Извлечи корист од најдоброто образование што постои!
БИБЛИЈАТА кажува дека Јехова Бог е Творецот на сите работи, вклучувајќи ги и луѓето (Битие 1:27; Откровение 4:11). Како Најголем Учител, тој се погрижил првиот човечки пар, Адам и Ева, да го добијат образованието што ќе ги подготви за живот во прекрасната градина во Еден. Имал намера вечно да продолжи да ги поучува и да се грижи за нив (Битие 1:28, 29; 2:15-17; Исаија 30:20, 21). Замисли си каква прекрасна можност!
Меѓутоа, за жал, првиот пар го отфрлил сето ова. Поради нивната непослушност, целото човештво почнало морално и физички да се расипува (Битие 3:17-19; Римјаните 5:12). За оние што живееле само неколку поколенија по основањето на човештвото, Библијата вели: „Господ виде колку е голема човековата расипаност на земјата и дека секоја мисла во неговата памет секогаш е само зло“ (Битие 6:5).
Поминале скоро 4.500 години откако Јехова дошол до заклучок дека човештвото постојано оди од лошо кон полошо, а неговата денешна состојба е полоша од кога и да било порано. Многумина бесрамно лажат, крадат или ги напаѓаат другите. Проблемите се зголемуваат секој ден, а грижата за доброто на другите е сѐ помала. Зарем не се во вистинска криза повеќето меѓучовечки односи, вклучувајќи ги и семејните? Сепак, Бог не е виновен за сето ова, ниту, пак, престанал да се грижи за денешните проблеми. Јехова отсекогаш се интересирал за доброто на луѓето, и секогаш е спремен да ги поучи оние што му се обраќаат нему за да ги води до среќен живот. Пред околу 2.000 години, тој го испратил својот Син, Исус Христос, на Земјата и покажал дека е заинтересиран да ги поучи луѓето кои сакаат да имаат успешен живот. Исус дал пример на совршено образование затоа што безброј векови бил поучуван од Најголемиот Учител.
Вистинското христијанство — образование
Исус Христос го основал вистинското христијанство, начин на живот кој се темели на љубов. Во него, сите мисли и постапки треба да се во склад со Божјата волја, за да му донесат чест и слава на неговото име (Матеј 22:37-39; Евреите 10:7). Учењата на Исус за овој начин на живот ги поддржувал неговиот Татко, Јехова. Во Јован 8:29 читаме за поддршката што Исус ја добил од Бог: „Оној кој ме испрати е со мене; не ме препушти сам на себе, зашто јас секогаш го правам она што му е угодно“ (Јован 8:29). Да, за време на целата своја служба Исус ја имал поддршката од својот Татко. Раните следбеници на Исус не морале да се справуваат со проблемите без никаква помош. Јехова се погрижил да добијат образование преку неговиот Син. Тие станале подобри луѓе затоа што ги следеле учењата и примерот на Исус. Истото се случува и со неговите денешни следбеници (Види ја рамката на 6. страница, „Влијанието на Исус и неговите учења“).
Карактеристично обележје на вистинското христијанство е тоа што вклучува образование кое влијае на умот и срцето и ги менува луѓето однатре (Ефешаните 4:23, 24). Како еден пример, да разгледаме што поучувал Исус за верноста кон сопружникот: „Сте чуле дека било речено: ‚Не врши прељуба‘. А јас ви велам дека секој кој постојано гледа на жена на таков начин што чувствува страст кон неа, веќе извршил прељуба со неа во своето срце“ (Матеј 5:27, 28). Со овие зборови, Исус ги поучил своите ученици дека срцето треба секогаш да им биде чисто и дека неисправните мисли и желби, дури и кога човек сѐ уште не направил ништо погрешно, можат да доведат до сериозни последици. Зарем не е вистина дека лошите мисли можат да водат до постапки кои го навредуваат Бог и ги повредуваат другите?
Затоа, Библијата го дава следниот совет: „Престанете да се обликувате според овој систем на работи, туку преобразете се со обновувањето на својот ум за самите да се уверите која е добра и прифатлива и совршена волја Божја“ (Римјаните 12:2). Можеби ќе прашаш: ‚Можно ли е навистина преку образованието да ни се обнови умот?‘ Да се обнови умот значи да го поттикнеме да размислува во друг правец со тоа што ќе го полниме со начелата и упатствата од Божјата реч. Ова може да се постигне ако се прифати образованието што го дава Бог преку својата Реч.
Мотивирани за промена
„Оти речта Божја е жива и врши силно влијание“ (Евреите 4:12). Таа сѐ уште врши силно влијание врз поединци, со што докажува дека никогаш не застарува. Таа може да го поттикне човек да го промени својот живот, да го прифати вистинското христијанство и да стане подобра личност. Следните примери покажуваат колку е корисно библиското образование.
Емилија, спомната во претходната статија, вели: „Не беше доволно само со свои сили да се трудам да ја подобрам ситуацијата дома. Кога почнав да ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци, сфатив дека постои надеж и почнав да го менувам мојот став. Научив да бидам пострплива и да не пламнувам со лутина лесно. Со текот на времето, мојот сопруг ми се придружи во проучувањето. Не му беше лесно да престане да пие, но успеа. Ова ни даде шанса за нов почеток. Сега сме среќни христијани и во нашите деца ги всадуваме убавите начела од Библијата“ (Второзаконие 6:7).
Образованието што го дава вистинското христијанство може да оттргне некого од пороци и неморален живот. Мануелa лично се уверил во ова. Кога имал 13 години, избегал од дома и почнал да пуши марихуана. Со текот на времето, почнал да користи хероин. Имал сексуални односи и со мажи и со жени во замена за кров над глава и пари. Понекогаш се издржувал и со ограбување на луѓе. Скоро секогаш бил дрогиран. Поради своето насилно однесување, честопати одел во затвор. Еднаш поминал четири години зад решетки и таму се вмешал во трговија со оружје. И откако се оженил, Мануел продолжил да ги жнее последиците од тоа што го правел порано. Тој вели: „На крајот моравме да живееме во една просторија што порано беше кокошарник. Сѐ уште се сеќавам како жена ми готви на цигли. Живеевме во толку несигурни услови што дури и моите сопствени роднини ја тераа жена ми да ме остави“.
Што му го сменило животот? Мануел одговара: „Еден познајник дојде кај нас и ни зборуваше за Библијата. Го примав кога доаѓаше само за да му докажам дека не постои Бог кој се грижи за луѓето. Се сметав себе си за жив доказ за тоа. Ме изненади тоа што Сведокот беше стрплив и љубезен со мене, па така се согласив да дојдам на состаноците во Салата на Царството. Иако некои од присутните таму го знаеја моето минато, пријателски ме пречекаа. Направија да се чувствувам како да сум еден од нив. Тоа ми беше голема утеха. Бев толку трогнат што одлучив да го напуштам светот на дрогата за да најдам чесна работа. Четири месеци откако почнав да ја проучувам Библијата, ги исполнив условите да почнам да проповедам и четири месеци подоцна се крстив како Јеховин сведок“.
Што значело вистинското христијанство за Мануел и неговото семејство? „Без библиското образование, сигурно веќе одамна ќе бев мртов. Тоа што почнав да живеам онака како што поучувал Исус, ми го врати семејството. Моите две деца не мораат да поминуваат низ истото што го поминав јас кога бев млад. Многу сум среќен и му благодарам на Јехова за добриот однос што сега го имам со мојата сопруга. Некои од моите поранешни познајници ми честитаа и ми рекоа дека сметаат оти мојот сегашен начин на живот е најдобриот“.
Во христијанскиот начин на живот, моралната чистота оди заедно со физичката чистота. Џон, кој живее во сиромашна област во Јужна Африка, го сфатил тоа. Тој објаснува: „Нашата ќерка понекогаш не се капеше со седмици, а никому од нас не му беше многу гајле за тоа“. Неговата сопруга признава дека нивниот дом изгледал ужасно. Но, со христијанското образование работите се смениле. Џон престанал да се дружи со бандата која крадела коли и почнал да му обрнува поголемо внимание на семејството. „Научивме дека, како христијани, нашите тела и облеката треба да ги одржуваме чисти. Ми се допаѓаат зборовите од 1. Петрово 1:16, кои нѐ поттикнуваат да бидеме свети затоа што Јехова Бог е свет. Сега се трудиме и нашиот скромен дом да изгледа попријатно“.
Можеш да го пронајдеш најдоброто образование
Овие искуства не се единствени случаи. Како резултат на образованието кое се темели на Библијата, илјадници луѓе научиле да живеат подобро. Нивните работодавачи ги ценат затоа што се чесни и работливи. Станале добри соседи и пријатели, луѓе што се заинтересирани за доброто на другите. Одлучни се да се борат против пороците и телесните склоности, па затоа подобро се грижат за своето физичко, умствено и емоционално здравје. Наместо да си ги трошат парите на пороци, ги користат за своето добро и за доброто на семејството (1. Коринќаните 6:9-11; Колошаните 3:18-23). Несомнено, резултатите од применувањето на тоа што Јехова ни го изнесува во Библијата покажуваат дека вистинското христијанство ни помага најдобро да живееме и ни го дава најдоброто можно образование. Зборувајќи за оној што живее во склад со Божјите закони, Библијата вели: „Сѐ што прави во сѐ успева“ (Псалм 1:3).
Охрабрувачки е да се знае дека Семоќниот Бог, Јехова, е спремен да нѐ поучува. Тој за себе вели: „Јас Господ, твојот Бог, те учам за твое добро, те водам по патот по кој треба да одиш“ (Исаија 48:17). Да, Јехова ни го покажал патот преку примерот и учењата на својот Син, Исус Христос. Неговите учења го смениле животот на многу луѓе што го познавале кога бил на Земјата, а истото се случува и со многумина што денес живеат според неговите учења. Зошто не одвоиш време да научиш нешто повеќе за овие учења? На Јеховините сведоци во твојата околина ќе им биде мило да ти помогнат да добиеш такво корисно образование.
[Фуснота]
a Некои имиња се променети.
[Рамка/слика на страница 6]
Влијанието на Исус и неговите учења
Користејќи ја својата положба на главен даночник, Закхеј станал богат со тоа што изнудувал пари и го крадел обичниот народ. Но тој го сменил својот начин на живот така што ги применил учењата на Исус (Лука 19:1-10).
Савле од Тарс престанал да ги прогонува христијаните и се преобратил во христијанин, па станал апостол Павле (Дела 22:6-21; Филипјаните 3:4-9).
Некои од христијаните во Коринт биле ‚блудници, идолопоклоници, прељубници, хомосексуалци, крадци, алчни, пијаници, оние кои зборуваат срамотно, изнудувачи‘. Но, кога дознале што учи вистинското христијанство, ‚се испрале, се осветиле и биле прогласени за праведни во името на нивниот Господ Исус Христос‘ (1. Коринќаните 6:9-11).
[Слика на страница 7]
Библијата може да ти покаже како да бидеш успешен