„Еден од најубавите денови во мојот живот“
„ДЕПРЕСИЈАТА е нешто што најчесто ги мачи младите, а најверојатно е и најважниот проблем од областа на менталното здравје кај нив“, тврди Бијонд Блу, агенција што работи под покровителство на владата на Австралија. Истражувањата покажуваат дека секоја година 100.000 млади Австралијци страдаат од депресија.
Младите христијани не се поштедени од депресијата. Но, верата во Јехова им помогнала на многу од нив да ги надминат негативните чувства и да ја направат успешна својата младост. Тоа, пак, прави да остават убав впечаток кај другите. Како?
Да го земеме за пример искуството на 18-годишната Клер. Таа и мајка ѝ одат на состаноците на Јеховините сведоци во Мелбурн. Кога татко ѝ ги напуштил, Клер паднала во депресија. Но верата во нејзиниот небесен Татко, Јехова, ѝ останала силна. Еден ден кај нив дома дошла нивната докторка, Лидија, за да види како е мајка ѝ на Клер, која била болна. На одење, таа љубезно се понудила да ја префрли Клер до трговскиот центар. По пат ја прашала Клер дали има дечко. Клер ѝ објаснила дека, како Јеховин сведок, не фаќа дечко само колку за забава. Ова ја изненадило докторката. Потоа Клер ѝ објаснила дека Библијата ѝ помогнала да донесе паметни одлуки во животот. На крајот, ѝ понудила на докторката да ѝ донесе примерок од една книга темелена на Библијата која многу ѝ помогнала нејзе лично. Книгата имала наслов Младите прашуваат — делотворни одговори.
Три дена откако ја добила книгата, Лидија ѝ се јавила на мајка ѝ на Клер за да ѝ каже колку многу ѝ се допаднала книгата. Потоа побарала уште шест книги за своите колеги. Кога Клер ѝ ги однела книгите, докторката ѝ кажала колку навистина била импресионирана од нејзината вера. Клер ѝ понудила да ја проучува Библијата со неа, и докторката прифатила.
Неколку месеци Клер ја поучувала докторката за Библијата, за време на нејзината пауза. Потоа Лидија ја прашала Клер дали би сакала да зборува на еден семинар чија тема беше депресијата кај младите луѓе. Иако малку се исплашила, сепак Клер се согласила. На семинарот присуствувале преку 60 души. На публиката ѝ се обратиле четири стручни лица од областа на менталното здравје — сите возрасни. Потоа ѝ дошол редот на Клер. Таа нагласила колку е важно младите да бидат пријатели со Бог. Објаснила дека Јехова Бог многу мисли на младите и дека им помага на сите оние што ќе му се обратат за помош и утеха. Понатаму, објаснила дека е уверена дека Јехова наскоро ќе им стави крај на сите физички и ментални болести (Исаија 33:24). Каков бил резултатот од ова убаво сведоштво?
„По семинарот, многумина дојдоа и ми рекоа дека се воодушевени од тоа што имале прилика да слушнат како една млада личност зборува за Бог“ вели Клер. „Дадов 23 книги Младите прашуваат. Три девојки од публиката ми го дадоа својот телефонски број. Една од нив моментално ја проучува Библијата. Тоа беше еден од најубавите денови во мојот живот.“