
Од каде требало да зборува Јехова? Тој го дал одговорот, кога му рекол на Мојсеј: „Јас ќе се појавувам над Капакот во облак“ (Левит 16:2). Овој облак лебдел над светиот ковчег, меѓу двата златни херувима. Библијата не открива колку бил висок облакот или колку високо се издигал над херувимите.
Сјајниот облак ја осветлувал Светињата над светињите. Всушност, тоа бил единствениот извор на светлина во одделот. Тоа му користело на првосвештеникот кога влегувал во највнатрешниот оддел, на Денот на искупувањето. Тој стоел во присуството на Јехова.
Дали оваа чудесна светлина има некакво значење за христијаните? Апостол Јован во визија видел еден град во кој ‚ноќта нема да постои‘. Градот е новиот Ерусалим, кој е составен од помазаните христијани воскреснати за да владеат со Исус. Светлината во овој град не доаѓа од сонцето или од месечината. Славата на Јехова Бог директно ја осветлува оваа организација, исто како што облакот Шекина ја осветлувал Светињата над светињите. Исто така, Јагнето, Исус Христос, е „светилка“ на градот. Од своја страна, пак, овој „град“ ја разлева својата духовна светлина и својата милост врз луѓето што се откупени од сите нации, со што им дава водство (Откровение 21:22-25).
Бидејќи добиваат толку многу благослови од Бог, обожавателите на Јехова можат да бидат сигурни дека Јехова е нивен Пастир што ги штити и Татко што ги сака.