Животна приказна
Издржав како војник на Христос
РАСКАЖАЛ ЈУРИЈ КАПТОЛА
„Е сега сум уверен дека ти навистина имаш вера!“ Овие зборови дојдоа од неочекуван извор — од еден офицер на советската армија — и во вистински момент ми ја дадоа силата што ми беше потребна. Ме чекаше долга затворска казна и сесрдно го преколнував Јехова за помош. Пред мене беше долга борба што ќе бара издржливост и решеност.
РОДЕН сум на 19 октомври 1962 година и израснав во западна Украина. Истата година татко ми, чие име го носам и јас – Јуриј, дојде во контакт со Јеховините сведоци. Наскоро тој стана првиот обожавател на Јехова во нашето село. Она што го правеше не остана незабележано од властите кои беа против Јеховините сведоци.
Сепак, христијанските особини и грижата што ја покажуваа моите родители кон другите направија тие да бидат ценети од повеќето од соседите. Уште од нашата најрана возраст, моите родители ја користеа секоја можност да всадат во мене и во моите три сестри љубов кон Бог, и тоа ми помогна да излезам на крај со многуте предизвици кои ги доживеав на училиште. Еден таков предизвик се појави кога од секој ученик беше побарано да носи значка која го идентификува како дете на Лениновите октомвристи. Поради неутралниот став што го имав како христијанин јас не ја ставив значката, и затоа бев издвоен како поинаков од другите (Јован 6:15; 17:16).
Подоцна, во трето одделение, од сите ученици се бараше да се зачленат во комунистичката младинска организација наречена Млади пионери. Еден ден, беше организирана прослава по повод зачленувањето во оваа младинска организација и нашето одделение беше изнесено во училишниот двор. Јас се преплашив, зашто очекував другите да ме исмејуваат и да ми дофрлуваат. Сите освен мене си ги донесоа од дома своите нови, црвени пионерски марами, и учениците се наредија во долг ред пред училишниот директор, учителите и учениците од погорните одделенија. Кога на постарите ученици им беше кажано да ни ги врзат марамите околу вратот, јас ја наведнав главата и го вперив погледот в земи, надевајќи се дека никој нема да ми обрне внимание.
Однесен во далечни затвори
На 18 години ми беше изречена тригодишна затворска казна затоа што задржав христијанска неутралност (Исаија 2:4). Првата година ја отслужив во градот Трудовоје, во областа Винитскаја во Украина. Додека бев таму се запознав со уште 30 други Сведоци на Јехова. Нѐ поделија двајца по двајца и ни дадоа работа во различни одделенија, зашто властите сакаа да спречат да се дружиме еден со друг.
Во август 1982 година Едуард — кој исто така беше Сведок — и мене нѐ качија во затворенички вагони и нѐ испратија со воз во северниот предел на планината Урал, заедно со група други затвореници. По осум дена, кои ги поминавме набиени едни до други низ неподносливо големи жештини, стигнавме во затворот Соликамск, во областа Премскаја. Таму нѐ разделија со Едуард во различни ќелии. По две седмици мене ме однесоа уште понасевер, во Вјолс, во регионот Красновишерски.
Нашиот превоз пристигна на полноќ, а надвор не се гледаше прст пред око. И покрај тоа, еден полицаец ни нареди на целата група да ја преминеме реката со чамец. Не можевме да видиме ни река ни чамец! Сепак, пипкавме со прстите секаде наоколу додека не нѐ спрепна еден чамец и, иако со голем страв, некако ја преминавме реката. Штом стапнавме на другата страна на брегот, тргнавме во правец на светлината што доаѓаше од едно ритче во близина, каде што најдовме неколку шатори. Тоа беше нашиот нов дом. Живеев во еден прилично голем шатор, заедно со уште 30 други затвореници. Зимно време температурата паѓаше и до минус 40 целзиусови степени, а шаторот баш и не беше некаква заштита. Главна работа на затворениците беше сечењето дрва, но јас работев на изградбата на колиби за затворениците.
Духовна храна стигнува до нашата изолирана населба
Јас бев единствениот Сведок во населбата; сепак Јехова не ме напушти. Еден ден пристигна пакет од мајка ми, која остана да живее во западна Украина. Кога стражарот го отвори, првото нешто што го здогледа беше малечка Библија. Тој ја зеде и почна да ја прелистува. Се обидував да смислам што да речам за некако да не ми биде одземено ова духовно богатство. „Што е ова?“ праша грубо стражарот. Пред да ми текне некаков одговор, еден инспектор кој стоеше близу рече: „О! Некаков си речник“. Јас молчев (Проповедник 3:7). Инспекторот прочепка низ останатиот дел од пакетот и потоа ми го подаде заедно со скапоцената Библија. Бев толку среќен што му дадов од оревите што ми ги беа пратиле. Кога го добив овој пакет, знаев дека Јехова не ме заборавил. Тој великодушно ми помагаше и се грижеше за моите духовни потреби (Евреите 13:5).
Нема откажување од проповедањето
По неколку месеци се изненадив кога добив писмо од еден христијански брат кој беше затворен на 400 километри од мене. Ме замоли да побарам некој човек кој покажал интерес и кој може сега да е во мојот логор. Да се напише тоа толку отворено не беше мудро, зашто текстот во писмата ни беше проверуван. Затоа не бев изненаден кога ме повика еден од затворските службеници и строго ме предупреди да не проповедам. Потоа ми нареди да потпишам документ со кој изјавувам дека ќе престанам да зборувам за своите верувања со другите. Одговорив дека не разбирам зошто треба да потпишам една таква изјава кога сите веќе знаат дека сум Јеховин сведок. Спомнав и дека другите затвореници сакаат да знаат зошто сум затворен. Што требаше да им кажам? (Дела 4:20). Службеникот сфати дека не може да ме заплаши па одлучи да се ослободи од мене. Бев испратен во друг логор.
Бев префрлен во селото Ваја, оддалечено 200 километри. Таму одговорните го почитуваа мојот христијански став и ми дадоа работа што не беше поврзана со војската — прво како каменорезец а потоа како електричар. Но и овие работи си носеа свои предизвици. Во една прилика ми беше речено да го земам алатот и да појдам во селскиот клуб. Кога стигнав таму војниците се израдуваа, зашто не им работеа исправно светлата поставени за да изгледаат поубаво разновидните воени ознаки. Сакаа јас да им помогнам да ги поправат зашто се подготвуваа за прославата што секоја година се одржуваше во чест на денот на Црвената армија. Откако размислив што да сторам, при тоа молејќи се, им реков дека не можам да им ја завршам таа работа. Им го дадов алатот и си заминав. За таа моја постапка беше известен заменик директорот и, на мое изненадување, тој ги сослуша жалбите против мене и одговори: „Го ценам тоа кај него. Тој е човек од принцип“.
Охрабрување од најмалку очекуван извор
На 8 јуни 1984 година, по точно три години затвор, бев ослободен. По моето враќање во Украина морав повторно да се пријавам во милиција како поранешен затвореник. Службениците ми кажаа дека за шест месеци повторно ќе ми биде судено и дека најпаметно би било засекогаш да ја напуштам таа област. Така, си заминав од Украина и на крајот најдов работа во Летонија. Кратко време бев во можност да проповедам и да соработувам со малата група сведоци кои живееја во и околу главниот град, Рига, но, по само една година повторно бев повикан за воена служба. На службеникот во канцеларијата за регрутација му кажав дека претходно одбив воена служба. Тој ми викна: „Свесен ли си што правиш? Да те видам што ќе речеш пред потполковникот!“
Под негова придружба влегов во една соба на вториот кат каде, зад една долга маса, седеше потполковникот. Тој внимателно слушаше додека му го објаснував мојот став и потоа ми рече дека сѐ уште ми останува време да размислам околу мојата одлука пред да зборувам со одборот за регрутација. Додека си одевме од канцеларијата на потполковникот, службеникот што претходно ме опомена призна: „Е сега сум уверен дека навистина имаш вера!“ Кога излегов пред воениот одбор го повторив мојот неутрален став, и привремено ги оставија работите така.
Сето ова време живеев во пансион. Една вечер чув тивко тропање на вратата. Ја отворив и видов човек облечен во костим, со актовка во рацете. Се претстави, велејќи: „Јас сум од Службата за државна безбедност. Знам дека имаш проблеми и дека ќе бидеш изведен пред суд“. „Да, точно,“ одговорив јас. Човекот продолжи: „Можеме да ти помогнеме ако се согласиш да работиш за нас“. „Не, ни случајно“ му реков. „И понатаму останувам лојален на она што го верувам како христијанин“. Си замина без да ме убедува.
Повторно во затвор, и повторно проповедање
На 26 август 1986 година Државниот суд во Рига ми одреди казна од четири години принудна работа и бев однесен во Државниот затвор во Рига. Ме ставија во голема ќелија со уште 40 други затвореници и јас се обидов да му сведочам на секој од нив. Некои велеа дека веруваат во Бог; други само се потсмеваа. Забележав дека беа поделени во групи, и по две седмици водачите на овие групи ми рекоа дека не ми е дозволено да проповедам, затоа што не се придржувам за нивните непишани правила. Објаснив дека токму затоа и сум затворен — јас живеам според поинакви закони.
Продолжив да проповедам но претпазливо, и кога пронајдов некои што ги интересираа духовните работи, имав прилика да ја проучувам Библијата со четворица од нив. Додека разговаравме, тие си ги запишуваа основните Библиски науки во тетратка. По неколку месеци бев испратен во логорот со високо обезбедување во Валмиера, каде што работев како електричар. Таму имав можност да ја проучувам Библијата со еден друг електричар, кој четири години подоцна стана Јеховин сведок.
На 24 март 1988 година од логор со високо обезбедување бев префрлен во логор кој функционираше како населба. Ова беше вистински благослов, затоа што ми дозволуваше поголема слобода. Бев доделен да работам на различни градилишта и постојано барав прилики да проповедам. Често бев некаде далеку од логорот, проповедајќи до доцна во ноќта, но никогаш немав никакви проблеми кога ќе се вратев во населбата.
Јехова го награди мојот труд. Во таа област живееја неколку Сведоци, но во самиот град имаше само една постара сестра, Вилма Крумина. Сестра Крумина и јас почнавме да водиме многу Библиски студии со млади луѓе. Одвреме–навреме доаѓаа и браќа и сестри од Рига за да проповедаат со нас, а некои општи пионери доаѓаа дури од Ленинград (сега Санкт Петерсбург). Со помошта од Јехова започнавме некои библиски студии, и наскоро јас започнав да служам како пионер, посветувајќи 90 часови месечно во делото на проповедање.
На 7 април 1990 година мојот случај дојде на ред да биде разгледан во Народниот суд во Валмиера. Кога започна сослушувањето, го препознав обвинителот. Тоа беше еден млад човек со кого имав разговарано за Библијата! И тој ме препозна и ми се насмевна не велејќи ништо. Сѐ уште се сеќавам што ми рече судијата на судењето тој ден: „Јуриј, одлуката да те затворат, донесена пред четири години, е незаконска. Не требало да те обвинат“. Одеднаш, станав слободен човек!
Војник на Христос
Во јуни 1990 година требаше уште еднаш да се пријавам во канцеларијата за регрутација за да добијам траен престој во Рига. Влегов во истата канцеларија, со истата долга маса каде што четири години пред тоа му реков на потполковникот дека нема да служам војска. Овој пат тој стана за да ме поздрави, се ракуваше со мене и рече: „Срамота е што мораше да минеш низ сето ова. Жал ми е што излезе така“.
Му одговорив: „Јас сум војник на Христос, и морам да се држам за неговите наредби. Библијата може да Ви помогне и Вие да го добиете она што Исус им го ветил на своите следбеници — среќен живот и вечна иднина (2. Тимотеј 2:3, 4). Потполконикот одговори: „Неодамна купив Библија и сега ја читам“. Со мене ја носев книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата.a Го отворив поглавјето што зборува за знакот на последните денови и му покажав како она што го прорекла Библијата се однесува на нашево време. Со длабока почит се ракуваше со мене уште еднаш и ми посака успех во она што го правам.
Дотогаш полето во Летонија беше вистински побелено за жетва (Јован 4:35). Во 1991 година почнав да служам како собраниски старешина. Во целата земја имаше назначено само двајца старешини! Една година подоцна единственото собрание во Летонија беше поделено на две — едно на летониски јазик а другото на руски јазик. Јас имав прилика да служам во руското собрание. Растот беше толку брз што веќе следната година нашето собрание беше поделено на три! Кога ќе погледнам на времето наназад, јасно е дека Јехова самиот ги водеше своите овци кон својата организација.
Во 1998 година ми беше доделено да служам како специјален пионер во Јелгава, град што се наоѓаше 40 километри југозападно од Рига. Истата година станав дел од првите неколкумина од Летонија што беа поканети да одат во Школата за оспособување на слуги која се одржуваше на руски јазик во Солнечноје, близу до Санкт Петерсбург (Русија). Додека бев на школата сфатив колку е важно да се има љубов кон луѓето за да се постигне успех во службата. Она што посебно ме импресионираше, многу повеќе од она што го научивме на школата, беше љубовта и вниманието што ни беа покажани од Бетелското семејство и инструкторите на школата.
Уште една пресвртница во мојот живот се случи во 2001 година, кога се оженив со Карина, прекрасна христијанка. Карина ми се придружи во специјалната полновремена служба и секој ден одново сум охрабрен кога ја гледам мојата жена како со радосно лице се враќа од службата на проповедање. Навистина, огромна радост е да му се служи на Јехова. Тешкотиите низ кои поминав под комунистичкиот режим ме научија да му верувам нему во потполност. Нема жртва што е преголема за оној што посакува да го задржи пријателството со Јехова и да го поддржи неговиот суверенитет. Тоа што им помагам и на други да научат за Јехова му дава смисла на мојот живот. За мене е прекрасна чест да му служам на Јехова „како добар војник на Христос“ (2. Тимотеј 2:3).
[Фуснота]
a Издадена од Јеховините сведоци но сега не се печати.
[Слика на страница 10]
Бев осуден на четиригодишна принудна работа и затворен во Државниот затвор во Рига
[Слика на страница 12]
Јас и Карина во службата на проповедање