Откупнината ја велича Божјата праведност
ПО ПОБУНАТА на Адам и Ева, Јехова ја изнел својата намера да подигне Семе на кое ќе му биде сотрена петицата (Битие 3:15). Таа се исполнила кога Божјите непријатели го убиле Исус на маченички столб (Галатите 3:13, 16). Исус бил без грев, бидејќи бил зачнат на чудесен начин во матката на една девица со моќта на светиот дух. Затоа неговата пролеана крв можела да послужи како откуп за да ги ослободи сите луѓе од гревот и смртта што ги наследиле од Адам (Римјаните 5:12, 19).
Ништо не може да го спречи семоќниот Бог, Јехова, да ги исполни своите намери. Затоа, откако човештвото станало грешно, Бог сметал како веќе да е платена откупната цена и можел да биде пријател со тие што покажувале вера во исполнувањето на неговите ветувања. Тоа им дало прилика на некои од грешните потомци на Адам, како што биле Енох, Ное и Авраам, да одат со Бог и дури и да бидат негови пријатели без да ја извалкаат неговата светост (Битие 5:24; 6:9; Јаков 2:23).
Некои од оние што имале вера во Јехова направиле сериозни гревови. Цар Давид е еден таков пример. Можеби се прашуваш: „Како можел Јехова да продолжи да го благословува цар Давид и откако направил прељуба со Витсавеа а потоа наместил да умре нејзиниот маж, Уриј?“ Еден многу важен фактор било тоа што Давид искрено се каел и имал голема вера (2. Самоил 11:1-17; 12:1-14). На темел на жртвата на Исус Христос која следела во иднина, Бог можел да му прости на покајникот Давид а сепак да ја задржи исправноста и праведноста на своите постапки (Псалм 32:1, 2). Како доказ за ова, Библијата објаснува дека најчудесното нешто што се постигнува со Исусовата жртва е „[Бог] да ја изложи својата сопствена праведност, бидејќи тој ги простуваше гревовите кои се случија во минатото“ и „во ова сегашно раздобје“ (Римјаните 3:25, 26).
Да, вредноста на Исусовата крв му носи на човештвото големи благослови. На темел на откупната жртва, грешниците коишто се каат можат да имаат близок однос со Бог. Освен тоа, откупнината овозможува мртвите да воскреснат во новиот свет. Меѓу нив ќе бидат и верните слуги на Бог кои умреле пред Исус да ја плати откупнината, па дури и многу што умреле во незнаење и не го обожавале Бог. Библијата вели: „Ќе има воскресение и на праведните и на неправедните“ (Дела 24:15). Тогаш, на темел на откупната жртва, Јехова ќе ги награди сите верни луѓе со вечен живот (Јован 3:36). Самиот Исус објаснил: „Зашто Бог толку многу го љубеше светот што го даде својот единороден Син за секој кој практикува вера во него, да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Сите овие користи човештвото ќе ги добие затоа што Бог обезбедил откупна жртва.
Сепак, она што е особено извонредно во врска со откупнината не се користите што ги добиваме од неа. Од уште поголема важност е она што Исусовата жртва го прави за Јеховиното име. Таа докажува дека Јехова е Бог на совршена правда кој може да биде пријател со грешни луѓе а сепак да остане чист и свет. Кога Бог би немал намера да обезбеди откупнина, ниту еден потомок на Адам, дури ни Енох, Ное или Авраам, не би можеле да одат со Јехова или да бидат негови пријатели. Псалмистот го сфатил ова и напишал: „Ако си спомнуваш, Господи, за гревот, Господи, кој ќе опстане?“ (Псалм 130:3). Колку многу треба да сме му благодарни на Јехова за тоа што го пратил својот сакан Син на Земјата, и на Исус, што спремно го дал својот живот како откупнина за нас! (Марко 10:45).