Кое образование може да ти го направи животот успешен?
ДАЛИ некогаш си бил толку притиснат од проблеми што си се чувствувал како да пропаѓаш во вртлог? Само замисли си колку маки би си создал кога би направил грешка решавајќи еден или повеќе од тие проблеми! Никој не е роден со способност успешно да ги решава сите проблеми и во секое време да донесува добри одлуки. Затоа, потребно ни е образование. Каде можеш да добиеш образование што ќе те оспособи да ги решаваш проблемите во животот?
Многумина, и млади и стари, го величаат факултетското образование. Некои стручњаци дури велат дека „се потполно уверени дека не можеш да најдеш [пристојна] работа без факултетска диплома“. Сепак, некои човечки потреби не можат да се задоволат само со материјалните достигнувања. На пример, дали високото образование ти помага да бидеш подобар родител, сопружник или пријател? Навистина, луѓе кои се високо ценети поради нивните интелектуални достигнувања можат да стекнат лоши особини, да си го упропастат семејниот живот или дури да завршат со самоубиство.
Некои очекуваат помош од религијата, како еден вид образование, но се разочаруваат затоа што не добиваат никакви практични совети за да излезат на крај со проблемите во животот. Пример за ова е Емилијаa од Мексико, која вели: „Пред 15 години почувствував дека мојот сопруг и јас едноставно не можеме повеќе да бидеме заедно. Постојано се расправавме. Не можев да го натерам да престане да пие. Честопати морав да ги оставам сами нашите мали деца додека одев да барам каде е. Емоционално бев исцрпена. Неколкупати бев во црква барајќи нешто што ќе ми помогне да најдам решение. Иако таму повремено се користеше Библијата, никогаш не слушнав некој совет кој директно се однесуваше на мојот проблем; ниту, пак, некој ми пријде да ми каже што да правам. Тоа што само ќе поседев во црквата и ќе повторев неколку молитви не ме задоволи“. Други можеби ги разочарува тоа што гледаат дека животот на нивните духовни водачи е далеку од примерен. Затоа, многумина ја губат довербата во религијата како еден вид образование што ќе им го направи животот успешен.
Затоа, можеби се прашуваш: ‚Какво образование треба да стекнам за да бидам успешен во животот?‘ Дали вистинското христијанство го има одговорот на ова важно прашање? За тоа зборува следната статија.
[Фуснота]
a Некои имиња се променети.