Борба со Аспергеровиот синдром
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА
САКАШ да се спријателиш со некого, но тешко ти е да водиш разговор, иако со часови би можел да зборуваш на твојата омилена тема. Ти си роб на рутината и секоја промена те вознемирува. Честопати си загрижен и разочаран, а понекогаш и депресивен.
Другите не те разбираат. За нив ти си чуден, напорен, па дури и невоспитан. Тешко ти е да ги разбереш мислите и чувствата на другите, особено затоа што не можеш да ги протолкуваш гестовите и изразите на лицето. Многумина од оние што имаат Аспергеров синдром секојдневно се соочуваат со вакви ситуации.
Жртвите на ова нарушување изгледаат исто како и сите други, и честопати се многу интелигентни. Меѓутоа, имаат развојна аномалија на нервниот систем која влијае врз начинот на кој комуницираат со другите и врз меѓучовечките односи. Овој синдром има најразлични карактеристики, и кај секој човек се манифестираат на поинаков начин. Сепак, сосема е можно да се совладаат пречките што ги наметнува Аспергеровиот синдром. Разгледај го случајот на Клер.
Најпосле — поставена е дијагноза!
Како дете, Клер била многу тивка и повлечена. Не можела да ги гледа луѓето в очи и се плашела од поголеми групи. Прозборела многу рано, но се изразувала со што е можно помалку зборови и зборувала монотоно. Ѝ се допаѓало да следи строга рутина и станувала загрижена доколку нешто ѝ ја нарушело таа рутина.
На училиште, наставниците не биле стрпливи со неа бидејќи си мислеле дека намерно е проблематична, а другите деца честопати ја малтретирале. Не ѝ било лесно ни на мајка ѝ бидејќи другите неправедно ја обвинувале неа за однесувањето на Клер. На крајот, одлучила самата да ја подучува Клер за да може вонредно да го заврши училиштето.
Подоцна, Клер имала неколку работни места, но сите ги изгубила бидејќи ѝ било тешко да ја смени рутината и да го изврши она што се барало од неа. Во еден старечки дом, нејзиното последно работно место, управничката сфатила дека нешто не е во ред. И конечно, кога имала 16 години, на Клер ѝ била поставена дијагноза — Аспергеров синдром.
Најпосле на мајка ѝ ѝ станало јасно зошто нејзината ќерка се однесува многу поинаку од другите. Еден пријател нашол информации за овој синдром, а кога Клер ги прочитала, изненадено прашала: „Навистина ли го правам тоа? Зарем сум ваква?“ Во локалниот Завод за социјални грижи ѝ било кажано дека од помош ќе биде редовно да се занимава со некаква продуктивна активност. Крис, Јеховин сведок кој им помагал на деца со посебни потреби, се договорил со Клер, која исто така е Јеховин сведок, да помага околу поправките на една сала во која Сведоците ги одржуваат своите христијански состаноци.
Надвор од „четирите ѕида“
Во почетокот, Клер многу ретко зборувала со другите доброволци. Кога ќе наидела на проблем, ќе му напишела писменце на Крис бидејќи ѝ било потешко да ги претвори мислите во зборови. Со текот на времето, Крис ја поттикнувал отворено да зборува со него за својата ситуација. Тој стрпливо ѝ помагал да излезе од своите „четири ѕида“, бидејќи, како што објаснува Крис, не е нормално некој да ги избегнува другите и да го прави само она што сака да го прави. Со негова помош, Клер учела како да соработува со другите за да изврши одредена задача.
Поради лошото искуство од минатото, Клер немала самодоверба. Затоа, секогаш кога ќе добиела некоја задача, веднаш ќе речела дека не може да ја заврши. Како ѝ помогнал Крис? Тој ѝ давал лесни задачи, ѝ објаснувал како да ги изврши, а потоа ѝ велел: „Можеш“. Секогаш кога ќе успеела да ја заврши работата, била среќна. Крис срдечно ја пофалувал, а потоа и задавал нова задача. На Клер ѝ било тешко да запамти повеќе усни упатства, но не ѝ било проблем да ги следи ако биле напишани. Малку по малку, стекнувала самодоверба.
Бидејќи Клер не сакала да биде со многу луѓе, ѝ било многу тешко да разговара со другите кога одела на христијанските состаноци. Обично седела сама на предните седишта во Салата на Царството. Но, си поставила цел веднаш штом ќе заврши состанокот да отиде до задниот дел од салата и да поразговара со некого.
Со текот на времето, Клер почнала да разговара со повеќемина. „Но, не ми е лесно“, вели таа. Иако нејзиното нарушување ѝ отежнува да води разговор, таа редовно учествува во Теократската школа за служба, која им помага на Јеховините сведоци подобро да се изразуваат.
Совладување на уште поголем предизвик
Бидејќи Клер стекнувала сѐ поголема самодоверба, Крис ѝ предложил да се обиде да служи како помошен пионер, како што Јеховините сведоци ги нарекуваат крстените Сведоци што поминуваат 50 или повеќе часови месечно за да зборуваат со другите за своите библиски верувања. „Не можам“, рекла Клер.
Но, Крис ја охрабрил. Ѝ рекол дека, дури и да не успее да ја постигне целта од 50 часови, ќе биде среќна што барем се обидела. Клер го послушала тој совет, и оваа служба многу ѝ се допаднала. Почнала да го прави тоа секој месец, и сѐ повеќе уживала. Ова ѝ помогнало да стекне самодоверба, особено откако пронашла многу луѓе што сакале да научат нешто повеќе за Библијата.
Клер го зела присрце поттикот што бил даден на христијанските состаноци да размисли дали нешто ја спречува да стане општ пионер, односно полновремен проповедник. Одлучила да го преземе и овој чекор. Каков бил резултатот? Клер вели дека „тоа е најдоброто нешто што некој би можел да го стори“. Таа стекнала многу пријатели во своето собрание. Децата многу сакаат да бидат во нејзино друштво, а таа со задоволство им помага додека проповедаат заедно.
Поддршка
Точно е дека сите што имаат Аспергеров синдром нема да можат да служат како полновремени проповедници. Сепак, Клер е доказ дека таквите лица можат да постигнат многу повеќе отколку што си мислат. Тоа што времето ѝ е испланирано, ја задоволува нејзината потреба од рутина, а бидејќи е совесна и трудољубива, таа има успешна кариера.
Клер смета дека е важно другите да знаат дека има Аспергеров синдром за да сфатат зошто поинаку го доживува светот. Таа објаснува: „Бидејќи понекогаш не се изразуваш толку вешто, луѓето мислат дека не си многу бистар“. Од голема помош е со некого да можеш отворено да зборуваш.
И Крис и Клер им препорачуваат на луѓето со вакво нарушување да си поставуваат мали цели и, чекор по чекор, да се трудат да ги достигнат. Многу е важно да ти помага некој што го разбира овој синдром. На тој начин се зголемува самодовербата и се совладуваат пречките.
Клер е жив доказ дека со стрпливост и поттик може многу да им се помогне на оние што страдаат од Аспергеров синдром. Клер и самата го потврдува тоа. Таа вели: „Да ми кажеше некој пред неколку години дека ќе го правам ова што сега го правам, немаше да му верувам“.
[Истакната мисла на страница 24]
Клер мисли дека е важно другите да знаат дека има Аспергеров синдром
[Рамка на страница 22]
АСПЕРГЕРОВ СИНДРОМ
Ова нарушување го добило името по д-р Ханс Аспергер, кој прв го опишал во 1944 год. Меѓутоа, дури во последниве неколку години се спроведени обемни истражувања за да се разберат и да им се помогне на сѐ поголемиот број лица кај кои е откриен овој синдром. Медицинските стручњаци не се сигурни дали да го класифицираат како блага форма на аутизам или како посебно нарушување. Досега не е познато што придонесува за појава на Аспергеровиот синдром. Меѓутоа, се знае дека не се јавува затоа што родителите го запоставиле или лошо го воспитале своето дете.
[Рамка на страница 24]
КАКО ДА ИМ СЕ ПОМОГНЕ НА ЛИЦАТА СО АСПЕРГЕРОВ СИНДРОМ
Покажи интерес за оние што страдаат од ова нарушување и обиди се да ги запознаеш. Иако им е тешко да започнат разговор, имај на ум дека сакаат да се спријателуваат и дека имаат потреба од пријатели. Тие не се проблематични или чудни затоа што сакаат да бидат такви.
Биди стрплив и обиди се да ги разбереш нивните проблеми. Исто така, биди свесен дека треба да се изразуваш прецизно и конкретно, бидејќи можат буквално да те сфатат. Ако треба да ја сменат рутината, потруди се детално да им ја објасниш новата рутина, па дури и да им покажеш што треба да прават.
Ако дознаеш дека претерано се потресени затоа што виделе или чуле нешто што ги вознемирило, поттикни ги да се концентрираат на некоја убава слика или да слушаат музика што ги опушта.
[Слика на страница 23]
Клер научила да се спријателува со другите
[Слика на страница 23]
Крис ѝ објаснува на Клер како да заврши одредена задача