Вреди ли да се биде лојален?
„ТРЕБА да ја смениш работата“, му рекол Петар на својот пријател.a „Тука те плаќаат многу малку. На друго место ќе имаш поголема плата“.
„Можеби тоа е точно“, одговорил Марко. „Но со години работам во таа фирма. Досега многу ми помогнаа и сакам да им останам лојален“.
„Лојалноста е убава особина“, одговорил Петар. „Сепак, твојата лојалност те чини пари!“
Петар бил во право. Честопати, да се биде лојален, или верен кон некого, може да чини пари.b Исто така потребни се време, енергија и емоционална посветеност. Дали лојалноста го заслужува тоа?
Повеќе фалена отколку покажана на дело
Според една анкета спроведена во Германија од Институтот за истражување на јавното мислење во Аленсбах, 96 проценти од испитаниците гледаат на верноста како на пожелна особина. Друга анкета од Аленсбах, спроведена меѓу млади на возраст од 18 до 24 години, покажа дека 2 од 3 испитаници за верноста мислат дека е „ин“, односно пожелна.
Иако лојалноста, или верноста, насекаде се велича, сепак работите стојат поинаку кога треба навистина да се покаже лојалност или да се покаже верност. Во неколку европски земји, на пример, брачните парови или членовите на семејството честопати не се лојални еден на друг. Пријателите често се нелојални еден на друг. И лојалноста која порано постоела меѓу работодавачот и вработениот или фирмата и муштеријата, главно исчезнала. Зошто?
Понекогаш брзото темпо на животот ни остава малку време и емоционална сила за врските во кои е потребна лојалност. Луѓето кои биле разочарани или изневерени во односите со другите можеби сега избегнуваат да бидат верни некому. Други можеби повеќе сакаат да живеат во стилот „денес сум тука утре не“, живот што не ги обврзува на лојалност.
Без разлика од која причина, лојалноста е доблест која повеќе е фалена отколку што се покажува на дело. Затоа, да ги разгледаме следниве прашања: Вреди ли да се биде лојален? Ако да, тогаш кон кого треба да бидеме лојални и на кои начини? Зошто вреди да се биде лојален?
[Фусноти]
a Некои имиња во оваа и во наредната статија се сменети.
b Иако „лојалноста“ и „верноста“ не се користат секогаш во ист контекст, во овие статии понекогаш тие се користат како синоними.
[Истакната мисла на страница 3]
Лојалноста е доблест која повеќе е фалена отколку што се покажува на дело