Ненадминливата вредност на образованието од Бог
„Сметам дека сѐ е загуба во споредба со ненадминливата вредност на познавањето на Христос Исус“ (ФИЛ. 3:8)
1, 2. Што решиле некои христијани, и зошто?
УШТЕ откако тргнал на училиште, Роберт бил одличен ученик. Кога имал само осум години, една негова учителка дошла кај нив дома и му рекла дека еден ден ќе може да стане што и да посака. Таа лично се надевала дека ќе избере да биде лекар. Со високите оценки што ги имал во средно училиште, можел да се запише на некој од најдобрите факултети во својата земја. Сепак, Роберт решил да не ја искористи оваа можност — која повеќето би ја сметале за животна шанса — затоа што сакал да служи како општ пионер.
2 Исто како Роберт, многу христијани — млади и стари — имаат шанса да се пробијат во денешниов свет. Но, некои решиле да не ги искористат во потполност можностите што им ги нуди светот затоа што сакаат да ѝ се посветат на службата за Бог (1. Кор. 7:29-31). Што ги тера христијаните како Роберт спремно да се трошат во проповедничкото дело? Пред сѐ, нивната љубов кон Јехова, а и тоа што многу ја ценат ненадминливата вредност на образованието од Бог. Дали во последно време си размислувал каков би ти бил животот да не си ја запознал вистината? Ако размислуваме за некои од големите благослови што ги имаме благодарение на тоа што сме поучени од Јехова, секогаш ќе ја цениме добрата вест и ревносно ќе им ја пренесуваме на другите.
Чест е да се биде поучен од Јехова
3. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова е спремен да ги поучува несовршените луѓе?
3 Поради својата голема добрина, Јехова е спремен да ги поучува несовршените луѓе. Во врска со помазаните христијани, Исаија 54:13 пророчки вели: „Сите твои синови ќе бидат поучени од Јехова, и голем мир ќе имаат твоите синови“. Овие зборови во принцип важат и за Христовите „други овци“ (Јован 10:16). Ова јасно се гледа од едно пророштво што се исполнува во нашево време. Исаија имал видение за тоа како луѓе од сите народи се слеваат кон симболичната гора на која се слави вистинскиот Бог. Тој ги опишува како си велат еден на друг: „Да појдеме на Јеховината гора, во домот на Богот Јаковов! Тој ќе нѐ поучува за своите патишта, и ќе одиме по неговите патеки“ (Иса. 2:1-3). Колку голема чест е да се биде поучен од Бог!
4. Што бара Јехова од оние кои ги поучува?
4 Што треба да правиме за да бидеме поучени од Јехова? Многу е важно да бидеме кротки и спремни да прифатиме поука. Псалмистот Давид напишал: „Добар и праведен е Јехова... Ќе ги учи кротките за својот пат“ (Пс. 25:8, 9). А Исус рекол: „Те славам, Татко, Господару на небото и на земјата, бидејќи си го скрил ова од мудрите и паметните, а си им го открил на малите деца!“ (Лука 10:21). Зарем е тешко да сакаш еден таков Бог кој „им укажува незаслужена доброта на понизните“? (1. Пет. 5:5).
5. Благодарение на што сме го запознале Бог?
5 Како Јеховини слуги, дали сме ја дознале вистината благодарение на нашите сопствени способности или мудрост? Не. Всушност, сами никогаш не би успеале да го запознаеме Бог. Исус рекол: „Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото, кој ме испрати“ (Јован 6:44). Со помош на проповедањето и преку светиот дух, Јехова ги привлекува кротките лица, односно „скапоценостите од сите народи“ (Агеј 2:7). Зарем не си благодарен што Јехова те привлекол и тебе кон својот Син? (Прочитај Еремија 9:23, 24.)
Го подобрува животот
6. На каков извонреден начин влијае ‚знаењето за Јехова‘ врз луѓето?
6 Со една живописна споредба, пророштвото на Исаија ни ги доловува огромните промени што во нашево време ги прават многу луѓе кај себеси. Некои што порано биле насилни стануваат мирољубиви. (Прочитај Исаија 11:6-9.) Оние што во минатото биле непријатели поради расните, националните, племенските и културните разлики, научиле да живеат заедно во единство. Во симболична смисла, тие ги ‚прековале своите мечеви во плугови‘ (Иса. 2:4). Што е причината за овие драстични промени? Тоа што стекнуваат „знаење за Јехова“ и го применуваат во својот живот. Иако се несовршени, Божјите слуги се дел од едно вистинско меѓународно братство. Тоа што добрата вест ја прифаќаат најразлични луѓе, како и добрите плодови што таа ги дава, се доказ за ненадминливата вредност на образованието од Бог (Мат. 11:19).
7, 8. а) Кои ‚цврсто утврдени‘ работи ги уриваат оние што се поучени од Бог? б) Што покажува дека образованието од Бог му носи фалба нему?
7 Апостол Павле го споредил делото на сведочење што го вршат Божјите слуги со духовна војна. Тој напишал: „Оружјето на нашето војување не е телесно, туку има голема сила од Бог за уривање на она што е цврсто утврдено. Зашто, уриваме погрешни размислувања и секаква вообразеност која се крева против познавањето на Бог“ (2. Кор. 10:4, 5). Од какви ‚цврсто утврдени‘ работи се ослободуваат луѓето што се поучени од Бог? Меѓу другото, образованието од Бог ги ослободува од ропството на лажните учења, од суеверието и од човечките филозофии (Кол. 2:8). Им помага да ги победат лошите навики и да стекнат особини што му се допаѓаат на Бог (1. Кор. 6:9-11). Го подобрува семејниот живот. И, на оние што биле без надеж, им дава вистинска смисла во животот. Токму вакво образование е потребно денес.
8 Чесноста е една особина што Јехова им помага на своите слуги да ја развијат, како што покажува и следново искуство (Евр. 13:18). Една жена во Индија се согласила да ја проучува Библијата и, со текот на времето, станала некрстен објавител. Еднаш, кога се враќала дома од изградбата на една Сала на Царството, во близина на автобуската станица нашла златен синџир вреден осумстотини американски долари. Иако била сиромашна, го однела синџирот во полициската станица за да му го вратат на сопственикот. Полицаецот што ја примил не можел да си поверува на очите! Подоцна, еден друг полицаец ја прашал: „Зошто не го задржа синџирот за себе?“ Таа објаснила: „Библиските учења ми помогнаа да се променам, и сега сум чесен човек“. Тогаш восхитениот полицаец му рекол на христијанскиот старешина, кој дошол во станицата заедно со неа: „Во овој регион живеат над 38 милиони луѓе. Ако им помогнете на 10 од нив да станат како оваа жена, тоа ќе биде голем успех“. Кога размислуваме за милионите луѓе кои имаат подобар живот благодарение на образованието од Бог, зарем немаме многу причини да го фалиме Јехова?
9. Како успеваат луѓето да направат коренити промени во својот живот?
9 Моќта на Божјата реч да преобразува, како и помошта што Јехова ја дава преку својот свет дух, им овозможува на луѓето да направат коренити промени во својот живот (Рим. 12:2; Гал. 5:22, 23). Во Колошаните 3:10 стои: „Облечете ја новата личност, која се обновува преку доброто познавање на Божјата волја според сликата на оној што ја создал“. Пораката во Божјата реч, Библијата, има моќ да открие каков е некој однатре, и може да го промени неговото размислување и неговиот став кон работите. (Прочитај Евреите 4:12.) Со тоа што добро ќе го запознае Светото писмо и ќе почне да живее во склад со Јеховините праведни мерила, еден човек може да му стане пријател на Бог и да има надеж дека ќе живее вечно.
Јехова нѐ подготвува за иднината
10. а) Зошто само Јехова е тој што може да нѐ подготви за иднината? б) Кои значајни промени наскоро ќе се случат на целата Земја?
10 Само Јехова може да ни помогне да се подготвиме за иднината бидејќи знае што ќе се случи наскоро. Тој одредува каква иднина го чека човештвото (Иса. 46:9, 10). Библиските пророштва ни откриваат дека ‚големиот ден на Јехова е близу‘ (Соф. 1:14). Во врска со тој ден, ќе се покаже дека се вистинити зборовите од Изреки 11:4: „Богатството не помага во денот на гневот, а праведноста избавува од смртта“. Кога ќе дојде време Јехова да го изврши својот суд над Сатановиот свет, најважно од сѐ ќе биде каков е нашиот однос со Јехова. Парите ќе немаат никаква вредност. Всушност, Езекиел 7:19 вели: „Своето сребро ќе го испофрлаат по улиците, нивното злато ќе им се згади“. Бидејќи го знаеме ова, уште сега можеме да донесуваме мудри одлуки.
11. Наведи еден начин на кој образованието од Бог ни помага да се подготвиме за иднината.
11 Меѓу другото, образованието од Јехова нѐ подготвува за доаѓањето на неговиот ден така што ни помага да ги ставиме важните работи на прво место. Апостол Павле му напишал на Тимотеј: „На оние што се богати во сегашниов свет заповедај им да не бидат вообразени и да не се потпираат на несигурното богатство, туку на Бог“. Дури и да не сме богати, можеме да извлечеме корист од овој совет. Што сака Јехова да ни каже со тоа? Наместо да си трупаме материјално богатство, треба да се трудиме ‚да правиме добро‘ и да ‚се богатиме со добри дела‘. Кога ги ставаме духовните работи на прво место во животот, ‚си го собираме она богатство што е добар темел за иднината‘ (1. Тим. 6:17-19). Со таквата самопожртвуваност ќе покажеме дека знаеме добро да ги процениме работите бидејќи, на крајот на краиштата, како што рекол Исус, „од каква корист му е на човекот ако го добие целиот свет, а го загуби животот?“ (Мат. 16:26, 27). Со оглед на тоа што Јеховиниот ден е близу, секој од нас треба да се праша: ‚Каде си собирам богатство? Дали му робувам на Бог или на богатството?‘ (Мат. 6:19, 20, 24).
12. Зошто не треба да се обесхрабриме ако некои гледаат со презир на нашата служба?
12 Најважното од сите „добри дела“ што се спомнати во Библијата, а кои треба да ги прават христијаните, е животоспасувачкото дело на проповедање и поучување за Царството (Мат. 24:14; 28:19, 20). Исто како и во првиот век, некои можеби гледаат со презир на нашата служба. (Прочитај 1. Коринќаните 1:18-21.) Но, тоа не ја намалува вредноста на нашата порака ниту, пак, важноста на нашата одговорност да му дадеме секому можност да поверува во неа додека сѐ уште има време (Рим. 10:13, 14). Кога им помагаме на другите да извлечат корист од образованието што го дава Бог, и самите добиваме многу благослови.
Благословени затоа што правиме жртви
13. Какви жртви направил апостол Павле за добрата вест?
13 Пред да стане христијанин, апостол Павле бил на добар пат да стане некој и нешто во еврејското општество. Веројатно немал ни 14 години кога се преселил од својот роден град Тарс во Ерусалим за да биде поучен од Гамалиел, познат и многу почитуван учител по Законот (Дела 22:3). Со текот на времето, се видело дека Павле отскокнува од своите врсници и, ако продолжел така, можеби навистина ќе станел важна личност во јудаизмот (Гал. 1:13, 14). Кога ја прифатил добрата вест и почнал да проповеда, сето тоа го оставил зад себе. Дали зажалил за одлуката што ја донел? Не. Всушност, самиот напишал: „Сметам дека сѐ е загуба во споредба со ненадминливата вредност на познавањето на Христос Исус, мојот Господар. Поради него јас се согласив да изгубам сѐ и сето тоа го сметам за смет“ (Фил. 3:8).
14, 15. Какви благослови доживуваме како „Божји соработници“?
14 Исто како Павле, и христијаните денес прават жртви за добрата вест (Мар. 10:29, 30). Дали пропуштаме нешто поради тоа? Роберт, кој беше спомнат во почетокот, ги изразува чувствата на мнозина кога вели: „Воопшто не жалам за ништо. Полновремената служба ми носи радост и задоволство, и ми помага ‚да вкусам и да видам колку е добар Јехова‘. Секогаш кога правев жртви во материјален поглед за да му служам во поголема мера на Јехова, тој за возврат ме благословуваше со повеќе од она што сум го жртвувал. На крајот излегуваше како да не сум жртвувал ништо. Всушност, не губев, туку добивав!“ (Пс. 34:8; Изр. 10:22).
15 Ако веќе некое време проповедаш и ги поучуваш другите за Библијата, и ти, без сомнение, си имал можност да вкусиш и да видиш дека Јехова е добар. Дали некогаш си почувствувал како ти помага со својот дух кога си зборувал со некого за добрата вест? Си видел ли како очите на другите им светнуваат кога Јехова им го отворил срцето да ѝ обрнат внимание на пораката? (Дела 16:14). Дали Јехова ти помогнал да надминеш некои пречки, можеби така што ти го отворил патот за да му служиш во поголема мера? Дали те поддржувал кога ти било тешко и ти помагал да продолжиш да му служиш кога си мислел дека веќе немаш ни грам сила? (Фил. 4:13). Кога ја чувствуваме Јеховината помош на своја кожа додека ја вршиме службата, тој ни станува уште пореален и поблизок (Иса. 41:10). Зарем не е благослов да се биде ‚Божји соработник‘ во величественото образовно дело што го спроведува тој? (1. Кор. 3:9).
16. Како гледаш на трудот што го вложуваш и на жртвите што ги правиш додека ги поучуваш другите за Бог?
16 Многу луѓе се надеваат дека во животот ќе направат нешто по кое ќе бидат запаметени. Но, гледаме дека дури и некои извонредни достигнувања во денешниов свет набрзо се забораваат. Сепак, сето она што Јехова го прави денес за да го посвети своето име сигурно ќе биде неизбришливо забележано во историјата на Божјиот народ. Тие негови дела ќе бидат трајно запаметени (Изр. 10:7; Евр. 6:10). Затоа, да ја цениме честа да ги поучуваме другите за Јехова во ова дело што никогаш нема да биде заборавено.
Како би одговорил?
• Што бара Јехова од оние кои ги поучува?
• Како образованието од Бог им го подобрува животот на луѓето?
• На кој начин сме благословени поради тоа што им помагаме на другите да извлечат корист од образованието од Бог?
[Слика на страница 23]
Оние што се поучени од Јехова се дел од едно вистинско меѓународно братство
[Слика на страница 24]
Зарем не е благослов да се биде ‚Божји соработник‘?